Општина Ранковце
Општина Ранковце — рурална општина во североисточна Македонија. Административен центар на општината е селото Ранковце.
Општина Ранковце | |||
---|---|---|---|
Општина | |||
Поглед на општинската зграда на Општина Ранковце | |||
Држава | Македонија | ||
Регион | Североисточен | ||
Година кога е основана | 1913 (во рамки на Кралство Србија), 1996 | ||
Седиште | Ранковце | ||
Населени места | |||
Управа | |||
• Градоначалник | Борче Спасовски | ||
Површина | |||
• Вкупна | 240,71 км2 (92,94 ми2) | ||
Население (2021)[1] | |||
• Вкупно | 3.465 | ||
• Густина | 14/км2 (37/ми2) | ||
Час. појас | CET (UTC+01:00) | ||
• Лето (ЛСВ) | CEST (UTC+02:00) | ||
Повикувачки број | +031 | ||
Регистарски таблички | KU | ||
Мреж. место | rankovce.gov.mk |
На запад граничи со Општина Старо Нагоричане, на југ со Општина Кратово, а на исток со Општина Крива Паланка.
Географија
уредиМестоположба
уредиТериторијата на општина Ранковце се наоѓа во североисточниот дел на Македонија. Го зафаќа просторот на Славишко Поле, кое му припаѓа на сливното подрачје на Крива Река.
Спаѓа во групата на средно големи општини и се граничи со општините Крива Паланка, Кратово и Старо Нагоричане и на север со општината Трговиште (Србија).
Општина Ранковце има значајна геостратешка положба бидејќи на север граничи со Србија и посредно на само 30 км преку Општина Крива Паланка се граничи со Бугарија. Низ општината поминува самиот коридор 8, по кој поминува магистралниот пат од Скопје и Куманово кон Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир на македонско-бугарската граница.
Сообраќајно е поврзана со магистралниот пат на југозапад со Куманово (50 км) и со Скопје (80 км), на исток со Крива Паланка (20 км) со тоа и кон североисток преку граничниот премин Деве Баир со Ќустендил (60 км) во Бугарија и на југ со Кратово (25 км).
Општина Ранковце претставува природна, географска и економска целина на 18 населени места од кои 3 се рамничарски, 9 се од ридски тип и 6 се планински, зафаќа површина од 242,55 км2. Како општински административен центар е истоименото село.
Клима
уредиОпштина Ранковце лежи во Славишко Поле, а од север и југ е ограничена со планински масиви. Овие орографски одлики имаат битно значење врз создавањето на посебна локална клима. Климата е умерено-континентална што се должи на географската диспозиција и на извесните влијанија кои навлегуваат од Егејот преку Крива Река. Високите делови на Осогово и планината Герман се под влијание на планинска клима. Просечната годишна температура изнесува 10,2 °C и е за 1,6 °C пониска од просечната годишна температура во Куманово, а за 2,6 °C од температурата во Скопје. Во текот на годината најтопол месец е јули со просечна температура 20,0 °C додека пак најстуден месец е јануари со просечна вредност 0,3 °C. Просечното температурно колебање изнесува 20,3 °C кое е помало од Куманово и Скопје што се толкува со поголемата надморска висина. Просечната максимална температура е 15,9 °C. Највисоката максимална температура е 37,3 °C забележана на 25 јули 1987 година.
Од кажаното може да се констатира дека климата се одликува со: умерено-ладна зима; умерено-топло лето; свежа пролет; и релативно топла есен. Во Ранковачката област климатските услови се погодни за овоштарство, градинарство и житарици. Во споредба со другите области што ја опкружуваат оваа област добива значителна количина врнежи. Годишната количина е 633,5 мм. Минимумот е во ноември, а максимумот е во мај со 81,5 мм. Просечниот датум на првиот снежен покривач е 30 ноември. Најраниот снежен покривач се јавува на 17 октомври, а најдоцниот датум е на 26 април. На планините снегот се задржува до јули.
Во оваа подрачје дуваат ветрови од сите страни. Славиште е со најмала зачестеност на тишините со 47%. Дуваат: југозападен, северен, јужен, југоисточен и источен ветар. Најзастапен е југозападниот ветар со 219‰, со годишна брзина 2,9 м/с, а максимална 19,0 м/с. Се јавува во текот на целата година. Поради големата зачестеност на ветрови маглата е ретка појава. Просечно се јавуваат 10-12 денови со магла главно од ноември до февруари.
