Герман (Кривопаланечко)
Герман — село во Општина Ранковце, во близина на македонско-српската граница, во околината на градот Крива Паланка. Селото е сместено на западните падини на истоимената планина.
Герман | |
Поглед на сретселото во Герман | |
Координати 42°16′41″N 22°6′11″E / 42.27806° СГШ; 22.10306° ИГД | |
Регион | Североисточен |
Општина | Ранковце |
Население | 161 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1316 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 15008 |
Надм. вис. | 1332 м |
Герман на општинската карта Атарот на Герман во рамките на општината | |
Герман на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиГерман е планинско село, сместено во крајниот северен дел на Општина Ранковце, чиј атар се граничи со државната граница на Република Србија, а на другата страна со Општина Старо Нагоричане[2]. Како едно од најсеверните села во Паланечко и воопшто во Македонија, селото Герман географски припаѓа на двете соседни области при што едниот дел припаѓа на Кривопаланечко односно котлината Славиште во долината на Крива Река, а другиот дел по на север припаѓа на подрачјето на изворишниот дел на Горна Пчиња[3]. Оддалечено е 37 километри северозападно од Крива Паланка. Според записите на Ѓорче Петров, местоположбата на големото село Герман е по длабокиот дол меѓу Гоглин и паланечкиот Козјак, на исток од селото Дренак[4]. Селото е високопланинско и од растурен тип, поделено на седум маала, оддалечени од два, па дури и до осум километри наоколу. Имињата на маалата во Герман се: Орашац, Средно Маало, Криврт, Шипак, Кршје, Опасница[5]. Сите локални установи, како и главната селска црква, се наоѓаат на една висорамнина, која претставува центар на селото, иако таму нема постојано населени куќи.[6]. Селото Герман е опркужено со следните соседни села: П'клиште на запад, Станча на југ и Криви Камен на исток. Од општинското средиште Ранковце е оддалечено 20 километри, од каде што води асфалтен пат, кој е во добра состојба, а од градот Крива Паланка селото е оддалечено 35 километри[2]. Атарот на селото е мошне голем и зафаќа простор од 40,7 км2, на кој најголема површина заземаат шумите со 2405,2 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 1261,7 ха, а на пасиштата 311,7 ха[2]. Според површината која го зафаќа атарот на селото, Герман и селото Петралица се најголемите села во Кривопаланечко[5]. Селото Герман е богато со извори, при што во секој дол во селото има извор чијашто вода е различна - таму каде има дабова шума или „дабица“ водата е „лесна“ за пиење, а на пониското земјиште од изворите избива „косилава жолта“ вода[3].
Историја
уредиНаселбата потекнува од доцно античко време од кој период се и наоѓалиштата: Селиште, Манастириште, Градиште итн. Најрани пишани докази за постоење на селото Герман, се среќаваат на почетокот на XVI век, кога селото вршело дервенџиска служба[3] односно неговите жители се грижеле за безбедноста на сообраќајот на патиштата. Денешното село Герман се верува дека потекнува од крајот на XVII и почетокот на XVIII век кога според верувањата на самите мештани, селото било создадено со доселеници од Косово[5]. Во времето на доселувањето на првите родови - основачи на денешното село Герман во XVIII век, ова место било под шума - „било пустињак“[3]. За време на турскиот период, селото го достигнува својот врв со свое училиште и неколку илјади жители. Сепак, по Втората светска војна и спроведувањето на колонизација, голем број на жители отишле во Војводина, кога самото село било значително намалено.[6]
Стопанство
уредиВрз основа на составот на атарто, селото Герман, во основ има поледелско-шумарска функција. Во селото нема стопански објекти и главно населението се занимава со сточарство, полјоделство и шумарство. Според кажувањата на селаните земјата за орање која што се наоѓа во зоната на дабовата шума е полодна и тука успеваат пченица, пченка и бостан, додека земјата односно почвата во пределот на буковата шума е „дива и студеница“ при што таму успеваат 'рж, јачмен, овес и компир[3]. Од земјоделството најзастапено е одгледувањето на компир, грав[5] како и на стрни жита во помал обем. Во значајна мерка е застапено овоштарството во чии рамки се одгледуваат и се подигнуваат новопосадени овоштарници на лешници и малини[5]. Од сточарството најмногу е застапено одгледвуањето на крави, а се чуваат и 10 стада на овци