Бодан Арсовски
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Бодан Арсовски (22 април 1956, Куманово) е легендарен македонски басист чие творештво е тесно врзано со групата Леб и сол.[1]
Животопис
уредиБодан Арсовски е роден во Куманово во 1956 година, во познатото ромско маало Средорек. Неговите родители рано се преселиле за Скопје, во населбата Тафталиџе, каде го запознал Влатко Стефановски, кој исто така со своето семејство се преселил во оваа населба.
Музичка кариера
уредиПочетоци
уредиСо Влатко Стефановски, во 1960-те години на минатиот век (тогаш Бодан бил петто одделение) го оформиле составот ВИС (Вокално Инструментален Состав) Јегуље.[2] Потоа и двајцата се нашле во составот Ирис по што следело искуството со клавијатуристот Мики Петковски во неговиот џез-рок бенд Брег.
Леб и сол
уредиБодан и Влатко, заедно со Коки Димушевски и Димитар Чочоровски на први јануари 1976 година ја оформиле групата Леб и сол,[2] во која единствено Бодан и Влатко биле постојани членови, низ годините. Во дведецениското активно работење на Леб и сол, Бодан учествувал во реализација на дванаесет албуми (два снимени во живо) и една компилација, многу музички дела за филмови, телевизија и театар. Во Леб и сол важноста на Бодан Арсовски е идентична со умешноста на Влатко Стефановски и тие двајца како тандем беспрекорно функционирале цели 20 години. Без оглед што во создавањето на песните на Леб и сол Бодан Арсовски учествувал како композитор и бас-гитарист (аранжманите ги работеле заеднички), во 1987 година на проектот Као какао Арсовски се јавува и како вокалист. Имено, Бодан таму ја отпеал песната „Аутопут“ за која зборовите ги напишал драмскиот писател Горан Стефановски, братот на Влатко. Од опусот на Леб и Cол како авторски теми на Бодан се издвојуваат: „Дамар“, „Како ти драго“, „Ручни рад“, „Скакавац“, „Тако близу“ и уште многу други. После успешната турнеја по повод триесетгодишниот јубилеј на групата во 2006 година, од која било снимено CD и DVD изданието Live in Macedonia, Бодан Арсовски заедно со Кокан Димушевски ја продолжуваат приказната на Леб и сол, заедно со нови музички соработници и се активни уште една деценија. Прошталните концерти на групата се случиле во декември 2016 година, заедно со симфониски оркестар, во Македонска Опера и Балет. Овој финален проект бил насловен како Леб и сол Symphony.[3]
Трето уво / Зодијак
уредиКако круна на заедничката работа, во октомври 1990 година, под етикетата на нивната заедничка издавачка куќа Трето уво Бодан Арсовски и Влатко Стефановски го промовирале првиот проект надвор од Леб и сол. Се работело за музички хороскоп - Зодијак - првиот македонски рок-балет и првиот компакт диск во историјата на македонската музика.[4]
Самостојна кариера
уредиПоследните денови на Леб и сол, кога веќе сите оригинални членови ги издале своите самостојни проекти, во продажба се појавил првенецот на Бодан Арсовски, Endless view со осум инструментални теми. Како студиски соработници на албумот се наоѓаат имињата на легендарниот гајдаџија Пеце Атанасовски, Сабит Тахири (деф), Гоце Мицанов (саксофон), Ѓоле Мишковски и Кокан Димушевски (клавијатури), Александар Поп Христов (акустичен бас) и Зоран Јовановиќ - Лима (бас-кларинет и сопрано-саксофон). Албумот одлично поминал во јавноста и со право се стекнува со епитетот еден од најдобрите македонски албуми на сите времиња. Концертната промоција Бодан и неговиот следечки состав Езгија Оркестар ја имале во Скопје, пред преполнетата Универзална сала и на општа радост на бројната публика. По смртта на Пеце Атанасовски, еден од клучните луѓе на Езгија Оркестар и концертните активности на Бодан се намалуваат. Во 1996 и 1997 година своите активности тој ги концентрира во театарот. Поточно, во соработка со режисерот Стојан Стојановски за сцените на велешкиот и прилепскиот театар создавал музика за античките трагедии Бахки и Медеа. Во подготовката на материјалот најголемиот дел од работите ги прави сам (свири на речиси сите инструменти), но во одделни нумери значајна помош имал од снимените семплови на Пеце Атанасовски, додека неговиот син Иван свирел синти-ситар. Албумот Tiresias каде се застапени овие театарски теми во јавноста се појавил во летото 1998 година. Во истиот временски период со својот оркестар настапувал на фестивалот „Етнофест Неум“ во Неум, каде имал забележителен настап и каде изведува дел од композициите што ќе се најдат на следниот проект на Бодан и Езгија - Broken Beats. Материјалот за овој албум го снимал во своето студио во периодот од декември 1998 до јуни 1999 година, а комплетниот материјал (композициите) го направил сам. Единствено во создавањето на одделни аранжмански теми учествувале и некои членови на составот. Во снимањето, пак, покрај Бодан (електричен бас, глас) учествувале и: Горан Бугариновски (флејта и глас), Сабит Тахири (деф, глас), Џијан Емин (клавијатури, глас), Гоце Стефковски (тапани), Ѓоле Грујоски (електрична гитара) и Симон Киселички (пијано). Пост-продукцијата ја работел Кокан Димушевски, а ефектната обвивка за албумот е дело на Мирна Арсовска - сестрата на Бодан.
