Драган Каранфиловски-Бојс

Драган Каранфиловски-Бојс (Сараево, 1956 - Скопје, 28 мај 2015) — македонски поп и рок-музичар и композитор.[1]

Драган Каранфиловски - Бојс
Роден 1956
Сараево,  Социјалистичка Федеративна Република Југославија, денес  Босна и Херцеговина
Починал 28 мај 2015
Скопје, Македонија Македонија
Занимање музичар
Деца Верица Каранфиловска - ќерка

ЖивотописУреди

Тој бил економист по професија, и бил еден од сопствениците на Студио Бојс. Од рана возраст бил инволвиран во музиката, и целиот свој живот го посветил на неа. Драган Каранфиловски-Бојс ја започнал музичката кариера во 1973 година, формирајќи ја музичката група „Македонија". Откако се преселил во Битола, во 1976 ја формурал култната битолска група Мадригали, подоцна преименувана во „Трн во око". Најголемите успеси како автор ги постигнал како нејзин член. Со овие две групи, тој ги снимил своите најпознати рок-песни, а на гитаријадата во Заечар, во 1977 година, со групата „Мадригали" ја освоил првата награда од публиката и првата награда од музичкото списание „Џубокс".[2]

Подоцна, Драган Каранфиловски-Бојс започнал успешна кариера како кантавтор, пишувајќи поп-песни и песни за деца. Од неговите песни, најпознати се: „Опасно сум вљубен во тебе", „Валерија", „Лулај ме нежно", „Парижанка", „Весела романтика", „Африканско лето" и многу други детски песни отпеани на Златно славејче, СиДо и други коишто го дефинираа жанрот во Македонија („Наташа од 3-то 3", „Ало амбуланта", „Марија од Бундеви", „Песна за Ана" и многу други).

Исто така, тој е автор на бројни хитови кои ги пееле други пејачи, како што се: „Јануарска ноќ", во изведба на Зафир Хаџиманов, „На минус 23", испеана од Трајче Манев, „Искро моја" на Игор Џамбазов, „Заведи ме", во изведба на неговата ќерка Верица Каранфиловска, итн. Тој е автор и на рефренот на песната „100% те љубам" на групата „XXL", која во 2000 година ја претставувала Македонија на Евросонг. Најпосле, Драган Каранфиловски-Бојс има компонирано музика за неколку ТВ-серии.

Како признание на неговото долгогодишно творештво, во 2014 година, Драган Каранфиловски-Бојс ја добил наградата на манифестацијата „Златна бубамара" за животно дело.[2]

Во улогата на автор и пејач, настапил на бројни фестивали: Макфест, Интерфест, Скопје фест и други. Негов инструмент била гитарата, а стилот на музика поп-шансона.

Починал на 28 мај 2015 година година во Скопје.

НаводиУреди

  1. „Eurovision Song Contest Helsinki 2007 | FYR Macedonia: Eurovision Song Contest 2000“. web.archive.org. 2006-11-21. Посетено на 2022-05-09.
  2. 2,0 2,1 „Бојс добитник на „Бубамара" за животно дело", Дневник, година XVIII, број 5379, петок, 31 јануари 2014, стр. 25.