Кил

град во Германија

Кил (германски: Kiel) — главен и најнаселен град во северната германска покраина Шлезвиг-Холштајн, со население од 240.832 жители (2014 г.).

Кил
Воздушен поглед на градот
Воздушен поглед на градот
Воздушен поглед на градот
Грб на Кил
Кил во рамките на Германија
Кил
Управа
Земја Германија
Покраина Шлезвиг-Холштајн
Округ Урбан округ
Градски единици 18 окрузи
Градоначалник Улф Кемпфер (СПД)
Владејачки партии СПД / Зелени
Основни податоци
Површина 118,60 км2
Надм. височина 5 м
Население 246.601 (31 декември 2020)[1]
 - Густина 2.079 жит/км2
Други информации
Часовен појас CET/CEST (UTC+1/+2)
Рег. табл. KI
Пошт. бр. 24103–24159
Повик. бр. 0431
Портал www.kiel.de
Местоположба на градот Кил во Шлезвиг-Холштајн
Местоположба на градот Кил во Шлезвиг-Холштајн
Местоположба на градот Кил во Шлезвиг-Холштајн
Координати 54°19′31″N 10°8′26″E / 54.32528° СГШ; 10.14056° ИГД / 54.32528; 10.14056Координати: 54°19′31″N 10°8′26″E / 54.32528° СГШ; 10.14056° ИГД / 54.32528; 10.14056

Кил е приближно 90 километри северно од Хамбург. Поради неговата географска положба во северниот дел на Германија, во југоисточниот дел на полуостровот Јитланд и на југозападниот брег на Балтичкото Море, Кил станал еден од главните поморски центри на Германија. На пример, градот е познат по големиот број настани во меѓународното едрење, вклучувајќи ја и годишната Килска недела, што е најголемиот настан во едрење во светот. Олимписките натпревари во едрење на Летните олимписки игри во 1936 и во 1972 биле одржани во Кил.[2]

Кил, исто така, е еден од традиционалните домови на балтичката флота на германската морнарица и продолжува да биде голем технолошки бродоградбен центар. Во Кил се наоѓа Институтот за поморски науки Лајбниц (IFM-GEOMAR) на Килскиот универзитет. Кил е важен поморски сообраќаен центар, благодарејќи на неговата положба на Килскиот Фјорд и на најпрометниот вештачки воден пат во светот, Килскиот Канал. Голем број на патнички фериботи сообраќаат до Шведска, Норвешка и други земји оттука. Покрај тоа, денес пристаништето Кил е важно пристаниште за тргнување на бродовите за крстарење низ Балтичкото Море.

Во 2005 година, БДП-то по глава на жител во Кил бил 35.618 , над германскиот национален просек и 159 % од просекот на Европската Унија.[3]

Во рамките на Германија и делови од Европа, градот е познат по неговиот водечки ракометен клуб, Кил. Градот е дом на Килскиот универзитет (основан во 1665 година).

Географија уреди

Градот се создал во облик на потковица долж природното пристаниште на Килскиот Фјорд, кој го прави едно од најважните морски пристаниште на Балтичкото Море. Најсеверниот дел на Кил, Шилкзе, се наоѓа на отворено море. Низ Кил поминува вододелницата помеѓу Северното и Балтичкото Море. Реката Ајдер, која се влева во Северното Море, поминува низ градот како и Швентине, која се влева на крајот на Килскиот Канал. Околината на Кил е создадена од морени, а во источниот дел се наоѓа областа Холштајнска Швајцарија.

Соседни општини уреди

Следниве општини се граничат со градот Кил (подредени од североисток надесно, на источниот брег на Килскиот Фјорд):

Округ Плен: Менкеберг и Шенкирхен (Шрефенборн), град Швентинентал (до 29 февруари 2008 г. слободните општини Клаусдорф и Рајсдорф) како и Понсдорф, Хонигзе и Бокзе (сите во Прец-Ланд)

Округ Рендсбург-Екернферде: Флинтбек (Флинтбек), Молфзе и Милкендорф (Молфзе), Мелсдорф и Отендорф (Ахтервер), Кронсхаген (слободна општина), Нојвитенбек и Фелм (Денишер Волд), Алтенхолц (слободна општина), Денишенхаген и Штранде (Денишенхаген)

Градски единици уреди

Денес, градот Кил е поделен на 30 делови. Главно една или повеќе градски единици образуваат една од вкупно 18. градски окрузи со кои управува окружен совет.

Градските окрузи со единиците и нивните службени броеви:

  • Мите („Центар“)
    • 1. Алтштат („Стар град“)
    • 2. Форштат
    • 3. Ексерцирплац1
    • 4. Дамперхоф
    • 11. Зидфридхоф1
  • Равенсберг/Брунсвик/Дистернброк
    • 5. Брунсвик
    • 6. Дистернброк
    • 7. Блихерплац
    • 9. Равенсберг
  • Вик
    • 8. Вик1
  • Шрефентајх/Хаселдиксдам
    • 3. Ексерцирплац1
    • 10. Шрефентајх
    • 11. Зидфридхоф1
    • 15. Хаселдиксдам
  • Гарден
    • 11. Зидфридхоф1
    • 12. Гарден-Ост
    • 13. Гарден-Зид и Кронсбург1
  • Хасзе/Вибург
    • 11. Зидфридхоф1
    • 13. Гарден-Зид и Кронсбург1
    • 14. Хасзе1
  • Елербек/Велингдорф
    • 16. Елербек
    • 17. Велингдорф
  • Холтенау
    • 18. Холтенау1
  • Прис-Фридрихсорт
    • 18. Холтенау1
    • 19. Прис
    • 20. Фридрихсорт
  • Нојмилен-Дитрихсдорф/Опендорф
    • 21. Нојмилен-Дитрихсдорф
(со населба Опендорф)
  • Елмшенхаген/Крог
    • 22. Елмшенхаген (со Крог)
  • Зухсдорф
    • 8. Вик1
    • 23. Зухсдорф1
  • Штенбек-Пројенсдорф
    • 8. Вик1
    • 23. Зухсдорф1
  • Шилкзе
    • 24. Шилкзе
  • Метенхоф
    • 25. Метенхоф
  • Русзе/Хамер
    • 14. Хасзе1
    • 26. Русзе
  • Мајмерсдорф/Морзе
    • 27. Мајмерсдорф
    • 28. Морзе
  • Велзе/Кронсбург/Рене
    • 13. Гарден-Зид и Кронсбург1
    • 29. Велзе
    • 30. Рене
  • 1 Означува дека градската единица е поделена на повеќе градски окрузи.

