Џорџ Беркли (12 март 168514 јануари 1753) познат како Епископ Беркли — англо-ирски филозоф чие главно достигнување е развојот на филозофија која тој ја нарекол „нематеријализам” (подоцна позната како „субјективен идеализам”).

Џорџ Беркли
Портрет на Џорџ Беркли
Роден(а)12 март 1685(1685-03-12),
Томастаун, Ирска
Починал(а)14 јануари 1753(1753-01-14) (возр. 67)
Оксфорд, Англија, Велика Британија
ПериодФилозофија на XVIII век
ПодрачјеЗападна филозофија
Школаидеализам, емпиризам
Претежна дејност
христијанство, метафизика, епистемологија, филозофија на јазикот, математика, восприемање
Значајни идеи
субјективен идеализам, господарски аргумент

Живот уреди

Беркли е роден во замокот Дајсарт, близу Томастаун, во грофовијата Килкени, Ирска, како најстар син на Вилијам Беркли, питомец на благородничкото семејство Беркли. Тој се школувал на колеџот „Килкени“, а на возраст од 15 години се запишал на клерикалниот универзитет „Тринити“ („Trinity College“) во Даблин. Магистрирал во 1707 година, а по завршувањето на студиите останал во колеџот „Тринити“ како ментор и професор по грчки јазик.[1]

Во периодот од 1714 до 1720 година, тој патувал низ Европа, вклучувајќи и тура низ Италија. Во 1721 година, Беркли бил ракоположен од Ирската црква, здобивајќи се со докторат по теологија и решил да остане на колеџот „Тринити” во Даблин, овој пат предавајќи теологија и еврејски јазик. Во 1724 година станал декан на Дери, но во 1725 година започнал проект за основање на колеџ во Бермуда за обука на свештеници и мисионери во колонијата. За да го оствари ова, тој се откажал од деканатот со приход од 1.100 фунти. Во 1728 година се оженил со Ана Фростер, ќерка на претседателот на Врховниот суд на Ирска. Потоа заминал за Америка за плата од 100 фунти. Се сместил близу Њупорт, во Род Ајленд, каде купил плантажи во Мидлтаун, Род Ајленд - познатата „Вајтхол”. Тој живеел таму чекајќи го капиталот за колеџот, но капиталот не стигнал и во 1732 година тој ја напуштил Америка и се вратил во Лондон. Додека живеел во Лондон на Савил Стрит тој зел учество во напорите за градење на градски дом за напуштените деца. Исто така, Беркли бил наведен како еден од оригиналните гувернери на болницата „Фаундлинг“, основана со Кралската повелба во 1739 година.

Целиот свој живот, Беркли го посветил на ширењето на христијанската религија и во 1734 година бил назначен за бискуп во Клојн. На таа положба останал до 1753 година, кога преминал во Оксфорд, каде умрел во 1754 година.[1] Тој бил погребан во катедралата на Исусовата црква (Christ Church), во Оксфорд.

Творештво уреди

Во 1707 година, Беркли објавил две помали расправи, „Arithmetica“ и „Miscellanea Mathematica“, додека во 1709 година излегло неговото прво поголемо дело „Есеј за новата теорија на видот“ (Essay towards a New Theory of Vision). Веќе следната година го објавил своето главно дело „Расправа за принципите на човечкото спознание“ (A Treatise concerning the Principles of Human Knowledge) во кое ја изнесол својата филозофска концепција во заокружен облик. Истите погледи ги објавил повторно во 1713 година, во популарна форма, во своето дело „Три разговори меѓу Хилас и Филонус“ (Three Dialogues between Hylas and Philonous). Неговите подоцнежни дела се помалку значајни, зашто во нив Беркли не изнесол нови идеи, туку во нив тој претежно ги повторува своите погледи или полемизира со слободните мислители. На пример, такви се делата: „Забелешки за Колинсовата расправа за слободоумноста“ (Remarks on Collins Discourse of Freethinking), „Алкифрон или безначајниот филозоф“ (Alciphron or the Minute Philosopher) од 1732 година, „Аналитичарот или расудување насочено кон еден математичар-неверник“ (The Analyst or a course addressed to an infidel Mathematician) од 1734 година и „Одбрана на слободоумноста во математиката“ (Defence of Freethinking in Mathematics) од 1735 година. Дури во своето последно дело „Siris“ од 1744 година, Беркли тргнал кон нов, платонистичко-мистичен пат.[2]

Филозофските погледи на Беркли уреди

Критика на апстрактните идеи уреди

Иако во многу нешта, филозофските погледи на Беркли претставуваат директна спротивност на филозофијата на Џон Лок, сепак тој може да се нарече ученик и продолжувач на делото на Лок. Имено, основните проблеми во неговата филозофија, начинот на нивното поставување, како и некои претпоставки, тој ги презел непосредно од Лок. Меѓутоа, тој не се задоволил со одредени решенија на Лок и се обидел да ги замени со нови. Тоа во прв ред се однесува на критиката на апстрактните идеи, дадена во неговото главно дело „Расправа за принципите на човечкото знаење“.

Беркли остро го критикувал ставот на Лок дека општото постои само во разумот, кој има способност да создава општи апстрактни идеи. Според Беркли, парадоксите и противречностите во кои запаѓа човечкиот разум потекнуваат од погрешната употреба на нашите духовни способности. Основниот пример за погрешна употреба на разумот и главниот извор на сите заблуди во нашето знаење се наоѓа токму во мислењето дека духот може да создава апстрактни идеи (на пример, идејата за бојата воопшто, која не е ниту црвена, ни зелена, ниту која и да било посебна боја). Според Беркли, ние можеме да ги замислуваме издвоено само оние делови кои се обединети во некој предмет, но може да постојат и независно, самостојно, но никако не можеме да ги замислиме оние квалитети кои не може да постојат издвоено. На пример, можеме да ја замислиме раката и без телото, но не можеме да замислиме рака без никаков облик.[3]

Како главен аргумент во прилог на своето тврдење, Беркли го наведува фактот дека „повеќето луѓе, а тоа се оние едноставни и необразовани, никогаш не тврдат дека имаат апстрактни поими“. Оваа теза, тој ја поткрепил и со друг аргумент, изнесен во делото „Алкифрон или безначајниот филозоф“, во кое тврди дека предметите кои не може да постојат во природата не може да постојат ниту во нашиот разум, т.е. во природата не постои општ триаголник или некоја општа боја, туку само конкретни триаголници и посебни бои. Во продолжение, Беркли тврди дека општите апстрактни идеи не се неопходни ни за разбирање меѓу луѓето ниту за проширување на знаењето. Притоа, Беркли истакнува дека критиката на апстрактните идеи не значи дека не постојат општи идеи или општи имиња. На пример, општото име се дава на некоја посебна идеја, која станува општа зашто се јавува како претставник на сите поединечни идеи од ист вид. Со тоа, Беркли ја застапува својата теорија на репрезентација, која се јавува како крајниот степен што го достигнал номинализмот во филозофијата. Номиналистичката критика на апстрактните идеи, Беркли ја искористил во борбата против материјализмот, т.е. во одбрана на идеалистичката теза дека не може да постои никаква материја воопшто, а оттука ниту поединечни материјални нешта.[4]

Учењето за супстанцијата уреди

Учењето на Беркли за супстанцијата во целост се движи во рамките на субјективниот идеализам. Така, тој го признава постоењето на духовната супстанција, но целосно го негирал постоењето на материјалната супстанција. Беркли смета дека во нашето надворешно искуство ни се дадени само конкретни осетни идеи и нивните множества, но не постои никаква материја или телесна супстанција. Овие поими се само општи апстрактни идеи, кои не може да постојат во реалноста. Притоа, тој оди уште понатаму и не само што го негира постоењето на материјата, воопшто, туку го негира и постоењето на поединечните материјални предмети кои би постоеле надвор од духот и независно од него. Според него, постојат само осетни предмети, а ти се само множества (колекции, комплекси) на нашите идеи, кои ги забележуваме со сетилните органи и кои, ако ги сретнеме заедно, ги нарекуваме со некое определено име. Покрај идеите, постои уште само духот (умот, душата, јас) кој е активно битие кое ги забележува идеите.

