Масакр кај Вејце
Масакр кај Вејце — најкрвав и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија. Масакрот се случил на 28 април 2001 година во 17:45 часот откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Масакрот кај Вејце | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Дел од Воен конфликт во Македонија, 2001 | |||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Македонија
| ОНА |
||||||
Команданти и водачи | |||||||
Борис Трајковски Љубчо Георгиевски Доста Димовска Панде Петровски Ристо Галевски Роберт Петковски † Марјан Божиновски † | Али Ахмети Даут Харадинај Г’зим Острени Талат Џафери Хазби Лика |
||||||
Сила | |||||||
Патрола од 16 припадници на безбедносните сили | Измеѓу 30 до 80 терористи и муџахедини[3] | ||||||
Жртви и загуби | |||||||
8 масакрирани војници и полицајци | Неколку убиени терористи и муџахедини |
Иако нападнати од заседа и во безизлезна правлива кривина, на планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце - тетовско, војниците и полицајците давале получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. Вејце од 2001 останува во колективната меморија на Македонците како место на беспримерно злосторство, симбол на можеби најстрашното од мноштвото предавства со кои е исполнета македонската историја, најголем пораз на државните институции од група терористи и бандити, зашто до денес не се оформи, а камоли да се заокружи некаква судска разврска и некој да биде земен на одговорност.
Заднина
уредиВоениот конфликт неофицијално во Македонија започнал кон крајот на јануари 2001 година во пограничното село Танушевци. По двонеделни препукувања, бојното поле се префрлило во Тетово. Во месноста Кале во Тетово, на 14 март биле регистрирани вооружени напади врз безбедносната полиција.
Веќе на 23 март, од страна на властите во Македонија била донесена одлука за голем напад врз позициите на ОНА. Македонската армија им нанела голем пораз на припадниците на ОНА. Според некои извори, Албанците сепак не биле спремни и не очекувале таков напад во тоа време од страна на македонската полиција.
После успешната акција за освојување на Тетовското Кале, стивнаа вооружените пресметки. Се сметаше дека терористите беа целосно разбиени од територијата на Македонија. Две недели пред масакрот кај Вејце немало никакви борби. Ова е можеби една од причините за високиот број на жртви. Во меѓувреме имаше секој ден рутински контроли, кој до 28 април 2001 завршија мирни и без некакви инциденти или борби.
Настан
уредиНа 28 април 2001 година, комбинираната патрола, составена од 16 припадници на безбедносните сили, и тоа осум од Баталјонот за специјални намени „Волци“ при АРМ и осум од Посебната единица на СВР Битола, во 17 часот тргнала на задача од касарната во Тетово и требало да се врати околу 20 часот. Биле распоредени по четворица во две лади ниви и два хамера. Пред селото Селце, кај чешмата, направиле мала пауза каде се сретнале со претходната патрола, која се враќала од селото Бродец. Во разговорот им сугерирале да се вратат зашто немало потреба да одат во Вејце, но тоа не било прифатено. Дисциплинирано и професионално патролата без проблеми поминала низ селото Селце и по тесен планински правлив пат се упатила кон селото Вејце. Во околу 17:45 часот на патот помеѓу селата Селце и Вејце - тетовско, патролата навлегла во тесна, непрегледна кривина, засечена од двете страни со косини до три метри визочина. Кога првите три возила навлегле во кривината, во вид на потковица, од три страни биле нападнати од терористите. Се пукало од золји, снајпери, бомби, рачни минофрлачи, пиштоли и друго автоматско оружје. Се пукало без престанок од 17:45 до 18:20 часот. Припадниците на безбедносните сили биле изненадени и непоготвени, но сепак почнале да излегуваат од возилата и да даваат отпор, но станале отворени цели, така што многумина веднаш биле смртно погодени.
Со првото возило „хамер“, во кое биле четири припадници на БСН Волци, управувал Миле Јаневски. Откако стивнала канонадата од истрели од страна на терористите, прв од возилото излегол Миле Јаневски, кој иако бил ранет, успеал да залегне под возилото и да дава отпор. На совозачот Бобан Трајковски, само што излегол од возилото, смртно му се нанесени неколку рани. Како резултат на хеморалгичен шок, порадни огнострелан канал на срцето и загубата на поголемо количество крв, Бобан умира. Тоше Крстевски уште во „хамерот“ бил ранет во левата подлактица и градниот кош, со што бил онеспособен да се брани.[4] Излегол од возилото и се упатил назад кон последното возило „лада нива“ каде што биле битолските полицајци, кои не биле на видик на напаѓачите, за да му укажат прва помош. При повлекувањето Тоше Крстевски бил повторно погоден, сега во десната предна страна на градниот кош. Потоа заедно со командирот на патролата Кире Крстев се спуштиле по стрмнината и слегле до реката Пена и во 21:15 часот, стигнале во село Селце каде биле прифатени од „волците“. Со санитетско возило Тоше Крстевски бил пренесен во воената болница во Скопје, каде што му се санирани раните. Четвртиот „волк“ од првото возило Бранко Стојковски задобил најтешки повреди во стомакот (две влезни рани и повреди на внатрешните органи). Сепак, тој успеал да излезе од клопката и заедно со преживеаните полицајци, пешки стигнал до село Селце, од каде со санитетско возило бил префрлен во воената болница во Скопје, каде што му се извршени неколку тешки хирурски зафати, со што му е спасен животот.
Уште при првите истрели, тројцата полицајци Марјан Божиновски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, зазеле позиции зад возилото, но, за жал, брзо се здобиле со тешки рани од кои некои се смртоносни. Четвртиот нивни колега Илче Стојановски, успеал да се повлече и да стигне до третото возило „хамер“, каде што заедно со ранетиот „волк“ Игор Костески давале отпор. Преку мобилниот телефон Илче Стојановски се јавил на двапати кај неговиот претпоставен во базата во Тетово и му пренесол дека се нападнати, дека има ранети и загинати и бара да им се испрати итна помош, која за жал, не ја добиле. Еден близок другар на Илче има изјавено:„...му го препознав гласот и му реков на командирот да се вратиме и да им помогнеме.“ Уште еднаш очајнички и беспомошно се јави гласот на Илче преку радиостаница:[5]
„ | Нема потреба повеќе да ни доаѓате во помош. Сите ќе изгинеме за Македонија...[6] | “ |
И радиостаницата замолкна. Така загинуваат Игор Костески и Илче Стојановски. Третото возило од колоната војничкиот „хамер“ го возел потпоручникот Кире Крстев од Свети Николе[4], кој наедно бил и командир на патролата. Остануваат дилемите зошто како командир на патрола, наместо во првото се наоѓа во третото возило.[4] Потоа, зашто го земал да го вози „хамерот“ кога Роберт Петковски бил задолжен со возилото, а според кажувањето на неговиот татко Тоде, Роберт повеќепати му кажувал дека во негово присуство, за жива глава не го давал „хамерот“ да го вози друг. Покрај војничката среќа има нелогичност, како тоа Кире Крстев го напушта возилото, ја искачува и преминува стрмнината на патот висока неколку метри, без куршум да го погоди, ги напушта колегите, се спушта до реката Пена, а потоа и до селото Селце, каде што го прифаќаат неговите колеги „волци“.[4] Постариот водник Роберт Петковски, како совозач на „хамерот“, излегол од возилото и на самата врата смртно бил погоден во десното рамо и главата и паднал веднаш мртов. Со куршуми бил погоден и во левата и десната потколеница. Водникот Јонче Дончев седел зад Роберт и кога почнал нападот, го скршил прозорецот и дејствувал од возилото.[4] Кога ја проценил ситуацијата како безизлезна, го напуштил возилото и се повлекол назад до четвртото возило од колоната кај „лада нива“ кај дугите четворица битолски полицајци. При повлекувањето, во пределот на рбетниот столб бил повреден од шрапнел од бомба, на која полицајците му ставаат газа. Им пренесол на полицајците дека од претходните три возила нема преживеани и затоа им предложил да го напуштат местото без да дејствуваат борбено.
