Холокауст
Холокауст (на хебрејски: השואה Ха-шоа) е термин кој се користи за масовното систематско убивање на околу шест милиони европски Евреи, во текот на Втората светска војна, од страна на нацистичкиот режим во Германија, предводен од Адолф Хитлер.
Националсоцијализам |
---|
Организации
Историја
Идеологија
Списоци
|
Овој режим исто така масовно убивал и други народи и групи на луѓе, како: Ромите, Словените, хомосексуалците, хендикепираните, итн.
Што е тоа Холокауст?
уредиЗборот Холокауст потекнува од старогрчката кованица holocauston [(ὁλοκαύτωμα, holokáutoma): (ὅλος) holos-целосно, (καῦσις) kausis, causton-палење)] и се користи за да го опише убивањето на околу шест милиони европски Евреи во текот на Втората светска војна, како дел од програмата за планско и методско уништување на Евреите и некои други народи од страна на Адолф Хитлер.
Други групи кои систематски биле убивани од страна на овој режим, вклучуваат околу:
- 220.000 Синти и Роми,
- 5.000 Јеховини сведоци,
- 25.000 хомосексуалци,
- околу 400.000 Полјаци и
- политички затвореници.
Зачетоците на Холокаустот - 1933-1938
уредиСе започна со бојкотот на еврејските продавници и заврши со гасни комори во Аушвиц, во намерата Адолф Хитлер и неговите следбеници да ги истребат Евреите и другите "неариевци" низ Европа, а подоцна и Светот. Во јануари 1933 година, по десетгодишна политичка борба, Адолф Хитлер дојде на власт во Германија. Додека неговата моќ растеше, тој континуирано ги обвинуваше Евреите за поразот на Германија во Првата светска војна и за економските тешкотии со коишто таа се соочи потоа. Во јавноста, тој ја пласираше расната теорија, според која Германците со светол тен, руса коса и сини очи се супериорна човечка раса, владеачка раса, а спроти нив се Евреите, кои коваат светски заговор со што се обидуваат да ја оттргнат германската раса од позициите во светот што им припаѓаат и да владеат со светот.
Во тој период, Евреите беа едвај еден процент од тогашната 55 милионска германска популација. Германските Евреи во тоа време беа космополити и горди што се Германци по националност, а Евреи по религија. Тие живееа во Германија со векови. Тогаш, како и сега, важеа за интелигентни луѓе со успеси во многубројни професии.
Меѓутоа, германската држава, водена од нацистичкиот режим, со Законот од Нирнберг (1935) најпрвин го забрани бракот меѓу не-Евреи и Евреи и со што Евреите беа отстранети од училиштата како професори, им беше забрането да обавуваат јавни професии, да служат во војската, па дури и да седат на иста клупа во парк со не-Евреи.
Во исто време, добро организираните активности на Министерството за пропаганда на министерот Јозеф Гебелс ги претставуваше Евреите како непријатели на Германија и германскиот народ. Секој ден, по весниците се објавуваа натписи против Евреите, а ѕидовите се облепуваа со антисемитски постери.
Во март 1938 година, Хитлер ги прошири границите на Германија, прогласувајќи припојување (аншлус) на Австрија. И таму Евреите ги изгубија своите основни човекови права. Како и во Германија, беа приморувани на јавна работа зачинета со потсмев под будното око на германската нацистичка младина.
„Ноќта на скршеното стакло“ - повод за почеток на Холокаустот
уреди- Главна статија: Ноќ на скршеното стакло
Како кулминација на се, т.н. Ноќ на скршеното стакло (Кристална ноќ), ноќта на 9 спрема 10 ноември, кога 17-годишниот Хершел Гринцпан го уби германскиот амбасадор во Париз, Ернст фон Рат, се смета за официјален почеток на холокаустот.
Користејќи ги аргументите на ова убиство, нацистите го оправдуваа првиот Прогон против Евреите. Истата ноќ, деведесетина Евреи беа убиени, над 500 синагоги беа запалени, а скоро сите излози по продавниците на Евреите беа искршени. Веднаш потоа, се случи првото масовно апсење на поголема група Евреи, околу 25.000, кои беа однесени во концентрациони логори.
