Еволуционизам (познат и како еволуционистика или теорија на еволуција) — систем од идеи и концепти во биологијата кои го разјаснуваат историскиот прогресивен развиток на Земјината биосфера, на нејзините составни делови - екосистеми, како и на поедините таксони и видови, што може да се смета како дел од глобалниот процес на еволуција на вселената. Првите еволутивни идеи се појавиле во антиката, но делата на Чарлс Дарвин се тие кои го направиле еволуционизмот да биде фундаментален концепт во биологијата. Иако досега не постои единствена и општоприфатена теорија на биолошката еволуција, самиот факт на еволуцијата не претставува сомнеж кај научниците, бидејќи за неа постојат огромен број на поддржувачки научни докази.

Историја на еволуционизмот

уреди

Еволуционите идеи во антиката

уреди

Според некои истражувачи, изворот на еволуционите идеи може да се бара во космогонските древни религии. Идеите за создавање и развиток на вселената и животот во овие религии одат паралелно една до друга, а некогаш се тесно поврзани. Но митскиот начин на размислување не дозволува од нив да се искристализираат добри концепции. Првата таква концепција доаѓа од ученикот на Талес, Анаксимандар. За шемата на Анаксимандар, ние знаеме од историчарот од I век п.н.е. Диодор Сицилиски. Во неа, кога младата Земја е осветлена од Сонцето, нејзината површина најпрво се стврднала, а потоа почнала да врие, што довело до гниење прекриено со тенки облоги. Во тие облоги се зародиле сите раси на животни. Човекот подоцна произлегол од риба или рибовидно животно. Без разлика на оригиналноста, расудувањето на Анаксимандар е чисто шпекулативно и не е поткрепено со набљудувања. Еден друг антички мислител, Ксенофан, обрнал повеќе внимание на набљудувањата. Така, тој ги идентификувал фосилите кои ги пронаоѓал во планините, со отпечатоци на древни растенија и животни: ловор, черупки од мекотели, риби, фоки. Од ова тој заклучил дека земјата некогаш била спуштена во морето, со што изумреле надземните животни и луѓето, па се претвориле во кал, а кога повторно се појавувале, нивните отисоци засушувале. Хераклит, без разлика на неговите метафизички идеи на постојан развиток и вечно станиште, не создал никакви еволуциони концепции. Меѓутоа, некои автори сè уште го сметаат за првиот еволуционист.

На проблемот на наследноста прв му се посветил Алкмеон, лекар од раните питагорејци. Тој бил првиот од Грците кој дошол до заклучокот дека како мислечки орган на човекот се јавува черепниот мозок. Оттука тој заклучил дека спермата би морала да настанува токму во него, а во половите органи таа доспева преку посебни садови. При зачнувањето, „од кој родител е добиено повеќе семе, тој пол ќе се развие“. Од оваа фраза потекнува идејата за комбинирање на наследните својства која ја развил сицилијанскиот лекар, поет и натурфилозоф Емпедокле. Во неговиот трактат „За природата“ постојат реченици кои дозволуваат да го сметаме за предвесник на атомистите. Тука Емпедокле ја изнел идејата која потсетува на принципот на природната селекција.

Единствениот автор кај кого може да се пронајде идејата на постепена измена на организмите е Платон. Во својот дијалог „Држава“, тој го дал познатиот предлог: подобрување на човечката раса по пат на селекција на најдобрите претставници. Без сомнение, овој предлог тој го основал на познатиот факт на селекција од страна на производителите во сточарството. Во современата епоха, еден неразумен додаток кон овие идеи се развил во учењето за евгениката, која лежи во основата на расната политика на Третиот Рајх.

Средновековието и ренесансата

уреди

Со подемот на науката по „вековите на мракот“, во раното средновековие еволуционите идеи одново почнуваат да се огледаат во делата на научниците, теолозите и филозофите. Алберт Велики прв ја забележал спонтаната варијабилност кај растенијата која доведувала до појава на нови видови. Ова Теофраст го опишувал како трансмутација на еден во друг вид. Терминот, очигледно, бил земен од алхемијата. Во XVI век биле повторно откриени фосилни организми, но дури на крајот на XVII век за нив почнало да се мисли не како на „игра на природата“, камења во форма на коски или черупки, туку на остатоци од древни животни и растенија. Во еден документ од 1559 година - „Ноевиот кораб, неговата форма и капацитет“, Јохан Бутео пресметал дека коработ не може да ги носи сите видови на познати животни. Во 1575 година Бернар Палиси изложил во Париз неколку фосили каде за првпат ги споредил со денешните организми. Во 1580 година тој ја објавил во печатот идејата дека ако сè се наоѓа во „вечна трансмутација“, тогаш многуте фосили на риби и мекотели претставуваат изумрени видови.