Водникот Игор Костески, од задното седиште, се префрлил на возачкото, кое веќе го напуштил командирот Кире Крстев и се обидел со маневрирање на тесниот пат да го донесе „хамерот“ во коса, заштитна позиција, која би служела како заклон за дејствување. Во тие кратки мигови на одлука и размислување, на нишан од терористите и соочен со смртта, тоа што го направил Игор е вистински, професионален, војнички и херојски подвиг. По се изгледа уште на воланот Игор бил изрешетан со седум смртоносни куршуми. Нешто подоцна, за да бидат сигурни во неговата смрт, терористите, од непосредна близина, со пиштол му пукаат во чело и во десното стапало. Во четвртото и последно возило „лада нива“ имало четворица полицајци од Битола. Прво, нејасно е и сомнително заостанувањето на ова возило од колоната, односно од договореното растојание за движење на возилата од патролата. Исто така, дали случајно, не се навлезени во кривината ина видното поле за напад на терористите. Кога го слушнале пукањето, тие без да видат што се случува со претходните возила, се вратиле десетина метри наназад, излегле од возилото, се затскриле, но не дејствувале. Кога до нив дошле двајцата ранети „волци“ кои им кажале дека нема други преживеани, се спуштиле по стрмнината кон реката Пена, при што се здобиле со огреботини по рацете од гранките на шумата. Околу 19:30 часот пристигнале во село Селце, каде што биле прифатени од „волците“ а потоа и пренесени во воената болница во Скопје. Навистина и тие преку радио врска и мобилен телефон јавиле на базата околу 18:00 часот дека патролата е нападната и бараче помош. Генералштабот на АРМ информацијата дека е нападната патролата ја добива во 18:10 часот, но помош од никаде не добила, ниту со борбени возила, ниту со хелихоптери.[7]
По оружениот напад кој траел дваесеттина минути, врз мртвите тела е направен грозоморен масакр, а тројца сè уште со знаци на живот биле живи запалени. Веднаш по осумкратното убиство, очевидци кои присуствувале на увидот потврдија дека специјалците биле ѕверски касапени и мачени со ножеви, а потоа живи запалени.[8] По убиството, бандата ги масакрирала жртвите, а потоа се повлекла во шарпланинските села и се упатила кон граничниот реон, од каде што пребегнала во Косово. Според сведоштва на очевидец, кој успеал да се спаси од масакрот - во заседата биле неколку десетици луѓе, меѓу кои и луѓе со долги бради и ножеви со кои го завршиле масакрот до крај. Станува збор веројатно за муџахединска група, која имала свој штаб и дејствувала под команда на Даут Харадинај. Терористите убиле со пукање само една од жртвите, додека другите седум биле сечени на парчиња или биле живи изгорени. Даут Харадинај бил шеф на Косовскиот заштитен корпус, а било лесно да се идентификува, бидејќи бил без една рака откако ја загубил другата при инцидент со мина. Неговиот брат Рамуш Харадинај, исто така, е под сомнение дека е одговорен за убиствата барем на 50-ина косовски Срби.
Според очевидецот кој бил ранет со три куршуми и врз кои се извршени три сложени операции, заседата била поставена на добро подготвено место, терористите биле распоредени во форма на потковица па џиповите и хамерите биле засипани со гранати и куршуми буквално од сите страни.[9] Неколкумина од полицајците и војниците што успеале да излезат од возилата, биле покосени и паѓале веднаш крај нив. Тој бил погоден трипати и благодарејќи само на среќата и на оние неколку десетина секунди дури терористите се спуштале кон труповите на македонските бранители, успеал да скокне во провалија и оттаму да се повлече неколку стотина метри подалеку од местото на грозоморниот чин. Кога излегол од провалијата, наишол на средовечен Албанец со мало дете кој нешто работел на една ливада. Му го ставил ножот под грклан, и, благодарејќи на детето, за кое му станало жал, не ги убил на самото место. Само му наредил на Албанецот да го симне до првиот пункт на македонските безбедносни сили. Подолу Албанецот му предложил да ја земе колата, да го скрие во сеното и така да го извлече до Тетово. Се разбира, тоа било само трик за да биде предаден. Иако со тешки рани, кога видел дека Албанецот не се враќа и дека ќе го предаде, ранетиот продолжил надолу, криејќи се низ шумичките. За своја среќа наишол на полициска патрола која се обидувала да им пружи помош на настраданите кај Вејце. Тој ја негира приказната дека некој Албанец наводно го скрил под сеното и го спасил. Сашо Гилевски, припадник на Посебната единица на СВР Битола, е еден од првите кој пристигнуваат на кобното место. Тој масакрот го опишува вака:
- „Се движам чекор по чекор во неизвесност дали бранителите се живи, да не се ранети, не знам дали напаѓачите сè уште се таму. И веднаш една од дилемите е пред мене, Илче лежи под возилото, се гледа само до колена. Во ногата имаше голема рана. Се наведнав и почнав да го влечам, кога го свртив на лицето, што да видам, гркланот му беше разнесен, откорнат... Се шокирав. Не знаев каде да ги ставам моите прсти за да видам дали има пулс. Не можев да се воздржам. Свеста ми се заврти, почнав да повраќам.“[10]
И додава:
- „Истрчав, ама што да видам: Марјан, Кире и Бошко горат. Малку потаму лежеа мртви и припадниците на „Волците“, тие не беа запалени. Очигледно беше изживувањето врз нив. Беа удирани со кундаци по лицето, на еден мозокот му беше истурен, очите им беа вадени со нож. Беа потурени со газија, мирисот се чувствуваше во воздухот. Бошко и Кире лежеа еден до друг во пламен, а Марјан беше малку понастрана од нив. Гореа како свеќи.
- „Знаев дека Кире имаше прстен со црн камен. Марјан го препознав по висината, а Бошко по тоа што беше покрупен. Толку беа јагленисани, што кога ги подигавме на едниот му се откачи ногата. Каде и да ја ставев, раката ми пропаѓаше во месото. Кревајќи ги, сите прсти од рацете ми беа изгорени, ама самиот си ветив дека ќе ги однесам Битола за достојно да бидат погребани. Нема да ги оставам на ѕверовите и дивите животни во планина да ги растргаат.“[11]
Многу докази укажуваа дека терористите биле известени преку радиоврска за движењето на мешаната полициско-војничка патрола. Според полициски извори, само неколку дена по грозоморниот настан, имало обид за уште една заседа во близина на истото место. Меѓутоа, полицијата навреме ја откри заседата и ја разби терористичката група. Полициска радиостаница „моторола“ беше пронајдена на местото, што укажуваше на тоа дека терористите цело време биле во постојан контакт со некои членови од полицијата во Тетово.
Наредниот ден по масакрот, на 29 април 2001 година, по утринското хеликоптерско извидување на теренот, околу 11:50 часот, формирана е увидна екипа во состав: јавниот обвинител од Тетово Борис Милосавлевски, претседателот на Основниот суд Тетово Џемаили Арифи, истражниот судија при Основниот суд Тетово Нехад Исмаили, претставници на АРМ и на крим-техника при МВР Скопје. Во 13:00 часот екипата излегува на терен и почнала со увидот, кој траел до 14:30 часот, при што е констатирана следната состојба. При извршениот увид на местото на настанот се пронајдени четири возила со кои се превезувале припадниците на безбедносните сили, од кои првите две биле целосно изгорени („хамер“ и „лада нива“), а под нив локви од крв. Другите две возила биле оштетени со проектили од огнено оружје, при што „хамерот“ бил целосно изрешетен, а кај воланот се пронајдени локви од крв. „Хамерот“ со маневрирање бил донесен во напречна одбранбена положба во однос на позициите на терористите. Кога стигнале првите припадници на безбедносните сили, го нашле „хамерот“ заглавен во брзина, но ги немале клучевите за вклучување на возилото. Во близината на возилото се пронајдени поголем број чаури од минофрлачки ракети и автоматско оружје, пиштолска муниција, парчиња од експлодирана бомба, изгорени панцири, два шлема, мобилен телефон, многу траги од крв и неколку екстремитети од изгорени делови на човечки тела.
