Алфред Расел Волес

британски природонаучник
(Пренасочено од Алфред Волес)

Алфред Расел Волес (англ. Alfred Russel Wallace; 8 јануари 1823 во Аск, Монмутшир, Велс7 ноември 1913 во Бродстон, Дорсет, Англија) бил истакнат британски природонаучник, истражувач, географ, антрополог и биолог.

Алфред Расел Волес, портрет од првите страници на книгата „Дарвинизам“ од 1889 година.

Волес спроведува големо теренско истражување, најпрво во басенот на реката Амазон, а потоа на Малајскиот Архипелаг, каде ја открива Волесовата Линија која ја разделува австралиската од азиската фауна. Волес е најпознат со тоа што независно од Дарвин објавува своја сопствена теорија за природната селекција, со што го поттикнува Дарвин да ја објави неговата. Во XIX век, Волес е еден од водечките учени кои работат во областа на еволуцијата. На него се должат многу придонеси во еволуционата теорија, како на пример, идејата за апосематизмот и ефектот на Волес. Понекогаш Волес се нарекува „таткото на биогеографијата“, бидејќи го проучувал распространувањето на животните.

Волес е навлечен по спиритуализмот. Освен тоа, тој е поддржувач и на идеите за нематеријалното потекло на вишите мисловни способности на човекот. Овие негови навлечености доведуваат до затегнување на односите со другите претставници на научната јавност и особено со другите учени-пионери во областа на еволуцијата. Освен со научната дејност, Волес е познат и со активната општествена дејност, која е израз на неговата критика кон, според него, неправедниот општествен и економски систем во Англија од XIX век. Неговите интереси за биогеографијата го прават еден од првите учени кои изразуваат загриженост за влијанието на човековата активност врз животната средина.

Истражувачка работа

уреди

Придонеси кон еволуционата теорија

уреди

Фаќајќи маларија во Малака, Волес на болничкиот кревет размислувал за можноста за применување на старите малтусовски идеи врз живата природа за преживување на најспособните. На овој начин тој го разработил учењето за природната селекција, кое го изложил во статија која веднаш ја испратил во Англија на познатиот природонаучник Чарлс Дарвин.

Одма по добивањето на волесовата статија, Дарвин (кој во тоа време работел на своето револуционерно дело За потеклото на видовите) му пишал на Чарлс Лајел дека никогаш досега не се сретнал со толку силна коинциденција на идеи меѓу двајца луѓе и му ветил на Волес дека поимите кои тој ги користел ќе се најдат на првите страници од неговата книга. На 1 јули 1858 година, одломки од работите на Дарвин и Волес за природната селекција биле најпрво претставени на пошироката јавност — на членовите од Линеовото здружение.

Волес не сметал дека е потребно да развие своја последователна претстава за природната селекција како Дарвин, но затоа токму тој настапил со остра критика кон ламаркизмот и го вовел во научната јавност поимот „дарвинизам“.

Ефектот на Волес

уреди

Во 1889 година Волес ја пишува книгата Дарвинизам во која ја објаснува и заштитува природната селекција. Во неа тој ја изнесува хипотезата дека природната селекција може да создаде репродуктивна изолација меѓу два вариетета со создавање на бариери за хибридизацијата. На овој начин тоа би помогнало во процесот на создавање на нови видови. Волес го предлага следното сценарио: кога две популации од еден вид се разликуваат по одредена граница, при што секоја станува приспособена кон определени услови, хибридните единки би биле помалку приспособени и од едната, и од другата мајчина форма до толкав степен, што природната селекција ќе се стреми да ги елиминира хибридните единки. Освен тоа, при овие услови природната селекција би го поттикнувала развитокот на бариери пред хибридизацијата, бидејќи единките кои го избегнуваат вкрстувањето ќе имаат поприлагодено потомство и на тој начин придонесуваат за репродуктивната изолација на двата видови кои се во фаза на создавање. Оваа идеја е позната како ефект на Волес.

Придонеси во екологијата и биогеографијата

уреди
 
Карта на светот од Географското распространување на животните, на која се прикажани шесте биогеографски региони на Волес.

Во 1872 година, поттикнат најмногу од пријателите, меѓу кои Дарвин, Филип Склејтер и Алфред Њутн, Волес започнува истражување на начинот на географското распространување на животните. На почетокот напредува бавно, донекаде бидејќи класификациските системи за многу типови на животни подлежат непрекинати промени во тој период. Работата е обновена во 1874, по објавувањето на низа нови работи за животинската класификација. Волес го проширува системот на Склејтер, кој го дели светот на 6 одделни географски региони, за да може да го опише географското распространување на животните, со вклучувањето на цицачи, влекачи и инсекти. Така Волес ја создава основата на зоогеографските региони која се користи и денес. Тој обрнува внимание на сите познати фактори во неговото време кои имаат и имале влијание на распространувањето на животните во рамките на секој географски регион. Тука се вклучува и влијанието на копнената врска (како онаа меѓу Северна и Јужна Америка) и влијанието на ледените времиња. Волес издава карти на факторите како надморска височина, длабочина на океаните и одлики на регионалната растителност, кои влијаат на распространувањето на животните. Тој ги воопштува и сите познати фамилии и родови од вишите животни и дава список на нивното познато географско распространување. Информацијата е претставена така што на еден патешественик му биде лесно да се ориентира во смисла на кои животни се наоѓаат на дадено место. Плодот од работата на Волес, двотомникот Географско распространување на животните, е издаден во 1876 година и служи како основен извор на информации по зоогеографија во следните 80 години.

Задлабочената работа на Волес во областа на биогеографијата го тера да го осознае влијанието на човековата активност врз природата. Во книгата Природата на тропските предели и други есеи (1878), тој предупредува за опасноста од обесшумувањето и почвената ерозија, особено во тропската клима со обилни врнежи.

Награди

уреди

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди