Филип Рикер

американски дипломат

Филип Томас Рикер (на англиски: Philip Thomas Reeker; роден на 19 јануари 1965 година во Пенсилванија, САД) — американски дипломат, амбасадор на САД во Република Македонија од 2008 до 2011 година.

Официјален портрет на Филип Рикер

Рикер работел како помошник службеник за информации во Будимпешта (1993–1996) и како службеник за јавни работи во Скопје (1997–1999). Од 1999 до 2000 година е директор за односи со печатот во Стејт департментот. Рикер бил портпарол на Кристофер Хил, амбасадор на САД во Македонија, специјален пратеник за Косово во 1998 и 1999 година.[1] Од 2000 до 2003 година Рикер работел во Бирото за јавни работи како заменик-портпарол и заменик помошник секретар. Бил награден со награда за извонредност во јавната дипломатија „Едвард Р. Мароу“ во 2003 година. Во 2003 и 2004 година патувал во САД и во странство како портпарол на Стејт департментот, држејќи говори и давајќи интервјуа на тема дипломатијата и надворешната политика на САД.[2] Од 2004 до 2007 година е заменик шеф на мисијата во Будимпешта, Унгарија. Во 2007 година Рикер е префрлен во амбасадата на САД во Ирак, каде што работел како советник на амбасадорот за јавни работи.

Филип Рикер е номиниран за амбасадор на САД во Република Македонија од страна на претседателот на САД Џорџ В. Буш. Тој е потврден од американскиот Сенат и станал петтиот амбасадор на САД во Македонија на 29 септември 2008 година, доаѓајќи на местото на Џилијан Миловановиќ. Рикер е амбасадор на САД во Македонија до 15 јули 2011 година. Потоа, на неговото место дошол Пол Д. Волерс. Во август 2011 година Рикер станал заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и бил одговорен за односите на САД со Албанија и поранешните југословенски републики, без Словенија.[2] Во 2014 година е назначен за генерален конзул на САД во Милан, Италија. Од 2017 година Рикер работел во Европската команда на САД, воено заповедништво на Одделот за одбрана на САД со седиште во Штутгарт, Германија, и учествувал во програмата POLAD (Foreign Policy Advisor Program).

Во отсуство на постојан функционер, Рикер е вршител на должноста помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања од март 2019 година, предводејќи го Бирото за европски и евроазиски прашања задолжено за спроведување на американската надворешна политика во Европа и Евроазија и за советување на заменик-секретарот за политички прашања за прашања поврзани со дипломатските мисии во регионите.

Рикер дипломирал на Универзитетот Јејл во 1986 година и магистрирал на Школата за глобален менаџмент „Тандерберд“ во Аризона во 1991 година. Тој ги поминал средношколските години во Австралија. Покрај англискиот како мајчин јазик, Рикер го познава и македонскиот и други јазици.[3]

Наводи

уреди
  1. „U.S. Consul General | Milan, Italy - Consulate General of the United States“. web.archive.org. 20 септември 2015. Архивирано од изворникот на 2015-09-20. Посетено на 26 мај 2021.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  2. 2,0 2,1 „Reeker, Philip T.“. web.archive.org. 23 февруари 2013. Архивирано од изворникот на 2013-02-23. Посетено на 26 мај 2021.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  3. „Philip T. Reeker“. United States Department of State (англиски). Посетено на 26 мај 2021.