Гулинци (Кривопаланечко)
Гулинци — село во Општина Ранковце, сместено во областа Славиште, во североисточниот дел на Македонија. Селото се наоѓа на јужните падини на планината Герман.
Гулинци | |
Поглед на Мишинско Маало во селото Гулинци | |
Координати 42°13′27″N 22°3′41″E / 42.22417° СГШ; 22.06139° ИГД | |
Регион | Североисточен |
Општина | Ранковце |
Население | 2 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1316 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 15012 |
Надм. вис. | 782 м |
Гулинци на општинската карта Атарот на Гулинци во рамките на општината | |
Гулинци на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа на крајниот западен дел на територијата на Општина Ранковце, односно во Славишкото Поле и атарот на селото се граничи со соседната Општина Старо Нагоричане[2]. Селото е од разбиен тип со раштркани маала коишто се наоѓаат на надморска височина од 700 до 1000 метри[2], расположени на јужната падина и подножје на планината Герман. Куќите на ова село се наоѓаат на страните на познатото возвишение Гоглин или Гуглин (1.198 м.н.в.) и во доловите[3]. Од градот Крива Паланка селото Гулинци е оддалечено 33 километри[2], а општинското средиште Ранковце е оддалечено седум километри. Селото не е директно поврзано со Ранковце и другите околни места, иако во близина на селото поминува локалниот пат кој води до селото Герман. Соседни села на Гулинци се Отошница на југоисток, Дренак на југозапад и Осиче во Кумановско на запад[3]. Поради ваквата местоположба, во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, Ѓорче Петров го споменува Гулинци како гранично село на Кривопаланечката со Кумановската каза, и воедно го определува како еден од трите агли на малото и триаголно на вид Паланечко поле[4]. Атарот на Гулинци зафаќа површина од 7,6 км2 и на него преовладуваат пасиштата на површина од 318,8 ха, потоа следи обработливото земјиште на површина од 125,1 ха, додека на шумите отпаѓаат 97,5 ха[2]. Селото Гулинци лежи во појасот на мешовита листопадна и зимзелена шума од даб, бука, јасика, борови и елки.
Историја
уредиВо селото Гулинци има старини и остатоци од разни историски периоди и тоа најмногу на местата Гуглин и Манастириште. Според кажувањата на темето на врвот Гоглин (Гуглин) има ѕидини од некогашна тврдина, се познаваат остатоци од стари патеки, војнички ровови и др., а според селаните таму престојувале разни војски па дури и за време на Втората светска војна. Народното предание исто така наведува дека на месноста Манастириште која што се наоѓа во буковата шума на источната падина на Гоглин, некогаш постоел богат манастир посветен на Свети Илија, кој имал обработлива земја во Ветуница, пчеларници во Вржогрнци и сточарски трла во Осиче, а околу него било старото село Гулинци. Дека постоело старо село Гулинци во средновековниот период има пишан доказ од XVI век, во записи од неколку пописни дефтери од 1570 година се споменува селото Гулинци кое припаѓало на нахијата Славиште во Ќустендилскиот санџак и било тимар во кој живееле 16 македонски христијански семејства и 16 неженети, кои произведувале по 28 товари пченица и мешано жито, уров, леќа, граор, грозје, вино, бостан, овошје, сено, лен, чувале свињи и улишта со пчели, за што се остварувале приходи и давачки во севкупен износ од 2943 акчиња[5]. Во овој запис е забележано и дека кон селото Гулинци било додадено ненаселеното село Петрошница на чиј заеднички синор со Круешвјани се одгледувале жита и други зрнести култури, лен, бостан и слама во вредност од 703 акчиња[5]. Како и повеќето околни и соседни села во Кривопаланечко, и во селото Гулинци е забележано дека живеел мартолоз - по име Дабижив Данин, кој бил ослободен од плаќање на данок[5]. Подоцна манастирот и селото биле уништени, а сета земја „обраснала и била пустина“, поради што според потеклото на сегашното население, Гулинци не е многу старо село[3]. Него го основале доселеници на почетокот на XIX век, околу 1815 година, за кои се вели дека „тука се присобирале како бежанци од разни страни“[3]. На потегот Манастириште, после Првата светска војна, селаните изградиле мало манастирче со соби за преноќување, крај кој двапати годишно се одржуваат собори за Илинден и Велики Петок, а манастирот редовно е посетуван и од жители на другите села, обично секој петок и недела поради лечење на болести од двата лековити извори за чии води се верува дека лечат очи и изгореници[3]. Меѓу селаните се вели и преданието дека во некое време во селото имало голема болест - чума, заради што двајца браќа близнаци со два црни вола го заорале Гулинци, по што чумата веќе никогаш не се појавила. Во 1911 година во селото Гулинци во борба со турскиот аскер биле убиени 12 србомански четници[3]. Од селскиот род Алексинци потекнува познатио македонски народен херој Христијан Тодоровски - Карпош, кој е роден во Куманово каде се доселил неговиот татко Анѓелко од Гулинци[3]. Во негова чест е именувано селското училиште[6], денес подрачното ОУ „Христијан Тодоровски - Карпош“ - Ранковце.
