Отвори го главното мени

Во потрага по изгубеното време

Потрага по изгубеното време (француски: À la recherche du temps perdu) - циклус романи на францускиот писател Марсел Пруст.

СодржинаУреди

Циклусот „Во потрага по изгубеното време“ е составен од следниве романи:[1]

Настанување на циклусотУреди

Есента 1912 година, Пруст им го понудил на две париски издавачки куќи (Фаскел и Nouvelle Revue Française) првиот дел од „Потрагата“ при што ракописот се сотоел од три книги кои, по долго колебање, Пруст ги нарекол „Во Свановиот крај“, „Околу Германтови“ и „Пронајденото време“. Исто така, познато е дека долго време размислувал и за заедничкиот наслов за овие три книги, колебајќи се меѓу следниве наслови: „Сталактити на минатото“, „Во присуството на сталактитите на минатото“, „Одбелсоци на минатото“, „Одрази на патината“, „Посетител од минатото“, „Патник од минатото“ и „Одблесоци на времето“. Во октомври 1912 година, Пруст одлучил првите две книги, „Во Свановиот крај“ и „Околу Германтови“, да ги нарече „Загубеното време“, последната (третата) книга да ја нарече „Најденото време“, а целиот роман да се вика „Повремен молк на срцето“ (Les intermittances de coeur). Но, еден месец подоцна, тој го променил планот: писмото до Гастон Галимар (Gaston Gallimard) сведочи дека општиот наслов останал ист, но првата книга требало да се вика „Загубеното време“, втората „Вечно обожување“ (L'adoration perpétuelle) или „Во сенката на девојките во цветот“, додека за третата книга бил предвиден насловот „Повторно најденото време“. Притоа, уште тогаш, во 1912 година, првата книга се состоела од следниве три дела: „Комбре“, „Една Сванова љубов“ и „Имињата на местата: име“. Во оваа верзија, првата книга се завршувала со епизодата во која главниот јунак патува во летувалиштето Брикбек кое во конечната верзија на „Потрагата по изгубеното време“ се вика Балбек.[2]

Заедно со поднесениот ракопис, Пруст ги приложил и препораките од госпоѓата Штраус и од Гастон Калмет, а во меѓувреме ги испратил и своите пријатели Жак Кокто и Едмон Ростан да се распрашаат за судбината на романот. Меѓутоа, од Фаскел долго време немало никаков одговор, а дури кон крајот на декември 1912 година, Фаскел му го вратил ракописот на Пруст, со одговор дека книгата му е одбиена врз основа на рецензијата на писателот и критичарот Жак Мадлен (човекот кој ја напишал првата критика на творештвото на Пруст), кој напишал: „Откако прочитавме 712 страници од овој ракопис (најмалку 712, зашто многу страници се нумерирани два, три, четири или пет пати со истиот број)... немаме никаква, баш никаква претстава за што, всушност, се работи. Што се случува тука? Што значи сето тоа? Каде води сето тоа? - Невозможно е нешто да се предвиди! Невозможно е нешто да се каже!“ Во рецензијата на Мадлен, најчестите интерпункциски знаци се извичниците и прашалниците. Признавајќи дека некои делови од ракописот се интересни, „па дури и одлични“, Мадлен ја оценува целината како нечитлива, велејќи дека на текстот му недостасува заплет, дека приказната се разгранува на повеќе текови и дека одделни ликови се појавуваат и исчезнуваат потполно немотивирано. Исто така, тој му забележува на авторот дека читателот не знае колку време поминува меѓу одделните делови на приказната и дека дури не се знае ни возраста на главниот јунак. Инаку, заедно со ракописот, Пруст испратил и писмо во кое дал некои објаснувања за романот и укажал на врската со следните книги при што признал дека во првите 700 страници ништо не се случува, но дека во нив се појавуваат ликовите кои ќе играат важна улога во следните делови на романот.[3]

Истовремено, Пруст се обратил и до издавачката куќа Nouvelle Revue Française. Во ноември 1912 година, Пруст му напишал писмо на директорот Гастон Галимар во кое се распрашал за техничките прашања, нудејќи самиот да ги плати трошоците за печатењето. Во својот одговор, Галимар, исто така, зборувал за техничките работи, соопштувајќи му на Пруст дека во еден том може да се испечати книга со обем до 550 страници, дека првата книга би била пуштена во продажба во февруари или март, а втората во мај, итн. На крајот од писмото, Галимар ветил дека лично ќе дојде да го земе ракописот и, врз основа на тоа, Пруст заклучил дека книгата му е прифатена. Меѓутоа, кон крајот на декември, уредувачкиот одбор, без никакво образложение, му го вратил ракописот, а подоцна, Галимар го убедувал Пруст дека не знаел за таквата одлука, а до ден-денес не е познато ниту дали членовите на уредувачкиот одбор воопшто ја прочитале книгата. Како главен виновник за одбивањето на ракописот најчесто се споменува Андре Жид, но подоцна, Жан Шлумбергер тврдел дека одлуката била заедничка, т.е. дека на сите членови на уредувачкиот одбор не им се допаднал заплетканиот стил на Пруст. Неколку дена по одбивањето, Пруст се обратил до парискиот издавач Олендорф, повторно нудејќи самиот да ги плати трошоците на печатењето, но и овојпат бил одбиен.[4]