Клима уреди

Кил се одликува со умерена клима. Летото вообичаено е свежо (околу 17 °C), а зимата под влијание на морето и за неговата северна положба дури и топла (околу 2 °C). Големи врнежи се случуваат во јули (околу 90 мм по месец). Просечната годишна температура изнесува околу 9 °C.

Клима на {{{Место}}}
Показател Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Годишно
Просечна максимална (°C) 4,5 5,2 7,7 11,5 16,2 18,8 21,3 21,3 17,3 12,6 7,1 4,8 12,4
Просечна минимална (°C) 0,0 0,4 1,5 3,8 7,1 10,2 12,8 12,6 10,4 6,5 2,5 0,4 5,7
Просечно кол. врнежи (мм) 72,0 50,3 61,6 42,4 45,5 70,5 87,8 71,6 74,2 72,7 56,8 76,6 782
Врнежливи денови (≥ 2,0 мм) 12,4 11,6 11,5 8,7 7,9 11,5 11,4 10,2 11,1 11,1 10,5 11,8 129,7
Влага (%) 87 84 81 77 74 74 76 78 81 85 68 87 79,3
Сончеви часови (дневно) 1,2 2,1 3,4 5,5 7,4 7,6 7,1 7,1 4,9 3,3 1,7 1,1 4,4
Извор: Временски период 1971–2000; wetterkontor.de

Историја уреди

Среден век уреди

Килскиот Фјорд бил првпат населен од Норманите или Викинзите, кои сакале да ја колонизираат земјата, која тие ја ограбиле и и по многу години се населиле во германските села. Ова е забележано од географијата и архитектурата на фјордот. Кил, првично бил основан во 1233 година како Холстенстат том Киле (Holstenstadt tom Kyle) од грофот Адолф IV, а ги добил градските права во 1242 година од постариот син на Адолф, Јохан I фон Шауенбург.[4]

Кил, главниот град на Шлезвиг-Холштајн, бил член на Ханзата од 1284 година, додека не бил протеран во 1518 година година поради сместување на пирати. Во 1431 година, Килер Умшлаг (Kieler Umschlag; саем) бил првпат одржан, кој станал средиштен пазар на добра и пари во Шлезвиг-Холшајн, додека не почнал да ја губи значајноста од 1850 година па натаму, поради тоа бил одржан за последен пат во 1900 година, додека неодамна повторно не бил обновен.

Современи времиња уреди

Килскиот универзитет бил основан на 29 септември 1665 година, од Кристијан Алберт, војвода на Холштајн-Готорп. Голем број на важни научници, меѓу нив Теодор Момзен и Макс Планк, студирале или предавале тука.

 
Историски поглед на Кил, слика изработена од Георг Браун и Франц Хогенберг
 
Кил во 1855 година
 
Историска карта на Кил и околина (во 1888 година)

Од 1773 до 1864 година, градот припаѓал на кралот на Данска. Меѓутоа, бидејќи кралот владеел со Холштајн како феуд на Светото Римско Царство само преку личен сојуз, градот не бил припоен како дел од Данска соодветно. Така, Кил припаѓал на Германија, но бил управуван од данскиот крал. Дури и кога Царството бил распуштено во 1806 година, данскиот крал продолжил да владее со Кил, само преку неговата позиција како Војвода од Холштајн. Кога Шлезвиг и Холштајн се спротивставиле против Данска во 1848 година (Прва шлезвишка војна), Кил станал главен град на Шлезвиг-Холштајн до данската победа во 1852 година.

Во текот на Втората шлезвишка војна во 1864 година, Кил и остатокот од Шлезвиг и Холштајн бил освоен од Германскиот Сојуз, сојузник на Австриското Царство и Кралството Прусија. По војната, Кил бил кратко администриран од Австријците и Прусите, но Австриско-пруската војна во 1866 година довела до припојување на Кил кон Прусија во 1867 година. На 24 март 1865 година, кралот Вилхелм I Германски ја основал пруската флота на Балтичкото Море во Кил, наместо во Данциг (денешен Гдањск).

Кога Вилхелм I Пруски станал цар Вилхелм I на Германското Царство во 1871 година, ги одредил Кил и Вилхелмсхафен како „царски воени пристаништа“ (Reichskrieghäfen). Престижниот Килски јахт-клуб бил основан во 1887 година со принцот Хајнрих Пруски како негов патрон. Царот Вилхелм II станал негов комодор во 1891 година.

Порати неговата нова улога како главна германска поморска база, Кил брзо се зголемил по површина во следниве години, од 18.770 во 1864 година на околу 200.000 во 1910 година. Многу од стариот градски центар и другата околина биле изедначени и повторно развиени за да обезбедат место за поголем град.