Во две од колибите што се наоѓаа во непосредна близина на патот, во правец кон селото Вејце, пронајдени се проектили од автоматско оружје, рамка од автоматска пушка, ќебиња, двоглед, кујнски прибор и остатоци од храна, што укажува дека терористите претходно престојувале во колибите. Врз основа на овој и на другите извештаи и изјави е поведена постапка за преземање истражни дејства против непознати лица за кривично дело најтешки форми на тероризам. Истражниот судија Нехад Исмаили не ја почнува навреме постапката, со оправдување дека преживеаните сè уште се во шок-состојба. Но, за жал, таква постапка не е поведена ни до ден денес, по изминување повеќе од седумнаесет години од масакрот.
Многу дилеми за масакрот
уредиПостојат многу нејасности околу масакрот кај Вејце. На каква задача била испратена патролата и тоа токму на тоа место, до сега одговор никој не дал. Од 16 члена половина загинале и тоа по четворица „Волци“ и четворица полицајци. Се поставило прашањето како е можно тројца ранети „Волци“ да бидат пуштени, а командирот на патролата да помине без никакви рани? Нејасно е исто така зошто четвртото полициско возило лада нива заостанало зад вообичаеното договорено растојание меѓу возилата во движење и не навлегло во кривината на смртта. Останува енигма зошто полицајците од ова возило не дејствувале и не им помагале на колегите кои крвавеле и умирале?
Во книгата „Масакрот во Вејце од 2001 година“ од Миливој Костески, татко на загинатиот Игор во масакрот, тој во неговата книга наведува разни гласини, кои тој ги пренесува како размисла и можеби можна варијанта. Додека еден од тешко ранетите лежел на патот и се преправел дека е мртов на крај слушнал разговор на Српски јазик: „Ајде идемо, доста је било!“ Друга гласина е дека наводно еден час по нападот на патролата, преку радиоврска во командата е јавено: „Задачата е завршена, дојдете да си ги подигнете труповите“. Во прилог на тоа дека патролата е жртвувана се и следниве два момента: Неколку дена пред масакрот, врховниот командант за специјални намени повлекува триесетина „Волци“, членови на ВМРО-ДПМНЕ за да бидат на сигурно до него, а и да ја чуваат претседателската резиденција на Водно. Втор момент е пројавеното сомневање околу правењето на списокот за патролата, која се знаело дека ќе биде жртвувана. На 27 април 2001 година во 20:30 часот Игор Костески добива повик од неговата мајка. Таа го прашува што е таа врева во позадината. Игор одговара: „Некои се прават многу паметни, правиме претумбации во смените, некои не сакаат да одат во патрола, болни се, глупости. Нервозен сум, ми иде да прснам!“.
Според сознанија на неделникот „Македонско сонце“, теренот односно местото Бреза или Брезовица каде што се случи грозоморниот масакр врз телата на загинатите или во моментот на дејствието можеби (ранетите) припадници на безбедносните сили на РМ, во 90 проценти се ливади. Шума има само на ивиците и на меѓите. Изворот ја познава секоја педа на Шар Планина. Тој претпоставува дека терористите дошле од Косово и се движеле во правец на месноста Плоче, односно Кучибаба. И наместо да се симнат кон селото Вејце, кое го контролираат безбедносните сили на РМ, преку планинските сртови и месноста Дупин Камен, за кое се зборува дека има подземни пештери, терористите дошле до кобното место Бреза(овица). Се претпоставува дека една друга група дошла од страна на познатиот планински премин кај Караниколичките езера, кој тетовчани го викаат Караниколичка шија.
Ливадите се протегаат над селото Селце, терористичко упориште кое беше исчистено веднаш во акцијата на безбедносните сили за неутрализирање на опасноста врз градот Тетово. Во оваа комбинирана акција на специјалните сили на македонската полиција и Армијата, која траеше неколку дена, за првпат беа употребени тенковците Т-55 и пристигнатите „Летечки тенкови - хеликоптери“ „Ми-24“ - купени од Украина. Во оваа акција беа расчистени и терористичките упоришта на Тетовското Кале, во селата Лавце и Ѓермо, а подоцна дејствијата се насочија кон високото планинско село Вејце. Тогаш највисоките полициски и армиски функционери велеа дека се разбиени терористичките групи и дека тие преку преминот Кобилица бегаат кон Косово.
Истите „фукционери“ изјавуваа дека теренот се чисти од мини, а притоа се запленети големи количества оружје, кое не можело да се собере во пет камиони. Покрај оптимистичките најави за разбивање на терористичките банди, сепак разузнувачките информации говореа дека тие ги консолидираат редовите и дека сериозно се подготвуваат за нови екстремистички акции на територијата на Македонија. Тоа се потврди во нивната акција, односно класична воена заседа, која се случи меѓу селата Селце и Вејце и се претвори во невиден масакр.
Биланс од крвавиот пир на терористите
уредиЖртви
уредиПрип. | Име | Од | Начин на погинување | Години |
---|---|---|---|---|
Роберт Петковски | Бунарџик | Беспомошното и мртво тело на Роберт со нож е бодено по нозете и гениталните органи. Смртта кај Роберт настанала како резултат на тешките раскинувања на левата мозочна полутопка кои настанале под дејство на проектил исфрлен од огнострелно оружје од близина. Покрај во пределот на главата и десната рака, со проектили е погоден во десната и левата потколеница, кога Роберт излегувал од „хамерот“ и бил во исправена положба. | † 27 | |
Бобан Трајковски | Куманово | Смртта кај Бобан настанала како резултат на хеморалгичен шок поради огнострелен канал на срцето и загуба на поголемо количество крв. При обдукцијата на телото на Бобан се констатирани три убодни рани на десната страна од градниот кош, една прободна рана во пределот на подлактницата, една прострелна повреда во градниот кош, една прострелна рана на десната надлактница, како и нагмечување на главата со кундак. | † 28 | |
Миле Јаневски | Македонска Каменица | На Миле исто така, со кундак од пушка му е згмечена, разнесена главата, а низ телото има осум канални повреди предизвикани од огнострелно оружје и вртлежи од „кинески“ нож. Смртта кај Миле настанува насилно со нагмечување на мозокот поради дејство на потврда динамична сила со кундак од пушка во пределот на челната регија. На неговото тело се пронајдени и осум канални повреди, предизвикани од огнострелно оружјеи со нож претходно бил онеспособен за полесно да биде масакриран. | † 30 | |
Игор Костески | Драчево | Причината за смртта на Игор е насилна и настанала како резултат на нагмечување на мозочното стебло предизвикано од огнострелна повреда во челото каде што му е пукано од пиштол, додека давал знаци на живот, од непосредна близина. Ако загинал зад воланот додека маневрирал со „хамерот“, загадочна е раната и големата расеченица на левото стапало, и отсечените три прсти на десната рака. Рачниот часовник застанат беше во 18:12 часот. Дали запрел од компресија и експлозија или сам го стопирал Игор, со што сакал да ни соопшти дека во тој миг животот му престанал. Терористите ги понесле прстите со себе како трофеи за да ја наплатат завршената задача. | † 25 | |
Марјан Божиновски | Горно Оризари | Иако Марјан се здобил со повеќе огнострелни рани, додека давал знаци на живот, бил запален од терористите, при што неговото тело е целосно јагленисано од изгореници од четврти степен, со одвоени долни екстремитети. | † 27 | |
Кире Костадиновски | Горно Оризари | Смртта кај Кире настанала како резултат на развивање на тешко шокова состојба предизвикана од дејствување на проектили во пределот на градниот кош и стомакот, како и поради изгореници и труење од јаглерод моноксид, што му е пронајден во белите дробови, од што се извлекува заклучок дека бил запален додека сè уште давал знаци на живот. | † 24 | |
Бошко Најдовски | Долно Оризари | Бошко додека бил тешко ранет, од близина му е пукано во неговото чело, за да потоа биде запален и целосно изгорен. | † 25 | |
Илче Стојановски | Породин | Смртта на Илче настанала како резултат на здобиените прострелни рани во пределот на главата и стомакот. Со кундак од пушка му е разнесена брадата а со нож му се нанесени рани на рацете и нозете. Не е докажано дали контузијата на брадата предизвикана со удари од кундак на пушка и горењето на долните екстремитети, терористите го извршиле додека бил сè уште жив или мртов. Телото од целосно изгорување го спасиле првите „тигри” што пристигнале на местото на масакрот. | † 24 |
Треба да се спомне дека тројцата полицајци од Битола биле поставени еден до друг до нивната „лада нива“, со главите свртени кон „хамерот“ и запалени. Останува енигма, зошто се запалени само загинатите полицајци, а не и „волците“ и на кого му е испратена таквата порака. Нелогичност има и ако се анализираат снимките од целосно изгорените први две возила од патролата. Ако биле погодени во прв момент со тромблонски мини, тие целосно би биле разнесени и изгорени, заедно со бранителите во нив. Според начинот на извршување на масакрот, кој траел десетина минути, предизвиканите рани можеле да го направат добро обучени специјалци и ладнокрвни убијци. Но, бидејќи раководството на ОНА никогаш не обелодени дека во својата формациска воена структура има специјална единица, тогаш со право се наметнува прашањето, кој го изврши масакрот, по чија наредба, со каква цел и за колкава парична награда.
