Пјер Корнеј

(Пренасочено од Корнеј)

Пјер Корнеј (француски: Pierre Corneille) (6 јуни 1606, Руан, Франција1 октомври 1684, Париз, Франција) - француски трагичар, еден од тројцата големи француски драматурзи на 17 век, заедно со Молиер и Расин. Со драмското творештво од речиси четириесет години, Корнеј се смета за „татко на француската трагедија“.

Пјер Корнеј
Пјер Корнеј
Занимањеписател
НационалностФранцузин
ДржавјанствоФранцузин
НародностФранцузин
Жанртрагичар
Значајни делаСид
Сопруг/аМари де Лампериер
РодниниТомас Корнеј

Животопис

уреди

Корнеј е роден во францускиот град Руан, како син на Март ле Пезан де Буасуијбер (Marthe le Pesant de Boisguilbert) и Пјер Корнеј (Pierre Corneille). Тој потекнувал од службеничко семејство: дедо му бил правник, а татко му службеник во дирекцијата за шуми и води. Основното и средното образование ги стекнал во родното место, во прочуениот језуитски „Бурбонски колеџ“ (Collège de Bourboн), кој од 1873 година е познат како Lycée Pierre Corneille (Гимназија Пјер Корнеј). Притоа, Корнеј бил познат како надарен ученик, кој бил наградуван за убавите стихови составени на латински јазик. Потоа започнал да студира право, а дипломирал во јуни 1624 година, по што работел како адвокатски стажант во адвокатската комора во Руан. Сепак, поради недостигот на дарба за ораторство, Корнеј се откажал од адвокатурата, а неговиот татко му обезбедил место во Министерството за шуми и реки на Руан, каде останал на работа дури 21 година. И покрај заморната административна работа, Корнеј започнал да се занимава и со книжевна дејност. И покрај тоа што бил повлечен и срамежлив, младиот Корнеј редовно ги посетувал салоните и приемите кај познатите семејства во градот при што пишувал галантни стихови во чест на девојките. Притоа, Корнеј имал љубовна авантура: еден негов пријател се вљубил во некоја девојка, но немал смелост да ја искаже својата љубов и поради тоа го замолил Корнеј да го направи тоа. Тој ја извршил задачата толку вешто што девојката одговорила позитивно на љубовните изливи, но не во полза на пријателот на Корнеј, туку се вљубила во него. Така се развила силна љубов меѓу девојката (Катерина) и Корнеј, а според неговото подоцнежно признание, девојката ја разбудила во него поетската дарба.[1] Во 1641 година, Корнеј се оженил со Мари де Лампериер (Marie de Lampérière) со која имал седум деца. Разочаран и навреден од нападите на неговите непријатели, Корнеј умрел на 1 октомври 1684 година во својот дом во Париз. Неговиот гроб во црквата Église Saint-Roch добил споменик дури во 1821 година.

