Ристо Шишков
Ристо Шишков (23 март 1940, Мрсна, Егејскиот дел на Македонија - 17 јуни 1986, Скопје) — истакнат македонски филмски и театарски глумец.
Ристо Шишков | |
---|---|
Роден(а) | 23 март 1940 Мрсна, Кралство Грција |
Починал(а) | 17 јуни 1986 Скопје, СР Македонија, СФРЈ | (возр. 46)
Националност | Македонец |
Занимање | глумец |
Активен период | 1957 - 1985 |
Познат(а) по | по улогата во: „Републиката во пламен“ „Македонска крвава свадба“ „Најдолгиот пат“ „Нели ти реков“ |
Деца | Васил Јоана |
Животопис
уредиРисто Шишков е роден во 1940 г, во селото Мрсна, Серско, Егејска Македонија, во ситуирано трговско семејство. Татко му Васил и најстариот вујко лежеле 4 години затвор на Крит. Во 1942 година Ристо ја доживува трагичната судбина на децата-бегалци. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој се школува.
Првите негови глумечки искуства ги започнал 1957 година, глумејќи во Народниот театар "Антон Панов" во Струмица. Таму ги одиграл улогите во претставите: "Ноќи на гневот", "Лажливец" како и "Круг со креда". Приемен испит полагал во 1958 година на Академијата за театар во Белград.[1] Имал првична намера да студира атомска физика, но наеднаш се премислува, па во 1962 година дипломира на Театарската академија во Белград, на отсекот за глума. Една од ретките награди која ја добил за време на неговиот престој во Белград, е наградата за улогата во пиесата "Време, огин и човек" од Мирослав Беловиќ, во Крагуевац, 1962 година.[1] По двегодишната работа во Југословенскиот драмски театар во Белград, Шишков доаѓа во Скопје и од 1 октомври 1964 година станува член на Драмата на Македонскиот народен театар. Играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, „Води“, неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии, повеќе радиодрами.
Фестивал
уредиВо негова чест, од 1992 година во Струмица се одржува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. Син на Шишков е познатиот македонски глумец Васил Шишков.
Како лик
уредиШишков се игра како еден од ликовите во драмата „Вечната куќа“ на Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски. Во првата сезона, улогата ја толкувал син му Васил.
Театарски улоги
уредиНекои од улогите кои ги одиграл се: Спасе во "Македонска крвава свадба", Луков во "Црнила", Павел Протасов во "Децата на сонцето", Андреј Прозоров во "Три сестри", Леоне во "Господа Глембаеви", Дон Цезар во "Дон Цезар од Балзан", Креонт во "Антигона", Мендељ Крик во "Зајдисонце", Фјодор Протасов во "Живиот труп", како и улогата на Чами во "Кенгурски скок", режирана од Бранко Ставрев.[1]
Филмски улоги
уредиПокрај неговиот главен ангажман во театарските претстави има оставено и силен впечаток и во филмските улоги. Прва и тоа главна улога ја игра во филмот "Заседа", во режија на Анте Заниновиќ. Потоа следи неговата дебитантска улога во македонски филм "До победата и по неа", во режија на Жика Митровиќ, по сценарио на Симон Дракул, каде го глуми митралезецот Трајко. Негов следен ангажман е филмот "Македонска крвава свадба" (1967), во режија на Трајче Попов. Истата година добива епизодна улога во филмот "Каде по дождот", во режија на Владан Слиепчевиќ. Потоа, следат две негови маркантни улоги и тоа во "Планината на гневот" (1968) и "Републиката во пламен" (1969), двете во режија на Љубиша Георгиевски. Соживеан со голготата на Егејските Македонци, тој ја игра улогата на Парис во филмот "Црно Семе", работен по истоимениот роман на Ташко Георгиевски, а во режија на Кирил Ценевски. Забележан е еден мал инцидент, после премиерата на овој филм, во која Шишков чул коментар, дека ваков филм може да ги влоши односите со Грција, на што тој бурно изреагирал, во присуство на тогашниот политички врв. "Црвениот Коњ" исто така снимен по романот на Ташко Георгиевски, е неговата следна улога, каде го игра ликот на Ставропулос. По ова се враќа, во еден од највисоко буџетни филмови, снимен во тоа време "Битката на Неретва", во кој учество земаа Ричард Бартон, Јул Бринер како и Силва Кошчина.
Во својство на секретар на Друштвото на драмски уметници, јавно го изразил своето незадоволство од тоа што се ангажираат не само Југословенски глумци, туку и од надворешни земји како Полска, СССР и Романија. Ова се случило непосредно, пред неговиот филмски ангажман во „Води“, филм во кој цела негова улога била преснимена за да се исфрли неговот учество во филмот.[1]
Награди
уреди- 1962, Крагуевац — Награда за улогата во пиесата „Време, огин и човек“
- 1967 ФФАО, Ниш — Награда за најдобра машка улога во филмот "Македонска крвава свадба"
- 1968 ФФАО, Ниш — Специјална награда за улогата во „Планината на гневот“
- 1970 Стериина Награда Нови Сад за претставата "Парите се отепувачка" во режија на "Бранко Ставрев"
- 1976 ФФАО, Ниш — Повелба за машка улога во „Најдолгиот пат“
- 1977 МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп — Добитник на една театарска награда за улогата во претставата „Крчма под зеленото дрво“.
