Санаториум (музичка група)
Санаториум | |
---|---|
Животописни податоци | |
Потекло | Скопје, Македонија |
Жанрови | Треш метал, спид метал, хеви метал, рок |
Период на активност | од 1987 година |
Соработници | Last Expedition, Нон Стоп, Орион, САРС |
Мреж. место | https://sanatorium.com.mk/ |
Членови | |
Перо Стефановски Константин Качев Горан Станковиќ Горан Атанасов Бобан Василески |
Историја
уреди1987 година, формирање на бендот
уредиНајпознатиот македонски хеви-метал состав, Санаториум (Sanatorium)[1], е формиран во ноември 1987 година во Скопје. Самата приказна на запознавање се случува преку првиот македонски спид-метал фан-клуб „Bloody Morgue“, кој летото 1986 година го формира Дарко Јаневски, a во кој наскоро ќе се зачленат Перо Стефановски-Шпирт, Миле Бурсаќ и училишните другари Горан Станковиќ-Црни и Горан Атанасов-Глупсон. Заемниот интерес кон екстремниот хеви-звук ќе ги мотивира и самите да се обидат да направат бенд. Нуклеусот на таа нова група го сочинуваат Глупсон на тапани, Шпирт на гитара, Црни на бас, Миле Бурсаќ како вокал и Антонијо Роп-Тони како втор гитарист. На самите почетоци Дарко ќе им помага во кореспонденцијата со фановите, а неколку година подоцна и самиот ќе оформи бенд што ќе се движи во сосема друга насока.
1988 година
уредиПрвиот концерт членовите на Sanatorium ќе го одржат веќе на почетокот на следната година, како дел од групна манифестација во гимназијата „Орце Николов” во Скопје, а веќе следниот месец, во февруари 1988 година ќе учествуваат и на фестивалот во Куманово, „РЕГИ ’88” на 05.02.1988 година. Нивното следно појавување на фестивал, неколку месеци подоцна, ќе им го донесе и првото признание во кариерата, најдобар бенд на метал-фестивалот во с. Раотинце (Тетовско), a летото ќе настапат и на групна свирка што ќе се случи во Летното кино во Градскиот парк во Скопје. Од самиот почеток, групата ќе биде одлучна во создавањето авторски композиции, вешто избегнувајќи ја општо воспоставената практика до тој момент, концертната листа да се базира најмногу на познати кавери. За жал, песните што во тој период и со таа постава се создавани, нема да доживеат да бидат снимени во студио, па дури ни како поквалитетно демо. Веќе есента 1988 година, дел од бендот, Глупсон и Црни, ќе заминат во ЈНА, па на некои помали настапи од тој период Перо ќе засвири бас, а како тапанар ќе биде ангажиран Мето. Во ваква постава ќе настапат за првпат и на еден Рок Фест на 11.11.1988 во МКЦ, а неколку месеци подоцна во ЈНА ќе замине и Перо. Паралелно со овие заминувања во ЈНА, и Миле ќе се откаже од понатамошното пеење, а Тони ќе одлучи да му се приклучи на истоимениот бенд на својот брат, Alojz Rop.
1989 година и постава на бендот
уредиНајпознатата постава на бендот, онаа што трае и до денешен ден, ќе биде формирана кон крајот од 1989 година, кога на повратниците од ЈНА ќе им се приклучи и Константин Качев-Рус, кој претходно, пак, кратко е дел од Аргус. Прашањето за вокал ќе биде затворено со заедничка одлука на сите Шпирт да добие двојна улога, како вокал и како гитарист.