Хидрографија
уредиРазликите во релјефот, геолошкиот состав, надморската висина, климата и пошуменоста дејствуваат како фактори кои условиле значителни разлики во хидрографските прилики помеѓу планинското подрачје и Славишкото Поле.
Првото подрачје планинското изобилува со извори и од планината Герман и од Осоговските Планини. Осоговијата е богата со извори, потоци и реки. Ова богатство се должи на релативно големата надморска висина и геолошкиот состав. Најмногу се јавуваат во деловите каде што се застапени кристалести шкрилци. Најсилен е Тураничкиот извор на надморска висина од 1800 м. Силни се и изворите на Царев Врв (извор на Крива Река), Бела Вода, Калин Камен и др.
Реки
уреди- Крива Река
Крива Река извира во подножјето на Царев Врв од силен извор на н.в. 1800 м, а се влева во Пчиња кај с. Клечевце на н.в. 295 м. Долга е 85 км, има површина на слив до 985 км2 и просечен пад од 186‰. Целата територијата на двете општини Ранковце и Крива Планка претставува сливно подрачје на Крива Река. Минувајќи низ стрмен и тревнат предел ги собира повеќето извори што слеваат низ шумскиот појас. Низ текот ги собира реките: Киселичка Река, Криљанска Река и Дурачка Река. Од изворитето до с. Псача има тесно клисуресто корито. Оттаму влегува во Славишко Поле и има животно значење за ова плодородно поле, тука навлегува и на територијата на општина Ранковце.
- Маштеница
Маштеница (8 км) која извира под врвот Лисец (1527 м), а се влева во Крива Река кај с. Псача на н.в. 640 м.
- Рашка Река
Рашка Река (Петраличка Река) која извира во с. Петралица на н.в. 1540 м, а се влева на излез од клисурата „Просеченик“ на Крива Река, кај с. Псача на н.в. 640 м. Долга е 12 км.
- Ранковачка Река
Ранковачка Река е карактеристична по тоа што настанува од две рекички кои се спојуваат во с. Ранковци. Двете рекички кои се обединуваат во Ранковачка Река се: Одревица која извира на н.в. 1300 м во с. Герман и Кривикаменска Река која извира на н.в. 1000 м во с. Криви Камен. Ранковачка река се влева во Крива Река кај с. Опила на н.в. 500 м. Долга е 22 км.
- Ветуница
Река Ветуница извира во с. П’клиште на н.в. 1200 м се влева во Крива Река кај с. Ветуница на н.в 500 м. Оваа река е долга 15 км и ги собира помалите потоци од с. Отошница. За оваа река е карактеристично што е изградена мала вештачка акумулација во с. Отошница наменета за наводнување на дел од Славишко Поле.
- Блидеш
Река Блидеш е последната река која се влева во Крива Река од територијата на општината Ранковце. Извира во с. Враногрнци на н.в. 600 м и се влева во река Ветуница непосредно пред вливот во Крива Река на н.в 500 м. Нејзината должина е 8 км.
Населени места
уредиОпштината Ранковце е поделена на 18 населени места. Во табелата подолу се претставени по азбучен ред:[2]
Број | Населено место | Број на жители |
---|---|---|
1 | Баратлија | 39 |
2 | Ветуница | 57 |
3 | Вржогрнци | 29 |
4 | Герман | 311 |
5 | Гиновци | 315 |
6 | Гулинци | 19 |
7 | Криви Камен | 23 |
8 | Љубинци | 164 |
9 | Милутинце | 72 |
10 | Одрено | 131 |
11 | Опила | 269 |
12 | Отошница | 105 |
13 | П’клиште | 30 |
14 | Петралица | 669 |
15 | Псача | 539 |
16 | Радибуш | 157 |
17 | Ранковце | 1.192 |
18 | Станча | 23 |
Вероисповед | Вкупно |
православни | 4.076 |
муслимани | 26 |
католици | 0 |
протестанти | 1 |
останати | 41 |
Јазик | Вкупно |
македонски | 4.086 |
албански | 0 |
турски | 2 |
ромски | 29 |
влашки | 0 |
српски | 18 |
бошњачки | 0 |
останати | 9 |
- Извор: Државен завод за статистика[2]
Историја
уредиДенешната општина била создадена во 1996 година, издвоена од поранешната голема општина Крива Паланка, во која територијата на денешната општина се наоѓала во периодот 1962-1996 година.