Според тоа, постојат само две нешта: духот и идеите (и нивните множества) при што постои битна разлика во начинот на нивната егзистенција. Духот е активна супстанција чија егзистенција се состои во тоа да ги забележува идеите и да размислува за нив, додека идеите се пасивни состојби на духот чија егзистенција се состои во тоа да бидат забележани од него. Тие постојат само во духот и за нив важи начелото „esse = percipi (да се биде = да се биде забележан)“. Бидејќи основното својство на духот е активноста, а на идеите пасивноста, ниту една идеја не може да биде слична на духот. Тоа значи дека не може да постои никаква идеја за духот.[5]

Своите идеи за духовната супстанција Беркли ги докажува со помош на неколку аргументи:[6]

  • Бидејќи единствениот предмет на човечкото сознание се неговите сопствени идеи (сетилните идеи, идеите на рефлексијата, сеќавањата и фантазијата, како и нивните множества), Беркли заклучува дека постоењето и забележувањето на материјалните предмети претставуваат contradictio in adjecto. Во таа смисла, тој вели: „Значи, како што е невозможно да видам или почувствувам некој предмет без вистинскиот осет на тој предмет, така ми е невозможно да замислам... некој предмет издвоено од осетот или забележувањето на тој предмет“ или „Сите сетилни предмети може непосредно да се забележуваат, нештата кои може непосредно да се забележуваат се идеите, а идеите постојат само во духот“, односно „За некој непосреден предмет на сетилата, т.е. која и да било идеја или комбинација од идеи, да постои во супстанцијата која не мисли, или надвор од сите духови, тоа е само по себе очигледна контрадикција“.
  • Вториот аргумент на Беркли се состои во расчленувањето на предметите на нивните составни делови и докажување на субјективноста на тие елементи. Овде, тој ја прифаќа тезата на Лок за субјективноста на секундарните квалитети, но ја негира неговата теза за објективното постоење на примарните квалитети. Напротив, Беркли смета дека и примарните квалитети се субјективни, затоа што и тие се релативни (на пример, големината на некој предмет се менува во зависност од тоа дали му се приближуваме или оддалечуваме), а истовремено, тие се најтесно поврзани со секундарните квалитети. Според тоа, сите наши идеи се потполно субјективни, а тоа значи и предметите, кои се само множества од идеи.
  • Третиот Берклиев аргумент се темели врз претпоставката дека духот е активен, а идеите се пасивни. Имено, точно е дека постојано настануваат нови идеи, а постоечките се менуваат или исчезнуваат. Меѓутоа, бидејќи идеите се неактивни, т.е. во нив нема никаква сила или дејност, тоа значи дека причината за менувањето на идеите мора да биде нешто што не е идеја, а тоа е духот. Оттука, идеите може да постојат само во духот.

Учењето за идеите уреди

Според Беркли, иако идеите постојат само во духот, тоа не значи дека тие постојат само во нашиот дух ниту дека самиот дух е нивниот извор. Меѓу идеите кои се наоѓаат во нашиот дух има и такви кои духот може, по својата волја, да ги менува, да ги создава и уништува, но исто така, има и идеи кои се надвор од власта на нашиот дух. На пример, човекот може да ги создава идеите на размислувањето, фантазијата или сеќавањето, но сетилните идеи не зависат од нашата волја. Покрај тоа што не зависат од волјата, сетилните идеи се многу посилни и поживи и покажуваат поголема постојаност и ред. Врз таа основа, Беркли заклучува дека причината (изворот) на сетилните идеи мора да се наоѓа надвор од нашиот дух - таа причина е Бог кој во нас ги предизвикува сетилните идеи. Тоа, пак, значи дека духот има двојна активност: од една страна, тој како разум (understanding) ги забележува идеите кои Бог ги втиснува во нашите сетила, а од друга страна, духот како волја (will) слободно создава идеи или изведува разни операции со нив.[7]