Творештво

уреди

Периодот до „Сид“

уреди

Љубовната афера со Катерина го означила почетокот на книжевното творештво на Корнеј, кој во нејзина чест напишал повеќе песни меѓу кои особено се истакнува еден сонет, подоцна внесен во неговата прва пиеса. Всушност, врз основа на оваа љубовна афера, тој го збогатил бројот на ликовите, внел елементи од своремениот живот на Руан, настанот го дотерал преку внесување заплет околу кој се врти дејството и така настанала неговата прва драма, комедијата „Мелита“ (Mélite) од 1625 година. Во согласност со тогашната мода, „Мелита“ била исполнета со галантност, но за разлика од тогашните тешки и компликувани трагикомедии, таа е првата чиста комедија, но се разликувала и од популарните простачки фарси. Корнеј создал комедија со издржан стил, со лесни и пријатни стихови, со актуелна содржина и со живо дејство во кое учествуваат лица од секојдневниот градски живот. Поради тоа, во 1629 година, претставата била прикажана и во Париз, постигнувајќи огромен успех.[2]
По успехот на „Мелита“, во 1631 година, Корнеј ја напишал трагикомедијатаКлитандар“ (Clitandre), која се одликува со патетичен стил, со компликуван заплет и со развлечена содржина. Таа доживеала голем успех кај публиката, но не донела ништо ново, поради што подоцна била критикувана од самиот Корнеј. Исто така, успехот на „Мелита“ го охрабрила Корнеј да напише уште неколку комедии: „Вдовица“ (La veuve) и „Галерија во судската палата“ (La Galerie du palais) од 1633 година, „Придружничка“ (La suivante) и „Кралскиот плоштад“ (La place royale) од 1634 година, како и „Комична илузија“ (L'illusion comique) од 1636 година. Сите тие се во духот на тогашниот стил, но содржат и некои нови елементи: невкусните шеги се исфрлени, декорот е париски, дијалозите се секојдневни и природни, амбиентот и дејството се актуелни, стилот е грациозен, јазикот е чист и воедначен, а стиховите се беспрекорни и сугестивни. Исто така, во овие драми се јавуваат и некои од основните обележја на подоцнежниот класицизам: стегнатост, стилска изедначеност и јасност, морална анализа, силна личност што се одликува со хероизам итн. Иако постигнал голем успех со комедиите, Корнеј не нашол задоволство во овој жанр и постепено се префрлил на трагедијата.[3] Во 1633 година, веќе како славен писател, Корнеј бил претставен пред кардиналот Ришелје (Richelieu), кој составил план за нов вид на драма која ќе ја нагласува доблеста. За таа цел, Ришелје избрал петмина писатели, кои требало да ја остварат неговата визија, така што ќе пишиуваат драми во согласност со неговите насоки. Во групата на таканаречените „Пет поети“ (Les Cinq Auteurs) се наоѓал и Корнеј, заедно со Гијом Колте (Guillaume Colletet), Буаробер (Boisrobert), Жан Ротру (Jean Rotrou), и Клод де Летуал (Claude de Lestoile). На тој начин биле составени три пиеси кои биле прикажувани со раскошен декор, а Корнеј учествувал само во првата од нив - „Тилериската комедија“ (La Comédie des Tuileries) од 1634 година. Според Волтер, Корнеј имал задача да го состави третото дејствие, но тој се осмелил да ја измени скицата на Ришелје, кој поради тоа се налутил и Корнеј ја напуштил петорката и се вратил во Руан.[4]
Во тоа време, Корнеј работел на својата прва трагедијаМедеја“ (Médée), која била прикажана во 1635 година. Во неа биле впечатливи новите квалитети кои подоцна станале препознатлив знак на Корнеј, така што драмата била прифатена со воодушевување од критиката и од публиката. Корнеј бил задоволен од успехот, но не и занесен, туку продолжил неуморно да работи. Во тоа време, тој се заинтересирал за шпанската книжевност и за шпанските теми, а се смета дека за тоа бил заслужен поранешниот секретар на кралицата Марија де Медичи, де Шалон, кој по своето повлекување од службата живеел во Руан и таму го запознал Корнеј. Како последица на новиот интерес, Корнеј ја напишал комедијата „Комична илузија“ (1636) која обработува шпанска тема, иако таа била претставена претерано и карикатурално. Неколку месеци подоцна, кон крајот на 1636 година, Корнеј ја создал трагикомедијата „Сид“, која исто така се занимава со шпанска тематика.[5]

