Талес од Милет
Талес од Милет, (/ˈθeɪliːz/; грчки: Θαλῆς (ὁ Μῑλήσιος), Thalēs) — грчки филозоф и научник роден во Милет околу 625 п.н.е и починал околу 547 п.н.е во истиот тој град[1]. Тој им припаѓал на седумтемина древни грчки филозофи кај кои, всушност, се зачнала елинистичката филозофија. Живеел на преминот помеѓу 7-от и 6-от век пред нашата ера. Прочуена е неговата мисла: „Запознај се самиот себеси“. Кога Талес од Милет го прашале: „Што е тешко?“, тој одговорил: „Да се познаваш самиот себеси“. На прашањето „Што е лесно?“, неговиот одговор гласел: „Да му дадеш совет на друг“.
Талес од Милет | |
---|---|
Роден(а) | ок. 624 п.н.е |
Починал(а) | 546 п.н.е |
Период | Pre-Socratic philosophy |
Подрачје | Западна филозофија |
Школа | |
Претежна дејност | |
Значајни идеи | |
Влијаел врз
|
Животопис
уредиСпоред хроничарот Диоген Лаертиј, која пак се повикува на Херодот, на Дурис и на Демокрит, Талес бил по потекло од Феникија, а со родителите се доселил во Милет, град-држава на Егејското Море (во денешна Турција). Талес зборувал феникиски, а по преселбата во Милет научил старогрчки при што добил милетско граѓанство. Татко му Хексамија и мајка му Клеобулина припаѓале на угледно фаникиско семејство од родот на Телиди.[2]
Творештво
уредиТалес од Милет ја проучувал природата, астрономијата, математиката. Тој не оставил никаков пишан документ, така што не постојат негови изворни записи. Според Калимах, Талес го открил соѕвездието Малата мечка и ги напишал делата „За солистициј“ и „За еквиноција“ при што прв го претскажал затемнувањето на Сонцето (во 585 година п.н.е.), со што ја стекнал славата на еден од „сеумтемина мудреци“ на антиката. Исто така, ја утврдил рамнодневницата, движењето на Сонцето од еден до друг сонцестој. Покрај тоа, тој ги одредил четирите годишни времиња, ја поделил годината на 365 дена, а последниот ден од месецот го нарекол триесетти. Талес ја одредил големината на Сонцето (Сончевиот круг) и големината на Месечината која според него зафаќа седумстотини и дваесети дел од големината на Сонцето. Памфилиј наведува дека Талес бил одличен математичар кој геометријата ја научил од Египќаните и тој бил првиот кој во кружница впишал правоаголник. Хиероним тврди дека Талес ја измерил висината на пирамидата во Египет според должината на својата сенка. Диоген Лаертиј ја споменува анегдотата според која жителите на Милет му се потсмевале на Талес поради тоа што бил занесен во мислите, така што, во една прилика, кога чекорел замислен и загледан во небото, не ја забележал ископната дупка на патот и пропаднал во неа; тогаш, една старица го прашала како може да знае за небесните тела, кога не гледа пред себе.[3]
Филозофски погледи
уредиТалес е првиот филозоф и основач на првата филозофска школа — Милетската школа. Аристотел и Хипија тврдат дека Талес импридавал на предметите душевни својства, односно живот, како што е примерот со магнетот и со ќилибарот. Талес е првиот филозоф кој дал одговор на првото филозофско прашање: што е праоснова, пралемент на сè што постои. Според него, праосновата и прапочетокот на сè она што се раѓа и во што по извесно време се враќа е водата, зашто водата е сеприсутна и без неа нема живот,[4] а најверојатно ова тврдење го извел од египетските митови. Талес тврдел дека светот е жив и полн со божества и со тоа ја изразувал динамиката на светот и неговата творечка моќ. Тој сметал дека земјата е рамна плоча која лежи на вода.
Наводи
уреди- ↑ Lucien de Samosate 2015, стр. 46, note 7 .
- ↑ Светлана Поп-Дучева, „Талес“, Економија и бизнис, година 27, број 322, 1 ноември 2024, стр. 48-49.
- ↑ Светлана Поп-Дучева, „Талес“, Економија и бизнис, година 27, број 322, 1 ноември 2024, стр. 49.
- ↑ Светлана Поп-Дучева, „Талес“, Економија и бизнис, година 27, број 322, 1 ноември 2024, стр. 49.
Надворешни врски
уреди- Thales of Miletus from The Internet Encyclopedia of Philosophy
- Thales of Miletus Архивирано на 10 февруари 2005 г. from the MacTutor History of Mathematics archive
- Livius, Thales of Miletus Архивирано на 21 септември 2012 г. by Jona Lendering
- Thales
- Thales' Theorem - Math Open Reference With interactive animation
- Thales biography by Charlene Douglass With extensive bibliography.