Една Сванова љубов

„Една Сванова љубов“ или „Една љубов на Сван“ (француски: Un Amour de Swann) — дел од првиот том на романотВо потрага по изгубеното време“ на францускиот писател Марсел Пруст. Бидејќи претставува заокружена целина, овој исечок често се објавува како посебна книга.

Содржина

уреди

Шарл Сван е плејбој кој се движи во високите кругови во Париз и постојано ги менува своите љубовници. Истовремено, тој е голем љубител на уметноста и познавач на сликарството. Во последно време, тој се интересира за случајни љубовни врски со жени и девојки од пониските општествени слоеви. Во една прилика, тој ја запознава Одета де Креси, која му припаѓа на тесното друштво на брачниот пар Вердирен. На почетокот, Одета не му остава никаков впечаток, но таа му се додворува, отворено покажувајќи ја својата симпатија кон него. Одета го воведува во друштвото на Вердирен, каде тој ја слуша својата омилена музичка фраза, која ја поврзува со Одета. Исто така, Одета му личи на еден портрет на Ботичели. Така, под дејството на музиката и на сликата, иако Одета не е паметна ниту особено убава, тој почнува да ја идеализира. Сван и Одета почнуваат да се гледаат секојдневно, но истовремено, тој има и друга љубовница. Меѓутоа, откако една вечер не ја наоѓа Одета во домот на Вердирен, тој ја бара насекаде низ Париз, успева да ја најде и тогаш, за првпат, ја бакнува. Така започнува нивната љубовна врска, која предизвикува голема промена кај Сван: тој ги прекинува љубовните врски со другите жени и го напушта своето вообичаено друштво. Притоа, Сван е потполно свесен дека Одета не поседува интелигенција и љубов кон уметноста, но сепак, тој ја идеализира и прифаќа сè што е поврзано со неа.[1][2]

Еднаш, Брачниот пар Вердирен организира вечера на која е присутен господинот Форшвил, поканет од Одета. Сван чувствува одбивност кон него и се однесува студено кон присутните, поради што кај Вердиренови се раѓа отворена нетрпеливост кон него. Забележувајќи дека Одета му е наклонета кон Форшвил, Сван го зафаќа болна љубомора која се засилува кога открива дека Форшвил ја посетува Одета. Во меѓувреме, брачниот пар Вердирен престанува да го кани Сван на нивните вечери, а Одета сè почесто излегува без него, а сето тоа само ја зголемува љубомората на Сван. Постепено, средбите меѓу Одета и Сван стануваат сè поретки, зашто таа често му забранува да се гледаат. Кај Сван наизменично се менуваат чувствата и час доживува напади на болна љубомора час има огромна потреба да ја види Одета и да биде покрај неа. Иако таа ги избегнува средбите со него, Сван продолжува да ѝ дава скапи подароци и пари со цел да ја одржи врската. Н, и покрај тоа, со текот на времето, Одета станува рамнодушна кон него, а често постапува грубо кон него. Сван, пак, е потполно свесен дека љубовта на Одета исчезнала, но нема сила да се раздели и продолжува да живее во спомените за среќните денови од почетокот на нивната врска и сè уште негува надеж дека таа повторно ќе почне да го сака.[2][3]

Една ноќ, Сван оди на соарето што го приредува маркизата Де Сент Еверт и таму ја слуша својата омилена музичка тема. Тогаш, кај него настапува душевен пресврт и сфаќа дека љубовта на Одета е потполно згасната. По некое време, тој добива анонимно писмо во кое се зборува за тоа дека не само што Одета имала многу љубовници во минатото, туку и дека одржувала љубовни врски со жени, дека ѝ била љубовница на госпоѓата Вердирен, па дури и се проституирала. За да расчисти со своите сомнежи, Сван ја испрашува Одета, а таа му признава дека имала неколку врски со жени. Во тој период, Сван продолжува да се гледа со неа, а низ разговорите добива нови сознанија за бројните неверства на Одета за време на нивната врска и за нејзиното повремено проституирање, а сето тоа му нанесува голема болка. Така, Сван сфатил дека уште од самиот почеток Одета не била искрена, дека постојано го изневерувала и дека се лажел верувајќи во нејзината љубов. Нивната врска дефинитивно завршува кога Одета заминува на долготрајно патување по Средоземјето и тој никогаш повеќе не ја среќава. Само во една прилика, Сван среќава една пријателка на Одета, која му кажува дека за време на патувањето таа постојано зборувала пофално за него. Сепак, и неговата конечно згаснува, а истовремено, кај него се раѓа интересот за друга жена, додека Одета продолжува да живее само во неговите спомени.[2][4]

