Кармен (опера)

опера од Жорж Бизе

„Кармен“ (француски: Carmen) — опера во четири чина на францускиот композитор Жорж Бизе. Либретото е напишано од Анри Меијак и Лудовик Халеви, врз основа на истоимената новела на Проспер Мериме. Операта, која за првпат била изведена од Опера-Комик во Париз на 3 март 1875 година,[1] на почетокот била сметена за неморална. Бизе ненадејно починал по 33-та изведба, несвесен дека делото ќе постигне меѓународно признание во следните десет години. Кармен оттогаш станала една од најпопуларните и најчесто изведувани опери, а „Хабанера“ од првиот и „Песента на тореадора“ од вториот чин се меѓу најпознатите оперски арии.

Кармен
од Жорж Бизе
Постер од премиера на операта во 1875 година
ИзворноCarmen
Родопера
Либрето
Јазикфранцуски
Споредновела Кармен од Проспер Мериме
Премиерна изведба
Датум3 март 1875 (1875-03-03)
МестоОпера-Комик, Париз

Синопсис уреди

Операта се состои од четири чина:

  1. Еден воен одред, предводен од Моралес, чува фабрика за цигари во јужна Шпанија. Микаела, млада девојка од Баскија, го бара човекот со кого израснала, Дон Хосе, но тој не е на должност. Војниците почнуваат да ја плашат и таа бега од местото. По смената на стражата, на должност доаѓа Хосе, а вработените во фабриката имаат подолг одмор. Работничките се собираат на плоштадот, набљудувани од мажите при што сите со нетрпение ја чекаат Кармен. Таа пристига и пее песна за непредвидливоста на љубовта, а на крајот му фрла цвет на Хосе. Подоцна, Микаела му дава писмо на Хосе и го бакнува, а Хосе е збунет од сеќавањето на минатото. Работничките ги напаѓаат војниците, а во борбата Кармен повредува еден работник. За време на испрашувањето од поручникот Зунига, таа се однесува провокативно и Хосе добива задача даја чува. Сепак, таа флертува со него и така успева да побегне.[2]
  2. Во предградието, Лилија Пастија има импровизирана кафеана во која две девојки (Фраскита и Мерседес) ги забавуваат Зунига и Моралес, а Кармен пее заводлива песна. Тогаш пристигнува матадорот Ескамиљо. Криумчарите Данкер и Ремендадо им бараат услуги на девојките за да изведат кражба; двете девојки прифаќаат, но Кармен одбива да учествува, туку одлучува да го чека Хосе во кого е вљубена. Хосе, кој бил осуден на двомесечна затворска казна поради бегството на Кармен, доаѓа да се сретне со Кармен, но тогаш трубата ги повикува војниците да се вратат. Кармен му е лута и започнува кавга меѓу нив. Во мигот кога Хосе решава да се врати во војничките бараки, во кафеаната се враќа Зунига кој исто така е вљубен во Кармен. Тогаш, Хосе ја брани Кармен и меѓу него и Зунига започнува борба. Тогаш во кафеаната се враќаат криумчарите, а по нападот на претпоставениот, Хосе нема избор и мора да им се придружи.[3]
  3. Криумчарите се среќаваат во пограничната зона со намера да го пренесат пленот преку границата. Кармен и Хосе се караат зашто таа не може да го контролира својот темперамент. Мерседес е убедена дека ќе ја најде својата животна љубов, Фраскита си предвидува мажачка со богат човек, а Кармен ја гледа својата и смртта на Хосе. Микаела им се прикрадува на криумчарите и се крие, надевајќи се дека ќе го види Хосе. Хосе, пак, го среќава Ескамиљо кој сака повторно да ја види Кармен. Затоа, Хосе го напаѓа со нож, но во последен миг пристигаат криумчарите и ја прекинуваат борбата. Криумчарите ја откриваат Микаела, а таа го моли Хосе да се врати дома. Тој се колеба, плашејќи се дека во неговото отсуство Кармен може да се сврти кон Ескамиљо. Меѓутоа, Микаела му објаснува на Хосе дека мајка му е на умирање.[4]
  4. Арената е преполна, а публиката нестрпливо го чека матадорот Ескамиљо. Пред да започне борбата, тој и Кармен си ветуваат вечна љубов. Фраскита и Мерседес ја предупредуваат за присуството на Хосе, кој е меѓу присутната публика, но Кармен одбива да побегне и останува сама. Хосе ја моли да ја обноват врската и истовремено ѝ се заканува, но Кармен повеќе не го сака. Додека публиката му аплаудира на Ескамиљо, Хосе ја убива Кармен со нож.[5]

За операта уреди

Операта е напишана во жанрот на опера-комик, со музички броеви разделени со дијалог. Приказите на пролетерскиот живот, неморалот и беззаконието, како и трагичната смрт на главниот лик на сцената, отвориле нова основа во француската опера и биле многу контроверзни. По премиерата, повеќето критики биле критички, а француската јавност била генерално рамнодушна. „Кармен“ првично ја стекнала својата репутација преку серија продукции надвор од Франција, и не била обновена во Париз до 1883 година. Потоа, таа брзо се здобила со популарност како во Франција така и во странство. Подоцнежните коментатори тврдат дека „Кармен“ го формира мостот помеѓу традицијата на опера-комик и реализмот или веризмот што ја карактеризира италијанската опера од крајот на 19 век.

Музиката на Кармен оттогаш е широко признаена за сјајот на мелодијата, хармонијата, атмосферата и оркестрацијата, како и за вештината со која Бизе музички ги претставува емоциите и страдањата на неговите ликови. По смртта на композиторот, партитурата била предмет на значителни измени, вклучително и воведување на рецитатив на местото на оригиналниот дијалог; не постои стандардно издание на операта, а постојат различни гледишта за тоа кои верзии најдобро ги изразуваат намерите на Бизе. Операта е снимена многупати од првата акустична снимка во 1908 година, а приказната била предмет на многу екрански и сценски адаптации.

Операта се споменува во романот „Волшебниот рид“ на германскиот писател Томас Ман, каде главниот лик Ханс Касторп со големо воодушевување слуша неколку арии од неа.[6]

Надворешни врски уреди

 
Викиизвор
Викиизворот на француски има изворна содржина поврзана со оваа статија:
  • [[scores:Category:{{{id}}}|Слободни партитури од Carmen]] од проектот „Меѓународна библиотека на партитури“ These include:
    • Full orchestral score, Choudens 1877 (republished by Könemann, 1994)
    • Full orchestral score, Peters 1920 (republished by Kalmus, 1987)
    • Vocal score, Choudens 1875
  • Bizet, Georges (1958). Carmen: Opera in Four Acts. New York: G. Schirmer. OCLC 475327. (Vocal score, with words provided in English and French, based on the 1875 arrangement of Ernest Guiraud)
  • Carmen by Prosper Mérimée (1845), Project Gutenberg
  • Libretto (на француски and англиски)
  • Carmen on IMDb

Наводи уреди

  1. Georges Bizet, Carmen. Wiener Staatsoper, Saison 2020/21, стр. 1.
  2. Georges Bizet, Carmen. Wiener Staatsoper, Saison 2020/21, стр. 6.
  3. Georges Bizet, Carmen. Wiener Staatsoper, Saison 2020/21, стр. 6-7.
  4. Georges Bizet, Carmen. Wiener Staatsoper, Saison 2020/21, стр. 7.
  5. Georges Bizet, Carmen. Wiener Staatsoper, Saison 2020/21, стр. 7.
  6. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. 792-795.