Следните неколку недели, огромни бранови на бегалци ја напуштаа Германија, во обид да се спасат, но наидуваа на незаинтересираност од западните земји и Америка. Таков е примерот со бродот Св. Луис, со околу 1000 Евреи, кои, откако биле одбиени да се укотват во Куба и САД, биле приморани да се вратат назад во Германија.
Хитлер ја започнува својата борба („Мојата борба“)
уредиВо говорите на Хитлер, тој ги обвинува Евреите за поразот во Првата светска војна, како и предупредува дека ако не престанат странските финансирања на Евреите, Европа нема да треба да се плаши од болшевизација, туку од претворање во еврејски континент. Тој се обидувал да ги обвини Евреите за лошата економска состојба во земјата, со намера да добие огромна поддршка од германскиот народ. Испровоцирани од неговите говори, тие се придружувале кон германската нацистичка војска. Војната започна на 1 септември 1939 година, со нападот на Германија врз Полска, земја која беше дом на три милиони Евреи. По брзата победа над Полска, Хитлеровата администрација ги оформи Еврејските гета во Лоѓ, Краков и Варшава.
Била забранета секаква комуникација на Евреите од гетата со останатиот дел од светот. Илјадници умреле бавно од глад и болести. Наскоро, гетата потпаднале под администрација на Хајнрих Химлер, водачот на нацистичките СС сили, Хитлеровата најлојална организација, составена од фанатични млади Германци од чиста раса, според наци-стандардите.
Пролетта 1940 година, Химлер наредил градење на концентрационен логор близу полскиот град Освик, преименуван од нацистите во Аушвиц, со намера да се изолираат полските затвореници и да се обезбеди бесплатна принудна работа.
Евреите на Источниот фронт
уредиВо меѓувреме, Хитлер ја продолжи својата инвазија врз Европа, поразувајќи ги Белгија, Холандија, Луксембург и Франција, ставајќи огромен број на Евреи под контрола. Наредната 1941 година, претставува критична точка во Втората светска војна. Во јуни, Хитлер, и покрај договорот со Сталин, го напаѓа Советскиот Сојуз. Во Советскиот Сојуз во тој период, живееле околу 3 милиони Евреи, мнозинството по изолирани еврејски села, наречени Штетли. Биле пуштени четири едници на СС силите, кои помогнати од локални етнички Германци и антисемитисти, систематски ги убивале жителите и ги палеле селата.
Финалното решение за „Еврејското прашање“
уредиЛетото 1941, СС водачот Хајнрих Химлер го повикал новоназначениот командант на Аушвиц, Рудолф Хес, информирајќи го дека: „Фирерот понуди финално решение за Еврејското прашање. Ние, СС, мораме да се погрижиме за тоа... Поради тоа, јас го одбрав Аушвиц за таа цел.“
Во Аушвиц, голем дел од логорите веќе биле во изградба, именувани под името Аушвиц 2 (Биркенау). Овој дел ќе стане средиште на четири огромни гасни комори, употребувани за масовно истребување. Идејата за масовно убивање потекнувала од програмата Убиство од милосрдие, која ја применувале докторите за евтаназирање на болните и немоќи цивили од окупираните Австриски и Полски територии. Во меѓувреме, за само два дена, во месноста Баби Јар во Украина, биле стрелани 33.000 Евреи-цивили.
Нередната 1942 година, вториот по ранг командант на СС-силите, Рајнхард Хејдрих, на конференцијата во Ванси, Берлин, ги изнел плановите за Финалното решение. Според него, Евреите од Европа треба да се депортираат во Полска, каде што со полна пареа се граделе нови погони за истребување, како Белзец, Собибор, Треблинка и Аушвиц-Биркенау.
Систематско и планско истребување
уредиСекој детал од истребувачкиот процес бил методски испланиран. Евреите кои пристигале со возови од Белзец, Собибор и Треблинка, биле лажно информирани од СС дека тоа е само транзитно запирање и дека ќе продолжат кон нивното вистинско одредиште (фабрики каде требало да работат) по извесно време. Им било кажувано дека нивните алишта ќе бидат дезинфицирани и дека треба најпрвин да се истушираат. Мажите биле одделувани од жените и децата. Сите биле водени во бараките за соблекување. На жените и девојките им била сечена косата. Најпрвин мажите, а потоа и жените, биле водени во простории со тушеви, каде откако ќе влезеле, им ги затворале вратите и ги вклучувале машините на бензин. Смртоносниот јаглерод моноксид за кратко им ја труел крвта, по што следела нова тура на "капачи".