Осврт кон делото

уреди

Исто како и целиот циклус „Во потрага по изгубеното време“, книгата за Сван е заснована врз фактите од животот на Пруст. Преку романсата на Сван и Одета, Пруст, всушност, ја раскажал историјата на својата љубов кон младиот и талентиран композитор Реналд Ан кого го запознал во салонот на Мадлен Лемер, позната покровителка на уметниците. Таа, пак, му послужила како еден од урнеците за ликот на госпоѓата Вердирен. Инаку, интересен е фактот дека во целиот циклус „Во потрага по изгубеното време“ ниту еднаш не се споменува ниту едно дела на Ан, ниту пак неговото име.[5]

„Една Сванова љубов“ претставува целина за себе, но сепак, оваа епизода е цврсто вклопена во циклусот „Во потрага по изгубеното време“ и претставува еден од носечките столбови на романот. Имено, во оваа книга, Пруст ги воведува ликовите, мотивите и темите кои се развиени во останатите книги на циклусот. Функцијата на „Една сванова љубов“ е повеќекратна: Прво, во оваа книга се зборува за настаните кои им претходат на оние што се опишани во првата книга за Сван („Комбре“), односно настаните кои му претходат на раѓањето на главниот лик на романот, Марсел. На тој начин, Пруст ја шири временската рамка на својата приказна и го создава впечатокот на нејзиното продолжено траење. Оваа продолжена временска перспектива, пак, му овозможува да воведе голем број споредни наративни текови и голем број ликови паралелно со нивниот психолошки развој. Освен тоа, приказната за љубовта меѓу Сван и Одета претставува парабола во која детаљно е прикажан типичниот развој на прустовската љубов, прикажана во сите нејзини фази - од рутинскиот флерт на почетокот, преку силната еротска страст и агонијата редизвикана од љубомората до „излекувањето“ кое води кон рамнодушност. Токму по овој шаблон се развиваат и сите други Прустови љубовни епизоди, како романескните така и вистинските. Најпосле, ликот на Шарл Сван му послужил на Пруст, освен љубовта, во романот да воведе и некои други важни теми. Така, судбината на Сван ја антиципира судбината на главниот лик во романот, Марсел. Всушност, Сван е алтер его на Марсел, а меѓу нив има и некои карактерни сличности. И Сван и Марсел се големи љубители на уметноста, но и редовни учесници во „високото“ друштво. Притоа, Сван го воведува Марсел во сликарството така што во „Комбре“ му поклонува неколку репродукции на италијанскиет сликари и го запознава со писателот Бергот. Меѓутоа, меѓу Марсел и Сван има и една важна разлика - Сван никогаш не ја довршува својата студија за Вермер, туку целиот живот ќе го потроши на секојдневниет задоволства, додека Марсел успева со помош на уметноста да се спаси од смртта и минливоста.[6]

Главни ликови

уреди

Познато е дека Пруст ги изградил ликовите во потпирајќи се на различни примери од неговиот живот. Притоа, Сван, Одета, Шарлис, госпоѓата Вердирен итн., не се обликувани само врз основа на еден модел, туку се составени од повеќе вистински личности. Главниот пример според кој е создаден ликот на Сван бил Шарл Ас кого Пруст го познавал само површно. Ас бил познат париски денди, редовен посетител на уметничките салони, заводник и миленик на повеќе жени, љубовник на Сара Бернар и пријател на Едгар Дега. Со шпанската благородничка Аделаида де Арелјано, Ас ја имал вонбрачната ќерка Луизита, а бил познат и како член на неколку отмени клубови, како што биле Џокеј-клубот и Кружокот од Кралската улица чиј групен портрет го насликал Џејмс Тисо. На сликата на Тисо е прикажан и Шарл Ас - висок, добро граден и русокос. Исто така, како можен модел за ликот на Сван некои Прустови биографи го посочуваат и Шарл Ефриси, колекционер на слики и автор на студијата за Дирер. Најпосле, во ликот на Сван може да се препознае и самиот Пруст - и двајцата го обожуваат холандскиот сликар Вермер. И ликот на Одета е создаден според неколку вистински личности: меланхоличниот изглед и карактер се позајмени од Реналд Ан, а како инспирација за овој лик на Пруст му послужила и Марија ван Занд, глумицата од „Опера комик“, пријателка на дедо му и татко му. Но, глевен модел за Одета била славната париска куртизана Лора Еман во која Пруст бил платонски вљубен. Ваквото составување на романескните ликови од повеќе урнеци е во согласност со Прустовото сфаќање на човечката психологија според која луѓето се „умножени“ личности, како „божества со безброј лица“, т.е. дека човекот го сочинуваат повеќе личности од кои најзначајни се оние кои се најмалку видливи.[7]