Кобното претчувство на Игор Костески
уредиИгор Костески со себе носел секогаш нотес каде што си ги запишал своите мисли. Таткото на Игор, Миливој Костески, објавил книга под името Смртта ме гушна од неговиот нотес каде можат да се читаат сите негови мисли. Стихозбирката Смртта ме гушна претставува посмртно издание на загинатиот водник, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ при АРМ. Во книгата поместени се шеесеттина песни, каде Костески пее за Македонија, за љубовта, копнежот, чекањето, но исто така и за смртта и за своето кобно претчувство. Така на едно место ќе рече:
„Пролетва на Скопска Црна Гора и Шара, наместо кокичиња 'ртеше највеличественото македонско достоинство кое се полева, а можеби и ќе се полее и со мојата младешка крв без да го почувствувам вкусот на плодовите. Ќе биде како што Бог сака!?“
— Игор Костески (†26), напишано неколку часа пред масакрот кај Вејце[12]
Сторителите на масакрот кај Вејце
уредиУчество на домашни, странски терористи и муџахедини
уредиПолициската белешка, насловена како „сознанија за грозоморното убиство крај селото Вејце, Тетовско“, била заведена под број 470/13 ноември 2001, пишуваше „Време“. Според полициската белешка, како што наведува „Време“, масакрот го раководеле Шинаси Исмаили или попознат како командант Хоџа, Иљас Цека - Ќори, и Билал Цека - Брада, тројцата од Косово. Иљаз Цела бил задолжен со два милиона германски марки да ги исплати странските војници-платеници од западните земји, муџахедини и доброволци од земјава. Билал Цека, пак, бил припадник на Косовската разузнавачка служба и еден од главните организатори на снабдување на ОВК со оружје. Од „домашните“ учесници во акцијата, покрај Хазби Лика, биле наведени и Иса Лика - Илир, Раим Сами - Зогу, Изаир Сами - Шурли, Асим Бајрами - Пуча, Енвер Рифати - Џаџи, Исак Абдурамани, Муарем Велиу, Екрем Вејсели, Фадил Османи, Љуљзим Ислами, Ибрахим Емини, Џават Џемаили, Башким Рустеми - Кими, Хајри Османи, Хисен Џемаили, Абаз Емини и Рамадан Емини. Повеќето од нив се од Тетовско, а неколкумина од селото Вејце. Се спомнува исто така Г’зим Острени, кои во телевизиско интервју изјавувал дека ја огранизирал заседата кај Вејце. Неколку години по 2001 година е уапсен неговиот телохранител, за којшто се шпекулираше дека поседувал пиштол кој припаѓал на еден од војниците загинати кај Вејце.
Дел од извршителите биле добро обучени како поранешни припадници на ОВК од Косово. Тие неколку дена пред нападот се подготвувале и вршеле обука во логорот во Косово кој се наоѓал во непосредна близина со границата со Македонија. Диверзантско-терористичката група имала конкретно задача да ја ликвидира живата сила од патролата и да ги уништи возилата и воената техника. Тие, во содејство со група терористи од Тетовско, ја организирале заседата и го извршиле терористичкиот напад врз патролата на македонските безбедносни сили, за што имале широка поддршка и од месното население. По нападот некои од нив се засолниле во селата Вејце, Бродец и Бозовце, а некои се повлекле во Косово, при што го минирале патот по кој се повлекувале, пишувало во службената белешка на МВР, наведе „Време“.[14]
Постојат конкретни сознанија за учество на странски муџахедини во масакрот кај Вејце. Имено, Али Ахмети соработувал со оџата од Слупчане, кој неодамна донел муџахединска група, а под водство на еден муџахедин што се борел во Чеченија е извршен и масакрот во Вејце.[15] Припадниците на ОНА имале цврсти врски со исламските фундаменталисти, како финансиски така и воени, потврдуваат странски, но и домашни разузнавачки извори. Во оваа цврста алка, која функционира повеќе години, е вклучен и политичкиот водач на албанските терористи, Али Ахмети. Постојат сигурни докази дека тој подолго време има директни врски со Јакуп Асипи, оџа од кумановското село Слупчане, кој за време на молитвите го повикува месното население на света војна - џихад. Асипи, кој важи за локален духовен водач, под "своја капа" ги има и соработниците на Ахмети - Даут Харадинај, Малич Ндрецај и Хисни Шаќири.[16] Оџата од Слупчане пред извесно време престојувал во една арапска земја, се претпоставува Саудиска Арабија, од каде што со група муџахедини дошол на Косово, по што му се изгубила трагата. Се претпоставува дека муџахедините, обучени за извршување терористички акции, се префрлени во Македонија.
Масакрот кај Вејце води кон Осама бин Ладен
уредиОд почетокот на воената криза се тврди дека во редовите на овдешните албански терористи се борат муџахедините поврзани со бин Ладен. Постојат докази, велат непосредните сознанија на безбедносните органи, дека мозокот и раката што го стори морничавиот масакр на осумтемина војници и полицајци во тетовско Вејце, на 28 април 2001, се токму муџахедини од терористичката армија на Осама бин Ладен, кои цело време им помагаат и се борат во редовите на албанските терористи. Дека во Македонија заедно со припадниците на ОНА дејствуваат муџахедини е потврдено и по нападот врз осумте македонски специјалци кај Вејце.[17]
Според полициски извори, принципот на финансирање во озлогласената армија на бин Ладен е прво да се покаже резултат, да убиваат христијани, а потоа добиваат пари. Што повеќе убиени и поголеми злостворства, повеќе пари од командата. Тоа беше случај и со масакрот во Вејце. Како што им ги сечеле и им ги ваделе очите на македонските војници и полицајци паднати во заседата, муџахедините и албанските терористи ги снимале и фотографирале, како доказ, кој послужил за финансирање на ОНА во Македонија.[18] Истрагата потврдила дека масакрот е извршен под водство на еден муџахедин, кој се борел и во Чеченија и кој повикува на света војна.
