Коломба (француски: Colomba) — новела на францускиот писател Проспер Мериме. За првпат новелата се појавила на 1 јули 1840 година во списанието „Реви де де монд“ (Revue des Deux Mondes - Ревија на два света), додека како посебна книга била отпечатена во 1841 година од „Мажан и Комон“ (Magen et Comon).

Коломба
Издание од 1862 година
АвторПроспер Мериме
Изворен насловColomba
ЗемјаФранција
Јазикфранцуски
Предмет(и)вендета (крвна одмазда)
ИздавачМажан и Комон
Издадена
1840

Тема

уреди

Коломба за тема ја има „вендетата“[1] семејна одмазда меѓу семејствата кои „сами ја спроведуваат правдата“, според која ако член на некое семејство е убиен, мора да се изврши одмазда со убивање некој член од семејството на убиецот.

Инспирација

уреди

Мериме ја посетил Корзика во 1839 година, како инспектор за историски споменици и таму останал шест недели, собирајќи материјали за „Коломба“: разни погребни тажаленки, приказни за одмаздата и балади. Кон средината на септември 1839 година, Мериме се сретнал со вдовицата Коломба Карабели, во нејзината куќа. Таа била надарена пејачка, позната по своите погребни тажаленки. Тогаш, таа имала 65 години и живеела со нејзината ќерка Катерина, која толку му се допаднала на Мериме, што постојат претпоставки дека сакал да ја запроси. Од тие две жени, тој ги зел главните одлики на главниот женски лик во „Коломба“. Вистинската Коломба била иницијатор и организатор на крвната одмазда меѓу семејствата Карабели и Дурацо, кои биле во непријателски односи повеќе од 50 години, а поради едно љубовно соперништво. Во пресметката што се одиграла на 30 декември 1833 година, Мишел Дурацо изгубил тројца синови, а еден бил ранет; на другата страна загинале синот на Коломба и уште еден човек. Оваа вистинска драма се одиграла шест години пред средбата на Мериме со Коломба, која сè уште носела црнина за својот маж и за синот.[2]

Содржина

уреди

Томас Невил, полковник во англиската армија престојува во Марсеј, враќајќи се од патувањето низ Италија, придружуван од својата ќерка, Лидија Невил. Воден од страста кон ловот, тој одлучува да замине за Корзика при што на бродот им се придружува и демобилизираниот поручник во француската армија, Орсо Антонио дела Ребија. Уште на прв поглед, Орсо се вљубува во Лидија, а таа има противречни чувства кон него. Кога пристигнуваат во Корзика, тие поминуваат неколку дена во Ајачо, каде Орсо и полковникот редовно одат на лов, додека Лидија ја разгледува околината. Но, еден ден пристигнува младата Коломба, сестрата на Орсо, која од него очекува да ја изврши традиционалната должност - да ја одмазди смртта на нивниот татко, кој пред две години бил подмолно убиен. Иако убиецот на татко им никогаш не бил откриен, Коломба цврсто верува дека за тоа се виновни мажите од семејството Баричини, со кое семејството дела Ребија традиционално било во непријателски односи. Поради долгото отсуство од родната Корзика, непостоењето цврсти докази и повисокото ниво на култура, Орсо се згрозува од помислата да изврши одмаздничко убиство, но Коломба е опседната со таа идеја и веќе презела низа чекори: обезбедила поддршка од група вооружени селани, воспоставила контакт со ајдукот Брандолачјо, набавила муниција, итн.
Управникот на областа (префектот) прави напор да ги помири скараните семејства, но за време на состанокот Коломба доставува докази за вмешаноста на семејството Баричини во убиството на полковникот дела Ребија. Поради тоа, состанокот завршува без успех и непријателството меѓу семејствата уште повеќе се зголемува. Орсо добива писмо во кое Лидија го известува за планираната посета на неговото село и оди да ја пречека. Патем, тој запаѓа во заседа поставена од браќата Баричини. Во меѓусебната престрелка, Орсо е полесно ранет, но успева да ги убие непријателите. Таму пристигнува ајдукот Брандолачјо, кој го засолнува Орсо во шумата. Во меѓувреме, во селото пристигнуваат Томас и Лидија Невил кои ги пречекува Коломба. Најпрвин, таа е вознемирена, но кога дознава за одмаздата на Орсо, излегува во дворот и ги провоцира приврзаниците на семејството Баричини. Во селото пристигнува и префектот, со јавниот тужител и со жандармите. Утредента, Коломба и Лидија го посетуваат Орсо во шумата и тогаш пристигнува жандармериската потера, но Орсо и ајдуците во последен миг успеваат да побегнат. Жандармите ги апсат двете девојки, но штом пристигнат во селото, нив веднаш ги ослободуваат. Истиот ден, Лидија му кажува на татко ѝ дека му го дала својот збор на Орсо.
Неколку месеци подоцна, во близината на Бастија, Орсо и Коломба ги посетуваат Брандолачјо и неговиот другар и притоа Орсо му ја подарува пушката со која го извршил славното двојно убиство. Во меѓувреме, работите се расчистиле, Орсо бил ослободен од сите обвиненија, а тој и Лидија се венчале. Едно априлско утро, Томас и Лидија Невил, заедно со Орсо и Коломба, шетаат нив Пиза. Таму, Коломба случајно го здогледува стариот Баричини, таткото на убиените, му приоѓа и му се потсмева, а тој се онесвестува.[3]

