Антигона (драма од Софокле)

Антигона (грчки: ΑΝΤΙΓΟΝΗ) — драма (трагедија) од старогрчкиот писател Софокле.

Литра победоносна Антигона

Ликови

уреди

Главни ликови во „Антигона“ се следниве:[1]

  • Антигона - ќерка на царот Едип
  • Исмена - ќерка на царот Едип
  • Креон - владетел на Теба
  • Евридика - сопруга на Креон
  • Хемон - син на Креон и Евридика
  • Тирезиј - слеп старец, пророк
  • Гласникот
  • Стражарот
  • Хорот и неговиот корифеј

Содржина

уреди

По смртта на царот Едип, неговиот син Полиник со туѓа војска го напаѓа градот Теба (Тива) со цел да го освои престолот. Меѓу бранителите на градот се наоѓа неговиот брат Етеокле. Браќата се борат еден со друг при што двајцата погинуваат, по што непријателската војска се повлекува. Владетелот на Теба, Креон, му приредува достоен погреб на Етеокле, но наредува телото на Полиник да се остави непогребано. Сестрата на Етеокле и Полиник, Антигона, смета дека тоа претставува кршење на божјата правда и ја повикува сестра си Исмена да ја прекршат царската наредба и скришум да го погребаат Полиник. Исмена се плаши од последиците на таквиот чин и одбива да ѝ се придружи на Антигона. Затоа, Антигона самостојно се прикрадува до телото на Полиник (кого го чуваат војниците на Креон) и го покрива со пепел, што според обичаите се сметало за еднакво на погреб.
Еден од стражарите го известува Креон за прекршувањето на неговата заповед и Креон побеснува, заканувајќи му се на стражарот дека ќе биде сурово казнет, ако не биде пронајден виновникот. Набргу, стражарите повторно го изложуваат телото на Полиник на немилост на кучињата и птиците, а Антигона повторно доаѓа да го погребе својот брат. Таа е заробена од стражарите и одведена пред Креон. Креон ја обвинува за прекршување на наредбата и наредува жива да се стави во гроб. Антигона храбро се спротивставува на неговото самоволие, изјавувајќи дека не е виновна, зашто божјата правда е повисока од царскиот закон. Заедно со Антигона е заробена и нејзината сестра за која Креон смета дека била соучесничка во делото. Кај Креон доаѓа неговиот син, Хемон, кој е свршен за Антигона, кој го моли својот татко да ја ослободи Антигона. Кога Креон не попушта, Хемон заминува со закана дека ќе се случи нешто страшно.
Најпосле, кај Креон доаѓа и слепиот старец, пророкот Тирезиј, кој на царот му кажува дека сонил необичен сон и прорекува дека ќе се случи голема несреќа доколку Креон не ја ослободи Антигона. Креон е уплашен од зборовите на пророкот, но заслепен од својот бес, го обвинува старецот дека е поткупен од некого и не отстапува од својата наредба. И навистина, набргу се остварува пророштвото: исплашен од зборовите на пророкот, Креон наредува да го отворат гробот и да ја ослободат Антигона. Притоа, чуварите на гробот на Антигона слушаат нечиј познат глас и кога го отвораат гробот гледаат страшна глетка: Антигона се обесила, а Хемон ја оплакува. Потоа, Хемон се втурнува со мечот кон Креон, но откако тој успева да го избегне ударот, Хемон го забодува мечот во себе. Потоа, еден гласник ја известува мајка му Евридика и таа извршува самоубиство, ранета од болката по мртвиот син. Така, Креон останува без синот и без жената, како казна за самоволието и тврдоглавоста.[2]

Изданија на македонски јазик

уреди

Издание на „Наша книга“ од 1976 година

уреди

Во 1976 година, драмата „Антигона“ била објавена од страна на издавачката куќа „Наша книга“, а во препев на Георги Сталев. Книгата служела како лектира во средните училишта во Македонија. Коректурата ја извршила Снежана Спировска, а автор на корицата бил Томе Филиповски. Книгата била отпечатена во печатницата „13 Ноември“ во тираж од 10.000 примероци. Покрај главниот текст, на крајот од книгата се наоѓа поговор, напишан од Георги Сталев, со наслов „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“. Книгата, со обем од 76 страници, не е каталогизирана, ниту пак ја поседува меѓународната ознака ISBN.[3]

За драмата

уреди

„Антигона“ е драма која опоменува на опасноста од тврдоглавото самоволие, но и драма која ја воспева силата на жената „што посега по подвиг којшто не е во силите на женската природа“. Во таа смисла, Антигона често се опишува како „идеален образ на Гркинка“ и „еден од најпрекрасните ликови во светската поезија“. Во секој случај, таа е првиот голем женски лик во светската книжевност. Всушност, таа е надвор од дотогашната грчка традиција, бидејќи таа е голема по дух и се одликува со огромна истрајност и волја и станува против тиранијата, бранејќи ги законите на хуманоста. Нејзината мисла и готовноста да се жртвува добиваат монументална димензија. На тој начин, до ден-денес Антигона ја доживуваме како универзален херој кој дава отпор пред насилството.[4]
Еден од најпознатите делови на „Антигона“ е оној од тажаленката во четвртата епизодија, каде во антистрофата Антигона ја искажува огромната љубов кон својот брат, изјавувајќи ги неверојатните зборови:

„Мртвиот сопруг со друг се заменува лесно;
и друго дете ќе може со друг да се роди;
само што мртви се моите родители кутри,
така што брат не ќе ми родат никогаш веќе.“

Овие стихови предизвикале голема зачуденост кај историчарите на книжевноста и кај критичарите. Така, Гете изјавил дека би бил среќен ако се најде некој истражувач кој ќе докаже дека стиховите не се автентични, т.е. дека не ги напишал Софокле, туку се од поново време.[5]

Извадоци од драмата

уреди

Креон: Но, кого по разум, по ум и по срце го познаваш, дури не го видиш добро, и дури ти закон не му дадеш в раце?[6]

Креон: А кој над татковината другари цени - тој невреден човек го сметам за довек.[7]

Стражарот: Кој лош глас ти носи - тој не ти е мил.[8]

Креон: ... Полошо нешто од пари јас не знам да има на светот: уриваат моќно и градови цели, и не еден домот го напуштил за нив, благородни срца заведени стојат...[9]

Стражарот: Но, што можам кога во природа ми е: ги сакам јас сите, но повеќе себе.[10]

Антигона: За омраза не, а за љубов се родив.[11]

Хор: Штом бог ќе го фрли во неволја човека, тој не го смета тоа зло, ами добрина гледа, а доброто кратко е, злото останува до крај![12]

Хемон: И не мисли дека најразумен ти си, а разбери: има и други што мислат, ... А мудриот човек што цел живот учи, не се срами ништо во скромноста своја.[13]

Хор: О, Ерос, непобедлив Ерос! Од тебе никој не избегал уште: Тој што го рануваш - умот го губи![14]

Тирезиј: не постои на светов човек што нема гревови, но ако некој стори грев и сфати дека грев е, примајќи добар совет, тогаш - не е толку страшно...[15]

Креон: ...и најсилен смртник пропаднува срамно штом злото го брани, а подмамен уште од интерес личен![16]

Тирезија: Што поскапо човек од разумот има?[17]

Хорот: За да бидеш среќен, треба разумен да си. Не греши пред небото! Зборот горд го плаќаат гордите со страшни беди: така на старост се учат разумни да бидат.[18]

Влијание

уреди

Една песна на македонскиот поет Анте Поповски се вика „Антигона“.[19]

Наводи

уреди
  1. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976.
  2. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976.
  3. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976.
  4. Георги Сталев, „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“, во: Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 71-75.
  5. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 46 и 74.
  6. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 12.
  7. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 12.
  8. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 16.
  9. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 17.
  10. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 23.
  11. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 27.
  12. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 33.
  13. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 36.
  14. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 41.
  15. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 50.
  16. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 51.
  17. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 51.
  18. Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 65.
  19. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 26.