Најпосле, кога Пруст ја загубил надежта дека ќе најде издавач за својата книга, младиот париски издавач Бернар Грасе (Bernard Grasset) прифатил да го испечати романот под услов Пруст да ги плати трошоците на печатењето. Притоа, Грасе предложил маркетиншка кампања која опфаќала објавување на делови од романот во разни списанија и порачки на прикази за книгата, а Пруст со воодушевување ги прифатил сите предлози на Грасе.[5] Во мај 1913 година, Пруст повторно ги променил како општиот наслов на романот така и насловите на деловите. Така, тој го известил Бернар Грасе дека „општиот наслов“ на својот циклус треба да биде „Во потрага по изгубеното време“, наместо претходно замислениот наслов „Повремениот молк на срцето“. Таа промена била предизвикана оттаму што Пруст во меѓувреме ја видел најавата за книгата на Бине Валмер (Binet Valmer) со наслов „Срце во распаѓање“ (Le Coeur en désordre), што според него било алузија на истата состојба. Сепак, Пруст одлучил насловот „Повремениот молк на срцето“ да го сочува за една епизода од втората книга на „Содома и Гомора“. Инаку, ниту во писмото до Грасе, ни подоцна, Пруст не кажал зошто го избрал конечниот наслов „Во потрага по изгубеното време“, но некои проучувачи на неговото творештво сметаат дека овој наслов е синтеза на насловите на двата романи на Балзак, „Изгубени илузии“ и „Во потрага по апсолутното“. Исто така, во тоа време, првата книга од романот го добила насловот „Свановата страна“, втората книга била наречена „Страната на Германтови“, а за третата книга бил предвиден насловот „Повторно најденото време“. [6] [7] Првата книга од монументалното дело „Во потрага по изгубеното време“, „Во Свановиот крај“, била објавена на 14 ноември 1913 година и оваа дата се смета за пресвртна точка во развојот на романот, кој со ова дело навлегол во епохата на модернизмот.[8] Оваа книга, Грасе најпрвин ја отпечатил во 1.750 примероци, потоа испечатил уште двапати по 500 примероци, а следната година испечатил уште две изданија со вкупно 1.300 примероци. До 28 јули 1914 година, книгата била продадена во 2.800 примероци, за време на војната продажбата била послаба, но познато е дека во 2017 година, во книжарниците останале само 200 примероци од вкупниот тираж на четирите изданија на „Во Свановиот крај“. Овие примероци ги откупил Гастон Галимар, кој повторно ги укоричил и ги продал во своето издание на „Во потрага по изгубеното време“ од 1919 година. Овие податоци покажуваат дека приемот на романот кај читателите бил многу добар.[9]

Во мај 1919 година, Пруст му напишал на Галимар: „Ќе биде добро ако сè биде објавено за време на мојот живот, но ако се случи поинаку, јас ги оставив сите мои нумерирани папки кои ќе ги земете вие и во тој случај сметам на вас да ги објавите во целост.“ Пруст не доживеал да го види целосното објавување на својот циклус. Во писмото до Гастон Галимар од јули 1922 година, Пруст напишал дека се откажува од насловот „Затвореничка“, но во подоцнежната преписка со Галимар и со Жак Ривјер, тој продолжил да го користи тој наслов, додавајќи дека се работи за прв дел на „Содома и Гомора III“.[10] Подоцна, на почетокот од ноември 1922 година, кога заболел од воспаление на белите дробови, Пруст му го предал недовршениот роман „Затвореничка“ на издавачот Гастон Галимар.[11]

По смртта на Пруст, на 19 декември 1922 година, во една статија објавена во списанието „Време“ (Temps) било најавено објавувањето на деловите од циклусот „Во потрага по изгубеното време“ и тоа: „Затвореничка“, „Исчезнатата Албертина“ и „Пронајденото време“. Во статијата се споменува дека се работи за материјал од околу 900 страници отчукани на машина за пишување, како и пет школски папки во ракопис со првите концепти на овие романи. Подоцна, на 1 јануари 1923 година, во специјалниот број посветен на Пруст, во списанието „Нова француска ревија“ била објавена непотпишана забелешка со нови информации во врска со циклусот „Во потрага по изгубеното време“. Во неа, се укажува дека циклусот содржи два дела: првиот ги опфаќа романите за Сван, „Девојките во цветот“ и за Германтови, додека ракописот до вториот дел се однесува на „Содома и Гомора“ и на „Пронајденото време“. Притоа, во статијата се наведува дека вториот дел опфаќа ракопис во обем од 20 школски папки на чии страници често се ставани огромни додатоци при што првите осум папки одговараат на објавените романи од „Содома и Гомора“, а папките од бројот осум до бројот 15 одговараат на следните романи, планирани за објавување по смртта на Пруст: „Затвореничка“ и „Исчезнатата Албертина“. Исто така, во оваа статија се наведува дека границата што ги дели „Затвореничка“ и „Исчезнатата Албертина“, напишана од самиот Пруст, се наоѓа на почетокот на 13. папка од пронајдените ракописи. Најпосле, во папките од бројот 15 до бројот 20 се наоѓа останатиот материјал од циклусот „Во потрага по изгубеното време“ кој самиот Пруст го сметал за завршен, зашто на последната страница од 20. папка своерачно напишал: „Крај“.[12] Најпосле, во 1927 година бил објавен романот „Пронајденото време“.[13]

НаводиУреди

  1. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 103.
  2. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 22-23.
  3. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 23-24.
  4. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 24-25.
  5. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 26.
  6. N.M. „Predgovor“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 9-12.
  7. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 26.
  8. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 9.
  9. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 26-27.
  10. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 131.
  11. N.M. „Predgovor“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 9-12.
  12. „Dodatak“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 139-141.
  13. N.M. „Predgovor“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 9.