Стејт департмент

Стејт департментот е сојузен орган на извршната власт во САД надлежен за спроведување на надворешната политика и меѓународните односи, еквивалент на министерство за надворешни работи во некои земји. Основан во 1789 година како прв извршен оддел на земјата,[1] неговите должности вклучуваат советување на шефот на државата, управување со дипломатските мисии на нацијата, преговарање со странски ентитети, како и застапување на САД во Обединетите Нации.

Зградата посветена на Хари Труман во главниот град Вашингтон, седиште на Стејт департментот

Органот го предводи државниот секретар, кој е номиниран од претседателот на САД и е потврден од Сенатот. Државниот секретар е главен дипломат и претставник на нацијата во странство, и е прв по важност меѓу членовите на т.н. Кабинет на Соединетите Држави, дел од извршната гранка на сојузната влада на САД, како и четврти по ред на претседателската линија на заменици која предвидува кој ќе ја преземе функцијата ако актуелниот претседател на САД почине, поднесе оставка, сменет е од функција или не е способен да ја извршува функцијата.

Стејт департментот е со седиште во зградата именувана по Хари Труман, во населбата Фоги Ботом во главниот град Вашингтон, на само неколку блокови оддалеченост од Белата куќа. Од април 2018 година тековен државен секретар е Мајк Помпео, кој стапува на функцијата како дел од администрацијата на Доналд Трамп.

НаводиУреди

  1. „A New Framework for Foreign Affairs“. A Short History of the Department of State. U.S. Department of State. March 14, 2015. Посетено на March 14, 2015.

Надворешни врскиУреди