- 1979 Стериина Награда Нови Сад за претставата "Кенгурски скок" во режија на "Бранко Ставрев"
- 1981 ФФАО, Ниш — Повелба за машка улога во "Црвениот коњ"
Филмографија
уредиГодина | Филм | Улога |
1965 | Сакурица и субара ТВ-филм | |
1966 | До победата и по неа ТВ-филм | Трајко |
1967 | Каде по дождот ТВ-филм | Инженер |
1967 | Македонска крвава свадба ТВ-филм | Осман бег |
1968 | Планината на гневот ТВ-филм | Стамат |
1969 | Републиката во пламен ТВ-филм | Питу Гули |
1969 | Битка на Неретви ТВ-филм | Ранетиот |
1970 | Слика на дрво ТВ-филм | |
1970 | Балада за орканата ТВ-филм | |
1970 | Крепост ТВ-филм | |
1971 | Македонскиот дел од пеколот ТВ-филм | |
1971 | Црно семе ТВ-филм | Студент Парис |
1972 | Истрел ТВ-филм | Никола Петков |
1972 | Табакерата ТВ-филм | Гоце Делчев |
1973 | Залез зад езерска земја ТВ-филм | Фрузин |
1975 | Волшебното самарче ТВ-серија | |
1975-1976 | Патот кон иднината ТВ-серија | Силе |
1975 | Парадоксот на Диоген ТВ-серија | Драшко Каровски |
1975 | Јад ТВ-филм | Свештеникот Кирил |
1976 | Цимерите од соба 306 ТВ-филм | Ѓоре |
1976 | Најдолгиот пат ТВ-филм | Чауш |
1977 | Нели ти реков ТВ-филм | Александар Турунџев |
1977 | Дождовито сонце ТВ-филм | Леденик |
1977 | Итар Пејо ТВ-серија | |
1980 | Време води ТВ-филм | |
1981 | Црвениот коњ ТВ-филм | Ставрополус |
1984 | Нели ти реков ТВ-филм | Александар Турунџев |
Политичка хајка и смрт
уредиНеговата судбина, која ја преживеал како дете, прогонето од Егејот, во него всадила инстинкт за праведност и вистина. Не можел да ги премолчи неправдите кон обичниот човек, на сметка на политичките и економските моќници.[1] Во 1979 е обвинет во навреда на српски и хрватски артисти, исто како и на Тито. Обвинет како националист, сепаратист и хегемонист на 15 јануари 1980 заминува во затвор. По боледување умира на 17 јуни 1986 година во Скопје.[1][2]
Погребот на Ристо Шишков е извршен на 19 јуни 1986 и на истиот ден е погребан поглаварот на Македонската православна црква-Ангелариј.[2]
Шишков како инспирација
уредиРисто Шишков, остави силен впечаток врз многу личности од различни провиниенции (поети, глумци, уметници, режисери итн.). Еден од првите кој му посветува песна на Шишков, е и големиот борец за човекови права на Македонците, публицист и поет, неговиот личен пријател, Коле Мангов. Песната за прв пат е објавена во весникот "Македонија" од Торонто, Канада, на 16ти јули 1986, месец дена по неговата смрт. Песната, била игнорирана и на еден начин, дневните весници не пројавувале интерес да ја објават. Повторно е објавена во неделникот "Старт", во 2001 година.[2][3]
Молчењето на Ристо Шишков [2][3]
За Ристо Шишков треба да се молчи.
И пак да се молчи.
Но, белината на хартијата чека запис.
И народот очекува запис за Ристо Шишков.
Ристо знаеше да каже: во него има молчење. Многу молчење.
Ристо не молчеше. Зборуваше за сите.
Во него се славеше молчењето на народот.
Огромниот товар на молчењето.
Потоа молчењето избиваше од него.
Како вулкан. Како незапирлив вулкан.
Тој вулкан го однесе Ристо Шишков во вечно молчење.
Сега другите доаѓаат за него. Цела една вечност.
Слава му!
Галерија
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Балкански, А. (јуни 2006). „Правдољубив, пргав бунтовник, чии остварувања оставија неизбришлива трага“. Глас на Егејците: 24–26.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 За Македонските човекови права. Скопје: Македонски Радио. 1995. стр. 96–98. ISBN 9989-9721-1-7. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ 3,0 3,1 Мангов, Коле (2.II.2001). „Молчењето на Ристо Шишков“. Старт. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help)
Надворешни врски
уреди- Документарен филм „Големиот македонски глумец Ристо Шишков“ Архивирано на 17 август 2013 г. — МРТ
- Филм: Најдолгиот пат
- Филм: Републиката во пламен
- Филм: Македонска крвава свадба
- Филм: До победата и по неа
- Филм: Планината на гневот
- Филм: Црно семе
- Филм: Истрел
- Филм: Јад
- Филм: Црвениот коњ
- Филм: Нели ти реков
- Филм: Битката на Неретва
- ТВ Драма: Табакерата
- Ристо Шишков на maccinema.com Архивирано на 2 април 2007 г.
- Ристо Шишков на kinoeye.org (англиски) .
- Напис за Ристо Шишков Архивирано на 29 август 2008 г. — „Македонско Сонце“
- Ристо Шишков на Семрежната филмска база на податоци (англиски)