„Расправата за Сид“

уреди

Драмата „Сид“ постигнала огромен успех и го запечатила местото на Корнеј како централна личноста на француската драматургија. Но, истовремено, тоа било повод за обединување на непријателите на Корнеј, кои започнале жестока дискусија позната како „Расправа за Сид“ (Querelle du Cid). Група писатели (Мере, Скидери, Клавре и Шаплен) се обиделе да докажат дека „Сид“ има големи недостатоци, па дури и дека нема никаква вредност. Во почетокот, борбата против Корнеј се водела тајно и подмолно: во разни салони, на средбите по приватните куќи и во книжевните кругови се зборувало неповолно за одделни сцени, за некои стихови и за одредени одлики на ликовите од драмата. Разочаран од интригите што некои пријатели ги воделе против него, Корнеј го напишал писмото во стихови „Извинувањето на Арист“ (Excuse à Ariste), упатено до измислен пријател, во кое тој нагласува дека стекнатата слава се должи на неговите квалитети и во кое ја истакнал надмоќта над неговите непријатели. Писмото особено го погодило Жорж Скидери, чии здодевни и конфузни трагедии претрпеле неуспех. Оттука, иако тој му бил пријател на Корнеј, па дури изјавил дека тој е сонце што ги помрачува ѕвездите, Скидери напишал долг памфлет „Забелешки на Сид“ (Observations sur le Cid) во кој сакал да докаже дека темата во „Сид“ била несоодветна, дека Корнеј ги нарушил основните правила на драмската поезија, дека развојот на дејството било без смисла и изнесено низ лоши стихови и дека Корнеј се стекнал со незаслужена почит. Уште повеќе, Скидери го обвинил Корнеј поради тоа што на сцената изнесол „чудовиште“, „нечовечна ќерка“, „бесрамна жена“, а не хероина достојна за восхит. На овие напади, Корнеј одговорил посредно, во предговорот на својата комедија „Придружничка“, каде со ироничен тон ги отфрлил наводите на Скидери и ги одбранил квалитетите на „Сид“.[6]
Во полемиката со Корнеј, Скидери бил победен, но веднаш потоа дошол нов напад од непознатиот поет Клавре (Clavret) кој го напишал навредливото „Писмо“ (Lettre) против Корнеј, кој лесно го победил и тој противник. Меѓутоа, неговите противници, поддржани од кардиналот Ришелје, не мирувале и како последица на тоа, улиците биле преплавени со бројни памфлети за и против Корнеј. Бидејќи публиката застанала на страната на Корнеј, Скидери го заинтересирал Ришелје за дебатата, а потоа предметот на расправата ја изнесол пред Академијата. Во однос на улогата на Ришелје во дебатата за „Сид“ постојат бројни истражувања, од кои е јасно дека тој застанал на страната на непријателите на Корнеј. Академијата, која штотуку била формирана, не сакала да се стави на едната или на другата страна и за да се извлече од дебатата се повикала на својот статут според кој не можела да се искаже за живи писатели доколку тие не го побараат нејзиното мислење. На почетокот, Корнеј не сакал да се согласи со тоа, но по директното барање од Ришелје, тој неодредено ѝ оставил на Академијата да одлучи дали ќе одлучува по барањето на Скидери, така што таа формирала тричлена комисија. Комисијата, раководена од Шаплен, составила извештај, но според Ришелје тој бил здодевен и потоа биле составени втор и трет извештај, но Ришелје повторно бил незадоволен. Поради тоа, на Шаплен му било наложено самиот да состави извештај врз основа на претходните извештаи и притоа да ги земе предвид забелешките на Ришелје. По пет месеци, во 1637 година, Шаплен го составил извештајот познат по насловот „Мислење на Француската академија за трагикомедијата Сид“ (Les sentiments de l'Académie Française sur la tragi-comédie du Cid). Критиката изложена во извештајот била умерена и блага, но сепак била пристрасна и неправична. Во неа, во блага форма, се тврдело дека предметот на драмата е лош затоа што е неверојатен, дека авторот не се придржувал кон правилото за единството на дејството, времето и просторот, особено во однос на правилата за местото и за времето (дејството во драмата трае 35 наместо 24 часа). Крајно разочаран и навреден, Корнеј се повлекол од дебатата, но неговите пријатели продолжиле да ги бранат него и „Сид“. Меѓу приврзаниците на Сид особено се истакнал писателот Гез де Балзак, а подоцна нему му се придружил и Буало кој во својата деветта сатира од 1667 година ги вклучил прочуените стихови во одбрана на Корнеј:[7]

„Напразно против Сид еден министер организира завера,
Сиот Париз на Химена гледа со очите на Родриго.
Напразно целата Академија го осудува:
Револтираната публика упорно од него се восхитува.“