Еволуционите идеи во новото време

уреди

Натамошното изложување на различни идеи за менливоста на видовите се засилило. Истата тенденција продолжила и со настапувањето на новата ера. Така, Френсис Бекон, политичар и филозоф, претпоставил дека видовите можат да се менуваат со акумулирање на „природни грешки“. Во овој аргумент, како и во случајот со Емпедокле, може да се насети принципот на природна селекција. Колку и да изгледа чудно, како прва книга за еволуција може да се смета трактатот на Метју Хејл - „The Primitive Origination of Mankind Considered and Examined According to the Light of Nature“. Чудното е во тоа што самиот Хејл не бил природонаучник, па дури ни филозоф - тој бил адвокат, теолог и финансиер, а својот трактат го напишал во време кога бил принуден да го напушти својот имот. Во него тој напишал дека не држи тврдењето според кое сите видови се создадени во нивната современа форма, напротив, тие биле создадени како архетипови, а целото разнообразие на животот се развило од нив под влијание на многубројни услови. За Хејл се поврзани и многу спорови околу случајноста кои се јавиле по утврдувањето на дарвинизмот. Во истиот трактат тој го спомнува за првпат поимот „еволуција“ во биолошка смисла.

Идеите за ограничен еволуционизам, во духот на онаа на Хејл, се создавале постојано, нив можеме да ги најдеме во делата на Џон Реј, Роберт Хук, Готфрид Лајбниц, па дури и во подоцнежните работи на Карл Лине. Нив многу појасно ги искажал Жорж Луј Бифон. Набљудувајќи ги седиментните карпи од водите, тој заклучил дека 6 илјади години, кои и се припишувале на историјата на Земјата од страна на природната теологија, не се доволни за да се образуваат седиментни карпи. Бифон пресметал дека Земјата е стара 75 илјади години. Опишувајќи ги растителните и животинските видови, Бифон сметал дека заедно со полезните својства кај нив имало и такви за кои не е можно да се каже дека имаат каква било корисна вредност. Ова и противречело на природната теологија, која сметала дека секое влакно на телото на животното е создадено во негова полза или во полза на човекот. Бифон заклучил дека оваа противречност може да се отстрани со прифаќање на создавањето на еден општ план кој варира кај различни отелотворенија. Лајбницовиот „закон за постојаност“ бил создаден 1749 година и бил против постоењето на дискретни видови, сметајќи ги видовите за плод на фантазијата на систематичарите (во ова може да се согледа изворот на неговата долга полемика со Лине и антипатијата на овие учени кои ја имале еден кон друг).

Теоријата на Ламарк

уреди

Чекор кон обединувањето на трансформистичкиот и систематскиот пристап бил направен од страна на природонаучникот и филозоф Жан Батист Ламарк. Како поддржувач на промената кај видовите и деист, тој го признавал Творецот и сметал дека Врховниот Творец ја создал само материјата и природата; сите останати неживи и живи објекти настанале од материјата под дејство на природата. Ламарк нагласувал дека „сите живи тела произлегуваат едни од други, притоа не по пат на последователен развиток од претходните ембриони“. На овој начин тој настапил против концепцијата на преформизмот како автогенетски процес, а неговиот следбеник Етјен Жофру Сент-Илер (1772-1844) ја бранел идејата за единство во градбениот план на животните од различни типови. Најпотполните еволуциони идеи на Ламарк се изложени во „Филозофија на зоологијата“ (1809), иако многу ставови од својата еволуциона теорија Ламарк ги формулирал во воведните лекции од еден курс по зоологија во 1800-1802 година. Ламарк сметал дека степените на еволуцијата не се една права линија, како „скалата на суштествата“ на швајцарскиот натурфилозоф Шарл Боне, туку имаат многу гранки и отклонувања на ниво на родови и видови. Оваа претстава дала основа за идното „семејно дрво“. Ламарк го употребил и поимот „биологија“ во современа смисла. Во зоолошките трудови на Ламарк - создавачот на првото учење за еволуцијата - немало фактички неточности, шпекулации како во работата на неговиот современик, соперник и критичар, создавачот на споредбената анатомија и палеонтологијата - Жорж Кивје (1769-1832). Ламарк сметал дека движечки фактор на еволуцијата може да биде „увежбаноста“ или „неувежбаноста“ на органите. што зависи од адекватното директно влијание на средината. Донекаде наивната аргументација на Ламарк и Сент-Илер во многу придонела за антиеволуционата реакција на трансформизам од почетокот на XIX век.

