Породин
Породин — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Породин | |
Воздушен поглед на селото Породин | |
Координати 40°55′59″N 21°22′0″E / 40.93306° СГШ; 21.36667° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 139 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7223 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02096 |
Надм. вис. | 600 м |
Слава | Петковден |
Породин на општинската карта Атарот на Породин во рамките на општината | |
Породин на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиСпоред кажувањата на мештаните, името на селото доаѓа од поројот, водотекот што минува низ селото и има вода после силен дожд. Првото име на селото било Порој или Пороин, а подоцна се трансформирало во Породин.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во Пелагонија, во јужниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, сместено на потпланинскиот пат којшто води од Битола кон селото Драгош и државната гранична линија со Грција.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 600 метри. Од градот Битола е оддалечено 13 километри.[3]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333.
Породин е познато земјоделско село во околината на Битола. Се наоѓа источно од Баба Планина, а помеѓу селата Жабени, Велушина, Канино и Лажец. Во минатото, водата за пиење се добивала од три чешми (Кекилица, Бесимоска и Горномаалска), како и од поголем број на бунари. За наводнување се користела водата од Велушка Река, која поминува низ селото.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Сува Река, Широк Пат, Мерата, Слатина, Крај Џаде, Тумба, Капина, Егритски Пат, Барата, Боздо, Сливите, Прогонот, Дупките, Длаги Ниви, Винарски Пат, Горни Ливади, Ѓупски Гробја, Канинска Река и Калдрми.[4]
Породин е составено од три маала: Горно, Долно и Отаде Река (лево од Велушка Река). Маалата се состојат од групи на родовски куќи и се незначително оддалечени едни од други.[4]
Историја
уредиМиодраг Грбиќ наведува дека неолитските жители на Битолското Поле поради поплави и баришта околу Црна Река, сите свои населби ги правеле на подигнати места, наречени тумби.[4] Во непосредна близина на Породин е археолошкото наоѓалиште од средниот период на младото камено време, наречено „Тумба“.[5] На оваа тумба, како и на месноста Дупки, и двете источно од селото, селаните изорувале ќупчиња, керамиди, темели и по некој гроб. На породинската Тумба се верува дека имало приближно 30 куќи, а чии остатоци биле откриени со ископувања извршени во 1953 и во 1954 година.[4]
Денешното село е старо,[4] а првпат се споменува во отоманските документи на 5 јуни 1636 година во еден договор за заем. Во овој документ за запишано дека жителите од Горни Породин (како што било запишано) зеле на заем од вакафот „Мехмед Војвода“ пари во износ од 3.500 акчиња со лихва во износ од 450 акчиња.[6]
Најпрвин, тоа било само христијанско, меѓутоа мештаните еднаш имале Албанец говедар, кој повикал да се населат и други муслимански Албанци. Затоа, во еден турски документ од 1803 година се наведува христијански и муслимански Породин. Еден христијанин по име Кочо преминал на ислам. Селските Арбанаси во текот на XIX век ојачале и со сила ја приграбиле земјата од Македонците и нив целосно ги отселиле од селото околу 1880 година. Народното кажување наведува дека во средината на XIX век во Породин имало околу 40 македонски куќи. Последни иселеници биле Димовци, кои сега живеат во Жабени, а претходните македонски семејства се иселувале во соседните села, но и во други населби.[4]
За тоа дека селото било само христијанско говорат и петте цркви изградени X век и нивниот заеднички манастир кај сегашната црква „Св. Богородица“ во соседното село Велушина, каде што бил закопан еден од синовите на цар Самуил.[7] Јован Трифуноски запишал дека во селото постоеле три цркви, од кои едната се наоѓала на местото на денешната селска црква „Св. Петка“, додека другите две црквишта биле: едното на сретсело каде што Арбанасите имале школо, а денес е новото селско училиште, а другата била источно од Породин, каде имало стари гробови.[4]
Во 1912 година, Породин бил запишан како арбанашко село со вкупно 57 домаќинства. Дел од родовите се нарекувале Ашимовци, Мусовци, Неџиповци, Алиовци, Цаковци, Фердовци, Бедуловци, Шабановци и други, сите со потекло од разни области во Албанија.[4]
Меѓутоа, по завршувањето на отоманската власт, започнала иселување на породинските Арбанаси. Освен три домаќинства, сите се иселиле до 1930 година, главно во Турција, а околу 10 семејства во Битола.[4] Македонците од околните села, но и Леринско, Костурско и Мала Преспа, започнале да се доселуваат повторно во селото по Првата светска војна и да ги купуваат куќите на иселените Арбанаси, со што Породин повторно станало македонско село.[4]
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 13,7 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 1.154 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во него работела земјоделска задруга.[3]
Најзастапено од полјоделството е одгледувањето на житните растенија: пченица, јачмен, пченка, потоа фуражните култури за сточна храна, како што се: трици, крмна пченка, луцерка, граор, детелина, како и индустриските и градинарските растенија: шеќерна и маслодајна репка, сончоглед, црвен пипер (познат за овој крај), кромид.
Во селото Породин се наоѓа и свињарската фарма на ЗИК „Пелагонија“ од Битола, која е една од најголемите свињарски фарми во Македонија. Покрај свињарството од сточарството најмногу се застапени и краварството и овчарството, а во помала мера и козарството. Голем дел од населението што одгледува крави и овци се занимава и со млекопроизводство. Во селото Породин е регистрирано и едно автопревозно претпријатие.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Породин живееле 490 жители, од кои 300 Македонци и 190 Албанци.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Породин се води како чисто албанско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 85 куќи.[9]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Породин имало 96 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци и 150 Албанци.[11]
Во 1961 година, Породин броел 460 жители, од кои 425 биле Македонци, 12 Срби, 11 Турци и 10 Албанци. Во 1994 година, бројот се намалил на 241 жител, главно македонско население.[3]
Според пописот од 2002 селото броело 202 жители, од кои 194 Македонци, 6 Албанци, 3 Срби и 2 останати.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 139 жители, од кои 110 Македонци, 17 Албанци, 1 Србин и 11 лица без податоци.[13]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 490 | 96 | 447 | 523 | 460 | 536 | 442 | 284 | 241 | 202 | 139 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]
Родови
уредиПородин е македонско православно и муслиманско албанско-ромско село. Во него живеат доселенички родови, а македонските родови дошле од околните битолски села, од Леринско, од Костурско и од Корчанско и Мала Преспа. Сите македонски родови се доселени после турското владеење.[4]
Според истражувањата од 1953 година, родови во селото:
- Македонски родови:
- Родови доселени од Костурско се: Дељовци (1 к.) и Василевци (1 к.), доселени се 1924 од селото Апоскеп; Лулевци (4 к.), Грибевци (2 к.) и Огњановци (1 к.), доселени се 1924 од селото Кономлади; Боговци (1 к.), Младеновци (1 к.), Секуловци (4 к.), Геџовци (3 к.), Кубуровци (3 к.) и Ковачевци (1 к.), исто така се доселени од Кономлади во 1925, нивни роднини има во Скопје и Битола; Новачевци (1 к.), доселени се 1927 од Оштима; Тодоровци (4 к.), Ванговци (2 к.) и Беќаровци (1 к.), доселени се од Желево, првите во 1925, а останатите во 1927; Сотировци (1 к.), Лумбуровци (1 к.) и Бундевци (1 к.), доселени се исто така од Желево во 1925, од првиот род имаат роднини во Велушина и Битола; Тошевци (2 к.), доселени се исто така од Желево во 1926; Џавеловци (2 к.), доселени се 1927 од селото Рулја; Мајдуровци (1 к.), Палчевци (1 к.) и Ѕвездинци (1 к.), доселени се 1927 од Трново; Кандилевци (1 к.) и Џонговци (1 к.), доселени се 1925 од Статица.
- Родови доселени од Леринско се: Стојковци (1 к.) и Штерјовци (1 к.), доселени се 1927 од Трсје; Трпчевци (1 к.), исто така доселени се од Трсје во 1926; Пашевци (1 к.), доселени се 1925 од селото Негочани; Котевци (2 к.), Богдановци (1 к.) и Кузмановци (1 к.), доселени се 1927 од Раково; Божиновци (1 к.), доселени се 1927 од Песочница; Рапашиновци (2 к.), доселени се 1925 од Пополжани; Манојловци (2 к.) и Луковци (1 к.), доселени се од селото Арменско, првите во 1926, а другите во 1928.
- Родови доселени од битолските села се: Христовци (1 к.), доселени се 1928 од Олевени; Кочовци (4 к.), Ропковци (2 к.), Камбовци (1 к.) и Љамчевци (2 к.), доселени се од Велушина, првите во 1928, вторите и третите во 1929, а четвртите во 1933, и во Велушина се однекаде доселени; Живојинци (1 к.), доселени се од селото Живојно, каде припаѓале на староседелскиот род Топал-Золевци; Шамовци (2 к.), доселени се 1925 од Драгош; Најдовци (2 к.), доселени се 1920 од селото Суводол.
- Родови доселени од Мала Преспа и Корчанско: Митровци (2 к.), доселени се 1928 од некое село кај Корча; Спасевци (1 к.), доселени се 1928 од Билишта; Гроздановци (2 к.), доселени се 1928 од некое село кај Корча; Китановци (2 к.), доселени се 1929 од селото Шулин.
- Албански муслимански родови: Исовци (2 к.), овде живеат од турско време; Јумеровци (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од некое албанско село во сливот на Шемница.
- Ромски родови: Церо (1 к.), овде живеат од турско време; Бафтијар (1 к.), доселени се однекаде во 1940-тите. Домашен јазик на породинските Роми е албанскиот. За време на турското владеење имало повеќе ромски родови во селото.
Иселеништво
уредиОд албанското население до 1953 година имало иселеници во Турција (44 семејства) и Битола (10 семејства).
Од македонското населене иселеници имало во Лажец (Породинци), Жабени (Димовци), Барешани (Прчевци), Канино (Димови и Толевци). Иселување имало и после 1953 година,[4] најчесто во градовите Битола и Скопје, прекуокеанските земји и Европа.[2]
Општествени установи
уреди- Подрачното основно училиште „Крсте Петков Мисирков“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ - Бистрица
- Задружен дом
- Пошта (7223)
- Амбуланта
-
Амбулантата
-
Задружниот дом
-
Основното училиште
Самоуправа и политика
уредиНа крајот од XIX век, Породин било село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Породин се наоѓале селата Барешани, Велушина, Граешница, Драгош, Жабени, Канино, Кишава, Лажец, Олевени и Острец. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Породин, во која влегувале селата Барешани, Жабени, Канино, Лажец и Породин.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0145 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на дом на културата.[18]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 158 гласачи.[19] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 158 гласачи.[20]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[21]
- Бара Тумба — населба од неолитско време;
- Тумба — населба од неолитско време;
- Дупки — наоѓалиште од непознат тип и период;[4]
- Школо — наоѓалиште од непознат тип и период;[4] и
- Црквиште — наоѓалиште од непознат тип и период.[4]
- Цркви[22]
- Црква „Св. Петка“ — главна селска црква, обновена на местото на стар храм во 1939 година.
- Џамии[4]
- Во минатото во селото постоела џамија, која била срушена во 1947 година.
- Споменици
- Споменик на загинатите бранители во масакрот кај Вејце
- Споменик на Коле Канински
-
Главната селска црква „Св. Петка“
-
Споменик на загинатите бранители
-
Споменик на Коле Канински
Редовни настани
уреди- Слави[2]
- Петковден — селска слава
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Породин
- Панде Манојлов (1948-2020) - македонски поет и раскажувач.
- Илче Стојановски (1976-2001) - македонски бранител, еден од загинатите во масакрот кај Вејце
Галерија
уреди-
Куќи во селото
-
Споменик на загинатите бранители
-
Улица во селото
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2024-10-06. Посетено на 2024-10-06.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 241. Посетено на 6 октомври 2024.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 4,14 4,15 4,16 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 193-195. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2007-12-23. Посетено на 2011-10-26.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. Стр. 26
- ↑ Манојлов Панде. „Заблудите и вистините за село Породин“. Зборник на Македонското-турско пријателство, Битола, 2002, стр 227
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 18.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 октомври 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 6 октомври 2024.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 39. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.