Расветлување на масакрот и предавство на патролата
уредиПолициски началници ја предале патролата кај Вејце
уредиСпоред извештајот за настанот, единиците што западнаа во заседата се сретнале со единицата што се враќала од претходната патрола на истото место, едниот џип подзаостанал бидејќи разменувале информации за теренот со единицата што се враќала од таму. Кога пристигнал последниот џип, нападот веќе бил започнат, па џипот проценувајќи ја состојбата се оддалечил од местото за да помогнат оддалеку. Безбедносните сили успеаја и да убијат неколку терористи, но бидејќи истите тие по никоја цена не ги оставаа труповите, денес не се знае точната бројка на убиените терористи. Возилото што малку подзаостанало, само што се доближиле до кривината позади која била заседата, се повлекле и отвориле оган од мала дистанца, за тоа време терористите проверувале кој е жив и го масакрирале, ама бидејќи џипот што заостанал отворил интензивен оган на терористите, не успеале да ги „проверат“ сите повредени, и така некои преживеаа.
Постојат документирани докази, дека масакрот кај Вејце е еднаков на предавство, бидејќи на терористите им било сигнализирано по врска дека патролата е веќе тргната и им биле дадени неопходните координати и маршрутата по која требало да се движи патролата. При пребарување на теренот била пронајдена радиостаница „моторола“, чиј сериски број укажувал дека е полициска, па оттаму сомневањата дека терористите цело време, пред и по масакрот, биле во врска со некој од полицијата.[19]
Во контекст на ова, извори на Вест додаваат дека, неколку дена по масакрот, терористите, во непосредна близина на местото каде што на ѕверски начин беа масакрирани осумтемина припадници на безбедносните сили, поставиле нова заседа што била разбиена. По разбивањето на терористичката група, при пребарувањето на теренот, увидните екипи пронашле „моторола“ со сериски број на апаратот и батеријата, што покажува дека таа била полициска. Се претпоставува дека со „моторолата“ осомничените биле во контакт со терористите.
Прв на списокот на осомничени се најде Игор Манојлевски, тогашен началник на Секторот за полиција на СВР Тетово. За него велат дека, наводно, единствено тој и неговите соработници и локални припадници на ДБК знаеле каде, во каква формација и во кое време ќе се движи комбинираната патрола за Вејце. За продадената информација бил награден со околу 700.000 швајцарски франци. Наредниот ден по масакрот е уапсен и задржан две недели во притвор. Кај него дома се најдени парите, за кои не можел да го докаже потеклото. На брзо потоа е суспендиран од тоа работно место и е префрлен во Скопје, повторно на началничко место во полициската станица „Карпош“. Цело Тетово него го посочуваше како предавник, па затоа тој се исели од Тетово. Неговиот татко купи куќа во Битола, но плашејќи се од одмазда на семејствата на загинатите битолски полицајци во Вејце, ја продал куќата и купил друга куќа во една населба во Скопје. Во ревијата „Старт“, Манојлевски демантира дека ја предал патролата.[20]
Многу докази укажуваа дека терористите биле известени преку радиоврска за движењето на мешаната полициско-војничка патрола. Беа фатени и сигнали од разговор помеѓу лица од касарната во Тетово и терористичката група сместена кај Вејце, која ги чекала во заседа македонските бранители после нивното тргнување на доверените војнички задачи.
По масакрот кај Вејце
уредиГрозоморното убиство на осумтемина и ранувањето на шесте припадници на безбедносните сили на Македонија во Вејце, предизвика бран негодувања од сите граѓани во земјата, независно од нивната политичка, верска и национална припадност, и поттикна бројни реакции од речиси сите релевантни политички субјекти во Македонија.
Тогашниот портпарол на владата Антонио Милошоски го оквалификуваше злосторството како „грозен масакр што зборува дека македонската демократија е соочена со борба со монструми, за што немаме друг избор, освен да ги победиме“. Министерката за внатрешни работи Доста Димовска оцени дека по овој настан безбедносната ситуација значително се влошува. Веднаш по дознавањето за масакрот, во Битола, од каде што потекнуваа некои од настраданите, дојде до голем револт. Револтот кулминираше во безредија низ улиците на Битола во кои четворица беа повредени и беа демолирани четириесет дуќани, претежно на муслимански сопственици.
Реакции од политичките партии и општо
уредиПолитичките партии најостро го осудија ѕверското убиство на осумтемина припадници на македонските безбедносни сили и изразија сочувство на семејствата на загинатите. Излезот од кризата, партиите го гледаа во воздржаност на граѓаните од непромислени напади и преземање енергични акции од надлежните служби за одбрана.
- ВМРО ДПМНЕ – И покрај своето доминантно учество во власта, за што и таа како политичка партија на власт носи одговорност, најгласна во осудите беше ВМРО ДПМНЕ. Таа најостро го осудува злосторството на терористите, искажува загриженост од однесувањето на ПДП и ги повикува граѓаните да се воздржат од какви било акции што ќе бараат дополнително залагање на безбедносните сили на Македонија, кои сега се потребни за разбивање на тероризмот. Партискиот самит или дијалог кај претседателот на државата станува бесцелени ирационален по терористичкиот напад на Шара, смета наголемата владејачка партија. Со монструозното убиство на Шара за првпат се обединија политичките партии во Македонија и го осудија терористичкиот акт. Како можеме поинаку да ја коментираме изјавата на ПДП, освен како злосторство, која освен жалење не истакна никаква осуда за овој злосторнички чин. Тоа е срамно за една партија, срамно за луѓе кои живеат во 21 век, со такви луѓе не може да се води дијалог. Такви непромислени изјави ја преливаат чашата на толеранција кај Македонците и кај нас како политичка партија. Подготвени сме да ја браниме Македонија, и нема да направиме ниеден чекор назад во одбраната, беше речено на прес-конференцијата на ВМРО ДПМНЕ. Ставот на партијата е дека загубата што ја потрпе Битола и Македонија со последниот терористички напад над безбедносните сили, не може и не смее да се надомести со атак на недолжните цивили. Нивните животи не можеме да ги вратиме и затоа треба да се погрижиме за оние што останаа по нив. Затоа ВМРО ДПМНЕ смета дека со вакви активности, директно се работи на дополнителна дестабилизација на државата покрај онаа што ја имаат направено терористичките групи. ВМРО ДПМНЕ смета дека токму тоа е целта на терористите, предизвикање одмазднички акции кај македонското население, за потоа истите тие пред меѓународните фактори да ги бараат своите „права“, да ја докажуваат својата „обезправеност“ и да ги справдуваат своите терористички акции. Владејачката партија ги повика сите граѓани совесно и мирно да реагираат во вакви моменти.
- СДСМ – Најголемата опозициска партија СДСМ, загинувањето на осумтемина припадници на македонските сили за безбедност го оцени како „подмолно убиство“, обид на албанските терористи да ја негираат сувереноста на целата територија. Ваквите активности на албанските екстремисти се насочени кон тоа да се оневозможи каква било иднина на соживот помеѓу македонскиот народ и националностите. СДСМ е за решителен и брз воен и полициски одговор, доколку Владата не е целосно парализирана одвнатре. Во врска со инцидентите во Битола, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, апелира до граѓаните да се воздржат од ревашизам. Изразуваме сочувство за загубата на младите животи, но сметаме дека граѓаните треба да се воздржат од реакции како оние во Битола и да ги остават надлежните органи на Министерството за внатрешни работи и Армијата на Македонија да си ја вршат својата работа, бидејќи само тие се одговорни за одбраната.
- ДА – Според Демократската алтернатива, причините за терористичките активности лежат во неспособноста на Владата и претседателот Борис Трајковски, „да ја согледат крајно сложената состојба и да преземат соодветни мерки за нивно коренито разрешување.“ Да ги повикува албанските партии, „безрезервно да ги насочат своите политички дејствувања и активности во одбрана на интересите на државата, територијалниот интегритет и суверенитет, нејзиниот унитарен карактер и безбедноста на сите граѓани.“
- ДПМ – Демократската партија на Македонија изрази загриженост од ескалацијата на настаните и драматични последици. ДПМ смета дека „актуелните настани внесуваат оправдена загриженост кај сите граѓани.“
- ДПА – Демократската алијанса на Албанците во Македонија оценува дека решавањето на отворените прашања меѓу Албанците и Македонците е од заеднички интерес за зачувување на мирот и стабилноста на сите граѓани во Македонија.
