Игор Костески
Игор Костески (Кисела Вода, Скопје, 8 ноември 1975 – Вејце, Тетовско, 28 април 2001) бил македонски бранител, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ при АРМ, учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Загинал во заседа на 28 април 2001 во масакрот кај Вејце.
Игор Костески | |
---|---|
08.11.1975 – † 28.04.2001 (25 г.) | |
Роден во: | Кисела Вода, Скопје, СР Македонија |
Починал во: | Масакрот кај Вејце |
Служба во: | Македонија |
Период на служба: | 1995 г. — 2001 г. |
Чин: | Водник |
Единици: | БСН Волци |
Битки/војни: | Војна во Македонија 2001
|
Одличја: | Медал за храброст |
Животопис
уредиЖивот, војната 2001 и сведоштва
уредиРоден во Драчево, Игор уште од мал е израснат со патриотски дух. Неговата фамилија има семеен револуционерен корен и потекнува од село Слатино, сместено во етногеографската област Дебрца. Во книгата „Масакрот во Вејце од 2001 година“, таткото на Игор, Миливој Костески, наведува дека во секоја буна, војна или востание лозата Костески давала жртви. Така било во Илинденското востание, во Првата балканска војна, во НОБ, како и во војната 2001 година. Војничката кариера на Игор почнува со отслужување на воениот рок во 1995 година. Во касарната „Стив Наумов“ во Битола служеше девет месеци. Во 1998 година станува припадник со чин „Водник“ во БСН Волци. Игор беше активен член на падобранскиот клуб „Јуриј Гагарин“ во Скопје каде направи 186 падобрански скокови. Не му се исполни желбата да формира падобрански вод во специјалната единица Волци. Во слободно време Игор се обидуваше да се релаксира со цртање и сликарството.
Од посебна значајност е нотесот на Игор кој го носел секогаш со него. Во нотесот си запишувал поеми и песни за Македонија, за љубовта, копнежот, чекањето, но исто така и за смртта и за неговото кобно пречувство. Така на едно место ќе рече:
„Пролетва на Скопска Црна Гора и Шара, наместо кокичиња 'ртеше највеличенственото македонско достоинство кое се полева, а можеби и ќе се полее и со мојата младешка крв без да го почувствувам вкусот на плодовите. Ќе биде како што Бог сака!?“
— Игор Костески (†25), напишано неколку часа пред масакрот кај Вејце[1]
Игор беше голем верник, искрено од длабочината на срцето веруваше во Бога и тоа аргументирано го ширеше меѓу оние со кои стапуваше во контакт. Многу читаше верска литература и теоретски се подготвуваше да студира на Теолошкиот факултет. Последната година од неговиот живот, викендите и годишниот одмор, меѓу две битки од фронтот, ги користеше во посета и престој на повеќе манастири низ Македонија, со цел поблиску да го доживее манастирскиот и монашкиот живот во нив.[2]
Таткото на Игор, Миливој Костески, објавил книга под името Смртта ме гушна од неговиот нотес. Во посмртното издание „Смртта ме гушна“ се опфатени шеесеттина песни од Игор Костески создавени од 1992 година до денот на неговото трагично загинување на 28 април 2001 година во Вејце, Тетовско. Читателот ќе биде чудоневиден од пречувството и предвидението на авторот дека смртта некој му ја всадил како несакан гостин во неговата свест која постојано го повикува или тоа е можеби природно подготвување на организмот за тоа што ќе следи иако во секојдневниот живот, Игор никогаш не даваше знаци на разочараност, загриженост и уплашеност. Напротив, беше сигурен и без страв и приложеше на извршувањето на сите борбени задачи, а беше полн со планови и желби со животот кои пред него стоеше, а кои му ги прекина терористичката рака.
Во заседата, на Игор Костески му се нанесени седум огнострелни рани по целото тело. Сигурно додека давал знаци на живот, од близина со пиштол му е пукано во чело. Ако загинал зад воланот додека маневрирал со „хамерот“, загадочна е раната и големата расеченица на левото стапало, и отсечените три прсти на десната рака. Рачниот часовник застанат беше во 18:12 часот. Дали запрел од компресија и експлозија или сам го стопирал Игор, со што сакал да ни соопшти дека во тој миг животот му престанал. Во негова чест, во паркот на бранителите во скопско Драчево е поставен спомен плоча на меморијалната фонтана. Во Слатино, Дебрца, каде што потекнува семејството на Игор, исто така е поставен споменик во негова чест.[3]
Кобното претчувство за масакрот кај Вејце
уредиНе само што во неговите поеми го опишува кобното претчувство, исто така и ден пред масакрот се случуваат чудни измени во патролата и смените, при што Игор станува нервозен. Тоа го потврдува разговорот со мајката преку телефон, која во моментот на муабетот на 27 април 2001 година во 20:30 часот го прашува синот што е таа врева во позадината. Игор одговара: „Некои се прават многу паметни, правиме претумбации во смените, некои не сакаат да одат во патрола, болни се, глупости. Нервозен сум, ми иде да прснам!“.
Факт е дека неколку дена пред масакрот, врховниот командант и претседател на државата, Борис Трајковски, од Единицата за специјални намени повлекува 30 „Волци“, членови на ВМРО-ДПМНЕ за да бидат сигурно до него, а и да ја чуваат претседателската резиденција на Водно.[4]
Надворешни врски
уредиНаводи
уреди- ↑ „"Смртта ме гушна" од Игор Костески“. Утрински Весник. 16 октомври 2006. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-01-10.
- ↑ „Масакрот во Вејце од 2001 година“, Миливој Костески, Скопје - 2011 година, стр. 156
- ↑ „Се пушти во употреба Паркот на бранителите во Драчево“. kiselavoda.gov.mk. 28 јули 2013. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-04-08.
- ↑ „Кои се тастерите што ја предадоа патролата?“ (PDF). Македонско Сонце. 17 ноември 2006. Архивирано од изворникот (PDF) на 2009-04-08. Посетено на 2016-04-26.