Со претпоставката за Бог, Беркли се обидел да ги избегне критиките насочени кон неговото учење, кое реалните предмети ги сведува на фантазија, на замислени нешта. На таа критика, Беркли одговара дека тој не одрекува дека постојат реалните предмети, но тврди дека тие не се материјални предмети, туку само идеи кои Бог ги втиснал во нашите сетила. На тој начин, Беркли се брани од уште една критика на неговото учење: Што се случува со реалните предмети, кога нашиот дух ќе престане да ги забележува? На пример, ако човекот излезе од собата, дали тоа значи дека предметите во неа престанале да постојат? Според Беркли, во тој случај, предметите престанале да постојат во нашиот дух, но тие продолжуваат да постојат во вечниот божји дух.[7]

Практичната полза од филозофијата уреди

Во завршниот дел на својата главна филозофска расправа, Беркли зборува за практичната полза од неговото учење. Во таа смисла, тој истакнува: „Кога материјата еднаш е исклучена од природата, таа со себе носи толку скептички и безбожни идеи, толку неверојатен број препирки и таинствени прашања, кои им биле трн во окото на теолозите како и филозофите, и му задала толку бесплодна работа на човештвото“. Всушност, самиот Беркли истакнува дека главната цел на неговото филозофско учење е одбраната на христијанската религија. Така, самиот тој вели: „Бидејќи најпосле, тоа што заслужува прво место во нашето учење е грижата за Бога и нашата должност. Нејзиното ширење беше главен поттик и намера на мојот труд и така, ќе го сметам потполно бескорисно и бесцелно ако со она што го реков не би можел да ги поттикнам своите читатели на побожното чувство на присутноста на Бога... и да ги почитуваат и прегрнат спасоносните вистини на евангелието чие познавање и извршување е највисокото совршенство на човековата природа“.[8]

Морална филозофија уреди

Трактатот „Пасивна послушност” (1712) е главниот придонес на Беркли за моралната и политичката филозофија. Други важни извори на моралните ставови на Беркли се „Алкифрон” (1732), особено дијалозите I-III, и „Говор до судиите” (1738).

Местото на Беркли во историјата на филозофијата уреди

„Расправа за принципите на човековото знаење” на Беркли била објавена три години пред „Универзален клуч” на Артур Колиер, кој изнесол слични тврдења како на Беркли. Сепак, немало никакво влијание или комуникација меѓу двајцата писатели. Германскиот филозоф Артур Шопенхауер пишува: „Затоа, Беркли е првиот кој сериозно се осврнал на субјективната почетна точка и непобитно ја докажал нејзината апсолутна неопходност. Тој е таткото на идеализмот...”

Џорџ Беркли е познат во учебниците по филозофија како голем претставник на британскиот емпиризам. Тој влијаел на многу современи филозофи, особено на Дејвид Хјум. „Мислата на Беркли ја овозможила работата на Хјум, а со тоа на Кант“, забележува Алфред Норт Вајтхед. Некои автори повлекуваат паралела меѓу Беркли и Едмунд Хусерл. Филозофските идеи на Беркли не биле многу влијателни во негово време. Но, интересот за неговите доктрини се зголемувал од 1870-тите, кога Александар Кембел Фрејзер, главниот изучувач на Беркли во XIX век, го објавил „Творештвото на Џорџ Беркли”. А.А. Лус и Томас Едмунд Џесоп, двајца од најистакнатите изучувачи на Беркли на XX век, дале моќен поттик на сериозни студии на филозофијата на Беркли со што Берклиевата стипендија се издигнала на ниво на специјална област на историско-филозофската наука. Опсегот на Берклиевата стипендија за историјата на филозофијата расте. Ова може да се процени од најопсежните биографии на Беркли. Околу 300 дела за Беркли биле објавени во периодот од 1709 до 1932 година. Во периодот од 1932-1979 излегле над илјада дела, т.е. 20 дела годишно. Во 1970 година, во Ирска, започнало објавување на посебно списание („Беркли Стадис“) за животот и мислата на Беркли.