и помал број на кози, чиешто млеко се преработува во овчо и козјо сирење чија цена изнесува 250 денари за килограм[5]. Во атарот на селото Герман каде се застапени големи површини на разновиден вид на шума како листопадна од бука и даб, така и зимзелена од бор и елка, се наоаѓа едно од најголемите подрачја за сеча на огревно дрво со кои најмногу стопанисува подрачното шумско стопанство на ЈП „Македонски шуми“, но постои значаен дел на шуми во приватна сопственост на дрвни претпријатија и жители на селото. Со огревно дрво од шумите во и околу Герман се снабдува цела Македонија, па дури и најодалачените места и подрачја како Битола[5]. Превозот на огревното дрво од Герман за поголемите градови и поодалечените подрачја се одвива со камиони, а за самото селото Герман и соседните и околни села се врши на домашни животни со самари[5]. Шумите и планинскиот предел околу Герман е доста богат и со диви животни како диви свињи, најмногу волци, зајаци[5], заради што селото е често посетено од ловци на дивеч. Во селото Герман работи и една продавница која што се наоѓа на самото сретсело.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.000 Македонци и 100 Власи.[7]
Според пописот од 2002 година, во Герман живееле 311 жители, од кои 301 Македонец и 10 Срби.[8] Сите жители припаѓаат на православната религија.
Во последниот период, населението се проценува да има одвај 200 жители.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 161 жител, од кои 135 Македонци, 7 Срби и 19 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.250 | 920 | 989 | 1.087 | 1.058 | 1.052 | 794 | 493 | 458 | 311 | 161 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
уредиСелото Герман е во целост населено со Македонци од православна христијанска вероисповед. Сите родови кои живеат од селото потекнуваат од доселени предци и сите се населени во свои посебни родовски маала. Денешното население на Герман се дели на следните родови: Средномаалци, Орашци, Дуранци, Гарејци, Здравковци, Гиздарци[3]. Во рамки на овие родови денес живеат семејства со презимиња Миленковски, Стошевски, Јовановски, Каранфиловски (се среќава и во соседното село П'клиште[5]), Герасимовски, Станковски, Станиславовски.
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:
- Староседелци: Ќупарци (7 к.), Павловци (4 к.), Бељаци (1 к.) и Џогановци (10 к.)
- Со непознато потекло: Ѓиздарци (2 к.), Веселиковци со Ивковци (18 к.) и Дураци или Филиповци (10 к.)
- Доселеници: Чикардинци (2 к.) доселени се однекаде околу 1802 година; Шипјани (20 к.) се делат на Димитријинци, Поповци, Грбељаци, Тасинци, Маџирци, Сурчи, Митровци и Ќитановци. Доселени се од Косово околу 1778 година; Марковци (14 к.) околу 1785 и тие избегале од некое место во Косово. Го знаат следното родословие: Велин (жив на 50 г. во 1953 година) Тодос-Спасе-Станисав-Ѓело-Марко, кој се доселил поради турски зулум; Трајчинци (3 к.) исто така доселени се од Косово околу 1807 година; Здравковци (17 к.) исто така доселени се од Косово. Овде се доселиле околу 1809 година; Станишковци и Велковци (5 к.) и тие се доселени од Косово заедно со Здравковци; Ќитановци (13 к.), Петринци (1 к.), Милковци (1 к.), Ѓоргевци (1 к.), Максинци (2 к.), Микајловци (1 к.) и Дајкинци (3 к.) доселени се околу 1810 година исто така од Косово; Бојковци и Стојанчаковци (4 к.) доселени се после 1810 година од Косово; Миленковци (6 к.) доселени се околу 1812 година од Косово; Гарејци (6 к.) доселени се околу 1839 година од селото Шупљи Камен кај Куманово; Ѓуринци (4 к.) доселени се околу 1839 година од селото Думановце кај Куманово; Јаќимовци (5 к.) доселени се околу 1845 година од селото Луке; Лазаровци (1 к.) доселени се околу 1890 година од селото Криви Камен.[14]
Општествени установи
уреди- Подрачно основно училиште „Христијан Тодоровски - Карпош“
- Амбуланта
- Караула
Самоуправа и политика
уредиСелото се наоѓа во Општина Ранковце, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка, додека во периодот по војната од 1957 до 1962 година се наоѓала во некогашната општина Ранковце. Во рамките на општина Крива Паланка се наоѓало во периодот 1955-1957.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на истоимената општина, во која покрај Герман се наоѓало и селото П’клиште. Самата Општина Герман била дел од Кривопаланечката околија. Општината Герман постоела и во периодот 1950-1952 година.
