Јустинијана Прима (латински: Justiniana Prima) е доцноантички град, седиште на истоимената Архиепископија Јустинијана Прима на територијата на Македонија.[1] Името го добива по својот основач царот Јустинијан I (527565). Градот бил изграден околу 535 година во родното место на царот – Тавурисион (ден. село Таор, Катлановско).[се бара извор] Според некои археолози, градот се наоѓа во Лебане, Србија.[се бара извор]

Јустинијана Прима
МестоположбаТавурисион Македонија Македонија
Лебане  Србија
Основан535
Изграден заАрхиепископија — царски имот
Срушен615

Историја

уреди

Откако дошол на власт, во чест на својата мајка, царот Јустинијан решил да изгради раскошен град. Според неговиот личен биограф и историчар Прокопиј, Јустинијан сакал да му се оддолжи и на своето родно место и го изградил овој град - споменик. Бил наречен Прима кое во превод означува Прва, бидејќи владетелот сакал овој град според убавината и раскошот да биде прв, односно водечки град во земјата. Со царски декрет градот многу бргу по своето основање станал центар на политичко-административната, на црковната и на воено-стратегиската власт во префектурата Илирик која се протегала од Дунав па до Крит. Меѓутоа, по смртта на Јустинијан во 565 година значењето на градот започнало да се намалува за да кон почетокот на 7 век најверојатно и исчезне.

Местоположба

уреди

За откривањето на местоположбата на овој град има неколку претпоставки (во Јужна Србија, Охрид, Ќустендил), но најсигурните претпоставки е дека тој се наоѓал на територијата на денешно Скопје. Оваа теза најмногу ја држат македонските историчари и археолози според кои и самиот Прокопиј напишал дека градот се наоѓал мошне близу до тврдината наречена Бадеријана, (денешно Бадер во Скопско), каде што имало место по име Таурисион. Англискиот научник сер Џон Артур Еванс исто така тврди дека градот се наоѓал во близина на античкиот град Скупи односно на Скопското Кале.[2][3]

Инаку познато е дека во 518 година градот Скупи бил разрушен од земјотрес и дека набргу по овој настан во негова близина бил изграден нов град, и за таа намена од Скупи бил пренесен претставителниот градежен материјал, што е пронајдено и од досегашните ископувања на Скупи. Како што наведува професорот Иван Микулчиќ, многу столбови и капители, довратници и надвратници, скалила, делкани блокови, украси од фасадите, односно само од театарот околу две илјади големи камени блокови биле однесени по земјотресот во 518 година, време што се совпаѓа со градењето на Јустинијана Прима.

Според српските истражувачи, градот на Јустинијан се наоѓал на 7 километри од Лебане во Србија. Прв кој го истражувал градот бил Владимир Петковиќ кој на местото открил големи мозаици и остатоци од градот. Според српската теза, сопругата на Јустинијан, царицата Теодора, која имала скромно потекло и е родена од околината на Лебане, веројатно во многу нешта влијаела на својот маж, па тој во нејзиното родно место изградил нов величествен град, кој во исто време бил седиште на новооснованата архиепископија Јустинијана Прима. Царичин град кај Лебане, во близина на Лесковац, бил подигнат при владеењето на царот Јустинијан, а градот на почетокот на 7 век го разрушиле Словените[4].

Архиепископија

уреди

Јустинијан I во 535 година ја формирал и автокефалната Архиепископија Јустинијана Прима, со седиште во истоимениот град[5]. Црковната традиција оваа архиепископија ја поврзува со Охридската архиепископија, затоа охридските архиепископи од 12 век до 14 век ја носиле титулата „архиепископи на Јустинијана Прима“. Архиепископите биле наследници на скопските епископи, а епископот на Јустинијана Прима Антис, станал архиепископ на сите диецези во Источен Илирик. Ова е запишано во 131 Јустинијанова новела, а на која се темелат правата, привилегиите и самостојноста на Јустинијана Прима. Таа традиција се изразувала и во стремежот и барањата на македонските преродбеници за автокефална црква во 19 век.[6]

Наводи

уреди
  1. Corpus iuris civilis, Novellae. Rec. Rudolf. Schoell, Berolini MCMXII
  2. A. Evans, Antiquarian Researches in Illyricum, IV: Skupi, Skopia and The Birthlace of Justinian, „Archaeologia“,Vol. 49, 1, London, 1885
  3. И. Микулчиќ, Старо Скопје со околните тврдини, Скопје, 1982
  4. „Скромно во потрагата на Јустинијана Прима“. Архивирано од изворникот на 2007-11-23. Посетено на 2012-07-13. На |first= му недостасува |last= (help)
  5. А. Шукарова, Јустинијана Прима, Скопје, 1994
  6. Љубинковић, Традиције Прима Јустинијане у титулатури охридских архиепископа, „Старинар“, XVII, Београд, 1967

Надворешни врски

уреди