Теологија уреди

Џорџ Беркли, како верен приврзаник на религијата, верувал дека Бог е непосредната причина на сите наши искуства. Текот на мислата на овој ирски епископ е интересен. Тој не го одбегнува прашањето за надворешен извор на разновидноста од сетилни податоци на располагање на човекот. Се трудел да покаже дека причините за осетите не се нештата, бидејќи она што ние го нарекуваме нешто и без основа се смета дека е различно од нашите осети се изградени од осети. Следствено, мора да постои надворешен извор на сите неисцрпни, разновидни сензации (таква е логиката на субјективниот идеалист)... Беркли заклучил дека изворот на нашите осети мора да биде Бог; Тие му беа дадени на човекот, а тој треба да ги види знаците и симболите во нив кои ги носат Божјиот збор во себе.

Доказот на Беркли за постоењето на Бог уреди

Колкава сила и да имам врз моите мисли, идеите перципирани од разумот не се зависни од мојата волја. Кога сред бел ден ќе ги отворам очите, не е во моја моќ да изберам дали ќе гледам или не, или да одредам кои објекти ќе бидат во мојот видокруг. Исто како и за другите сетила, идеите втиснати во нив не се битија на мојата волја. Затоа, мора да постои некоја друга волја или дух што ги произведува.

Таа „друга волја или дух” е Бог. Мистичниот идеализам на Беркли (како што го крстил Кант) тврди дека ништо не го дели човекот од Бога (освен материјалистичките заблуди, се разбира), бидејќи природата и материјата не постојат независно од свеста како реалност. Според оваа доктрина откривањето на Бога е достапно за човекот, тоа е сетилно перципираниот свет, светот на човековите осети кој на човекот му беше даден одозгора за да ја дешифрира и така да ја разбере божествената цел.

Голем број критичари го сметаат ваквиот „доказ” за само еден тактички удар и оваа транзиција на Беркли во суштината на објективниот идеализам е наменета да ги избегне последиците на крајната субјективност на формулата „esse est percipi”. Традиционално е прифатен фактот дека логичкиот развој на нематеријализмот на Беркли со изјавата дека ништо не постои освен јаството води до краен субјективизам. Современиците веќе му го препишале крајниот субјективизам на Беркли. Типична е реакцијата на Томас Рејд. Во „Есеи за интелектуалните моќи на човекот“ (II, X), тој тврди дека системот на Беркли ги одзема сите наши докази за постоењето на други интелигенти битија како себеси. Тоа што го нарекувам татко, брат, пријател е само еден дел идеи во мојот ум... Не можам да најдам принцип кој дава можност за да се дојде до заклучок дека постојат интелигентни битија како мене во системот на Беркли... Оставен сам во таа безнадежна состојба на егоизам, се вели дека некои од следбениците на Декарт произлегле од неговата филозофија, како единствено божјо дело во универзумот.

