Антигон I Едноокиот

Антигон I Едноокиот (382 п.н.е. - 301 п.н.е.) бил генерал во војската на Александар Македонски,[1][2] зачетник на Антигонидската династија.

Монета со Антигон I Едноокиот (382 п.н.е. - 301 п.н.е.

Антигон бил значајна личност за време на војната на дијадосите. Се прогласил себеси за крал 306 п.н.е., имал намера повторно да ја обедини Македонската империја, но не успеал во своите намери.

За време на Александар Македонски, Антигон управувал со Фригија од 333 п.н.е., а после неговата смрт 323 п.н.е., регентот на империјата Пердика го поставува за сатрап на Фригија, Памфилија и Ликија.[1] Подоцна Антигон се свртел против Пердика склопувајќи сојуз со Антипатар, Кратер, Птоломеј и Лизимах. Сојузот со Антипатар бил зацврстен и со династички брак. Ќерката на Антипатар, Фила била омажена за синот на Антигон, Деметриј I Опсадникот.[1]

После смртта на Пердика, дошло до конечна поделба на Македонската империја. Антигон се борел против Евмен во Мала Азија. После поразот на Евмен, ја контролирал Азија и станал најсилен дијадох.[1]

Антигон влегува во Суза и Вавилон, градови кои биле под владение на Селевк I Победникот, кој пак бил во сојуз со Птоломеј, Лизимах и Касандар. Неговиот син Деметриј I Опсадникот претрпел пораз од Птоломеј во Битката кај Газа 312 п.н.е.. Селевк успева да го поврати Вавилон во 311 п.н.е. година, кога е склучен мир.[1]

Антигон склопил мир со Птоломеј, Лизимах и Касандар, но продолжил да војува со Селевк I Победникот, обидувајќи се да ги поврати изгубените источни територии. На одредени моменти повторно го освојува Вавилон 309 п.н.е., но после неколку порази присилен е да се повлече.

Започнале војни помеѓу Птоломеј и Касандар. Птоломеј се проширува на Кипар, Егеј и делови од Мала Азија. Деметриј I Опсадникот го победил Птоломеј во Битката кај Саламина на Кипар 306 п.н.е.. После оваа битка Антигон и неговиот син Деметриј се прогласуваат за кралеви и наследници на Македонската империја.

Антигон подготвил огромна поморска флота и во 306 п.н.е. се обидел да изврши инвазија врз Египет. Но силна бура го спречила да помине низ одбранбениот систем на Птоломеј и да изврши инвазија врз Египет. Островот Родос одбил да учествува во инвазијата врз Египет, па затоа Деметриј I Опсадникот извршил опсада која траела од 305 п.н.е. до 304 п.н.е. и која се завршила со мировен договор.

Антигон бил во војна со Селевк I Победникот, Птоломеј, Лизимах и Касандар, бидејќи граничел со овие дијадоси. Толку многу воено го исцрпил Касандар така што овој молел за примирје, а Антигон го одбил и барал да владее со цела Македонија. Меѓутоа сојузничките напади го спасуваат Касандар, па Антигон и неговиот син Деметриј се борат против Лизимах. Селевк I Победникот и Лизимах на крај го победуваат и убиваат Антигон во Битката кај Ипс 301 п.н.е..

Антигон имал намера повторно да ја обедини Македонската империја. Но Селевк, Птоломеј, Лизимах и Касандар немале таква намера, туку ја прифатиле поделбата на Македонската империја во неколку помали кралства. Империјата на Антигон после поразот ја поделиле Селевк I Победникот и Лизимах. Деметриј I Опсадникот ја презел Македонија во 294 п.н.е. и таму владее со Антигонидската империја сè до 168 п.н.е. кога неговата империја после македонско-римските војни е завладеана од страна на римјаните.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 33. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Личности од Македонија. Скопје: МИ-АН. 2002. стр. 24. ISBN 9989-613-28-1. На |first= му недостасува |last= (help)

Литература уреди