- ЛДП – Либерално демократската партија на Македонија смета дека овој немил настан е потврда на веќе констатираниот факт за неспособноста на првите луѓе на министерствата за одбрана и за внатрешни работи, како и за дволичноста на албанскиот политички фактор во Македонија. Токму затоа, став на ЛДП е првите луѓе на овие министерства да ја преземат одговорноста за овој инцидент преку поднесување оставка. Оставка е побарана и од премиерот Љубчо Георгиевски.
- ДС – Демократскиот сојуз за последниот насилнички акт вели дека не само што го загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата, туку е насочен и кон спречување на мирна разрешница на кризата. Оваа партија, покрај барањето за итна и неотповиклива оставка на премиерот Георгиевски, меѓу другото, бара и итно и безусловно враќање на работа на сите отпуштени, предвремено и редовно пензионирани стручни работници во министерствата за одбрана и за внатрешни работи, како и во Агенцијата за разузнување.
- ЛПМ – Став на Либералната партија на Македонија е дека на сите ни е сосема јасно дека станува збор за тероризам вперен против суверенитетот и интегритетот на Македонија, безбедноста на нејзините граѓани и е во директна функција за поттикнување на етничка нетолеранција и омраза. Либералната партија го осудува настапот на Партијата за демократски просперитет и нејзиниот водач Имер Имери.
- СПМ – Социјалистичката партија на Македонија констатира дека фактот што македонската патрола била пречекана во заседа, зборува за нестручно и невнимателно раководење со безбедносните сили и крајно време е на местото на партиските „војници“ во МВР и МО да дојдат стручни и професионални лица.
- НД – Нова Демократија најостро ги осудува безумниот грозоморен чин на вооружените терористи, бруталноста на припадниците на самонаречената ОНА е уште доказ дека намерите на вооружените платеници, шверцери и бандити се да се дестабилизира Македонија.
- ДПА – Демократската партија на Албанците оцени дека „по грозоморното убиство на осумте војници од безбедносните структури на Македонија се поалармантно се забележуваат знаци на екстремна етничка поларизација.“
- ПДП – Партијата за демократски просперитет го изрази своето „жалење за инцидентот“ и оцени дека одлагањето на дијалогот е причина за ескалирање на судирите.
- ОНА – Наспроти сите овие осуди од политичките партии во Македонија, политичкиот водач на ОНА (УЧК) Али Ахмети, изјави за „Ројтерс“ преку телефон: „Ние сметаме дека е тоа провокација од македонските сили за со тоа тие да се претстават како жртви.“ Ахмети рекол дека терористите на ОНА отвориле оган, дури откако македонските трупи им се приближиле на нивната позиција и дека ниеден член на ОНА не бил убиен ниту ранет при судирот во Вејце.
- Битола – Обраќајќи се во името на граѓаните на Битола, на комеморацијата во Советот на Општината тогашниот градоначалник на Битола, Д-р Златко Вршковски, рече: (...) „Драги сограѓани, најостро и најенергично го осудуваме последниот подмолен, кукавички и терористички чин на албанските терористи. Ова е тажен ден за Битола. Ова е тажен ден за битолчани. Ова е ден за сите граѓани на нашата држава, бидејќи нашиот град им припаѓа и ним. Денеска им оддаваме почит на Марјан, Бошко, Илче и Кире, млади луѓе кои со сето сре и беа оддадени на тешката и одговорна професија и ги загубија животите, бранејќи ја својата татковина од некои луди идеи, кои никому не донеле добро.“ (...)
- МПЦ – Неговото високо преосвештенство митрополитот австралиско - новозеландски и администратор преспанко - пелагониски господин Петар, во своето обраќање, рече: „Ожалостена Македонијо и ожалостени семејства! Трауматичен е денешниот ден за Македонија. Денес, Македонија плаче, плаче за своите чеда. Овие наши мили чеда ги положија своите животи за својата татковина и за Светата Црква, бидејќи беа наши православни верници. Денеска служевме заупокоена литургија во сите наши храмови за овие млади чеда, верници и македонски синови, за да настанат нивните души кај душите на праведните покојници. Со нивното загинување за Македонија, се молиме да бидат величествено испратени во Царството небесно, а тие со својата смрт ја победија смртта како нашиот свет спасител Исус Христос. Оние што пукаа на нив, пукаа и врз достоинството на македонскиот народ и другите малцинства, освен албанското малцинство. Вистината е таа, се покажа дека неверниците и непријателите седат во Парламентот и Владата. Со нив треба да се справиме, за да има мир. Тие прават лицемерие, а можат да го сопрат тероризмот ако сакаат. Но, тие сакаат да ја уништат Македонија. Бог да ние на помош и утеха за семејствата за нивните најмили. Да жалиме со надеж и верба дека има воскресение. Бог да ги прости и да им дари вечен помен.“
Осуда од Меѓународната заедница за Вејце
уредиОстра осуда за убивањето на осумте македонски војници од страна на албанските екстремисти, следува и од многу држави и претставници на меѓународната јавност со апели за разум.
- САД – САД го оценија убивањето на осумте македонски војници и полицајци од страна на албанските екстремисти, во саботниот напад близу до селото Вејце, како „неразбирлив чин на злосторство.“ САД ги повикуваат сите политички партии и групи во Македонија да се приклучат на осудата на овој неразбирлив чин на злосторство и да продолжат со започнатиот процес на политички дијалог, изјави портпаролот на „Стејт департмент“ - Филип Рикер на 29 април 2001 година. Американскиот државен секретар, Колин Пауел, од македонскиот претседател Борис Трајковски добил фотографии од масакрираните тела на убиените македонски херои во близина на Вејце. Притоа рекол дека е загрижен поради тоа и им изразил сочувство на семејствата на загинатите. Проблемите треба да се решаваат со дијалог зашто насилствата значат само скршени семејства и жртви. Не смееме да им дозволиме на терористите да го искриват политичкото помирување. Ние ја поддржуваме демократијата во Македонија, која се соочува со страшливи и кукавички чинови на терористите и терористичките организации, кои се обидуваат да го уништат демократскиот процес во Македонија, рекол Пауел на средбата со претседателот Трајковски.
- НАТО – Генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, изјавидека е згрозен од веста за заседата кај тетовското село Вејце. Го осудувам кукавичкиот напад. Мојата порака е јасна: насилството мора да запре. Тактиката на терористите нема да успее. Апелирам до политичките водачи на ПЈРМ да бидат цврсти и да ги удвојат напорите што ги вложуваат во меѓусебниот дијалог. Генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон најави дека при брзата посета на Скопје ќе и порача на македонската влада да „даде отпор на оние што користат насилство“, а на албанското малцинство да не ги „поддржува убијците“. Во интервју за германското радио „Дојче Веле“, Робертсон рекол дека на пратениците во македонскиот парламент ќе им порача дека „мора да ги изолираат оние кои користат муниција наместо гласачки кутии, а мнозинското население да се потсети дека сите жители на Македонија се дел од една држава и дека мора да ги одобрат реформите со кои земјата ќе се квалификува за влез во НАТО и ЕУ.“ Робертсон рече дека е наполно јасно оти луѓето на т.н. ОНА се силеџии, криминалци, екстремисти кои користат насилство иза нив како такви нема место во демократско општество и според тоа „не е толку важно кој збор ќе се користи за нив.“ Тие треба да бидат изолирани, да бидат осудени и маргинализирани“, рекол тој и додал дека зависи од македонскиот парламент и избраните власти дали ќе разговараат со терористите. Мошне тешко е да се контролира границата меѓу Македонија и Косово, бидејќи се работи за „планинско - шумски и опасен терен“, продолжил Робертсон, но потенцирал дека НАТО во регионот има ангажирано најмодерна техника со која може „да се забележат и најситни работи од огромна оддалеченост.“ „Ги следиме луѓето кои се обидуваат да прошверцуваат оружје во Македонија или се обидуваат да побегнат од неа“, изјавил Робертсон.