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[15]
- Црква „Св. Троица“ — главна селска црква (подигната во 1930-те)
- Археолошки наоѓалишта[16]
- Градиште — градиште од доцноантичкото време;
- Манастириште — градиште од доцноантичкото време;
- Русалиски Гробишта — средновековна некропола;
- Селиште — населба од доцноантичкото време;
- Црквиште — средновековна црква.
Редовни настани
уреди- Макавеј (14 август) — голем народен собир и главна селска слава на која присуствуаат и до 10.000 посетители од околните села и од цела Македонија (Скопје, Крива Паланка, Куманово, Штип), соседните места во Србија и Бугарија. На соборот се одржува и панаѓур со рингишпил и културно-забавна програма на познати пејачи од Македонија и Србија, како Орце Стефковски, Сузана Спасовска и др.
- Василица (14 јануари) - прослава со одење по куќите
Иселеништво
уредиСелото Герман е едно од селата во Кривопаланечко кое дало најмногу иселеници, како во рамки на Македонија, така и надвор од неа во Србија и Војводина. Првичното иселување од селото започнало во периодот по Втората светска војна кога луѓето се населувале во Војводина, особено во Јабука, Качарево и Глогоњ. Потоа, во деведесеттите години, имало иселување во Крагуевац, додека во поново време иселувањата се прават главно кон општинското средиште Ранковце и селото Тромеѓе.[6]. Од Герман се иселиле следните семејства, во кумановско: Антовски во Умин Дол, Јовановски во Тромеѓа, Славевски во Доброшане, Шопци во Доброшане, Паланци во Косматац, Јовановски во Брзак; родот Ѓерманци со преку 20 куќи се иселил во кривопаланечкото село Петралица[3], а во скопско најголемиот дел иселеници од Герман живеат во селата во Општина Илинден и тоа во Марино, Мралино, Миладиновци, Илинден, Кадино.
Галерија
уреди-
Поглед на локалната продавница
-
Објект во селото
-
Поглед на локалната амбуланта
-
Подрачното основно училиште
-
Шумите околу селото
-
Околината околу селото
-
Поглед околу селото
-
Викендици на патот кон селото
-
Средно Маало на Герман
-
Средно Маало на Герман
-
Средно Маало на Герман
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Панов, Митко. Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 67–68. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Трифуноски, Јован (1976). Кривопаланачка област (српскохрватски). Загреб: ХАЗУ. стр. 292–293.
- ↑ Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 373. ISBN 978-608-245-113-8.
- ↑ 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и членови на Викиекспедицијата (7 ноември 2015). "Според кажување на мештани". Соопштение за печат. посет. 7 ноември 2015 г
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 Ѓорѓевски, Бранко; Бисера Станкоска (11 септември 2015). „Нема невести за 35 ергени од Герман“. Дневник. Скопје: МПМ Македонија. Посетено на 13 јануари 2016.[мртва врска]
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Величковски, Драган (2009). Славишки Зборник Бр.1. Крива Паланка: Градски Музеј - Крива Паланка.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. стр. 194, Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069