Периодот по „Сид“

уреди

И покрај нападите, драмата „Сид“ продолжил да го привлекува вниманието на публиката, но Корнеј бил разочаран така што, наспроти навалувањето на неговите пријатели и порачките од театрите, тој не сакал да пишува. Поради тоа, на 15 јануари 1639 година, Шаплен напишал: „Корнеј веќе ништо не работи.“ Сепак, Корнеј ги демантирал таквите гласини и набргу му се вратил на театарот: во 1640 година се појавиле две негови трагедии, „Хорациј“ (Horace) и „Сина“ (Cinna) кои биле плод на неговата душевна состојба во тој период и на искуството здобиено од полемиката со непријателите на „Сид“. Во 1643 година, Корнеј ја напишал трагедијата „Полиевкт“ (Polyeucte) која претставува израз на неговата побожност, а две години подоцна напишал уште една трагедија со слична тематика - „Теодора, девица и маченичка“ (Théodore, vierge et martyre). И покрај тоа што во тоа време биле во мода делата со ваква тематика и што била фалена од критичарите, сепак „Теодора“ не била примена со успех кај публиката. Воопшто, по „Полиевкт“ настапил период во творештвото на Корнеј (од 1643 до 1652 година) кога, под влијание на жестоките критики, тој барал нови теми и нова драматургија. Притоа, во 1643 година, тој ги создал комедијата „Лажливец“ (Le Menteur) и трагедијата „Помпеј“ (La Mort de Pompée), а една година и „Продолжеток на Лажливецот“ (La Suite du Menteur) од кои „Лажливец“ е најдобрата негова комедија. Во овој период, Корнеј ги напишал и компликуваните трагедии „Родогуна“ (Rodogune), „Ираклиј“ (Héraclius) и „Пертарит“ (Pertharite), кои се пренатрупани со бројни настани и цел комплекс на интриги, сосема спротивно на едноставноста на неговите претходни дела од типот на „Сид“, „Сина“, „Полиевкт“ и „Хорациј“. Во потрагата по нешто ново, во 1650 година, Корнеј ги создал драмите „Андромеда“ (Androméde), еден вид опера, „Дон Санчо Арагонски“ (Don Sanche d'Aragon) која ја именува како „херојска комедија“ и неколку други кои ја сочинуваат групата пиеси од „вториот начин“. Овие дела се одликуваат со сложена фабула, бројни настани, ефектни расплети, употреба на надворешни ефекти и барокен стил. Во нив, Корнеј внел нови елементи кои значеле отстапување од принципите на класичната драма. Единствемо отстапување од овие драми е „Никомед“ (Nicomede) од 1651 година, која се одликува со едноставно дејство и во која Корнеј предложил нова концепција, изложена во предговорот на драмата. Во 1652 година, Корнеј напишал уште една трагедија со политички примеси, „Пертарит“ (Pertharite) во која неговите современици виделе отсјај на Англиската револуција. Тоа било и делумна причина за симнување на претставата од репертоарот, иако најважната причина била слабиот успех кај публиката, предизвикан од новата концепција на Корнеј.[8]
Творештвото на Корнеј во овој период било под влијание на одреднеи случувања во неговиот живот. Така, по два неуспешни обиди, во 1647 година, тој бил примен во Француската академија и тоа го принудило да живее во Париз каде не се чувствувал удобно, така што кај него се јавила одредена депресија и вознемиреност. Тогаш, тој потпаднал под влијанието на италијанската театарска мода. Во тоа време, кардиналот Мазарен донел во Париз италијанска опера, предводена од уметникот Торели. За да го задоволи вкусот на Мазарен, во соработка со Торели, Корнеј почнал да пишува пиеси од посебен род (piéces àmachines) кои биле комбинација на музички и сценски ефекти. Прва од таа низа била пиесата „Андромеда“ (Andromède) од 1650 година, со мотив преземен од „Метаморфозите“ на Овидиј, збогатени со нови детаљи и епизоди. Во сличен стил, тој ги напишал и делата „Златното руно“ (La Toison d'or) од 1660 година и „Психеа“ (Psyché) од 1671 година, создадена во соработка со Молиер.[9]
По неуспехот на драмата „Пертарит“, разочараниот Корнеј се откажал од театарот, го напуштил Париз и се повлекол во Руан, каде останал шест години. Сепак, тој не се откажал од пишувањето: во стихови го превел делото „Имитација на Исус Христос“ (Imitation de Jésus-Christ) од Тома Кемписки на кое работел од 1651 до 1656 година, подготвил тритомно издание на сите свои изведени дела и ги напишал своите „Испитувања“ (Examens), објавени во 1660 година. Во нив, Корнеј се осврнал на секоја своја пиеса посебно, почнувајќи од „Мелита“ до „Златното руно“, давајќи одговор на критиките на својот голем непријател, опатот д' Обињак. Во нив, Корнеј се обидува да ја објасни примената на Аристотеловата поетика во своите драми, а покрај тоа, тој дава историјат на пиесите, ги објаснува мотивите за нивното пишување, ги објаснува од формален и содржаен карактер итн. Притоа, во „Испитувањата“ Корнеј дава и самокритика во однос на слободата која си ја допуштил во сликањето на настаните и ликовите од историјата и ги опишува недостатоците и слабите страни на неговите драми. Подоцна, во 1660 година, Корнеј го објавил делото „Три расправи за драмската поетика“ (Trois discours sur le poème dramatique), кое претставува одговор на делото на д' Обињак, „Практиката на Театарот“ (La Pratique du Théâtre) од 1657 година. Станува збор за три расправи во однос на поетиката на театарот, по една за секој том од неговите „Испитувања“, во кои Корнеј пишува за одделни теми, како: за ползата и деловите од драмската поема; за трагедијата, за средствата со кои се составува според веродостојното и неопходното; за трите единства на дејството, времето и просторот. Притоа, ова дело во голема мера претставува одбрана на „Сид“ од нападите на Академијата.[10]
По наговор на Фуке, министерот за финансии, Корнеј се нафатил да напише драма за кралот Едип, што резултирало во трагедијата „Едип“ (Oedipe) од 1659 година. Драмата постигнала огромен успех и се задржала на репертоарот дури до 1718 година, кога се појавила истоимената пиеса на Волтер. Потоа, Корнеј создал уште неколку дела, како: „Серториј“ (Sertorius) од 1662 година, „Софонизба“ (Sophonisbe) од 1663 година, „Отон“ (Othon) од 1664 година, „Агезилај“ (Agésilas) од 1666 година, „Атила“ (Attila) од 1667 година, „Тит и Береника“ (Tite et Bérénice) од 1670 година, „Пулхерија“ (Pulchérie) од 1672 година и неговата последна драма „Сурена“ (Suréna) од 1674 година. Сепак, овие драми не го поседувале квалитетот од претходните дела на Корнеј, а во овој период неговата слава веќе била засенета од појавата на Жан Расин чии драми постигнале голем успех кај публиката. Така, Корнеј направил еден непромислен потег кога, по препорака на своите пријатели, ја напишал трагикомедијата „Тит и Береника“ со цел да се спротивстави на драмата „Береника“ на Расин. Меѓутоа, обидот да му се спротивстави на подемот на Расин пропаднал, а неговата последна драма „Сурена“ доживеала целосен неуспех, по што Корнеј дефинитивно се откажал од театарот, а потоа напишал уште само неколку песни.[11]