Кил бил местото на бунтот на морнарите, што бил предизвикан од Германската револуција на крајот на 1918 година. Непосредно пред крајот на Првата светска војна, на германската флота стационирана во Кил ѝ било наредено да се испрати во последната голема битка со британската кралска морнарица. Морнарите, кои го сметале тоа како самоубиствена мисија и која нема да има влијание врз исходот од војната, одлучиле дека нема што да загубат и одбиле да го напуштат пристаништето. Дејствијата на морнарите и недостигот на одговор од владата за нив, поткрепени со зголемените критички ставови за царот, предизвикале револуција, која, пак, довела со напуштање на монархијата и основање на Вајмарската Република.

Во текот на Втората светска војна, Кил останал една од најголемите поморски бази и бродоградбени центри на Германскиот Рајх. Исто така, постоеле и кампови за принудна работна сила за локалната индустрија.[5] Поради неговиот статус како морско пристаниште и производството на подморница, Кил бил тешко бомбардиран од сојузниците во текот на Втората светска војна. Бомбардирањето уништило 80% од преостанатиот стар град, 72% од централните станбени области и 83% од индустриската област.[6] Во текот на РАФ-бомбардирањето на 23/24 јули 1944 година, бомбардерите на Луфтвафе се обиделе да интервенираат со измислена (т.н. патка) сила, наместо главните сили да го напаѓаат Кил,[7] и така немало вода три дена, возовите и автобусите не возеле осум дена и немало достапно гас за готвење три недели.[8] Градот, неговото пристаниште, Каналот и неговите научници, биле запленети од британските Т-сили под водство на Тони Хиберт непосредно по германското предавање на западните Сојузници; ги запреле и пристапиле до Данска не паѓајќи под советска власт, и покрај тоа што биле надвор од стоп-линијата, која била договорена.

Како сите други тешко бомбардирани германски градови, градот бил обновен по војната. Во 1946 година, Кил бил именуван за седиште на владата на Шлезвиг-Холштајн и официјално станал покраински главен град во 1972 година.

Кил е повторно важен поморски центар на Германија, со бродоградбата, изградбата на подморници и дом на една од трите водечки институции на полето на морски науки во Европа ИФМ-Геомар. Редовните траекти до Скандинавија и Русија, како и најголемиот настан за едрење во светот познат како Килска недела (Kieler Woche) и Килска Регата. Kieler Umschlag е друг фестивал, кој се одвива од 1975 година. Кил, исто така, е дом на големиот услужен сектор и голем број на истражувачки институции, меѓу нив и Килскиот универзитет, кој е најстариот, најголемиот и најпрестижниот универзитет во покраината.

Панорама на Кил, во 1902 година

Религии уреди

Христијанство уреди

 
Црквата Св. Никола на Стариот плоштад е најстарата зачувана градба во градот.

Денес, населението на Кил 48% се изјаснува за евангелисти и 7% католици. Вкупно постојат 23 евангелистички општини и 3 католички парохии.

Населението на градот Кил на почетокот припаѓало на Архиепископијата Бремен, а оттаму на Епископијата Шлезвиг. Од 1526 година се вовела реформацијата. Во 1534 година католиците морале да се откажат од единствената парохиска црква во градот (постои уште една црква). Четири години претходно бил затворен францисканскиот манастир во Кил. Потоа, Кил долго време бил преовладувачки протестантски град, кој припаѓал на Евангелистичко-лутеранската црква на Шлезвиг-Холштајн. Денес, лутеранските црковни општини на градот припаѓаат на — доколку не се членови на Самостојната евангелистичко-лутеранската црква или на Данската црква во Јужен Шлезвиг (во Кил-Холтенау) — црковниот округ Алтхолштајн во рамките на Евангелистичко-лутеранската црква на Северна Германија.

Во 1891 година била изградена првата католичка парохиска црква по реформацијата. Црковните општини на Кил припаѓаат на некогаш постојниот Апостолски викаријат на Северна Германија. Католичките општини во Кил и околината припаѓаат на Хамбуршката архиепископија.

Од евангелистичките слободни цркви во Кил постојат баптистите (од 1872 г.), Евангелистичко-методистичката црква, Слободната евангелистичка општина, адвентистите и други општини.

Други христијански општини и црковни заедници во Кил се Апостолската заедница, Јеховини сведоци, Новаапостолска црква, Црквата на Исус Христос Светиот (мормони) и оние поттикнати од антропозофија.

Јудаизам уреди

Постоењето на еврејски општини во средниот век и раното ново време не е потврдено. Оттаму, историјата на Евреите во Кил се претпоставува дека започнува релативно доцна, кон крајот на XVII век. Благодарение на политиката на кралот Кристијан VII, Килскиот совет донесува одлука дека Евреите можат да се населуваат во Кил. Во 1782 година поранешното кафуле на Универзитетот станала првата еврејска градба во градот (денес градбата не постои), а до 1869 година се преселиле во поголема трикатна синагога (еден дел од приземјето е останат денес како руина). Оваа синагога набрзо станала премала, па така општината во 1910 година се преселила во поголема новоградба близу паркот Шрефен.

Во 1933 година, општината имала околу 600 членови. Оваа последна синагога ќе биде уништена во Кристилната ноќ. Поради националсоцијализмот голем дел од Евреите во градот заминале и отишле во егзил или пак биле депортирани во концентрациските логори и убиени. Поради незначителниот број на Евреи по крајот на Втората светска војна, администрацијата за Евреите во Шлезвиг-Холштајн во 1968 година се пренела на еврејската општина во Хамбург.

Со паѓањето на Источниот блок и подоцнежното доселување на источноевропските Евреи во Германија, состојбата на еврејските општини се променила. Во 1995 година, во Кил била основана еврејска општина, а во 1997 година била одржана првата богослужба по уништувањето на еврејската општина.

Денес во градот живеат околу 550 Евреи и се одржуваат постојани богослужби од почетокот на 2004 година во новата еврејска општина.