Трансформизам и катастрофизам

уреди

Идеал за Кивје бил Лине. Кивје ги разделил животните на четири „гранки“ од кои секоја се одликувала со единствен план на градба. За овие „гранки“ неговиот наследник Александар Бленвил го предложил поимот тип кој сосема соодветствува со „гранките“ на Кивје. Типот не е само повиш таксон во царството на животните. Меѓу четирите избрани типови на животни не може и не би можело да има преодни форми. Сите животни кои припаѓаат на еден тип се одликуваат со општ план на градба. Оваа важна поставка на Кивје е крајно суштествена и денес. Кивје во потполност го прифатил линеовскиот хиерархиски систем и создал свој систем во вид на разгранувачко дрво. Но тоа не било семејно дрво, туку дрво на сличностите меѓу организмите. А.А. Борисјак правилно рекол: „ со градењето на систем... целосно основан на сличностите и разликите меѓу организмите, тој самиот ја отворил вратата на еволуционата теорија против која се борел“. Системот на Кивје бил првиот систем на органската природа, во кој современите форми се сметале за блиски со фосилните. Кивје се смета за крупна фигура во оформувањето на палеонтологијата, биостратиграфијата и историската геологија како наука. Теоретската основа за постоење на граници меѓу слоевите од карпите го поттикнала Кивје Кивје да размислува за катастрофални изумирања на фауната и флората кои се случиле токму на границите меѓу периодите и епохите. Тој исто така го разработил учењето за корелациите, благодарејќи на кои го конструирал обликот на черепот како целина, скелетот како целина и на крајот давал реконструкција на надворешниот облик на фосилното животно. Својот придонес на стратиграфијата заедно со Кивје го дал и неговиот француски колега, палеонтолог и геолог, Адолф Теодор Броњар (1770-1847), и независно од нив англискиот геодет и рударски инженер Вилијам Смит (1769-1839).

Поимот за изучувањето и формата на организмите - морфологија - бил воведен Јохан Фридрих фон Гете, а самата наука се појавила кон крајот на XVIII век. За креационистите од тоа време, единството во планот на градба значело барање на сличности, но не и сродство меѓу организмите. На задачата на споредбената анатомија се гледало како на обид за да се разбере на каков начин го создавало Врховното Суштество целото тоа разнообразие на животни кои ние го набљудуваме на Земјата. Еволуционата класика го нарекува тој период од развитокот на биологијата „идеалистичка морфологија“.

Еволуционисти — современици на Дарвин

уреди

Англискиот шумар Патрик Метју (1790-1874) во 1831 година ја објавил монографијата „Дрвените бродови и садењето дрвја“. Појавата на нерамномерен раст кај истогодишните дрвја, уништувањето на едни и преживувањето на други, биле одамна познати на шумарите. Метју претпоставил дека селекцијата не само што го осигурува преживувањето на најподобните, туку може да доведе и до промени на видовите во процесот на историски развиток. Според ова, борбата за опстанок и природната селекција му биле нему познати. Меѓутоа, тој сметал дека забрзувањето на еволуциониот процес зависи од волјата на организмот (ламаркизам). Принципот на борба за опстанок кај Метју бил тесно поврзан со постоењето на катастрофи: по превратот преживуваат немногубројните примитивни форми; во отсуство на конкуренција по превратот, еволуциониот процес оди со побрзо темпо. Еволуционите идеи на Метју останале незабележани во текот на три декади. Но во 1868 година, по излегувањето на „Потеклото на видовите“, тој ги преобјавил своите еволуциони страници. Потоа Дарвин ги прочитал делата на својот предок и го спомнал Метју во историското резиме на третото издание од својот труд.