Во Аушвиц-Биркенау, на новодојденците им ја одземале облеката, ја ставале во посебни фиоки со броеви и им наредувале секој да го запомни бројот на својата фиока за "подоцна". Наместо јаглерод моноксид, за нив бил користен комерцијалниот пестицид Циклон-Б. Најпрвин умирале децата, а потоа возрасните, бидејќи пестицидот е вид на високоотровна киселина, која им била пуштана во вид на пареа. По 4-5 минути, влегувале специјални единици составени од Евреи-заробеници, кои ја "чистеле" просторијата за наредната група. Претходно, им биле вадени златните заби, доколку некој имал такви. Телата биле уништувани на различни начини, вклучувајќи масовни палења, кремирање на отворен оган, или во специјално дизајнирани печки, како оние од Аушвиц. Сета облека, пари, злато, накит, очила и други вредности, биле сортирани и вратени назад во Германија за „повторна употреба“. Косата од жените била праќана во фирма во Баварија, за производство на перници, перики и фломастери!
Еден невообичаено перфиден аспект на сите овие злосторства им дава фактот што со имиња на веќе убиените Евреи биле праќани разгледници од фиктивната област Валдси, до нивните роднини дома, со зборовите: „Ние сме добро и добро ни оди. Работиме и добро сме третирани. Го чекаме вашето пристигнување овде“, кои биле испечатени на позадината!
Возовите кои пристигнувале во Аушвиц, биле подложни на селикционен процес од страна на СС "докторите", како Јозеф Менгеле. Способните млади Евреи биле тетовирани на левата рака и праќани на принудна работа. Сите други биле праќани во гасните комори. Само децата близнаци биле исклучени од ова, за да бидат подложени на страшни ѕверски генетски експерименти.
Во Полска функционирале шест концентрациони логори, меѓу кои и Мајданек и Шелмно, во кои континуирано се вршело погубување со отровни гасови. Додека Нацистичка Германија се обидувала да ги сокрие од јавноста овие концентрациони логори, низ територијата на Русија окупирана од нацистите се вршеле масовни стрелања. Во еден извештај од 2 јули 1942, се споменува дека до тогаш биле стрелани над 1.000.000 руски Евреи.
Светскиот еврејски конгрес реагира - Папата и светот се прават глуви
уредиЛетото истата година, на Светскиот Еврејски конгрес во Швајцарија, било информирано за тајните планови на нацистите и за ова биле информирани Вашингтон и Лондон. Во декември, ова прашање било ставено на седница на американскиот Комонхаус, со заклучок дека во Европа навистина се случува масовно истребување на Евреите.
Евреите од САД на разни начини се обиделе да реагираат за да ја вклучат американската војска во акција за спасување на Евреите од Европа, што резултирало со свикување на Бермудската конференција (19-30 март 1943). Конференцијата завршила со неуспех и разидување меѓу претставниците на САД и Британија. Дури по седум месеци, ноември, Претседателот Франклин Рузвелт формирал Одбор за воени бегалци за да им помогне на неутралните земји да ги примат недепортираните Евреи и да ги спасат од гасните комори. Овој одбор успеал да спаси само околу 200.000 Евреи, благодарејќи на херојските напори на шведскиот дипломат Раул Валенберг, кој работел во окупираните територии на квинслингшка Шведска.
Во април 1944 година, двајца Евреи успеале некако да избегаат од Аушвиц и да пребегнат во Чехословачка. Едниот од нив, Рудолф Врба, поднел извештај до Папскиот Нунциа за Словачка, кој пораката ја пренел до Ватикан кон средината на јуни. Папата Пју XII не го објавил извештајот и не ги осудил масовните убиства врз Евреите од страна на нацистите, туку одлучил да молчи!!!