1990 и 1991 година
уредиПролетта 1990 година членовите на Sanatorium ќе се почувствуваат доволно спремни македонските фанови да ја запознаат новата постава на првиот самостоен концерт во МКЦ. На почетокот од следната година, поточно на 15.02.1991 година, ќе се појават по вторпат на еден Поп-Рок Фест, на неговото 9. издание, каде што ќе настапат и на финалната вечер на 01.03.1991 година. Ќе го освојат епитетот за најбучен бенд, што бендот ќе го сфати како позитивна критика, а и втора награда од публиката. Благодарение на учеството во финале, во март 1991 година, во студиото на РТС ќе бидат снимени инструменталната Мала ноќна музика и нивниот препознатлив хит од тоа време, Ultra speed. Продукцијата на двете песни е на Кокан Димушевски. Ultra speed, летото 1991 година, ќе се појави и на компилациската касета Демоскоп 2, што ќе биде и нивно прво дискографско појавување во јавноста. Летото 1991 година, во просториите каде што одржуваат проби, на обичен касетофон снимаат еден подолг демо-материјал составен од шест песни на англиски јазик, една на македонски јазик, Град, и два инструментали. Истата есен материјалот го објавуваат како демо-касета со име Welcome To Sanatorium. Омотот, портрет на бендот, ќе го нацрта Рус, кој тогаш е студент на одделот за сликарство.
Како историски факт, ова е првиот македонски хеви-метал албум ставен на некаков носач на звук. Истовремено, со ова издание Sanatorium ќе биде еден од првите македонски рок-состави што ќе го наметнат англискиот јазик како начин на изразување.
На крајот од летото, на 31.8.1991, групата ќе настапи на фестивал во Нови Сад, организиран од метал-магазинот „Hard Metal“, на кој ќе настапат најдобрите југословенски метал-состави во тој момент. На овој фестивал ќе се појави и следната година, кога тој ќе се одржи во Белград. Паралелно со самите почетоци на Sanatorium, околу есента 1990 година, Глупсон, кој претходно ќе излезе од Bloddy George, и Шпирт, ќе се впуштат во уште една музичка авантура. Ќе ја прифатат поканата на Дарко Јаневски, па заедно со Божидар Петровски-Божо ќе го формираат Brigade O.D., еден од најдобрите македонски хард-кор состави, бенд во кој активно ќе настапуваат за целото време на неговото постоење. Успешно балансирајќи ги потребите и на двата состава, во средината на деведесеттите, искуството од заедничкото свирење со Дарко ќе го прошират и во проектот на Владимир Каевски-Влатче, Cyborg. Сепак, што се однесува до Шпирт и до Глупсон, приоритет во ангажманите секогаш ќе има нивниот матичен бенд Sanatorium.
1992 година
уредиНа крајот од 1991 година, членовите на групата ќе поднесат и по третпат пријава за учество на Поп-Рок Фест, но тоа нема да ги окупира премногу, иако на 31.01.1992 година, на настапот на првата вечер на Поп-Рок Фест ќе се покажат во одлично светло. Сепак, поканата што ќе ја добијат на крајот од годината ќе ги возбуди и ќе ги натера на уште поинтензивни проби. Настапот што ќе ги катапултира во музичкиот свет бил од поодамна најавен. Sanatorium ќе биде одбран од менаџментот на Leb I Sol, заедно со Легенда, да биде загревање за голем концерт на групата закажан за 23.02.1992 на Скопскиот саем. Една недела претходно, на 15.02.1992 година во МКЦ, групата рутински го одработува полуфиналниот настап на Поп-Рок Фест, а еуфоријата што ќе ја создадат метал-фановите ќе кулминира шест дена подоцна, на 21.02.1992, на финалето што ќе се одржи во клубот „Хард Рок“. Иронично за организаторите што ќе го ребрендираат фестивалот во Поп-Рок Фест, публиката ќе му го додели епитетот најдобар бенд токму на Sanatorium. Компромисно, од жирито ќе им биде доделено второто место, зад Ареа. Рус ќе биде промовиран во најдобар гитарист на фестивалот. Од овој момент всушност ќе започне вистинската кариера на бендот што низ годините подоцна ќе биде моторната сила на хеви-метал сцената во Република Македонија. Како финалист, за продукцијата на МТВ, ќе ја сними песната Сам во очај, која по неколку месеци ќе се појави на компилациската касета од фестивалот, „Поп-Рок Фест ’92“. Летото, на 27.06.1992 година, ќе биде главната ѕвезда на “Метал Рок Фестивал” што ќе се одржи на отворено во Куршумли ан.