Чарлс Лајел (1797-1875) бил крупна фигура во своето време. Тој го вратил поимот актуализам во живиот свет[1], кој потекнувал дури од античките автори, а исто така и од такви големци во човековата историја, како Леонардо да Винчи (1452-1519), Ломоносов (1711-1765), Џејмс Хатон (1726-1797) и Ламарк. Прифаќањето од страна на Лајел на концепцијата на запознавање на минатото преку изучување на совремието значело создавање на првата целосна теорија за еволуцијата на планетата Земја. Англискиот филозоф и историчар Вилијам Уевел (1794-1866) во 1832 година го приложил поимот униформизам кон евалуацијата на теоријата на Лајел. Лајел зборувал за неменливоста на геолошките фактори низ времето. Униформизмот бил целосна антитеза на катастрофизмот на Кивје. „Учењето на Лајел денес преовладува, - пишувал антропологот и еволуционист И. Ранке, - како некогаш што господарело учењето на Кивје. Притоа често се заборава дека учењето за катастрофите е тешко подолготрајно да даде задоволувачко шематско објаснување на геолошките факти во очите на најдобрите истражувачи и мислители доколку тоа не се потпира на извесен збир од полезни набљудувања. Вистината и овде лежи меѓу крајностите на теоријата“. Како што признаваат и современите биолози „катастрофизмот на Кивје бил неопходна етапа во развитокот на историската геологија и палеонтологија. Без катастрофизмот, развитокот на биостратиграфијата тешко би можел да се одвива толку брзо“.

Шкотланѓанецот Роберт Чемберс (1802-1871), кој бил книгоиздавач и популаризатор на науката, ја издал во Лондон книгата „Траги од на создавањето“ (1844), каде анонимно ги пропагандирал идеите на Ламарк и зборувал за траењето на еволутивниот процес и еволуцискиот развиток од едноставно организирани предци во посложени форми. Книгата била наменета за пошироката публика, па за 10 години доживеала 10 изданија со тираж од не помалку од 15 илјади копии (што само по себе е импресивно за тоа време). Околу анонимниот автор на книгата произлегле спорови. Секогаш многу воздржан и претпазлив, Дарвин стоел настрана од пламената дискусија во Англија, но внимателно набљудувал како критиката на делумните неточности се претворила во критика на самата идеја за менливоста на видовите, за да не ја повтори истата грешка. Чемберс, веднаш по издавањето на книгата на Дарвин, влегол во редовите на поддржувачи на новото учење.

Во XX век се појавува Едвард Блит (1810-1873), англиски зоолог, истражувач на фауната на Австралија. Во 1835 и 1837 година тој објавил две статии во англискиот „Журнал на природната историја“ во кои зборувал за тоа дека во услови на жестока конкуренција и недостаток од ресурси, шансите за оставање потомство се достапни само на посилните.

Според ова, дури пред издавањето на познатото дело на Дарвин, науката за природата веќе го подготвила тлото за восприемање на учењето за менливоста на видовите и селекцијата.

Работата на Дарвин

уреди

Нова етапа во развитокот на еволутивна теорија настапила во 1859 година како резултат на публикацијата на Чарлс Дарвин „За потеклото на видовите по пат на природна селекција или зачувување на фаворизираните раси во борбата за живот“. Според Дарвин, основна движечка сила на еволуцијата е природната селекција. Селекцијата (која дејствува на единките) дозволува преживување и оставање на потомство од страна на тие организми кои се подобро адаптирани (прилагодени) за живот во дадена средина. Дејствувањето на селекцијата доведува до распаѓање на видовите на делови - ќеркини видови, кои од своја страна, со текот на времето ќе дивергираат до родови, семејства и сите поголеми таксони.