Во повеќе случаи, некои земји одбивале да го депортираат своето Еврејско население. Данскиот крал Кристијан Х, ги спасил скоро сите 7.500 Евреи со тоа што ги засолнил во Шведска, до каде биле пренесени со рибарски бродови.
Исто така бугарската влада, предводена од Богдан Филов, ставена под притисоците на многу политичари како Димитар Пешев, општествени деjци и организации како Бугарската Егзархиjа, одбила депортација и ги спасила сите 50.000 Евреи, кои биле бугарски граѓани. Во исто време Бугарија ги депортирала Евреите од окупираните делови на Македонија и Грција.
Депортирањето на македонските Евреи во логорот Треблинка
уредиЗа повеќе информации видете Депортација на Евреите од Македонија.
Ноќта на 11 март 1943 година, околу 7200 Евреи од Македонија (од Скопје, Битола и Штип) или нешто повеќе од 98% од вкупното еврејско население во Македонија биле уапсени од бугарската окупаторска фашистичка власт и затворени во скопскиот Монопол (магацините на тутунскиот комбинат Скопје) од каде што со товарни вагони биле депортирани во концентрациониот логор Треблинка во Полска, каде што скоро сите биле убиени.
Огромната лага
уредиЗа да покажат пред светската јавност дека Холокаустот не се случува, нацистите поканиле делегација на Црвениот крст во посета на Тересиенстад (Терезин), гето во Чехословачка специјално реконструирано за таа намена. Претставниците на Црвениот крст можеле да се убедат во добрите услови за живеење на Евреите, убавите банки, продавници, училници и сл., па дури исценирале и постоење на програма за музичко образување на еврејските деца. По заминувањето на делегацијата, Евреите од гетото биле испратени во Аушвиц и веднаш погубени со гас, а гетото било срамнето со земја.
Судбината во свои раце
уредиЕвреите не ја чекале повеќе странската помош и спас на нивната нација, туку во повеќе наврати сами се обидувале да се спасат, како што е случајот на 28 дневната битка на 750 Евреи од Варшавското гето против 2000 добро вооружени СС-војници. Откако никако не можеле да го скршат отпорот, нацистите решиле да го минираат целото гето. Еден СС извештај ги опишува тие сцени: „Евреите стоеа во запалените згради сè додека не се запалеа, поради што скокаа, и така, со искршени коски, се обидуваа да станат и да ја поминат улицата, со намера да се засолнат во зграда којашто сѐ уште не беше запалена. И покрај опасноста да изгорат, Евреите и другите бандити секогаш претпочитаа да се вратат во пламените јазици од зградите, отколку да бидат фатени од нас.“
Отпор имало и по другите логори на смртта, како Треблинка, каде избил бунт во август 1943, по што Химлер наредил кампот да се уништи. Во Собибор се случило масовно бегство во октомври 1943, кога еврејски и руски затвореници убиле 11 СС војници и избегале со уште 300 логораши по шумите. Само 50 успеале да избегаат и преживеат, а другите биле фатени и стрелани. Во Аушвиц-Биркенау во октомври 1944, Еврејските "сондеркомандоси" (чистачи на гасните комори) успеале да ја уништат печката број 4.
Познати се и случаите со неколку неевреи, кои се истакнале со нивната храброст при помагањето на евреите. Особено е познат примерот со Германецот Оскар Шиндлер, кој спасил 1.200 Евреи со тоа што ги преместил од работниот логор Плацов, во неговиот роден град Брунлиц. Државата Данска ја спасила скоро целата еврејска популација со нивно транспортирање преку море.
Пресвртот во војната
уредиВо текот на 1944 година, Хитлер почна да доживува бројни порази против здружените Сојузници. Сепак, организираното убивање на Евреи продолжило со истото темпо. Во мај, по наредба на СС полковникот Адолф Ајхман, започна масовната депортација на преостанатите Евреи, при што меѓу 15 мај и 9 јули, над 430.000 унгарски Евреи биле депортирани во Аушвиц. Во тој период, во Аушвиц се достигнувал рекордот во бројката на убиени и кремирани Евреи, над 9.000 на ден! Биле користени шест големи печки за да се палат телата на отруените, а секојдневно бројот на убиените го надминувал капацитетот на крематориумите.