На 10 септември 1999 година во Скопје (Универзална сала) Бодан Арсовски имал заеднички настап со Филип Глас, Џон Гибсон и триото на Foday Musa Suso. Со својот следечки состав, пак, ги претставува Broken Beats во живо и пред скопската публика, кон крајот на истата година. За потребите на Советот за радио-дифузија во 2000 година во ограничен тираж излегува четвртиот самостоен проект на Бодан Арсовски - Елегија, збир на девет инструментални и тажни песни. Истиот проект во 2001 година добил дозвола за официјална продажба, па дисковите Бодан ги печател во Австрија, под етикетата на својата издавачка куќа Езгија Рекордс.
Во текот на својата 25 годишна кариера Арсовски концертирал на голем број светски музички сцени, со Леб и сол и со своите самостојни проекти. Така Бодан го слушнале во: Њујорк, Чикаго, Вашингтон, Лондон, Париз, Амстердам, Прага, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Солун, Скопје итн. Во август 2000 година Бодан и Езгија одржале триумфален концерт во античкото наоѓалиште Стоби, во близина на Велес. Под мотото Татнежи во Стоби, со вистинското македонско етно, по 16 века е оживеано едно од клучните сценски места на древна Македонија. Но, моќната етно-машинерија тука, едноставно не запрела. Имено, по повод издавањето на својата прва соло-компилација, наречена Best of Bodan Arsovski, на која се нашле најуспешните композиции од самостојната кариера (од претходните четири албуми), во летото 2002 година, Бодан и Езгија повторно тргнале на македонска турнеја по античките театри, а честа да ја доживеат исконската музика ја имале жителите на: Охрид, Велес, Битола и Скопје, со настапите на наоѓалиштата: Лихнид, Стоби, Хераклеја и Скупи. Според плановите, материјалот од оваа невообичаена турнеја требало да се најде на DVD формат.
Дискографија
уредиЛеб и Сол
уреди(студиски албуми)
уреди- Леб и сол (ПГП-РТБ, 1977)
- Леб и сол 2 (ПГП-РТБ, 1978)
- Ручни рад (ПГП-РТБ, 1979)
- Бесконачно (ПГП-РТБ, 1981)
- Следовање (ПГП-РТБ, 1982)
- Калабалак (Југотон, 1983)
- Тангента (Југотон, 1984)
- Звучни зид (Југотон, 1986)
- Као какао (Југотон, 1987)
- Путујемо (Југотон, 1989)
- И така натака (Hammer production, 2008)
(албуми во живо)
уреди- Акустична траума (ПГП-РТБ, 1982)
- Live in New York (Трето уво, 1991)
- Live Anthology (VG, 1999)
- Live in Macedonia (Авалон продукција, 2006)
(компилации)
уреди- Леб и сол Anthology (Трето уво, 1995)
Самостојни проекти
уреди(албуми)
уреди- Endless view (Езгија рекордс, 1995)
- Tiresias (Езгија рекордс, 1998)
- Broken Beats (Езгија рекордс, 1999)
- Елегија (Езгија рекордс, 2001)
(компилации)
уреди- Best of Bodan Arsovski (Езгија рекордс, 2002)
Соработки
уреди- Зодијак, со Влатко Стефановски (Трето уво, 1990)
- Скици од минатото, со Кокан Димушевски (Езгија / Аура рекордс, 2006)
Награди и заслуги
уреди- 2023: Орден за заслуги за Македонија поради придонесите кон македонската музика во состав на „Леб и сол“[5]
Наводи
уреди- ↑ Ристовски, Блаже (2009). Македонска енциклопедија. Скопје: МАНУ. стр. 86–87. ISBN 978-608-203-023-4. OCLC 499142958.CS1-одржување: датум и година (link)
- ↑ 2,0 2,1 „Бодан Арсовски-виртуоз на беспрекорен етно-рок штим“. Elemental (англиски). 2021-04-22. Посетено на 2022-02-03.
- ↑ „Леб и Сол симфонија (рок класика)“. ВБУ Музички регистар. Посетено на 2022-02-03.
- ↑ „40 години од првиот албум на легендарните и незаменливи „Леб и сол"“. skopjeinfo.mk. Посетено на 2022-02-03.
- ↑ „Орден за заслуги за членовите на групата „Леб и сол"“. Нова Македонија. 26 јули 2023. Посетено на 27 јули 2023.
Надворешни врски
уреди- Дискографија Архивирано на 26 октомври 2020 г. на Бодан Арсовски евидентирана од ВБУ Музички Регистар.