  • Шарл Сван е плејбој и денди, чест гостин во отмените салони во Париз и пријател на многу грофици и принцези. Тој е човек со префинет вкус, љубител на уметноста, колекционер на слики и одличен познавач на сликарството. За чудо, наспроти неговиот вкус, интелигенцијата и општествената положба, Сван се вљубува во Одета, „жена на лош глас“, која е проста, злобна, па дури и глупава и која на почетокот воопшто не му се допаѓа ниту надворешно. Таа му станува привлечна дури откако во неа ќе пронајде сличност со Зефора од една фреска на Сикстинската капела, насликана од Ботичели. Подоцна, тој фатално се вљубува во Одета, а во една мала музичка фраза го пронаоѓа симболот на нивната љубов. Во првите нацрти за „Една Сванова љубов“, малата музичка фраза била дело на Камиј Сен Санс, но во конечната верзија тој бил заменет со неугледниот селски музичар и композитор Вентеј. Но, подоцна, Сван го зафаќа болна љубомора и тој почнува да ја следи Одета, ги плаќа слугите за да ја прислушуваат, ја испитува за најситните работи и ги чита нејзините писма. Истовремено, за да ја задржи, тој ѝ купува скапи подароци и редовно ѝ дава пари. И кога се чини дека за него нема спас, Сван го наоѓа спасот во својата омилена музичка фраза. Додека ја слуша неа, на Сван му се враќа сеќавањето на среќните денови од врската со Одета, но и му се буди свеста дека неговата љубовна романса е завршена. Тогаш, кај него настапува рамнодушноста кон Одета, а целосното „излекување“ доаѓа кога сфаќа дека одета е обична, како и сите други жени. Меѓутоа, приказната за Сван и Одета не завршува во овој дел, зашто во следната книга од романот, „Девојките во цветот“, откако сфаќа дека повеќе не ја сака, Сван се жени со Одета.[8]
  • Одета е „жена на лош глас“, која е проста, злобна, па дури и глупава и која не е ниту убава. На почетокот, кога Сван не е заинтересиран за неа, Одета му се наметнува, а откако ќе го освои, таа го заменува со грофот Форшвил. Уште повеќе, таа почнува да го искористува Сван, кој ја опсипува со пари и со скапи подароци. Истовремено, таа почнува да го лаже и да го понижува, зашто постојано го изневерува со други мажи и жени, па дури и се проституира.[9]
  • Брачниот пар Вердирен е невројатно богат, но заглавен во малограѓанштина. Тие ја обожуваат уметноста и божем ја презираат аристократијата, а околу себе собираат ликови преку кои Пруст го отсликува малограѓанскиот свет во Париз од крајот на 19 век, заедно со сите негови негативни особини, како: хипокризија, снобизам, лош вкус и прекумерна општествена амбиција. Во сликањето на кругот на Вердиренови може да се препознае влијанието на Балзак, особено во иронијата со која се прикажува судбината на госпоѓата Вердирен која во последната книга од циклусот, „Пронајденото време“, по смртта на нејзиниот сопруг, се омажува за војводата од Германт и така станува дел од аристократскиот свет што цело време гласно го презира, а всушност, во себе го посакува.[10]

Наводи

уреди
  1. Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 39-118.
  2. 2,0 2,1 2,2 Марсел Пруст, Једна Сванова љубав. Матица српска, 1967.
  3. Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 118-208.
  4. Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 208-282.
  5. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 27.
  6. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 28-29.
  7. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 34-35.
  8. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 29-34.
  9. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 30-33.
  10. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 30.