Одличните настапи и големата армија фанови нема да останат незабележани од единствената продукциска куќа во тој момент, државната Касетна продукција на МТВ, па бендот многу брзо ќе ја добие и поканата за снимање деби-албум. Периодот од април до ноември 1992 година ќе го помине во студиото „М2“ на МРТ, па во продукција на Мики Јовановски-Џафер, кој и ќе ги отпее придружните вокали на албумот, и со Братислав Зафировски-Брацо како снимател, ќе ги сними 10-те теми за албумот „На Работ На Разумот“. Впечатливо ќе биде свртувањето на членовите на бендот кон употребата на македонскиот јазик наспроти англискиот, кој е доминантен во нивните демо-снимки и на кој сакале да го испеат и овој албум. Но, продукцијата на МТВ во тие години инсистира на пеење на македонски јазик и на употреба на кириличното писмо, па единствениот компромис до кој ќе стигне бендот ќе се однесува на фронт-каверот, односно употребата на неговото оригинално лого и немешањето во употребата на сликата за насловната од омотот. Свртувањето кон пеење на македонски јазик ќе создаде уште поголема база на следбеници, кои веќе со секој следен концерт ќе ги пеат песните на бендот, а самиот албум ќе остане еден од легендарните македонски дискографски изданија.
Неколку дена по завршувањето на миксањето на материјалот, во декември, Sanatorium ќе биде македонскиот претставник на фестивал во Унгарија, на кој ќе настапат најзначајните југословенски бендови од тој период. Фестивалот ќе биде од мировен карактер, уште еден апел за сопирање на лудилото што ги зафаќа просторите на Југославија. Sanatorium ќе се покажат во најдоброто можно светло, a Балканот ќе започне да зборува за извонредниот македонски треш-состав Sanatorium. Тогашниот менаџмент на бендот, “Bagi Records” како сведоштво на овој настап ќе изготви една неофицијална видеокасета во лимитиран тираж, со пет песни, што во иднина ќе му послужи на бендот како промотивно издание.
1993 и 1994 година
уредиПо самото враќање од Унгарија, невообичаено брзо за продукцијата на МТВ, ќе биде пуштен во продажба првиот македонски хеви-метал албум издаден за националната издавачка куќа. Промоцијата на касетата ќе се случува во следните две години, со настапи низ цела Македонија, на сè поголеми концерти, завршувајќи со голем концерт во МКЦ во март 1994 година. Членовите на бендот повторно ќе засвират во Белград на 28.05.1994 година, на фестивалот наречен „Balkan Horror Opera”, овојпат како едни од главните ѕвезди. На крајот на таа, 1994 година, ќе се навратат уште еднаш во МКЦ и на „Поп-Рок Фест ‘94“, но овој пат како специјални гости на финалната вечер.
1995 - 1997 година
уредиСледната година ќе ја започнат со својот прв и единствен настап во Универзалната Сала, како гости на прослава на магазинот „Екран“. Таа пролет ќе ги започнат подготовките за снимање нов материјал и повторно ќе влезат во студио, овој пат во приватното „City Sound“. Но, ќе ја задржат старата екипа на продуцент и снимател, Мики Јовановски-Џафер и Братислав Зафировски-Брацо. Желбата да се обидат и на поширок пазар од македонскиот, ќе ги мобилизира повторно да запеат на англиски јазик, 10 песни, но и да потрошат повеќе време во студио, за да создадат звук на ранг со светските бендови од тој жанр. За жал, подоцна нема да бидат задоволни од самиот мастеринг, па со самото тоа и од цеде-изданието наречено „No More“. Изданието што на пазарот ќе се појави неочекувано доцна по завршувањето на снимањето, ќе го објави новоформираната издавачка куќа со име „Rock Block Records“. Фановите ќе добијат и една бонус-песна од претходниот албум, Епидемија на омраза. Концертната промоцијата ќе се случи во МКЦ, на 07.12.1996, и веројатно никој тогаш не претпоставуваше дека по извонредниот настап во сала преполна со фанови од цела Македонија и френетичниот летен концерт во „Music Garden“ на 8 јули идната година, бендот едноставно ќе исчезне од јавноста.