- Обединето Кралство – Британскиот министер за надворешни работи, Робин Кук, побара од политичарите во Македонија и во регионот, да ги осудат нападите на албанските терористи и да ги изолираат групите.
- Русија – Руската Федерација на чело со Владимир Путин го осудува терористичкиот напад на албанските екстремисти. Несомнено, тоа е уште еден повик упатен до меѓународната заедница за конечно да се разбуди, соопшти руското министерство за надворешни работи.
- Европска Унија – Европската комисија веднаш официјално не реагираше на последните насилства, но еден од нејзините портпароли изјави дека - „Една работа е сигурна - насилството не е патот по кој може да се напредува. Ние го осудивме терористичкиот напад во кој животот го загубија припадници на безбедносните сили, но сме критични кон насилно однесување чија цел се луѓе единствено поради нивната етничка припадност.“ Министрите за надворешни работи на ЕУ побарале од Македонија да не прогласува воена состојба како одговор на нападите на албанските терористи и ја повторија својата понуда за идно членство во ЕУ како награда за стабилност. „Прогласувањето воена состојба не е чекор што ЕУ би посакала да го види во моментов“, изјави Шведскиот државен секретар за надворешни работи, Ханс Далгрен, на конференцијата за печатот во малото гратче Нишепинг, каде што министрите за надворешни работи на ЕУ се сретнаа тој викенд. Далгрен изјави дека министрите разговарале за долгорочните можности на Балканот и ја подвлече привлечноста за идното членство во ЕУ за сите балкански земји. Можноста Европската Унија да ја употреби оваа долгорочна цел за земјите од регионот во концетриран напор за поголема стабилност и мир, е нешто што беше јасно признато од министрите. Тој рече дека шведскиот министер за надворешни работи Ана Линд и комесарот за надворешни работи Крис Патен ќе отпатуваат во Македонија и Албанија во текот на неделава, како посредици за стабилноста. Според македонскиот Устав, воената состојба им дава пошироки права на силите за безбедност, и таа мора да биде изгласана од две третини на парламентарното мнозинство, а Далгрен изјави оти не се очекува дека такво мнозинство може да биде обезбедено.
- Шведска – Шведската министерка, Ана Линд, која беше актуелна претседавачка со Европската Унија, во разговор со македонскиот министер за надворешни работи, Срѓан Керим, најостро го осудила терористичкиот напад. Линд ветила дека ќе стори сè што е во нејзина моќ да ја забрза помошта за македонскиот буџет кој е оптоварен со безбедносната состојба.
- Пакт за стабилност во Југоисточна Европа –„Западните сили сè уште можат да ги спречат обновените судири меѓу македонската војска и албанските екстремисти пред да прераснат во Балканска војна“, изјавил во Букурешт координаторот на Пактот за стабилност во Југоисточна Европа Бодо Хомбах. Хомбах истакнува и дека брзата помош од западните влади и од меѓународните организации, „може да ги изолира екстремистите од политичката сцена во Македонија.“ Не можеме да ги спречиме терористите да преминуваат преку границата од Косово, меѓутоа, можеме да ги спречиме да го претворат граѓанското општество во свој заложник“, додал Хомбах.
- ОБСЕ – Ситуацијата во Македонија е алармантна, а меѓетничкото насилство нема да помогне за остварување на барањата на етничките Албанци, изјави во Букурешт романскиот министер за надворешни работи и тогашен претседувач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Мирча Џоана. Џоана истакнува дека етничката омраза и насилството водат до избувнување политички и воени кризи, остро осудувајќи ги терористичките активности на албанските екстремисти во Македонија. „Нападите врз македонските сили за безбедност се акт на кукавичлак од страна на оние, кои се против демократијата и правната држава“, велу Џоана и ги повикал сите етнички групи во Македонија да ја осудат секоја форма на насилство и екстремизам. „ОБСЕ го поддржува соодветниот одговор на македонската армија на активностите на терористите и напорите на Владата на Македонија за запазување на територијалниот интегритет на земјата“, истакнал тогашниот претседувач на ОБСЕ, Џоана.
- Албанија – Албанскиот премиер Илир Мета искажува остра осуда, искрено жалење и длабоко сочувствто за тешкиот инцидент што се случи во близина на тетовското село Вејце и подмолното убиство на осумте припадници на македонските безбедносни сили. Според соопштението од неговиот кабинет, премиерот Мета смета дека ваквите настани го минираат процесот за решавање на проблемите на Албанците во Македонија и зајакнувањето на соживотот во земјата со политички средств и по демократски пат. Според албанската државна телевизија, претседателите Реџеп Мејдани и Борис Трајковски на средбата во Букурешт искажале заеднички став дека надминувањето на недоразбирањата треба да биде со дијалог и по институционален пат. Албанскиот претседател Мејдани додал дека ниту едно прашање во дејствувањето на една држава не е табу, па ниту нејзиниот устав. Во случај на конфликт во Македонија треба да се дејствува веднаш и во потребното време, смета Мејдани, нагласувајќи дека политичкиот дијалог треба да почне веднаш и тоа треба да биде со голема транспарентност. „Дијалогот треба да почне со утврдувањето на изворот на конфликтот, а не да се губи време занимавајќи се со неговите последици“, му рекол албанскиот претседател Мејдани на претседателот Трајковски.
- ООН Косово – Тројца водечки албански политичари, членови на Привремениот административен совет на Косово го осудија насилството во Македонија и побараа енергично посредство на меѓународната заедница. „Последниот развој на настаните во Македонија, убиствата и бранот на бегалци предизвикаа загриженост во Косово. Веруваме дека е потребно да се стабилизира ситуацијата во Македонија“, изјави Рамуш Харадинај. Во соопштението, исто така, се бара чесен и сеопфатен дијалог за решавање на проблемите со меѓународно посредство. „Меѓународната заедница треба енергично да посредува со цел да помогне во дијалогот, како единствено решение на кризата во Македонија“, се вели во соопштението на косовските политичари.
Блокада од месните Албанци при поменот кај Вејце
уредиНа 28 април 2003 година, околу 300 локални Албанци од Селце, Лавце и Вејце не дозволија родителите и роднините на осумте масакрирани припадници на македонските безбедносни сили да го посетат местото каде што загинаа нивните синови, да остават цвеќе и да запалат свеќа за помен на нивните души. На тогашниот министер за внатрешни работи Хари Костов и на тогашните амбасадори на САД и на ЕУ, Лоренс Батлер и Алексис Брунс, Албанците им одговориле дека посетата ја спречиле бидејќи „сè уште не биле залечени раните од жртвите што тие ги имале“. После долги преговори, дури на 16 мај 2003 година за прв и единствен пат, и со многу напори беше одржан поменот.[21][22][23]
Спомен обележја за загинатите
уредиВо чест на Миле Јаневски, денес средното општинско училиште СОУ „Миле Јаневски - Џингар“ во неговиот роден град Македонска Каменица го носи неговото име. За хероите од Вејце се посветени две песни, „Кај село Вејце“ и „Осум бигори на Македонија“.
Пред неколку години имаше сериозни размислувања од МПЦ осумте жртви од масакрот кај Вејце, кој на најбрутален начин беа мачени, ѕверски касапени со ножеви и живи запалени, да се прогласат за маченици. МПЦ тогаш додаваше дека постојат иницијативи и за многу други личности што учествувале во борбите за создавање и одбрана на македонската држава, како на пример Карпош, водач на народното востание против турското ропство во 1689 година, да се прогласат за маченици.