Незапирливите трупи на Сојузниците, предводени од советската војска, на 24 јули 1944 го ослободила првиот концентрационен логор во источна Полска - Мајданек, каде што биле убиени над 360.000 илјади Евреи. Откако Советската армија наближувала кон Аушвиц, Химлер наредил целосно уништување на гасните комори. Аушвиц бил заземен од Советите на 27 јануари 1945 година, а во меѓувреме таму од студ умреле над милион и половина Евреи, Полјаци, Цигани и руски затвореници. Западните членки на Сојузниците навлегле на територијата на Германија во пролетта 1945 и ги зазеле логорите Букенвалд, Берген-Белсен и Дакау.
На 30 април 1945 година, опколен од Советската армија и соочен со пораз, Адолф Хитлер се верува дека извршил самоубиство. Дотогаш, поголемиот број на европски Евреи биле убиени, од кои 3,5 милиони биле отруени во гасните комори и потоа кремирани, а 1,5 милиони биле стрелани на масовни стрелби или во битките по гетата.
По седум месеци, започна Нирнбершкото судење за воени злосторства, на кое им се судеше на 22 врвни нацисти, обвинети за злосторства против човештвото.
Скоро два милиони жртви на Холокаустот не беа Евреи
уредиТочната бројка на жртви на холокаустот не може со сигурност да се утврди, но располагајќи со документи кои не биле уништени од нацистите, научниците и аналитичарите, пресметале дека се работи за бројка помеѓу 6 и 7 милиони убиени, отруени и потоа кремирани затвореници од логорите на смртта. Таа бројка вклучува 5-6 милиони Евреи, од кои дури 3 милиони биле полски Евреи, 1,8 милиони полски христијани (бројка која не ги вклучува оние кои се приклучиле во антифашистичките движења и така го загубиле животот и оние кои биле депортирани од Советите во Средна Азија и Сибир), околу:
Постојат статистички податоци дека уште:
- 3.5-6 милиони цивили Словени,
- 2.5-4 милиони Советски воени заробеници и
- 1-1,5 милиони политички десиденти биле стрелани од страна на нацистите,
но за нив нема поткрепени со факти податоци.
Над 100.000 не-Еврејски Полјаци беа убиени во логорот Аушвиц. Германците принудиле над 2.000.000 млади Полјаци на принудна работа во Третиот Рајх. Русите, исто така, депортирале над 1.700.000 Полјаци на принудна работа во Сибир. Полските деца, кои имале Ариевски изглед, биле одделувани од своите мајки и носени во Германија за да бидат раснати како Германци. Оние кои не поседувале ваков изглед, биле носени во логорот во Лоѓ, на расно истребување. Полските католици всушност, биле првите жртви на германските логори на смртта. Всушност, првите 21 месец пред 1940, Аушвиц бил населен само со Полјаци (не-Евреи). Првиот етнички Полјак умрел во Аушвиц во јуни 1940, а првиот Евреин во октомври 1942 година.
До ден денес, огромен дел од документацијата за Холокаустот- не е достапна. Целата документација за Аушвиц била украдена од Советите и сè уште не е вратена и отворена за јавноста. Нацистите уништиле огромен дел од документите, спомениците и историските записи, помагајќи му на Хитлер во намерата да напише нова историја, во која никогаш не ни постоеле Евреите, Ромите, Словените, туку само германската Ариевска раса.
Медицински експерименти, генетски испитувања - дел од ужасот на Холокаустот (од биографијата на „доктор“ Јозеф Менгеле)
уредиЈозеф Менгеле (1911-1979), бил германски СС-офицер и доктор во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау. Бил одговорен за селектирањето на затворениците, одредувајќи кој треба да биде убиен а кој да биде принуден работник, а за вршењето на своите експерименти врз луѓе со "дубиозна научна вредност", Менгеле станал познат како ‘‘Ангел на Смртта‘‘. По завршувањето на војната, тој најпрвин се криел во Германија под лажно име, по што избегал и живеел во Јужна Америка, најпрвин во Аргентина (до 1959), а потоа во Бразил, каде во "несреќа" се удавува.
