Евмен Кардиски (362 п.н.е. - 316 п.н.е.) — македонски генерал и секретар на Александар Македонски и еден од дијадосите. Од 323 п.н.е. бил сатрап на Кападокија и Пафлагонија. Бил предаден од неговите војници во дијадошките војни.

Евмен е роден во Кардија, Галиполе. Работел како секретар кај Филип II, а после неговата смрт и кај Александар Македонски. После смртта на Александар 323 п.н.е. командува со голема војска, која е во служба на Александар IV Македонски (родениот син на Александар). При поделбата на македонската империја Евмен на управување ја добива Кападокија и Пафлагонија, кои биле проблематични за владеење.

Регентот на македонската империја Пердика, им дава задача на Антигон и Леонат да му помогнат на Евмен за целосно да завладее со Кападокија и Пафлагонија. Антигон ја одбил оваа задача која му ја дал Пердика, по што бил повикан на суд заради непослушност. Но Антигон се здружил со Антипатар, Кратер, Птоломеј и Лизимах против Пердика. Евмен останал на страната на Пердика. Кога Кратер и Антипатар завршиле со Ламиската војна и ја потчиниле Грција, тргнале во Азија за да го срушат Пердика. Прво ја нападнале Кападокија. Кратер и Неоптоломеј, сатрапот на Ерменија, биле поразени близу Хелеспонт 321 гпне од страна на Евмен. Неоптоломеј загинал во битката, а Кратер подоцна починал како последица на тешкото ранување.

Откако бил убиен Пердика во Египет, македонските генерали решиле да расчистат и со Евмен, таа задача ја добиваат Антипатар и Антигон. На Евмен му откажуваат послушност неговите официри по што морал да се засолни во тврдината Нора, која се наоѓала помеѓу Кападокија и Ликаонија, каде останал повеќе од една година, сè до смртта на Антипатар.

Антипатар го препушта регентството на неговиот пријател Полиперхон наместо на неговиот син Касандар, по што Касандар се здружува со Антигон и Птоломеј, а Евмен се здружува со Полиперхон.

После напуштањето на тврдината Нора, Евмен ја напаѓа Феникија и Сирија. Антигон 318 п.н.е. трнува против Евмен кој морал да се повлече во источниот дел од македонското царство. Се одвиле две помали битки, Битката кај Паратакена 317 п.н.е. и Битката кај Габјена 316 п.н.е., после кои Евмена неговите сопствени војници го предале на Антигон.

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди