Црно семе (филм)
„Црно семе“ — македонски игран филм, снимен по сценариото на Ташко Георгиевски (засновано врз неговиот истоимен роман), а во режија на Кирил Ценевски. Филмот бил снимен во 1971 година, во времетраење од 89 минути, снимен во вајдскрин техника, во производство на Вардар филм, Скопје и истиот припаѓа на родот на играни филмови од историски жанр.[1]
„Црно семе“ | |
---|---|
сцена од филмот | |
Режисер | Кирил Ценевски |
Сценарист | Ташко Георгиевски |
Главни улоги | Дарко Дамески Ацо Јовановски Ристо Шишков Мите Грозданов Ненад Милосављевиќ Воја Мириќ Павле Вуисиќ Вукан Диневски |
Дистрибутер | Вардар филм |
Премиера | 1971 |
Времетраење | 89 мин. |
Земја | СР Македонија |
Јазик | македонски |
Овој филм е посебно важен за глумецот Дамевски, бидејќи за својата главна улога во овој филм, ја има добиено „Златната арена“ за најдобра машка улога на Филмскиот фестивал во Пула (1971). Исто така, филмот освоил и „Златна арена“ за режија, какои наградата „Златен венец“ за најдобро дебитанско остварување.
Кратка содржина
уредиЗа време на Граѓанската војна во Грција, 1946 година, припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнуваат со упатување во логор на пуст остров. Поради своите убедувања и етничкото потекло, некои од нив ги совладуваат сите тешкотии, задржувајќи го своето човечко достоинство. Други, пак, не успеваат во тоа, и наместо очекуваниот спас, доживуваат целосен морален пад. Централни личности се Андон Совичанов, Парис и Христос, кои, секој за себе, претставува поединечна комплексност на самосвоен лик, што е видливо преку страдањата низ кои минуваат и кои ги означуваат разните димензии на човековиот отпор. Голготата започнува со одземањето на оружјето на Македонците од Егејска Македонија, припадници на кралската војска и со нивно депортирање, најпрвин во воен затвор каде што ги сослушуваат, а потоа, натоварени на брод во тешки и сурови услови, ги носат на пуст и карпест остров. На островот нема вода, така што нудењето и поткупувањето со вода е еден од методите за кршење и уривање на достоинството на жедните затвореници, при што од нив се бара да потпишат изјава за лојалност кон кралот и готовност за откажување од Организацијата. Репресалиите продолжуваат со постојани измачувања, тепања и стрелања на секого што, на каков било начин ќе пружи отпор или ќе покаже непослушност. На Денот на независноста на Грција, од затворениците се бара да ја пеат песната на независноста. Затворениците одбиваат, следи мешаница и бунт, кој завршува неуспешно, при што некои залудно гинат. Андон Совичанов плука во командантот и користејќи момент на изненадување, почнува да бега низ беспаќето на островот, гонет од самиот командант лично. Тоа, воедно, е и крај на филмот.
Улоги
уреди- Дарко Дамески - Андон Совичанов
- Ацо Јовановски - Христос Согломов
- Ристо Шишков - студентот Парис
- Павле Вуисиќ - Потпоручникот Маки
- Воја Мириќ - Мајор
- Мите Грозданов - Марко
- Ненад Милосављевиќ - Нико
- Вукан Диневски - Капетан
Наводи
уредиНадворешни врски
уреди- За филмот „Црно семе“ - Македониум (македонски)
- Црно семе на Семрежната филмска база на податоци (англиски)