Долно Оризари (Битолско)
Долно Оризари — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Долно Оризари | |
Панорама на селото Долно Оризари | |
Координати 41°3′1″N 21°22′45″E / 41.05028° СГШ; 21.37917° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 1.734 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7204 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02043 |
Надм. вис. | 564 м |
Слава | Велигден |
Долно Оризари на општинската карта Атарот на Долно Оризари во рамките на општината | |
Долно Оризари на Ризницата |
Потекло на името
уредиЛегендата за името на селото говори дека некогаш на ова место се одгледувал ориз, додека било наречено „долно“, бидејќи во областа постои и Горно Оризари.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во Пелагонија, во средишниот дел на Битолското Поле, недалеку од градот Битола, во северниот дел на територијата на Општина Битола.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 577 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 6 километри.[3]
Изразено полско село, североисточно од градот Битола. Соседни села се Горно Оризари, Карамани и Логоварди.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Драгорка, Сув Драгор, Калдрма, Средно Патче, Водејнчиште, Мера, Чивлачко Патче, Горно Патче и Секирица.[4]
Селото има збиен тип, додека куќите се групирани на три маала: Чивлак, Горно и Долно.[4]
Историја
уредиСелото е нова населба. Според легендата, било основано кон крајот на XIX или почетокот на XX век. Основачи на селото биле поединечни македонски родови, поради што во селото не се пронајдени старини.[4]
Во XIX век, Долно Оризари било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 6,8 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 598,9 хектари, на пасиштата отпаѓаат само 8,6 хектари, додека шуми нема. Селото има исклучително полјоделска функција.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долно Оризари живееле 440 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долно Оризари имало 216 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Долно Оризари се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 45 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[8]
Со оглед на тоа дека селото е во близина на градот, тоа станало место за доселување. Така, во 1961 година броело 848 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 1.503 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Долно Оризари живееле 1.834 жители, од кои 1.828 Македонци, 4 Роми, 1 Влав и 1 останат.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.734 жители, од кои 1.590 Македонци, 6 Власи, 2 Срби, 9 останати и 127 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 440 | 216 | 525 | 643 | 848 | 836 | 1.236 | 1.543 | 1.503 | 1.834 | 1.734 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиДолно Оризари е македонско православно село, сите родови во селото се доселени.[4]
Родови во Долно Оризари се:
- Најстари родови: Масларовци (5 к.), Стајевци (3 к.) и Враговци (1 к.), доселени се однекаде, првите два рода потекнуваат од ист предок; Клепачовци (5 к.), доселени се од селото Клепач, подалечно потекло од Преспанско; Беличовци (1 к.), деленици се од Клепачовци и Ѓоревци (3 к.), доселени се од некое село во Прилепско.
- Понови родови: Јаковчевци (8 к.) и Јуруковци (1 к.), доселени се од Карамани; Коњарци (6 к.), доселени се од селото Коњари, не се знае дали Големо или Мало; Ќумковци (4 к.), потекнуваат од домазет доселен од Логоварди; Равановци (1 к.), доселени се од Породин; Демировци (1 к.), доселени се од Логоварди, таму припаѓале на родот Станоовци; Бенџовци (3 к.) и Спировци (4 к.), доселени се од Добромири; Шутаковци (4 к.), доселени се од Алинци; Крепиовци (2 к.), доселени се од Радобор; Ночевци (2 к.), доселени се од Свето Тодори; Чепеловци (1 к.), доселени се од Логоварди; Моријовци (2 к.), доселени се од Тепавци. Споменатото село е на граница со Мариово, и отука името; Српчани (3 к.), доселени се од Долно Српци; Чарлинци (1 к.), Карапашовци (3 куќи) и Вејкрпа (1 к.), доселени се од Долна Чарлија; Саздо (1 к.), доселени се од Мегленци; Штрковци (2 к.) и Стојчевци (1 к.), доселени се од Вирово, Железник; Ночевци (1 к.), доселени се од Слоештица, Железник; Трпевци (2 к.), доселени се од Струшко; Гркот (1 к.) и Петре (1 к.), доселени се од околината на Воден; Анѓелевци (4 к.), Бошковци (3 к.), Босилковци (3 к.), Кекеровци (3 к.), Басаровци (3 к.), Чакревци (2 к.), Лозановци (2 к.), Муслиовци (2 к.), Крстевци (1 к.) и Биртановци (1 к.), доселени се однекаде.
Поголемиот број на родови доселени се во селото уште во турско време, помлади се само доселениците од Железник, Егејска Македонија и Карапашовци, Српчани, Крепиовци и доселениците од Струшко кои се населени во селото после 1912 година.
Општествени установи
уреди- Подрачно основно училиште „Даме Груев“, каде се изведува настава до деветто одделение, заедно со забавиште
- Амбуланта
- Пошта (7204)
- Детска градинка „Естреја Овадија-Мара“, клон на градската битолска градинка
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната општина Битола.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кукуречани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Логоварди, во која селото Долно Оризари, се наоѓале и селата Карамани, Логоварди, Оптичари, Поешево и Трн. Општината Логоварди постоела и во периодот 1950-1952.
Избирачко место
уредиВо селото постојат избирачките места бр. 0041 и бр. 0042 според Државната изборна комисија, сместени во основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.481 гласач.[16]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[17]
- Герамидница — населба од бронзено и доцноантичко време;
- Св. Петка — црква од средниот век;
- Север I — населба од неолитско и бакарно време;[18]
- Север II — населба од неолитско и бакарно време;[18]
- Домус Поле I — населба од средниот век;[18] и
- Сакојци — населба од неолитско време.[18]
- Цркви[19]
- Црква „Св. Петка“ — главна селска црква
Редовни настани
уреди- Велигден, третиот ден — селска слава[4]
- Турнир во мал фудбал во чест на Бошко Најдовски. На турнирот учествуваат екипи од цела Пелагонија и Битола и е еден од најпосетуваните и најпопуларните турнири во Пелагонија, секоја година се пријавуваат над 40 екипи.
Личности
уреди- Родени во Долно Оризари
- Бошко Најдовски (1976-2001) — македонски бранител, еден од загинатите во масакрот кај Вејце
Иселеништво
уредиСе знае за следниве иселеници: Ѓелдиновци (2 к.), кои живеат во соседното Карамани.[4]
Исто така, од ова село има над 300 иселеници во САД, Австралија, Канада, Шведска, Германија и на други места во светот.[2]
Галерија
уреди-
Спомен на Бошко Најдовски во близина на паркот
-
Амбуланта во селото
-
Градинка во селото
-
Спортско игралиште
-
Основното училиште со игралиште
-
Поштата во селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2018-07-30. Посетено на 2019-10-10.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 107. Посетено на 10 октомври 2019.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 239.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 166-167.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 11.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 7 октомври 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Државна изборна комисија. Посетено на 13 октомври 2021.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-10-07. Посетено на 10 октомври 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ 18,0 18,1 18,2 18,3 Д-р Гоце Наумов и Слободан Стојкоски, НОВИ ПРЕДИСТОРИСКИ ТУМБИ ВО ПЕЛАГОНИЈА, Национална установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Битола, 2015
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Долно Оризари (Битолско) на Ризницата ?