На 28 април 2010 година, 9 години после крвавиот масакр, на местото каде што беа масакрирани припадниците на безбедносните сили била поставена спомен-плоча.[24] Неколку дена подоцна, спомен-плочата била искршена од непознати сторители, највероватно жители на околните места.[25]
Амнестија за хашките случаи
уредиНа 19 јули 2011 година со Автентичното толкување на Законот за амнестија сторителите беа амнестирани од страна на Собранието на Македонија, со гласење на пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.[26]
Речиси сите загинати во Вејце се масакрирани со тврди предмети и ножеви, додека биле ранети и живи, а потоа и живи запалени, сето тоа се коси со Женевската конвенција и другите норми на војување, со што настанот е доволен доказ дека извршителите и нарачателите требаа да бидат изведени пред домашните судови а потоа и пред меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг. Сите докази и материјали, во форма на дигитален запис, биле испратени до меѓународниот суд за воени злосторства. Меѓу петте оформени Хашки предмети за воени злосторства направени во 2001 година во Македонија, е и досието за водството на ОНА во кое е опфатен и масакрот кај Вејце.
Судот во Хаг го процесуираше само случајот Љуботен, а станатите четири - Мавровски работници, Липковска брана, Непроштено и водство на ОНА, Трибуналот ги врати во Македонија, за да се процесуираат и судски завршат во Македонија. Собранието на Македонија на 24 јули 2011 година, со 62 гласа “за”, го усвои автентичното толкување на законот за амнестија, со што ги затвори хашките случаи, а со тоа и масакрот кај Вејце.
Меѓутоа, меѓународното право и практика не познаваат амнестија на воени злосторства, дека тие не застаруваат и дека врз нив има универзална јурисдикција. Оттука, државата може некогаш да реши повторно да ги активира и процесуира овие воени злосторства. Семејствата на масакрираните бранители, многу тешко и болно ја прифатија одлуката на пратениците, но според нив нема да дозволат крвавиот настан да избледи, да се ревидира, или да остане незабележан во историјата на македонскиот народ.[27]
Стихови за масакрот
уреди„ | Оваа земја раѓала херои и предавници, јунаци и проклетници, македонски. Куршум по куршум те убивал, камен на камен те налегнал, душман по душман те изодел, па се изгорел... Карпалак, Вејце, Љуботен, народе не ги заборавај, јунаци таму загинаа за Македонија. Тој што те предал и проколнал колнат ќе биде до века, пак сонце ќе нè огрее откај планините... | “ |
„ | Кај село Вејце, на Шар Планина, темен се облак надвисна над осум цвета мајкини, мајкини чеда најмили. Темен се облак распука, слана по Шара распосла над осум цвета мајкини во цутот да ги изгори... Осум ми цвета свенаа, осум ми солзи капнаа... кој облак пушти на небо, клетви му мајки фрлаат, срцето црно негово орлите да го колваат. | “ |
Галерија
уреди-
Жртвите од масакрот кај Вејце
-
Миле Јаневски - Џингар
-
Роберт Петковски (скроз лево), постар водник во БСН Волци, како падобранец
-
Бошко Најдовски во полициска униформа
-
Кире Костадиновски во полициска униформа
-
Споменик посветен за загинатите припадници на БСН Волци во масакрот кај Вејце во касарната Илинден
-
Споменик за загинатите полицајци во масакрот кај Вејце во битолското село Породин
-
Споменик посветен за Роберт Петковски во родното село Бунарџик
-
Спомен на Бошко Најдовски во село Долно Оризари (Битолско)
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Mujahedin in Macedonia, or, an enormous embarrassment for the West“. Pravda.ru. 15 март 2002. Архивирано од изворникот на 2015-02-05. Посетено на 2015-01-05.
- ↑ „NLA Mujahedeens commited the Vejce slaughter“. A1 TV. 17 октомври 2001. Архивирано од изворникот на 2015-02-05. Посетено на 2015-01-05.
- ↑ „За ОНА се бореле 150 муџахедини“. Дневник. 18 март 2006. Архивирано од изворникот на 2015-02-06. Посетено на 2015-01-05.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Миливој Костески: Истражниот судија до денес не повел истрага, Време, 23.11.2006.
- ↑ „Кои се тастерите што ја предадоа патролата?“ (PDF). Македонско Сонце. 17 ноември 2006. Архивирано од изворникот (PDF) на 2009-04-08. Посетено на 2015-01-05.
- ↑ „Масакрот кај Вејце“. Македонско Сонце. 17 ноември 2006. Посетено на 2015-01-05.
- ↑ „Масакрот во Вејце од 2001 година“, Миливој Костески, Скопје - 2011 година, стр. 38 - 47
- ↑ „Осумкратното убиство кај Вејце сè уште нерасветлено“. Утрински Весник. 2002. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-01-05.
- ↑ „Татковино, за што загинавме?“, Македонска книга 2002, стр. 103 ─ 104.
- ↑ „Прстите ми се зариваа во изгорените тела на другарите“. Вест. 23 февруари 2008. Посетено на 2015-01-05.[мртва врска]
- ↑ „Сведоштво на Сашо Гилевски - Качо, преживеан кај Вејце. Гореа како свеќи“. Утрински Весник. 1 мај 2013. Архивирано од изворникот на 2016-03-08. Посетено на 2015-01-05.
- ↑ „"Смртта ме гушна" од Игор Костески“. Утрински Весник. 16 октомври 2006. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-01-05.
- ↑ „Муџахедини во Македонија: Дојдоа, се бореа, заминаа – сега се тука нивните ученици“. Сител. 12 октомври 2014. Архивирано од изворникот на 2014-12-19. Посетено на 2015-06-04.
- ↑ „Имаше ли победени и поразени во војната меѓу Македонците и Албанците?“. Утрински Весник. 16 октомври 2006. Посетено на 2015-01-05.[мртва врска]
- ↑ „За ОНА се борат фундаменталисти и муџахедини“. Дневник. 18 март 2006. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-06-04.
- ↑ „Муџахедините се тука две децении, а во Сирија и Ирак се нивните ученици“. Вечер. 12 октомври 2014. Архивирано од изворникот на 2014-10-14. Посетено на 2015-06-04.
- ↑ „Во Македонија се обидел да се инфилтрира и Осама Бин Ладен“. Вест. 31 март 2001. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-06-04.
- ↑ „Масакрот кај Вејце води кон Бин Ладен“. Вест. 19 септември 2001. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-06-04.
- ↑ „Двајца полициски началници од Тетово ја предале патролата кај Вејце“. Вест. 9 октомври 2001. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-06-04.
- ↑ „Осумкратното убиство кај Вејце сè уште нерасветлено“. Утрински Весник. 29 април 2010. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-01-05.
- ↑ „Албанците не им даваат на Македонците да го чествуваат масакрот во Вејце“. Дневник. 12 мај 2003. Посетено на 2016-11-01.[мртва врска]
- ↑ „Вејце ќе не одвее сите“. Дневник. 12 мај 2003. Посетено на 2016-11-01.[мртва врска]
- ↑ „Албанците не им дозволија на Македонците да го одбележат масакрот кај Вејце“. 12 мај 2003. Посетено на 2016-11-01.[мртва врска]
- ↑ „Поставена спомен-плоча за масакрираните кај Вејце“. Вест. 3 мај 2010. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-01-05.
- ↑ „Искршена спомен-плочата на бранителите кај тетовско Вејце“. Утрински Весник. 3 мај 2010. Посетено на 2015-01-05.[мртва врска]
- ↑ „Уставниот суд ја потврди амнестијата на хашките случаи“. Сител. 31 октомври 2012. Посетено на 2015-06-04.[мртва врска]
- ↑ „Не е дозволена амнестија за воени злосторства и државите секогаш можат да ги обноват запрените судски постапки!“. Фокус. 30 ноември 2012. Посетено на 2015-06-04.