„Блед оган“ (англиски: Pale Fire) — роман на руско-американскиот писател Владимир Набоков, првобитно објавен во 1962 година.

Корица на првото издание на преводот на книгата „Блед оган“ на В. Набоков, во превод на Вера Набокова, издавачка куќа Ардис, 1983 година.
Корица на првото издание на преводот на книгата „Блед оган“ на В. Набоков, во превод на Вера Набокова, издавачка куќа Ардис, 1983 година.

Содржина

уреди

Предговор

уреди

Во предговорот, Чарлс Кинбот ги објаснува околностите поврзани со уредувањето и објавувањето на „Блед оган“, поема во 999 стиха распоредни во четири пеења, напишана во последните 20 дена од животот на славниот поет Џон Френсис Шејд. Притоа, уредувачот ја објаснува структурата на ракописот и неговата судбина по смртта на поетот и сопствените залагања за неговото објавување. Кинбот потекнува од земјата Зембла, а се запознал со Шејд за време на својот студиски престој на еден универзитет. Тој му бил сосед на славниот поет и меѓу нив се развило блиско пријателство, а воодушевувањето кон Шејд го поттикнало да ја објави поемата, заедно со своите белешки и коментари.[1]

Блед оган - поема во четири дела

уреди

Во првото пеење, поетот пее за својот дом и за сеќавањата на детството. Во второто пеење се изнесени неговите размислувања за смртта, како и сеќавањата на тетка му Мод, на запознавањето со неговата идна сопруга Сибил, на нивниот брачен живот, за растењето и созревањето на нивната ќерка која не била убава и која страдала поради тоа, а една ноќ, по пропадната средба со некое момче, се удавила во блиското езеро. Во третото пеење се изнесени сеќавањата на семестарот поминат на некоја академија, каде поетот држел предавања за смртта, како и сеќавањето на една епизода од неговиот живот, кога ја загубил свеста, а кога се освестил бил убеден дека одредено време бил умрен. Најпосле, четвртото пеење е посветено на размислувањето за чинот на поетското творештво.[2]

Коментар

уреди

Во коментарот кон поемата, Чарлс Кинбот ги објаснува значењето и позадината на одделни стихови. Притоа, тој дава коментари на одделни настани од животот на семејството Шејд, како и забелешки за својто однос со поетот. Меѓутоа, во своите забелешки, тој се обидува да покаже дека поемата во голема мера била инспирирана од настаните и ликовите од кралството Зембла за кои тој му раскажувал на Шејд: државното уредување, просветлените кралеви, разни епизоди од кралскиот дворец, револуцијата итн. На тој начин, од коментарите се дознава за поновата историја на Зембла: откако погинал кралот додека изведувал авионски акробации, а набргу умрела и кралицата, власта ја наследил Чарлс Ксавиер, последниот крал на Зембла. По неговото крунисување, кратко време тој живеел со роднината Флер чија мајка се надевала дека ќе му стане жена, но тој ја прекинал врската и многу години подоцна се оженил со друга девојка. Меѓутоа, неговата власт била прекината од револуцијата која избувнала во Зембла, а кралот бил затворен во дворецот. Еднаш, тој се сетил на тајниот тунел кој го открил во детството и ноќта избегал од дворецот и низ тунелот дошол во кралскиот театар. Оттаму, тој и неговиот соработник, глумецот Одон, избегале во планината, каде се разделиле, а потоа еден селанец и неговата ќерка му помогнале да дојде до планинскиот превој. Оттука, кралот стигнал на морскиот брег, каде повторно го сретнал Одон и двајцата побегнале со чамец.[3]

По бегството на кралот, револуционерната власт создала организација која била задолжена да го пронајде кралот. Откако весниците објавиле дека Одон бил во Париз, власта го испратила Јакоб Градус да го пронајде и убие кралот. Градус бил глупав и органичен човек, кој ги мразел успешните луѓе, но токму поради неговата слепа омраза кон кралскиот режим, тој бил идеален за да го изврши убиството. Тој заминал во Париз, а потоа и во Швајцарија, но открил само некои ситни детали за движењето на кралот. Во меѓувреме, пак, кралот ја посетил кралицата Диса во нејзината вила во Ница и со неа имал само кратка средба во врска со некои документи, а истовремено ѝ ја соопштил својата намера да замине во САД. Набргу, тој слетал со падобран на една ливада крај Балтимор, а неговата пријателка, госпоѓата Силвија О'Донелму обезбедила професорско место на Вордсмитскиот универзитет како и куќа веднаш до домот на Шејд. Во меѓувреме, Градус заминал во Ница, каде веќе се наоѓале уште неколку агенти на револуционерната власт кои го откриле новиот идентитет на кралот, и така, Градус добил наредба веднаш да замине во САД.[4]

Градус пристигнал во Њујорк, а потоа отпатувал во Њу Вај, каде пристигнал со голема мачнина во стомакот, предизвикана од лошата храна. Сепак, тој веднаш ја започнал потрагата по кралот, т.е. по Чарлс Кинбот кого го видел во универзитетската библиотека, но тогаш повторно имал стомачни проблеми и во меѓувреме кралот си заминал. Сепак, Градус ја пронашол куќата на Кинбот, кој претходно пристигнал дома, но не влегол во куќата, туку отишол да го посети Шејд. Кога поетот му кажал дека штотуку ја завршил поемата, Кинбот го поканил во својот дом за да го прослават тој важен настан. Притоа, Кинбот му ветил на Шејд дека ќе му ја открие својата тајна. Кога пристигнале до куќата на Кинбот, таму веќе чекал Градус, кој пукал кон кралот (Кинбот), но наместо него го погодил Шејд, кој веднаш умрел, додека градинарот на Кинбот го совладал убиецот. Во мешаницата, Кинбот ја скрил поемата на Шејд во својата куќа, а набргу пристигнала полицијата и го уапсила Градус, кој се претставил како Џон Греј, бегалец од Институтот за луди криминалци. Во официјалното соопштение на полицијата, Греј дошол со намера да го убие Шејд, а Кинбот херојски се обидел да го спаси поетот. Кинбот го искористил своето херојство за да ја убеди Сибил Шејд, сопругата на поетот, да ги добие издавачките права за поемата, мислејќи дека во неа се опеани Зембла и неговото кралство. Кога ја прочитал поемата, тој најпрвин бил разочаран, но постепено согледал дека во неа има асоцијации на неговата лична судбина. По убиството на Шејд, Кинбот го посетил во затворот Градус, кој пред судењето извршил самоубиство, а Кинбот се преселил во мало планинско место, постојано очекувајќи го следниот убиец кој ќе дојде по него.[5]

Регистер

уреди

По забелешките кон поемата, Кинбот приложува и регистар на поважни личности и места поврзани со настаните опишани во поемата и во коментарот, а најчесто личности и места од Зембла.[6]

Наводи

уреди
  1. Vladimir Nabokov, Bleda vatra. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2002, стр. 7-20.
  2. Vladimir Nabokov, Bleda vatra. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2002, стр. 21-58.
  3. Vladimir Nabokov, Bleda vatra. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2002, стр. 61-122.
  4. Vladimir Nabokov, Bleda vatra. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2002, стр. 122-210.
  5. Vladimir Nabokov, Bleda vatra. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2002, стр. 211-247.
  6. Vladimir Nabokov, Bleda vatra. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2002, стр. 249-261.