Со карактеристичната за него чесност, Дарвин укажал на тие кои непосредно го поттикнале да го напише и издаде своето еволутивно учење (веројатно Дарвин не бил премногу заинтересиран за историјата на науката, бидејќи во првото издание на „Потеклото на видовите“ тој не ги спомнал своите непосредни претходници: Волес, Метју, Блит). Директно влијание на Дарвин во процесот на создавање на делото имале Лајел и во помал степен Томас Малтус (1766-1834), со неговата геометриска прогресија на популацијата од демографскиот труд „Есеј за законите на популацијата“ (1798). И може да се каже дека Дарвин бил охрабрен да го објави својот труд од страна на младиот англиски зоолог и биогеограф Алфред Волес (1823-1913), кој му го испратил својот ракопис, во кој независно од Дарвин ги изложил идеите на теоријата за природна селекција.

Притоа, Волес знаел дека Дарвин работи на своето еволутивно учење, бидејќи тој му пишал за него во писмо од 1 мај, 1857 година:

Ова лето се навршуваат 20 години (!) откако го започнав својот прв бележник во врска со прашањето за тоа на кој и каков начин се разликуваат видовите еден од друг и разновидноста. Сега ја подготвувам мојата работа за печат... но не мислам да ја испечатам за помалку од две години... Реално, не е возможно (во рамките на писмото) да ги изложам моите погледи на причините и начините на менливоста во природата; но постепено дојдов до јасна и уникатна идеја - точна или лажна, за тоа се должни да судат другите; сепак - самата непоколеблива увереност на авторот во теоријата во ниеден случај не е гаранција за вистинитоста.


Тука го согледуваме здраворазумното мислење на Дарвин како и џентлменскиот однос меѓу двата учени, кое е јасно при анализирањето на преписките меѓу нив. Дарвин, добивајќи ја статијата на 18 јуни, 1858 година, сакал да ја претстави во печатот, останувајќи тивок за својата работа и по настојувањето на пријателите напишал „кратко резиме“ на својот труд и овие два труда им ги преттсавил на членовите од Линеовото друштво.

Дарвин целосно ја прифатил од Лајел идејата за постепениот развиток и може да се каже дека бил униформист. Се поставува прашањето: доколку сè му било познато на Дарвин, тогаш која е неговата заслуга, зошто неговата работа предивикала таква реакција? Но Дарвин го направил она што не можеле неговите претходници. Како прво, тој и дал на својата работа многу актиелно име. Јавноста покажала голем интерес кон „За потеклото на видовите по пат на природна селекција или зачувување на фаворизираните раси во борбата за живот“. Тешко е да се замисли друга книга во историјата на светската наука чие име многу добро ја изразува нејзината суштина. Дарвин не изразил желба за изедначување со неговите претходници. Ние можеме само да погодуваме како би изреагирала јавноста доколку Метју би ги издал своите еволутивни погледи со насловот „Можност за менување на растителните видови со текот на времето благодарение на преживувањето (селекцијата) на најдобро приспособените“. Но, како што е спомнато претходно, неговата книга „Дрвените бродови и садењето дрвја“ не привлекла внимание.

Како второ, и најважно, Дарвин можел да ги објасни причините за менување на видовите на своите современици врз основа на спроведените набљудувања. Тој ја одбил како неоснована претставата за „извежбаност“ или „неизвежбаност“ на органите и се свртел кон фактите на одгледување нови раси животни и сорти растенија од страна на луѓето - кон вештачката селекција. Тој покажал дека неопределената менливост на организмите (мутации) се предава на наследството и може да стави почеток на нова раса или сорта, доколку е полезна на човекот. Применувајќи ги овие податоци за дивиот свет, Дарвин укажал дека во природата можат да се зачуваат само оние промени кои се полезни за видот за успешна конкуренција со другите видови, и зборувал за борбата за опстанок и природната селекција, но и ја покажал еволуцијата на фактички материјал, при географската изолација и од позиција на строгата логика ги објаснил механизмите на дивергентната еволуција.

Тој исто така ја информирал јавноста за фосилните форми на џиновски мрзливци и оклопници, кои би можеле да се сметаат за еволуција во времето. Дарвин ја допуштил и можноста продолжено зачувување на некои просечни норми на видот во процесот на еволуција по пат на отстранување на сите отклонувачки варијанти, што подоцна било именувано како стазигенеза. Дарвин бил во можност да ја докаже реалноста на менливоста на видовите во природата, па затоа благодарејќи на неговата работа му дошле идеите за строгата постојаност на видовите. По ова, бесмислено било упорствувањето на статиката и фиксизмот.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Основни начела на геологијата, 1830-1833