Холштајнска Швајцарија

Холштајнска Швајцарија[1] (германски: Holsteinische Schweiz) — ридеста област со бројни езера и шуми во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, Германија, која потсетува на швајцарскиот пејзаж. Нејзина највисока точка е Бунгсберг (168 метри н.в.).[2] Прогласена е за природен парк, а претставува и важно туристичко одредиште во Северна Германија, сместена помеѓу градови Кил и Либек.

Слика од XIX век: „Холштајнски пејзаж“ (Holsteinische Landschaft), насликана од Адолф Фридрих Фолмер (1827)
Поглед од Бунгсберг
Расцветано поле на сончогледи во округот Плен
Поглед на Дикското Езеро
Пленски замок
Велопоседнички дом „Гут Панкер“

Географија

уреди

Холштајнска Швајцарија се наоѓа во источниот дел на Шлезвиг-Холштајн. Оваа сликовита област во историското грофовија Вагрија немала точно определени политички или географски граници. Поголем дел од областа се наоѓа во рамките на окрузите Источен Холштајн и Плен, приближно помеѓу градовите Либек и Кил и се простира на север до балтичкиот брег. Нејзини поголеми градови се Маленте, Литјенбург, Олденбург во Холштајн, Прец и старите седишта на резиденции Ојтин и Плен.

Шармот на областа е променливиот пејзаж на младата морена во Шлезвишко-холштајнското Ридје, кои биле создадени во текот на последното ледено доба. Малите шуми се надополнувани од заградени обработливи полиња и бројни езера помеѓу ниските ридови. Најпознати езера се Големото Ојтинско Езеро, Дикското Езеро и Келерското Езеро. Реки и водотеци има низ областа, а меѓу нив се Швентине, која се влева во Килскиот Фјорд и Косау, која се влева во Големото Биненско Езеро. Највисока точка во областа е Бунгсберг близу Шенвалде. Со единствениот ски-лифт во Шлезвиг-Холштајн и височина од 168 метри, тој е највисокиот врв во покраината.

Потекло на името

уреди

Германското име за областа, Holsteinische Schweiz, потекнува од XIX век, кога празниците во Швајцарија биле особено омилени помеѓу побогатите. Како последица, други области се решиле да го додадат името „Швајцарија“ во нивниот опис. На 20 мај 1885 година, Јоханес Јанус го отворил хотелот Холштајнска Швајцарија во Маленте на Келерското Езеро, кој се здобил со голема популарност. Името на хотелот потоа било префрлено на железничката станица, а подоцна и на целата област.

Историја

уреди

Холштајнска Швајцарија била населена неколку илјадници години. Во раниот среден век дел од областа бил населен од словенските Венди, чии траги можат сè уште да се најдат. Во средниот век, од IX век натаму, областа била населена и контролирана од Каролиншкото Царство. Во доцниот среден век, градовите се развиле во мали центри на локалната трговија и локалните феуди ги прошириле нивните утврдени велепоседнички куќи. Од XVI век, Плен и Ојтин станале резиденции на различни линии на Олденбуршката династија.

Овие поседи имале развиен културен живот, па така, на пример, довело Ојтин на крајот на XIX век да биде нарекуван „Вајмар на Северот“. До средината на XIX век, областа била преовладувана од Данска, која ја водела областа како феуд, но на крајот ја припоила кон данската национална држава. ВО 1867 година, Холштајнска Швајцарија била предадена на Прусија како дел од Холштајн. На крајот на Првата светска војна некои од традиционалните куќи биле уништени. По Втората светска војна, туризмот одиграл водечка улога во економијата на областа.

Туризам

уреди

Руралниот пејзаж е сè уште карактеризиран од големи, благороднички поседи и историски облици на земјоделство, кои главно се поврзани со големите земјоделски поседи и нивните велепоседнички домови. Тука влегуваат Панкер, Тесторф, Ранцау и Хаген. Неколку од замоците, како Ојтински и Пленско, можат да се посетат, а исто така и многу од велепоседничките домови се отворени за јавноста во текот на музичкиот фестивал Шлезвиг-Холштајн или други настани. Поседот Залцау е дом на покраинскиот културен центар.

За оние што сакаат да пешачат, патеката низ природниот парк (Naturparkweg) ги поврзува петте природни паркови во Шлезвиг-Холштајн. Постои раширена мрежа на велосипедски патеки и во мирна околина. Некои од големите езера можат да се разгледуваат со рекреативните бротчиња и кануа. Постојат неколку приморски крајбрежни одморалишта на балтичкиот брег.

Езера

уреди

Распоредено според нивната големина:

  • Големо Пленско Езеро 3000 ha
  • Келерско Езеро 560 ha
  • Дикско Езеро 386 ha
  • Ланкерско Езеро 324 ha
  • Белерско Езеро 277 ha
  • Постско Езеро 276 ha
  • Мало Пленско Езеро 239 ha
  • Големо Ојтинско Езеро 230 ha
  • Штокско Езеро 207 ha
  • Трамско Езеро 163 ha
  • Зурско Езеро 137 ha
  • Шлинско Езеро 127 ha
  • Шеско Езеро 78 ha
  • [Зизелско Езеро 77 ha
  • Зедорфско Езеро 76 ha
  • Зиберсдорфско Езеро 55 ha
  • Штендорфско Езеро 54 ha
  • Зекампско Езеро 45 ha
  • Мало Ојтинско Езеро 37 ha
  • Уклајско Езеро 32 ha

Наводи

уреди
  1. Dickinson, Robert E (1964). Germany: A regional and economic geography (2nd ed.). London: Methuen, p. 606. ASIN B000IOFSEQ.
  2. Carl Ingwer Johannsen & Eckardt Opitz: Das grosse Schleswig-Holstein-Buch. Hamburg 1996

Надворешни врски

уреди

54°12′N 10°33′E / 54.2° СГШ; 10.55° ИГД / 54.2; 10.55