Ислам уреди

Бројот на муслимански општини од првата основана општина во 1978 година е во постојат пораст и сега изнесува десет. Во летото 2004 година била изградена првата џамија како верски објект — џамијата Хабиб ((„Џамија на пријателите“). Најголем дел од џамиите се наоѓаат во Гарден, каде бројот на жители со доселеничко потекло изнесува 43,6%[9] (особено од Турција и арапските земји), што е натпросечно високо.

Меѓународни односи уреди

Збратимени градови уреди

Кил е збратимен со следниве градови:[10]

Економија и инфраструктура уреди

Херн (десно) — јужниот крај на Килскиот Фјорд; лево се наоѓа главната железничка станица Кил со источниот влез, од таму води пешачки мост кон Норвешкиот Кеј, високатницата на Germaniahafen и зад неа источниот брег на градскиот округ Гарден. Панорамската слика е од 2006 година.
Слична панорама, снимена во јануари 2012 година. Го прикажува новоизградениот хотел (спроти железничката станица), како и новиот терминал на Stena Line (зад бродот на Stena Line).

Податоци уреди

 
Холстенштрасе е една од најдолгите шопинг-улици во Германија.

Економијата на Кил е главно заснована на услужниот сектор. На овој сектор отпаѓаат 78,5% од целото стопанство, 21,4% доаѓаат од производството (секундарен сектор) и 0,2% во земјоделството (примарен сектор). Кил е водечки центар на германската воена и цивилна бродоградба. Исто така, во Кил се наоѓаат многу фабрики од машинската индустрија и други индустрии. Градот е и едно од главните пристаништа во Германија, особено фериботското пристаниште и пристаништетот за крстосувачи.

Стапката на невработеност во градот Кил во март 2013 година изнесувала 10,1%.[11] Во 2006 година, БДП по глава на жители изнесувал 36.500 евра, што е над просекот во Германија.[12] Во поново време економската состојба во градот се подобрува, истовреме проследено со раст на населението.

2005 EUROSTAT[13] Номинален БДП
по глава на жител
  Кил 35.618
  Шлезвиг-Холштајн 24.250 €
  Германија 27.219 €
  Европска Унија 22.400 €

Медиуми уреди

 
Подружницата на сојузниот радиодифузер NDR во Кил

Во Кил се наоѓа подружницата на NDR за Шлезвиг-Холштајн, каде се емитува емисијата Schleswig-Holstein Magazin и радио-програмите NDR 1 Welle Nord и покраинското студио и странското студио за Северна Европа на ZDF. Постојат три приватни радио-станици во Кил. RTL и Sat.1 имаат свои студија во Кил.

Дневен весник во Кил е Kieler Nachrichten, кој го издава Kieler Zeitung Verlags- und Druckerei KG GmbH & Co, тесно поврзан со СПД. Во Кил постојат и бројни месечни списанија кои се обработуваат разни теми.

Образование и истражување уреди

 
Килски универзитет

Во 1665 година бил основан Килскиот универзитет од страна на војводата Кристијан Албрехт, кој денес со скоро 25.000 студенти е единствениот целосен универзитет во покраината Шлезвиг-Холштајн. Независни, иако делумно поврзани со Килскиот универзитет, се следниве истражувачки институции, како Централната германска библиотека за економски науки, Килскиот институт за светска економија (IfW), Центарот Хелмхолц за океанско истражување (GEOMAR) и Научна станица на сојузната војска за вода и геофизика. Други високообразовани институции во градот се Високата школа Кил (основана 1969 година) и Уметничката висока школа Мутезиј Кил (основана 1907 година). Економската академија Шлезвиг-Холштајн нуди насоки за двојни студии во областите на економијата и инженерството, економијата и информатија и слично.

Покраинскиот главен град Кил е „корпоративен член“ на здружението „Макс Планк“.[14]

Во Кил постојат единаесет гимназии, од кои најстарата е основана во 1320 година и со тоа е најстаро училиште во градот.

Сообраќај уреди

Бродски уреди

 
Шведскиот и Сартори Кејот водат кон центарот на градот; Норвешкиот Кеј на долната половина на сликата; поглед кон запад; снимена во 2005 година
 
Бродот „Кралица Елизабета“ првпат дошол на Кејот на Балтичкото Море во 2012 година.
 
Природните особености на Килскиот Фјорд со неговите длабоки води овозможува да пристапуваат големи бродови за крстосување и фериботи до јужниот крај на Фјордот, недалеку од главната железничка станица на Кил.

Со 1,6 милиони патници[15] Килското пристаниште се нашло на третото место во 2007 година по бројот на патници во Германија, веднаш за оние во Путгарден и во Росток. Оттогаш бројот на патници постојано е во пораст; најголем дел доаѓаат од фериботските линии кон Гетеборг и Осло, но исто така и од бродовите за крстосување. Во 2013 година, вкупниот број на патници од и кон Кил изнесувал 1,94 милиони патници. Во пристаништето имало 128 операции од 22 различни бродови за крстосување со 363.000 патници.[16] Во 2014 година имало 127 операции од 25 бродови за крстосување, со вкупно 354.000 патници.[17]

Обртот на добра во однос на другиот дел на Германија има подредена улога, но во последните години бележи зголемување: во 2010 година низ Килското пристаниште поминале 5,8 милиони тони добра, во 2011 година се забележало зголемување од 8,5% и вкупно 6,29 милиони тони добра,[18] во 2012 година имало 6,3 милиони тони добра.[19] Исто така во 2013 година се остварил пораст и имало вкупно 6,32 милиони тони, од кои 5,1 милион тон дошле од фериботскиот сообраќај.[16]

Комбинирани патничко-товарни фериботи сообраќаат кон:

  •   Гетеборг (Стена Лајн: Стена Германика и Стена Скандинавика, дневно тргнување во 19:30 часот, време на патување 14 часа)
  •   Осло (Колор Лајн: Колор Фантази и Колор Меџик, дневно тргнување во 14:00 часот, време на патување 20 часа)
  •   Клајпеда (ДФДС Сивејс: Викторија Сивејс и Реџина Сивејс, 6 пати неделно, време на патување 21 час)

Товарни фериботи сообраќаат кон:

Контејнерски бродови сообраќаат кон:

Во Кил-Холтенау се наоѓа источниот крај на Килскиот Канал. Со Килскиот Фјорд во најголем дел источниот и западниот дел на градот се поделени, па поради тоа постојат бродови низ Фјордот кои функционираат како јавен превоз.