Потекло и значење на името
уредиКако што е споменато, селото Гулинци се наоѓа и е сместено на падините на возвишението Гуглин (Гоглин), поради што од мештаните се смета дека селото најпрвин го добило името Гуглинци, а подоцна го добило сегашниот облик на името - Гулинци[3].
Стопанство
уредиСпоред составот на атарот селото Гулинци има поледелско-сточарска функција[2]. Во селото нема никакви стопански и услужни објекти, а самото преостанато население претежно се занимава со полјоделство и сточарство од мал обем. Од поледелството, како и во целиот кривопаланечки крај, најзатапено е одгледувањето на квалитетен компир, кој се одгледува и од иселени жители кои имаат свои ниви, како и од жители на други околни места, а во многу мала и незначителна мера се одгледуваат и жита. Од сточарството најзастепно е одгледувањето на помал број на кози. Во селото има и овошни дрвја како сливи, круши, јаболка, ореви чии плодови ги собираат или преработуваат жителите и оние кои имаат потекло и свои куќи во селото.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[7]
Гулинци е мала населба, од која што некои маала се сосема раселени.[2] Во селото е силно изразено иселувањето, што може да се погледне и од податоците од самите пописи на населението. Во 1961 година, селото броело 309 жители, со големо опаѓање од 35 во 1994 и само 19 жители, сите Македонци во 2002 година.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 300 | 360 | 289 | 275 | 309 | 190 | 111 | 53 | 35 | 19 | 2 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]
Родови
уредиСелото Гулинци отсекогаш па сè до денес е населено во целост и исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Од еден ист предок потекнуваат следните селски родови: Гугинци, Стоинковци, Мутинци, Савинци и Алексинци коишто се првите доселеници и основачи на селото[3]. Од некаде на ова место околу 1815 година, односно пред 200 години, се доселил татко со пет синови, при што секој од нив основал посебно маало, кои имаат најдобра земја[3]. Славата им е Св. Јован зимен, а во родот Стоинковци се знае следното родословие: Јане (на 70 години во 1975)-Алеско-Спасе-Алексо чиј татко се доселил[3]. Од споменатиот род Алексинци потекнува македонскиот народен херој Христијан Тодоровски - Карпош, кој е роден во Куманово каде се доселил неговиот татко Анѓелко од Гулинци[3]. Останати селски родови се: Мишинци (слават Св. Архангел) кои дошле од соседната Отошница, Ристинци (слават Св. Отци) со непознато место на иселување, Младеновци и Куранци (слават Св. Никола) и Росоманци и Беговци (слават Св. Архангел) со исто така непознато потекло на доселување, Ивковци (слават Св. Архангел) доселени од соседното село Осиче во Кумановско, Гологиринци (слават Св. Спиридон) и Заинци (слават Митровден) не ја знаат својата старина, Пупунци и Шамилци (слават Св. Богородица Пречиста) се доселил нивен предок од Кратовско кој тука изградил куќа „на кривулак“[3].
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:
- Староседелци: Гугинци (18 к.), Куранци или Помијачкинци или Младеновци (3 к.), Заинци (1 к.) и Пупуњци (8 к.)
- Доселеници: Ристинци (1 к.) доселени се од некое место близу манастирот Прохор Пчињски; Мишинци (9 к.) доселени се околу 1862 година од селото Отошница; Беговци (2 к.) доселени се околу 1890 година од селото Отошница.[12]
Самоуправа и политика
уредиСелото се наоѓа во Општина Ранковце, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка, додека во периодот по војната од 1957 до 1962 година селото се наоѓало во рамките на некогашната општина Ранковце, каде што се наоѓало и во периодот 1955-1957.
Во периодот 1952-1955, селото исто така било дел од тогашната општина Ранковце, во која покрај Гулинци се наоѓале и селата Ветуница, Вржогрнце, Лубинци, Одрено, Опила, Отошница, Радибуш, Ранковце и Станча. Самата Општина Ранковце била дел од Кривопаланечката околија. Општината Ранковце постоела и во периодот 1950-1952 година.
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[13]
- Црква „Св. Илија“ — главна селска црква, наречена и уште „Св. Илија Громовник“
Галерија
уреди-
Дел од селото Гулинци
-
Мишинско Маало на селото Гулинци
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 89–90. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски, Јован (1976). Кривопаланачка област (српскохрватски). Загреб: ХАЗУ. стр. 302–303.
- ↑ Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 390–391. ISBN 978-608-245-113-8.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Соколоски, Методија (1983). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 234–235.
- ↑ 6,0 6,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Величковски, Драган (2009). Славишки Зборник Бр.1. Крива Паланка: Градски Музеј - Крива Паланка.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
уреди- Гулинци (Кривопаланечко) на Ризницата ?