Осврт кон делото

уреди

Со својата живописна локална боја, дивиот карактер на главните ликови и со совршенството на композицијата, „Коломба“ предизвикала голем интерес кај публиката. Во делото, сè е умрено, средината одговара на сликите, а атмосферата одлично ја обвиткува драмата. Притоа, стварноста и романот толку многу се измешани, што изгледа дека реалноста е прикажана според романот. Мериме мајсторски ја подготвува драмата и ја создава околината во која постепено ја воведува главната личност, а споредните ликови (Томас и Лидија Невил) се површно скицирани. Приближувајќи се кон Корзика, орсо ја наслутува одмаздата, а Лидија стравува од неа и дури тогаш, кога настанува неизвесност дали ќе победи љубовта или традицијата, во романот се појавува Коломба. По враќањето во Корзика, Орсо не ги обновува народните предрасуди и со тоа новелата добива во интензитет и во длабочина, зашто читателот будно ги следи чувствата коишто де ги воздигнуваат де ги скротуваат духовите на Коломба и на Орсо. Читателот нема дилема кој ќе победи (братот или сестрата), туку во прашање е само вистинската прилика. Така, интересот на читателот постепено се префрла врз Орсо кому му недостига одлучност, додека Коломба не е карактер, туку фикс-идеја која воопшто не се анализира, зашто таа не се менува, туку е позната од самиот почеток.
Кога се појавила новелата, некои во Мериме гледале нов Валтер Скот, а други го сметале за нов Софокле, додека Сент-Бев ја споредил „Коломба“ со „Електра“. Така, Мериме истовремено ги задоволил „огнените хуманисти и восхитените романтичари“, придонесувајќи за големото воодушевување со кое била пречекана книгата. Сент-Бев ја прогласил „Коломба“ за бесмртна, зашто „здружувајќи ја композицијата на мајсторите од 17 век со одредени особини на романтизмот, таа ги остварува рамнотежата и хармонијата од кои настанува најголемата убавина“.[4]

Наводи и белешки

уреди
  1. Од латински vindex, што значи одмаздник.
  2. Dušan Milačić, „Beleška o piscu“ во: Prosper Merime, Kolomba. Beograd: Rad, 1963, стр. 139-140.
  3. Prosper Merime, Kolomba. Beograd: Rad, 1963.
  4. Dušan Milačić, „Beleška o piscu“ во: Prosper Merime, Kolomba. Beograd: Rad, 1963, стр. 140-141.

Надворешни врски

уреди