Погром
Погром — масовно насилство врз малцински етнички, верски или општествени групи, најчесто иницирано или контролирано од власта или пак проследено со нејзина пасивност.
Историјат
уредиИзразот „погром“ влегол во поширока употреба по немирите во Русија, во текот на 1881 и 1882 година, кога овој збор станал популарен во земјите од западната полутопка. Според Оксфордскиот речник на англискиот јазик, зборот „погром“ за првпат бил употребен во лондонскиот весник „Тајмс“, во бројот од 17 март 1882 година.[1]
Иако зборот се употребува за насилство против која и да било група, често се користи за да ги означи облиците на насилство насочени кон Евреите, кои во повеќе наврати биле жртва на погроми. На пример, за време на Козачкото востание во Украина од 1648 година, Евреите биле посочени како агенти на полските феудалци; Во текот на 19 и XX век се случиле низа погроми во полските погранични области со Австрија, Германија и со Русија. Во јуни 1941 година, во местото Једвабне, во Полска, се случил погром во кој биле убиени меѓу 340 и 1.600 Евреи (според полските извори и според неофицијалните проценки, соодветно); последниот погром во Полска се случил во Келце, во 1946 година, кога во нападот на Центарот на еврејската заедница, инициран од полските комунистички вооружени сили, а спроведен од месното население, биле убиени меѓу 38 и 42 Евреи.[1]