Мрежно место

збир поврзани страници што се опслужуваат од еден мрежен домен

Мрежно место (или „веб-саjт“, од англ. website) — документ во кој се содржат информации погодни за прелистување со помош на прелистувач. Овој документ најчесто е во HTML или XHTML формат и во себе содржи хиперврски до други документи.

Почетната страница на nasa.gov во 2015 година

Мрежните места можат да бидат поставени локално на сметачот од кој се врши нивно прелистување / прегледување или пак на некој мрежен опслужувач (или „опслужувач“, од англ. web server) до кој може да се пристапи преку сметачка мрежа. Опслужувачот може да го ограничи пристапот до мрежните места само на корисници во приватна мрежа, тогаш станува збор за корпоративен intranet, или може да допушти слободен пристап преку интернет. Прелистувачот пристапува до мрежните места сместени на опслужувачот користејќи се со таканаречениот Протокол за пренос на хипертекст (HTTP).

Мрежните места можат да бидат статични, доколку се компонирани како статична текстуална податотека зачувана во податотечниот систем на мрежниот опслужувач, или пак опслужувачот да испорача до прелистувачот страница која е динамички создадена, т.е. динамичка мрежна страница, согласно со соодветниот програмски код кој се извршува откако ќе биде поставено барање за пристап до одреден извор на информации на опслужувачот од страна на прелистувачот.

Наставки на податотеки

уреди

Вообичаено е статичните мрежни места зачувани на опслужувачот да имаат наставка .htm или .html. додека пак динамичките мрежни места имаат наставки кои означуваат кој програмски јазик се користи за нивно создавање или која технологија се користи за создавањето, како на пример .php, .asp, .jsp, ... Во овој случај опслужувачот мора да биде соодветно прилагоден за да може да ги разбере/обработува, овие програмски јазици односно технологии, по што создава чист HTML-код кој го испорачува до прелистувачот.

Боја, типографија, илустрација и интеракција

уреди

Мрежните места во себе содржат инструкции за бојата на текстот, бојата на позадината или пак врски до слики или други мултимедијални податотеки кои можат да бидат прикажани во преилистувачот.

Информациите за изгледот, типографијата и шемата на бои се дефинира преку таканаречените Cascading Style Sheet (CSS) инструкции, кои можат да бидат вгнездени во самиот HTML код или пак да бидат поместени во одделна податотека, до која се референцира во HTML документот. Вториот начин е посебно важен, бидејќи на овој начин може да се влијае на едноставен и релевантен начин на изгледот на сите или на група на мрежни места кои се наоѓаат на опслужувачот. Прелистувачот само еднаш ќе ги вчита овие инструкции од опслужувачот а подоцна ќе се користи со кешираната копија на овие инструции за сите страници кои подоцна ќе бидат прелистувани.

Сликите се чуваат на опслужувачот во посебни податотеки.

Мултимедијални содржини

уреди

Мултимедијалните содржини исто така може да бидат вгнездени во мрежното место, како дел од самата страница или пак со врска до истите. Игри, анимации и друг компјутерски создаден материјал исто така може да биде вгнезден во мрежното место користејќи се со технологии како што се Adobe Flash и Java програмчиња. Презентацијата на сето ова зависи од способноста на прелистувачот да го обработи овој материјал, како и од желбата на клиентот и неговата способност да ги овозможи (кога не се однапред овозможени) овиe својства на сопствениот прелистувач/сметач.