2000 година
уредиТри години подоцна, во август 2000 година, повторно неочекувано за целокупната музичка јавност, ќе пристигне информацијата дека Sanatorium е планиран како регионално загревање за настапот на легендите „Motorhead“, во Софија, Бугарија. Со овој настап групата повторно ќе го привлече вниманието на фановите, но за жал од тој момент па досега, бендот повеќе нема да ги користи клубовите како сцена, туку фестивалите ќе станат нивниот нов предизвик. Домашната армија обожаватели на треш-спид звукот, едвај ќе го дочекаат второто издание на фестивалот „Таксират“ на 30.11.2000 година, на кој Sanatorium ќе се прикажат во полн повратнички сјај.
2001 година
уредиСамо неколку месеци подоцна, на 16.5.2001, во музичките продавници низ Македонија, а под етикетата на „Lithium Records“, ќе биде објавено компилациско цеде на Sanatorium. Покрај комплетниот прв албум, ќе бидат поместени и три песни во живо од нивниот последен концерт во МКЦ, но и по креативна пауза од пет години, две целосно нови песни: Секој ден и Во себе умирам. Песните ќе бидат снимени во студиото „Димитрови“, во април 2001 година, а под продуцентската палка на браќата Димитрови, Оливер (екс Ninotchka) и Дарко (екс Нулта Позитив).
2002 година
уредиПозитивните рекации на фановите ќе го однесат бендот на неколку поголеми и помали промотивни концерти низ Македонија (Битола, Тетово, Кочани), но ќе има и настапи на неколку фестивали: „Т-Rock“ на 08.06.2002 година во Тетово, „Don’t Be A Local“ на 08.09.2002 а во Куманово, како и на „Аларм“ на 12.07.2002 во с. Љубаниште. Кулминацијата на таа серија настапи ќе се случи на 3 јули во Бугарија, на стадион „Академик“, во Софија, како загревање за уште едни идоли од времето на нивните почетоци, „Slayer” и „Halford”. Сепак, за најверните фанови ќе остане во сеќавање еден друг настап од затворен тип за 400 најверни фанови, во клубот „Lady Blue“ во Скопје на 15.04.2002 година. Тоа ќе биде последниот настап на бендот пред помал аудиториум, и еден од последните настапи во Македонија пред големата пауза што ќе следува.
2003 - 2004 година
уредиВпрочем во следните две години ќе настапи само двапати, и тоа на 23.02.2003 година во „Hala Sportova“ во Белград како загревање за „Soulfly“ и на 30.10.2004 година, кога ќе се појават на фестивалот „Peace Unlimited“ во Скопје, на Скопскиот саем.
2011 - 2013 година
уредиИ повторно пауза, овој пат безмалку цели 7 години, сè до прифаќањето на поканата од моторџиското здружение „Ноќни волци“ за настап на фестивалот што тие го организираат на 11.06.2011 година, на Скопското кале, под името „Night Wolves Moto Fest“. Интересно, за овој концерт Рус нема да е присутен во Македонија, па за првпат по 1989 година, некој друг од страна ќе засвири со бендот. Замената ќе биде пронајдена во фанот на бендот, Бобан Василевски (Non Stop).
И кога веќе повторно го заврте тркалото, нормално беше да се очекуваат и нови настапи на Sanatorium. Ќе следуваат три фестивалски настапи во период од две години на домашен терен: фестивалот „Scream Music“ на 18.02.2012 година на Скопскиот саем во Скопје, фестивалот „Скопје Гори“ на 14.06.2013 година, на Скопското кале и на репризата на „Скопје Гори“ од 06.09.2013 година во клубот “Collosseum”, како извинување од организаторите поради скратените настапи на домашните бендови на премиерното издание, кога ќе бидат само загревање за ѕвездите „PIL“. На овој повторен настап бината ќе ја делат со Ареа и Last Expedition. Во овој реактивирачки период на бендот ќе му се случи уште едно големо претставување надвор од Македонија, на првото издание на фестивалот „Belgrade Calling“ во Белград, на Ушќе, на 28.06.2012, каде што ќе ја дели бината, помеѓу останатите, со Ози Озборн, „Paradise Lost“ и „The Cult“.