Патен уреди

Од Кил започнуваат обата сојузни автопати Б210 и Б215, кои се приклучуваат на А7 ХамбургФленсбург. Како градски автопат служат сојузните автопатски делници Б76 и Б202.

Кил е почетна и крајна станица на новата туристичка фериботска улица, отворена во мај 2004 година: Германската фериботска улица води од Кил до Бремерферде и поврзува околу 50 различни фериботи, мостови, брани и поморски музеи; знаменитости се фериботските мостови во Рендсбург и на Осте.

Јавен превоз уреди

 
Фериботот „Фалкенштајн“ во Фјордот

Градскиот јавен превоз ги вклучува градските автобуси на Килското сообраќајно претпријатие и фериботите на Фериботското претпријатие во Кил, кои пловат низ Килскиот Фјорд од западниот брег (Штранде) преку центарот до Лабо. Регионалниот автобуски сообраќај го водат Аутокрафт и сообраќајното претпријатие на округот Плен.

Градска регионална железница Кил уреди

Од одамна постои проект за изградба на Градската железница Кил. Иако студијата покажала и ја поддржала изградбата на ваква железница, проектот поради нејасното финансирање досега не бил отпочнат. Црно-зелената коалиција во Кил при донесувањето на буџетот во спротивност на дотогашниот опозициски СПД се изјасниле за проектот и го прогласиле вреден за изградба: во јануари 2008 година проектот бил предвиден во сообраќајните развојни планови на градот Кил.

Во јануари 2013 година преку порталот nahverkehrhamburg.de се објавило дека покраинското претпријатие LVS сега треба да го подготви само проектот. Ова ги соединило градовите Кил и Нојминстер, околните окрузи и покраината во заедничка изградба на Градската регионална железница во Кил. Подготовките за проектот требало да завршат до јуни 2013 година.

Организацијата на железницата, која можела Кил и околните окрузи да го поврзе со мрежата на Хамбуршката С-Железница, би требало да чини околу 380 милиони евра, од кои најмалку 60% би требало да бидат платени од страна на државата. Годишно се проценува дека проектот ќе чини 14,6 милиони евра. Покраината ќе преземе 6,1 милион евро, 40% од вкупните трошоци. По пишувања на Kieler Nachrichten градот морал на себе да преземе околу 4,7% милиони евра, Нојминстер 300.000 евра, округот Плен 1,2 милиони евра и округот Рендсбург-Екернферде 1,6 милиони евра.[20]

Железнички уреди

 
Главната железничка станица Кил (панорама на внатрешноста)
 
Источниот влез на Главната железничка станица со Царските скали (Kaisertreppe)
 
Мостот Херн (Hörnbrücke) при склопување; во близина на источната страна на железничката станица се наоѓа овој пешачки мост преку јужниот крај на пристаништето, кој дава пристап до источниот брег на Килскиот Фјорд

Кил е поврзан на железничката мрежа од 1844 година. Главната железничка станица Кил е втора по големина во Шлезвиг-Холштајн и една од најголемите главни железнички станици во Германија. Четирите помали железнички станици или стојалиште во Кил-Шилен, Кил-Зуксдорф, Кил-Хасзе и Кил-Емшенхаген служат само во регионалниот сообраќај. Железничката линија Нојминстер-Хамбург е електрифицирана од 1995 година. Оттогаш, Кил е крајна станица на мрежата на ИЦЕ на Германските железници. Дневно постојат шест линии во насока на Келн, Франкфурт и Берлин, од каде може да се продолжи кон Минхен или кон Швајцарија.

Во регионалниот сообраќај постојат возови на секој час кон Хамбург, од каде постојат директни возови кон Берлин, Минхен и Келн, како и кон Либек, Фленсбург и Хузум. Постојат и возови на секој половина час кон Нојминстер, Екернферде и Либек. Сите пруги се во сопственост на Германските железници.

Воздушен уреди

Северно од Килскиот Канал се наоѓа Килскиот аеродром, чие проширување долго се дискутира. Од ноември 2006 година повторно не постојат летови од и до Кил. Други аеродроми, до кои може да се стигне за еден час, се меѓународниот Аеродром Хамбург и Аеродромот Либек, кој главно е користен од страна на нискобуџетните авиопревозници.

Друго уреди

  • Во Кил во периодот од 1974 година до 1989 година постоела жичница, која поминувала над старото пристаниште, поврзувајќи ги обата дела на поранешната стоковна куќа Вајперт. Жичницата се движела автоматски и нејзиното користење било бесплатно.
  • Поштенските кочии како важно патничко и сообраќајно средство биле повлечени дури во 1957 година. Дотогаш, Кил заедно со Вупертал, бил последниот германски град, кој сè уште користел коњи за поштенски сообраќај.

Култура и знаменитости уреди

 
Поштенска марка во чест на 750-годишнината на градот Кил издадена во 1992 година
 
„Мал Кил“ (Kleiner Kiel) — во позадина Операта и кулата на Градското собрание

Градски пејзаж уреди

 
Холстенштрасе (Holstenstraße), главната шопинг-улица и пешачка зона во Кил. Поглед кон север во насока на црквата Св. Никола
 
Едрилици во пристаништето за време на Килската недела

Кил е изграден во близина на морето и има на располагање неколку плажи (Фалкенштајн, Фридрихсорт, Шилкзе). Првата градска населба се наоѓала на полуостровот помеѓу Фјордот и Малиот Кил. Северниот влез на градот бил обезбеден со тврдина. Градот постојано се ширел, од главниот плоштад во центарот, од чии агли тргнуваат осум улици. Главната улица во градот била дијаголна улица која водела преку главниот плоштад.