Во периодот 1957-1962 година постоела некогашната Општина Ранковце со слична поставеност како денешната општина и ги вклучувала истите населени места (Баратлија, Ветуница, Вржогрнци, Герман, Гиновци, Гулинци, Криви Камен, Љубинци, Милутинце, Одрено, Опила, Отошница, Петралица, П’клиште, Псача, Радибуш, Ранковце и Станча).
Општината Ранковце постоела и во периодот 1955-1957.
За време на периодот 1952-1955 на територијата на денешната општина Ранковце постоеле повеќе општини: Општина Герман (села: Герман и П’клиште), Општина Длабочица (во која влегувало селото Псача), Општина Петралица (села: Бараклија, Гиновци, Криви Камен, Милутинце и Петралица) и Општина Ранковце (села: Ветуница, Вржогрнци, Гулинци, Љубинци, Одрено, Опила, Отошница, Радибуш, Ранковце и Станча).
Во периодот 1950-1952 година, на територијата на денешната општина постоеле следниве општини: Општина Герман, Општина Отошница, Општина Петралица, Општина Псача и Општина Ранковце.
Стопанство
уредиКако една од руралните општини во Македонија, голем дел од населението се занимава со земјоделство и сточарство, а во повисоките делови на општината и со дрварство и шумарство.
Покрај земјоделските активности, во помал дел од населените места во општината, главно долж магистралниот пат, се наоѓаат и бројни стопански објекти. Исто така, во селата постојат и бројни угостителски и услужни објекти.
Население
уредиЕтнички групи во општината (2002 попис) се:[3]
- Македонци= 4.058
- Роми= 57
- Срби= 18
- други= 11
Население на Општина Ранковце | ||
---|---|---|
Пописна година | Население | |
1994 | 4.347 | |
2002[мртва врска] | 4.144 | |
2014 (проц.)[4] | 3.786 |
Густината на население изнесува 17,22 жители/км2
Општествени установи
уредиСамоуправа и политика
уредиГрадоначалник на општина Ранковце е Ивица Тошевски, кој бил избран како независен кандидат на локалните избори од 2017 година за мандат од четири години.[5] Советот на општина Ранковце е составен од 9 члена. Според последните локални избори од 2017 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2017-2021 се:
Културни и природни знаменитости
уредиНа територијата на општината се сместени и 8 верски објекти - цркви и тоа во:
- Гиновци- црквата св.Никола која датира од 17 век а е обновена во 19 век,
- Опила - црква св. Никола со потекло од 19 век,
- Отошница-црквата св.Јован изградена во 19 век,
- Петралица - црква св.Ѓорѓи која потекнува од 17 а е обновена во 19 век. За оваа црква е карактеристично тоа што Царските двери се наоѓат во гостинската соба на Републичкиот завод за заштита на споменици и култура.,
- Псача - манастирска црква св.Никола која датира од 14 век а е изградена од властодателот Влатко, благородник на цар Душан . Од оваа црква се истакнува бронзениот хорос кој е изложен во музејот на Македонија.,
- Радибуш - црквата св. Параскева која датира од 19 век,
- Ранковце -црквата св. Богородица која датира од 19 век и
- Герман - црквата св. Троица за која нема сознание за периодот од кој потекнува.
Во месноста Илин Рид кај селото Опила, се наоѓа прекрасен комплекс од идиолиформ.
Образование
уредиНа територијата на Општина Ранковце егзистира ОУ "Христијан Тодоровски Карпош". Училиштето е со традиција и работи од далечната 1956 година. Од 2000 година работи во реновирана училишна зграда во посовремени услови. Бројот на ученици е неѓто над 400 ученика. Вкупниот персонал во училиштето изнесува 50 вработени од кои 42 наставникa кои на најпрофесионален начин ја обавуваат својата работа. Наставата се изведува на современ начин посебно во опремениот кабинетот по информатика и англиски јазик, како и останатите училници кои се опремиле со нагледни средства од Проектот за модернизација на образованието.
Личности
уредиКултура и спорт
уредиИселеништво
уредиНаводи
уреди- ↑ „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
- ↑ 2,0 2,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Население во Република Македонија на 31.12 по специфични возрасни групи, по пол, по општини, по години“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 2 мај 2018.[мртва врска]
- ↑ „Процена на населението во Општина Ранковце на 30 јуни 2014 г.“. Државен завод за статистика на РМ. Посетено на 7 февруари 2016.[мртва врска]
- ↑ „Мандати за градоначалници и совет во РМ – Локални избори 2017“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 18 октомври 2017.
Надворешни врски
уреди- Општина Ранковце на Ризницата ?
- Портал на општината