Значењето на Корнеј

уреди

Пјер Корнеј зазема централно место во францускиот класицизам од 17 век. Неговата големина е дотолку понеспорна, што тој не им должи ништо на своите претходници. Свесен за своите квалитети, а испровоциран од прогонувањата по повод драмата „Сид“, во една прилика тој извикал: „Само на самиот себеси должам за својата слава.“[12] Корнеј направил бројни иновации во класичната драма. Спротивно на драматурзите пред него, тој го поставил принципот според кој внатрешната драма е повозбудлива од надворешната, а внатрешните духовни конфликти се поефектни од надворешните. На тој налин, Корнеј го пренесол интересот од надворешното кон внатрешното и успеал да создаде психолошка драма која ќе биде основа на класичната драматургија и суверено ќе владее на европската театарска сцена над 150 години. Концентрацијата на дејството не го спречила Корнеј да даде суптилна анализа на човечките чувства и нагони. За разлика од неговите претходници, тој нераскинливо ги поврзал барањата за концентрација на дејството со душевната драма на ликовите. Оттука, заслугата на Корнеј лежи во тоа што драмскиот тек го поврзал со ликовите, односно создал единство меѓу формата и содржината, што е еден од основните елементи на класицизмот. Корнеј создал нова драмска техника, но и нова тематика шри што неговите ликови не се нереални и неземски, туку тие се дел од реалниот живот, а нивната дејност не е придвижена од судбината и божјата сила, како што било случај со античкиот и средновековниот театар, а делумно и со ренесансниот. Корнејовите ликови се еманципирани, слободни херои, кои судбината ја држат во своите раце, а нивната дисциплинираан и цврста волја ги победува сите внатрешни и надворешни пречки. Воопшто, хероизмот е главен белег на неговите трагедии, со што Корнеј ги надминал другите драмски писатели и ја дополнил Аристотеловата поетика. Притоа, во делата на Корнеј често се работи за војни, заговори и востанија во кои централното место го имаат автентични историски ликови, со што неговите трагедии станале еден вид политички трагедии во кои тој ги прикажал основните естетски и идејни струења од неговото време.[13]

Германскиот филозоф Фридрих Ниче го истакнува Корнеј како еден од омилените автори.[14]

Наводи

уреди
  1. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 8-10.
  2. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 10-11.
  3. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 11-12.
  4. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 12.
  5. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 12-13.
  6. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 19-20.
  7. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 20-23.
  8. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 23-32.
  9. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 29-31.
  10. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 32-33.
  11. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 34-35.
  12. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 8.
  13. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 35-38.
  14. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 52.