Во 1931 година, на возраст од 20 години, Менгеле се приклучува кон паравоена организација, која во 1933 се приклучува кон Германските СА-сили. На Нацистичката партија им се приклучува во 1937, а во 1938 им се приклучува на СС-силите. Во 1942, во борбите на Источниот фронт, тој е ранет и прогласен за воено неспособен. Прогласен е за СС-капетан, добитник на високата награда „Железен крст“ од I и II класа, како и медалот Источен Фронт. Во 1943 година, на 24 мај, Менгеле е преместен на позиција главен доктор во Аушвиц-Биркенау. За време на неговиот 21 месец престојување во Аушвиц, тој го добива името Ангел на Смртта.
Експерименти со луѓе
уредиМенгеле го искористил Аушвиц како можност за продолжување со неговите истражувања во областа на генетиката и расните разлики, користејќи ги затворениците од логорот како предмет за експериментирање. Особено бил заинтересиран за близнаците, кои биле селектирани и сместувани во посебни бараки. Ја изучувал и болеста наречена нома, која особено ги погаѓала ромските деца, со намера да докаже дека одредени болести се јавуваат поради расната инфериорност. Менгеле се интересирал и за психичките абнормални однесувања, како и за генетските пореметувања. Се интересирал и за џуџињата, како што е примерот со романската фамилија Овиц, која броела десет члена, од кои седум биле џуџиња. Експериментите кои Менгеле ги вршел врз сите набројани, се со дубиозна научна вредност, вклучувајќи ја намерата да ја измени бојата на очите во сина, со намера да ја унифицира ‘‘ариевската‘‘ раса, инјектирајќи хемикалии во очите на децата, како и бројни операции на отворен мозок и други брутални операции со стерилизација.
Унгарскиот Евреин, доктор Миклос Ницли, кој бил искусен патолог, бил избран за асистент на Менгеле. Оние кои биле избрани за субјекти на експериментите на Менгеле, се сметале дека се спасиле од гасните комори, биле подобро хранети и подобро се однесувале со нив, сè додека не се инфицирале од операциите кои се извршувале над нив и не умреле. Менгеле никогаш не се однесувал кон нив како кон луѓе, туку како кон обични предмети за истражување, нешто како денешните хрчаци. Во повеќе наврати, тој убивал субјекти само да може да ги истражува внатрешните органи.
Бројни се сведочењата како на деца од пет-шестгодишна возраст, им вбризгувал инјекција, за да по неколку минути тие умрат. Правел и експерименти со вештачко осеменување на девојки, за да во подоцнежниот стадиум на бременоста им предизвика абортус.
Тврдења дека Холокаустот не постоел
уредиВо денешно време од страна на повеќе националистички и неонацистички водачи, антисемитисти, анти-ционисти и историчари од Русија, Бугарија, Германија, САД и други земји се тврди дека холокаустот воопшто не постоел односно и дека постоел но бројката на жртвите била значително помала, не поголема од 400000 жртви. Ваквите тврдења овие луѓе ги засноваат на тоа дека холокаустот е „еврејска ционистичка лага“ со цел на светот да му се наметне мислење дека Евреите се маченици, а со тоа Евреите да можат слободно и непречено да ја формираат својата држава Израел (во 1948 година), и слободно и непречено да го контролираат светот, светскиот капитал и да ги „истребуваат“ Палестинците. Овие тврдења историчарите и нео-нацистите ги поткрепуваат со низа факти дека самите концентрациони логори немале толкав капацитет и низа други податоци. Во ниту една земја, овие факти не се официјално прифатени, иако на пример во Русија имаат голема бројка на поддржувачи како што е нео-нацистичката Партија на слободата. Со стапувањето на власт на Махмуд Ахмадинеџад како претеседател на Иран во 2005 година, оваа држава активно го негира Холокаустот поради силни анти-израелски чувства.
Холокаустот како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Рециклажа“ - поема на полскиот поет Тадеуш Ружевич.[1]
- „Уште“ - песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[2]
- „Логорот на гладот во Јасло“ - песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[3]
- „Холокауст“ (англиски: Holocaust) - песна на американската поп-рок група Биг стар (Big Star) од 1978 година.[4]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 146-172.
- ↑ Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 28-29.
- ↑ Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 55-56.
- ↑ YouTube, BIG STAR - Holocaust (пристапено на 31.8.2017)