Нова теорија за вид уреди

Во пасусите 1-51 од „Есеј за нова теорија на вид”, Беркли расправа против класичните научници на оптиката со мислењето: просторната длабочина како растојанието помеѓу перципирачот и перципираниот објект е самото по себе невидливо. Имено, растојанието е перципирано од искуство наместо преку самите сетила. Беркли продолжува да расправа дека оптичките знаци како перципираната проширеност или „конфузија” на објектот може да се користат за индиректно да се пресуди растојанието бидејќи набљудувачот учи да ги поврзува оптичките знаци со опипливите сензации. Беркли ја дава следнава аналогија во врска со индиректната перцепција на растојание: човекот индиректно го перципира растојанието исто како што индиректно перципира нечија засраменост. Кога гледаме во засрамен човек можеме индиректно да заклучиме дека е засрамен по црвената боја на неговото лице. Преку искуството знаеме дека црвеното лице дава знак на засраменост, бидејќи сме научиле да ги поврземе двете. Прашањето за видливоста на просторот било централно прашање на ренесансната традиција на перспективата и нејзината зависност од класичната оптика во развојот на сликовното претставување на просторната длабочина. Научниците дебатирале на ова прашање уште од времето на арапските математичари од XI век и математичарот Алхасен (ал-Хасан Ибн ал-Хајтам) кој ја потврдил видливоста на просторот во експериментален контекст. Ова прашање, покренато во теоријата за визија на Беркли, е темелно обработено во „Феноменологија на перцепција” на Морис Мерло-Понти во контекст на потврдување на оптичката перцепцијата на просторот (длабочината) и на начин со кој ја побива теоријата на Беркли.

Филозофија на математика уреди

Покрај неговиот придонес во филозофијата, иако индиректно, Беркли има придонес и во областа на математиката. Беркли се занимавал со математиката и нејзиното филозофско толкување уште од најраните фази на неговиот интелектуален живот. Делото „Филозофски коментари” (1707–1708) сведочи за овој интерес:

Аксиома. Нема расудување за нештата за кои немаме идеја. Според тоа нема расудување за инфинитезималностите. (#354) Одземете ги знаците од аритметиката и алгебрата, што останува? (#767) Тоа се чисто вербални науки и потполно бескорисни освен за примена во човековите општества. Нема шпекулативни знаења, нема споредби на идеи во нив. (#768)

Беркли објавил две расправи за математиката во 1707 година. Во 1734 година го објавил „Аналитичар” со поднаслов – Говор кој се обраќа на неверен математичар, критика на калкулус. Флоријан Кајори ја нарекол оваа расправа „најспектакуларниот настан на векот во историјата на британската математика”. Неверниот математичар се верува дека бил или Едмонд Халеј или Исак Њутн – ако се работи за вториот тогаш се работи за посмртно обраќање бидејќи Исак Њутн починал во 1727 година. „Аналитичар” претставува директен напад на темелите и принципите на инфинитезималното сметање и, особено, идејата за флукс или инфинитезимална промена која Њутн и Лајбниц ја користеле за да го создадат калкулусот. Беркли ја сковал фразата духови на починатите количини позната на оние кои го изучуваат калкулусот (видете, книгата на Ијан Стјуарт „Од тука до бесконечност”, глава 6), која ја доловува суштината на критиката.

Беркли ја сметал неговата критика на калкулусот како дел од неговата поголема кампања против религиозните импликации на Њутновата механика – како одбрана на традиционалното христијанство против деизмот, кој се стреми да го оддалечи Бог од неговите верници. Покренатите тешкотии од Беркли биле присутни и во делото на Коши, чиј пристап кон инфинитезималното сметање бил составен од инфинитезимали и поим за граница, за конечно да бидат избегнати со помош на (ε, δ) пристапот на Вајерштрас кој целосно ги елиминирал инфинитезималите. Понатаму, Абрахам Робинсон ги вратил инфинитезималните методи со неговото дело „Нестандардна анализа” во 1966 година и покажал дека може точно да се користат.

Почитување уреди

Беркли заедно со Џозеф Батлер се почестени со празникот што се слави на 16 јуни по литургискиот календар на епископската црква во САД. Еден колеџ и епископски семинар на универзитетот Јејл го носат името на Беркли, како и библиотеката на колеџот Тринити во Даблин.

Надворешни врски уреди

Предлошка:Wikisourceauthor

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 „George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 106-107.
  2. „George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 107-108.
  3. „George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 108-109.
  4. „George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 109-111.
  5. „George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 111-112.
  6. „George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 112-115.
  7. 7,0 7,1 „George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 117.
  8. „George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 118.