Со векови Кил, еден од најголемите градови во Холштајн, останал во сенка на другите градови на Балтичкото Море (пред сè Фленсбург и Либек). Градот долго време бил член (безначаен) член на Ханзата. Дури кон крајот на XVIII век започнал градот да се шири преку полуостровот на кој се наоѓал кон југ. Холстенштрасе била продолжена кон Форштат, а оттаму сè до капелата Св. Јирген (во близина на денешната главна железничка станица), чии гробишта претставувале главни градски гробишта во текот на XIX век. Исто така, во Форштат настанале некои од најзабележителните станбени градби, најголемиот дел биле занаетчиски и трговски четврти. Така, малиот универзитетски град прераснувал во убаво место и бил опишуван по неговата убавина од писателот Теодор Шторм, кој студирал во Кил.

Откако Кил бил одвоен од данската држава во 1864 година и станал пруско воено пристаниште, сликата на градот потполно се сменила. Само неколку градови во Германското Царство пораснале толку нагло како Кил. Градот го променил својот карактер и се ширел во сите насоки. Многу станбени четврти биле изградени главно на север и делумно на запад, додека во близина на центарот биле изградени главно објекти за сместување на војската. На источниот брег на Фјордот во Гарден, Елербек и Велингдорф се изградиле работнички четврти. Исто така, Алтштат и Форштат биле изменети со бројни преголеми градби, меѓу кои новите универзитетски градби во близина на замоците на брегот на Фјордот. Исто така, врската помеѓу Малиот Кил и Фјордот била исполнета со градби. Западно од Форштат, во близина на Малиот Кил се изградил нов плоштад со Градско собрание и Градскиот театар.

Во текот на 1920-тите години се појавиле одредени планови за центарот. Во текот на Третиот Рајх се допрецизирале плановите за големи промени во центарот. Исто така, во 1940 година, градскиот градежен совет на Херберт Јенсен се зафатил со изградба, така што центарот на Стариот град да го направат „германски град“.

По тешкото бомбардирање во Втората светска војна источните градски окрузи и новите предградија биле тешко оштетени, додека Алтштат и Форштат скоро целосно уништени. При обновата која повторно ја водел Јенсен, требало градот да го направи во современ стил, отворен и широк.

Знаменитости уреди

 
Пристаништето и Килскиот Фјорд.
 
Ботаничката градина во текот на зимата.
  • Килска линија (Шеталиште на Фјордот на западниот брег)
  • Мал Кил
  • Обновената област Херн со истоимениот мост, кој се склопува
  • Пристаништето
  • Норвешкиот Кеј со фериботски сообраќај кон Осло, Шведскиот Кеј и Балтичкиот Кеј (поранешниот Кеј Осло)
  • Поморски споменик и подморницата 995 во Лабо (пред портите на Кил), една од петте зачувани германски подморници од Втората светска војна
  • Споменик за подморница Мелтенорт
  • Олимписко село во Кил-Шилкзе
  • Сликовитиот стрмен брег кај Фридрихсорт со бројни плажи
  • Браните на Килскиот Канал во Кил-Холтенау
  • Килското воено пристаниште
  • Поморската четврт
  • Старата ботаничка граница
  • Холстенштрасе (една од најстарите пешачки зони во Германија)
  • Арената Шпаркасен
  • Бродскиот музеј Кил
  • Ботаничката градица на Килскиот универзитет

Театар, музика и филм уреди

 
Оперската куќа во Кил со кулата на Градското собрание

Килскиот театар со театарот, операта и театрот на отворено е најголемата културна институција во градот. Покрај него постојат бројни други иницијативи, како Северногерманската бина Кина, полскиот театар и студентскиот театар. Класични концерти на Филхармонискиот оркестар Кил, бројни концерти на целогодишниот музички фестивал Шлезвиг-Холштајн и концерти на познати ѕвезди, особено во текот на Килската недела, се изведуваат во Арената Шпаркасен (порано: Сала Балтичко Море), во халата 400 или во Килскиот замок. Постои и Килски машки хор.

Во Кил постојат повеќе кина, меѓу кои Синемакс-Мултиплекскино на Главната железничка станица, Комуналес кино во Пумпе, „Траум-Кино“, Студио, Метро-Кино и Медиендом во Високата школа Кил.

Музеи уреди

 
Градскиот музеј во Варлебергер Хоф
 
Бродскиот музеј
  • Старата ботаничка градина
  • Ботаничката градина
  • Компјутерски музеј на Високата школа Кил
  • Геолошки и минералошки музеј
  • Уметничка галерија Кил (со античката збирка)
  • Покраинската историска збирка на покраинската библиотека
  • Машински музеј Кил-Вик
  • Медицински и фармацевтско-историски музеј
  • Бродски музеј Кил со музејското пристаниште
  • Градска галерија
  • Градскиот музеј во Варлебергер Хоф
  • Музеј на народната уметност
  • Зоолошки музеј
  • Индустриски музеј

Градби уреди

 
Светилник во Кил-Холтенау
 
Водокулата во Кил-Равенсберг
 
Херн-Кампус на крајот на Фјордот
  • Градското собрание, чија кула се смета за знаменитост на градот (споредувана со Кампаниле во Венеција); покривот во југендстил на градбата бил уништен во 1945 година и подоцна бил заменет од обичен покрив.
  • Оперската куќа Кил, поранешен Градски театар близу Градското собрание, првобитно во југендстил, обновена во поедноставен стил.
  • Црква Св. Никола (евангелистичка), во готски стил, до 1875 година единствената парохиска црква на градот, во периодот 1876-1879 во голем дел изменета, по тешките оштетувања од 1949 година била повторно изградена, историскиот изглед во голем дел бил задржан.
  • Црква Св. Петар 1905–1909 (поранешна гарнизонска црква) во Кил-Вик.
  • Килскиот замок на шауенбуршките грофови, подоцна на војводите на Холштајн-Готорф (1721–1773): зачувано е западното крило, главната градба по тешките оштетувања во 1959 година e уништена и подоцна е подигната нова современа градба, која служи за културни цели.
  • Варлебергер Хоф (Градски музеј), единствена зачувана благородничка куќа од 1616 година, воедно единствената зачувана приватна градба од пред 1864 година во Стариот град и најстара куќа во Кил.
  • Црква Лутер (евангелистичка), повторно изградена во 1958 година откако била срушена на 4 април 1945 година.
  • Пумпе, поранешна машинска градба за градскиот водовод (1929), денес комуникациски и културен центар.
  • Министерството за правда (1892–1894) во Малиот Кил.
  • Седиштето на Ландтагот на Шлезвиг-Холштајн, поранешна поморска академија, непосредно на Фјордот.
  • Херн-Кампус, современа градба во брановит облик со стаклен влез.
  • Телевизиска кула (не е отворена за јавноста)
  • Индустрискиот музеј.
  • Висечки мост Левензауер над Килскиот Канал.
  • Универзитетската црква, изградена во 1965 година.
  • Водокула Равенсберг.
  • Главната железничка станица во Кил.
  • Светилниците Холтенау и Фридрихсорт се наоѓаат на западниот брег на Фјордот, додека Кил се наоѓа на брегот на средишниот дел на Килскиот Залив.

Уништени градби уреди

  • Црква Св. Дух, XIV век, преправена кон крајот на XIX век, уништена при воздушен напад на 13 декември 1943 година.
  • Старо Градско Собрание, на самиот плоштад, уништено на 13 декември 1943 година.
  • Персиски куќи, фахверк-куќи од XVII век пред црквата Св. Никола, уништени на 22 мај 1944 година.
  • Замок, средната градба и источното крило, родното место на рускиот цар Петар III., урнатините уништени во 1959 година.
  • Музеј Таулов, срушен по воените уништувања во мај 1948 година.
  • Капела Св. Јирген, XIII век, 1902 срушена и заменета од црква Св. Јирген од 1902 до 1904 година. Црквата била тешко оштетена во војната и во летото 1954 година била срушена. Ѕвоната на капелата Св. Јирген од 1530 година се наоѓаат во новиот градски манастир во Хармштрасе.
  • Стариот универзитет, градба на Ернст Георг Зонин, подоцна музеј, уништен во 1944 година.
  • Новиот универзитет, градината на замокот, градба на Мартин Гропиус, урнатините по Втората светска војна биле уништени; само делови од универзитетската клиника се зачувани.
  • Родната куќа на писателот Детлеф фон Лилинкрон.
  • Бројни вредни поединечни куќи од XV-XIX биле заменети со новоградби, скоро сите уништени при Втората светска војна.

Значајни споменици уреди

  • Воен споменик во градината на замокот, отворен во 1879 година, изработен од Хајнрих Молденшарт.
  • Споменик на царот Вилхелм I, поставен во 1896 година во градината на замокот од Адолф Брит.
  • Бронзена скулптура на Бизмарк поставена во 1897 година во паркот Хирошима од Харо Магнусен.
  • Борец на духот на црквата Св. Никола од Ернст Барлах (1828).
  • Бронзена скулптура на основачот на градот Адолф IV од Шауенбург и Холштајн во манастирската градина од Карл-Хенинг Земан (2005).
  • Челична скулптура „Морски ветар“ (Seewind), кај новото Градско собрание (1989).

Спорт уреди

Ракомет уреди

 
Арената Шпаркасе претставува домашна сала за РК Кил
 
РК Кил при прославата на победа на Лигата на шампиони 2011/12

Кил е важно средиште за професионалниот ракомет. Позната спортска одредница на градот е германскиот рекорден првак РК Кил, кој поседува низа национални и меѓународни титули: до 2014 година имал освоено 19 германски првенства, девет победи во германскиот куп и три победи во Лигата на шампиони.

Како домашен терен на РК Кил веќе со години е Арената Шпаркасе (порано сала „Балтичко Море“, една од најголемите сали во Германија.

Фудбал уреди

Најпознат и најуспешен фудбалски клуб во Кил е Холштајн Кил. Клубот, кој го освоил германското првенство во 1912 година како прв северногермански клуб, своите домашни натпревари ги одигрува на стадионот Холштајн. Игралиштето претставува едно од најстарите игралишта во Германија. Клубот играл вкупно 60 години во првата лига, 14 години во втората лига, 28 години во третата лига и осум години во четвртата лига. Моментално настапува во третата лига. Најголем успех во поновата историја на клубот бил влезот во четврт-финалето на германскиот куп во 2011/12 година, на кој пред домашна публика бил поразен од подоцнежниот победник на купот Борусија Дортмунд. Други фудбалски клубови во Кил, кои во минатото имале успеси, се ФК Комет Кил, ФК Килија Кил, ФК Кил, како и ФК Фридрихсорт.