2014 - 2015 година
уредиВеќе доволно зрели како личности, реализирани во своите професии, без никакви дополнителни фрустрации, членовите на бендот чувствуваат дека сè уште имаат што да им пренесат на фановите. Така, во февруари 2014 година, по долги 13 години студиска неактивност, ќе влезат во студиото „marryPHAT“. Ќе бидат со една цел, песните што концертно ги промовираа на „Скопје Гори“: Молк, Кажи „НЕ“ и Молитва, да добијат и студиска форма, а да послужат како најава за комплетно нов албум. По едногодишна повремена активност во студио, под продукциска супервизија на Ивица Јанкуловски-Шраф, конечно во април 2015 година во МКЦ ќе биде промовиран последниот носач на звук на бендот, цедесинглот во издание на младата македонска метал етикета, “Мрак”.
2016 година
уредиКонцертно нема да бидат присутни ниту во Македонија, ниту во регионот сè до настапот на „Таксират 18“ на 19.12.2016 на Скопскиот саем, засега последниот регистриран концерт на бендот. Тоа ќе биде нивно повторно враќање, во голем стил, на еден Таксират, цели 15 години од нивниот прв настап. Специјално за јубилејот на полнолетството на фестивалот, 18 години постоење, организаторот ќе иницира создавање на ол-стар колектив наречен Камарад, кој ќе ја сними официјалната химна на фестивалот, песната Поучна. Дел од тој бенд колектив, ќе бидат и Перо и Рус.
По 2016 година
уредиШто ќе се случува понатаму со Sanatorium, останува во сферата на шпекулациите. Сите негови членови се со свои професии што не се поврзани со музиката, освен Црни, кој и понатаму единствената работа што ја работи е свирењето. Во последните неколку години е дел од составот Non Stop, но пред тоа неговото име може да се сретне и во проектот Exic. Перо и Глупсон, заедно со Даре и Божо од Brigade O.D., во периодот на апстиненција со Sanatorium, во 2005 година ќе ја сочинуваат базата на бендот One Of Us. Коста ќе биде најмалку активен на музички план, но и тој одвреме-навреме ќе знае да отсвири некое соло на албум од некој свој пријател. Последна таква активност му се отсвирените гитарски сола заедно со Перо на песната Јуда, од Мизар.
2020 - 2022 година
уредиВо 2020 година ја снимиле песната Параноја[2] со Перо Стефановски како вокал и на гитара, Горан Атанасов на тапани, Горан Станковиќ на бас и Бобан Василевски на гитара.
На 07.12.2021 Sanatorium настапиле на „Таксират 23“ во Арена Борис Трајковски во Скопје.[3][4]
Санаториум настапиле во МКЦ на 28.12.2022 по повод 50-годишнината од основањето на МКЦ.[5][6]
Наводи
уреди- ↑ Филиповски, Тошо (2018 година). Македонска рок енциклопедија (1963 - 2018). Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 305, 306, 307, 308. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ „Санаториум со нова песна Параноја!“. SANATORIUM. 2020-08-27. Посетено на 2023-03-26.
- ↑ „Санаториум на Таксират 23!“. SANATORIUM. 2021-12-01. Посетено на 2023-03-26.
- ↑ „SANATORIUM“. SANATORIUM. Посетено на 2023-03-26.
- ↑ „Санаториум на 50 години МКЦ“. SANATORIUM. 2022-12-22. Посетено на 2023-03-26.
- ↑ „50 ГОДИНИ МКЦ – МКЦ“. Архивирано од изворникот на 2023-03-26. Посетено на 2023-03-26.
Надворешни врски
уреди- Официјално мрежно место на Санаториум
- Интервју со Перо Стефановски реализирано од ВБУ Музички Регистар.
- Податоци за музичкото портфолио на Санаториум Архивирано на 28 мај 2016 г. на ВБУ Музички Регистар.