Водени спортови уреди

 
Дел од Килската недела

Кил е важно место за едриличарството. Во Кил се одржале едриличарските натпревари во 1936 и 1972 година за време на Летните олимписки игри во Берлин и Минхен, соодветно. Олимпискиот центар Шилкзе од 1972 година во Кил-Шилкзе претставува важно пристаниште за едриличарски натпревари. Старото олимписко пристаниште од 1936 година се наоѓа на брегот Хинденбург. Килската недела е најголемиот едриличарски настан во светот, пред Травеминдската недела, Регатата Ханза и едриличарските натпревари на Олимписките игри. На неа годишно учествуваат многу едриличари со илјадници бродови од сите класи од сите континенти. Во текот на годината се одржуваат и голем број на други регати. Носители на овие активности пред сè се повеќето едриличарски клубови, кои се сместени околу Килскиот Фјорд, од кои како најголем може да се издвои Килскиот јахт-клуб. Во 2002 година, Кил претставувал цел на Океанската трка Волво.

Покрај едриличарството во Кил преовладува и веслањето. Првиот килски веслачки клуб од 1862 година претставува најстар веслачки клуб во Кил и трет најстар веслачки клуб во Германија. Брои околу 280 членови, кои освоиле многу светски и германски првенства, над 2000 победи на регати во 150-годишнината на клубот. Покрај Првиот килски веслачки клуб, во Кил постојат и Веслачкото здружение Германија Кил, АТВ Дитмарсија, Академското веслачко здружение, веслачката екипа на Килскиот универзитет, како и многу школски екипи.

Американски фудбал уреди

Кил Балтик Хариканс се најуспешната екипа во американски фудбал и настапуваат во германската лига. Во 2010 година станале германски прваци, откако во 2008 и 2009 година биле второпласирани.

Софтбол уреди

Женската екипа на Кил Сихокс настапувале во 2008 година[21] и повторно од 2012 година во првата лига.[22]

Одбојка уреди

Машки одбојкарски клуб во Кил е ОК Иглс, кои настапуваат во втората германска лига, како и женскиот одбојкарски клуб. Покрај тоа, Кил е важна сојузна точка за одбојката на песок.

Други спортови уреди

  • Пинг-понг: Клубот ТТК Зелено-Бели долго време се наоѓа во германскиот врв во пинг-понгот и е најстар во Германија.
  • Куглање: ЕТВ/Феникс Кил биле германски прваци во куглање во 2009, 2011 и 2012 година.
  • Билијард: Билијардската унија во Кил во 1997 и 1998 година биле германски прваци.

Познати личности уреди

 
Петар III (Русија) (1728–1762)
 
Макс Планк (1858–1947), физичар
 
Карл Фридрих фон Вајцзекер (1912–2007), физичар и филозоф

Наводи уреди

  1. „Население во разните административни единици на Шлезвиг-Холштајн во 2020 г.“. Статистичка служба за Хамбург и Шлезвиг-Холштајн. јуни 2021. (германски)
  2. „Општи информации“. Килска недела. Архивирано од изворникот на 2005-12-30. Посетено на 13 март 2006.
  3. „БДП по глава на жители во евра 2005“. Архивирано од изворникот на 2008-12-27. Посетено на 2011-10-21.
  4. „Кратка историја на Кил“. Кил - портрет на градот. Град Кил. Посетено на 1 јули 2007.
  5. Виктор, Едвард. „Азбучен список на кампови, подкампови и други кампови“. Архивирано од изворникот на 2010-12-16. Посетено на 25 јули 2008.
  6. „Морнарицата го промени лицето на Кил“. Кил — портрет на градот. Град Кил. Посетено на 25 јули 2008.
  7. Џонс, Р. В. (1978). Најтајната војна: Британската научна интелигенција 1939-1945. Лондон: Хамиш Хамилтон. стр. 466. ISBN 0 241 89746 7.
  8. Дневник на кампањата: јули 44, Кралските воздушни сили 60-та команда. 4 мај 2007
  9. Состојба: 31 декември 2008 година „Statistischer Bericht Kieler Stadtteile“ (PDF).
  10. www.kiel.de Збратимени градови на Кил (на германски)
  11. „Сојузна агенција за работа - Статистика“. Архивирано од изворникот на 2013-10-06. Посетено на 2014-10-23.
  12. BIP in Kiel, Statistische Ämter
  13. „Регионален БДП по глава на жители во ЕУ 27“ (PDF). Евростат. Посетено на 19 август 2008.
  14. „Liste der Korporativ Fördernden Mitglieder der MPG, PDF, 18 ноември 2013“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-01-14. Посетено на 2014-10-25.
  15. „Pressemitteilung der Seehafen Kiel GmbH & Co KG vo 15 јануари 2008“. Архивирано од изворникот на 2011-07-19. Посетено на 2014-10-26.
  16. 16,0 16,1 Leichtes Umschlagwachstum in Rostock und Kiel. In: Schiff & Hafen, Heft 3/2014, S 68/69
  17. Eckhard-Herbert Arndt: Kiel: Mehr größere Kreuzfahrtschiffe · Fördestadt mit Saison zufrieden – Neuer Cruise-Liegeplatz im Ostuferhafen hat sich bereits bestens bewährt. In: Täglicher Hafenbericht 16 октомври 2014, S. 3
  18. Bilanz der deutschen Seehäfen 2011. In: Hansa Heft 4/2012, S. 79/80. Schiffahrts-Verlag Hansa, Hamburg 2012, ISSN 0017-7504
  19. Unterschiedliche Entwicklung der Umschlagzahlen. Bilanz 2012. In: Schiff & Hafen, Heft 5/2013, S. 16/18, Seehafen-Verlag, Hamburg 2013, ISSN 0938-1643
  20. „Artikel von nahverkehrhamburg.de 23 јануари 2013: „LVS soll Ausschreibung für Entwurfsplanung vorbereiten". Архивирано од изворникот на 2013-02-02. Посетено на 2014-10-26.
  21. Deutscher Baseball & Softball Verband: Statistiken Bundesliga Softball Nord 2008, 15 август 2012
  22. Tabelle Bundesliga Nord. In Softball-Deutschland.de, 15 август 2012

Надворешни врски уреди