Кракатау
Кракатау или Кракатао (индонезиски: Krakatau) е сив вулкан —експлозивен вулкан[мртва врска] — во Тихоокеанскиот Огнен Појас. Сочинува архипелаг од четири главни острови[2] во Сундскиот теснец во Индонезија, меѓу Јава и Суматра во Индонезија. Неговата географија била пореметена најмалку двапати во текот на две големи ерупции во 416 или 535 година и во 1883 година. И покрај овие настани, архипелагот е домаќин на богат растителен и животински свет, благодарение на неговата тропска клима. Архипелагот е дел од Националниот парк Ујунг Кулон, класифициран како светско наследство од страна на УНЕСКО
Кракатау Кракатао | |
---|---|
Литографија од 1888 од ерупцијата на Кракатау во 1883. | |
Највисока точка | |
Истакнатост | 813 м |
Заведена како | Рибу |
Координати | 6°06′07″S 105°25′23″E / 6.102° ЈГШ; 105.423° ИГД [1] |
Географија | |
Место | Индонезија |
Геологија | |
Вид | Купа |
Последен избув | февруари 2017 |
Вулканот е најдобро познат по неговата експлозија на 27 август 1883 година, една од најсилните што ги памети човекот, во која загинале неколку десетици илјади луѓе предизвикувајќи големи цунами чии бранови се почувствувале и до Европа.
Во 20 век, вулканот изродил нов остров, Анак Кракатау или „детето на Кракатау", кој нуди поле за истражување на голем број научници. Местото на вулканот сè уште е активно, но ризикот од нова таква голема вулканска експлозија прилично е ограничен.
Топонимија и етимологија
уредиДенес постојат два правописа кои се прифатени околу името на вулканот: Кракатау, но воедно и Кракатао, како што бил запишан на португалски. Во изворите на геолозите се користат и двата.
Постојат четири теории околу името Кракатау. Според првата, изнесена од страна на францускиот језуит Ги Ташар, името потекнува од ономатопејата која ги имитира звуците на папагалите од видот какаду кои живеат на островите[3]. Според втората, името потекнува од санскрит каде зборовите карка или карката, воедно и каркатака означуваат „јастог“ или „рак“[4][5][6] или пак од кракача кој значи „пила“ или „меч“.[7] Според третата, името потекнува од малајскиот збор келакату со значење „мравка со бели крила“.[3] Последната и најсериозна теорија тврди дека Кракатау означува „тивка планина“.[8]
Географија
уредиОстровите формирани од страна на Кракатау се наоѓаат во Индонезија, во средината на Сундскиот теснец, помеѓу брегот на Суматра на северозапад и Јава на југоисток. Најблиското копно, градот Серанг, се наоѓа на 42 километри на исток а главниот град Џакарта е на 160 километри во истата насока. Административно, архипелагот зависи од провинција Лампунг на Суматра.
Топографија
уредиПред 1883 година, архипелагот Кракатау се состоел од три главни острови : на североисток Ланг ("долг" на холандски) и на северозапад Верлатен ("напуштен"), кои сведочат за постоењето на стара и многу широка купа чиј страничен дел го формираат двата острова – и на југ Кракатау, најголемиот остров во архипелагот, со должина од 9 километри и широчина од 5 километри.[2] Постои исто така и островче покриено со дрвја по име Пулше Хоед ("полска капа", поради неговата форма) на неколку стотина метри од Ланг. На Кракатау се наоѓаат трите вулкански конуси: Раката (813 метри надморска височина) на југ, Данан (445 метри, веројатно двоен вулкан) во центар и Пербоеватан или Пербуатан (122 метри) на север[2].
После ерупција во 1883 година, топографија делумно била пореметена. Островот Ланг претрпел најмалку промени. Површината што ја стекнал со таложењето пепел и друг вулкански материјал брзо се намалила од морската ерозија[2]. Оттогаш го носи името Кракатау-Кеџил или Панјанг. Верлатен претрпел штета на југоисток, на страната свртена кон експлозијата, и тројно ја зголемил површината од истата причина како Ланг. На североисточниот крај се формирал крајбрежен синџир, со мало езеро но тоа постепено било уништено од брановите[2]. Верлатен оттогаш се преименувал во Сертунг. Пулше Хоед целосно исчезнал. Островот Кракатау во голема мера бил разнесен од експлозијата. Останал само неговиот јужен дел, со конусот Раката, кој изгубил десет метри висина и поголем обем на север, но останал највисоката точка на архипелагот со 813 метри надморска височина[2]. Од Данан, останало само мало карпесто островче наречено Бутсмансротс. Точното место каде се наоѓал Пербоеватан сега е потопено на 550 метри длабочина[2]. Во 1927 година, во тек на една нова ерупција, во средината на трите главни острови се појавил Анак Кракатау ("детето на Кракатау") и брзо се издигнал над морето, поради високата стапка исфрлен пепел и пемза пред да се стабилизира во август 1930 година. Неговата надморска височина била над 300 метри во 1999 година и истата продолжува да расте со тековните ерупции.[2]
Геологија
уредиКракатау се наоѓа на 140 километри североисточно од ровот во зоната на подвлекување на австралиската плоча под евроазиската плоча,[2] и поконкретно, сундската, на местото каде што границата меѓу двете плочи нагло ја менува насоката, веројатно поради невообичаено слабата дебелина на кората во регионот[9] и на раскрсница помеѓу двата раседа. Вулканот, како дел од Тихоокеанскиот Огнен Појас се наоѓа на околу 120 километри над зоната Вадати-Бениоф.[2] Стратиграфичката студија на Кракатау открива пет еруптивни фази.
- Првата фаза одговара на формирањето на праисторискиот Кракатау, составен од единствен конус и кој се одликува со два тека на лава и депозити од пемза денес видливи во Сертунг и Панјанг, како и на конусот на Раката[2].
- Втората фаза е деструктивна епизода поврзана со ерупција во 535 година, при што имало пирокластичен поток со исфрлање на тефра со игнимбрити во пониските слоеви на депозитите со тешки материјали во подолните делови и полесната пепел одозгора.
- Третата фаза започнува со формирањето на конусите на Раката, Данан и Пербоеватан на островот Кракатау, а остатоци се наоѓаат на првиот конус : низа на андезитни и базалтни лави и депозити од исфрлен вулкански материјал како згура, лапили и пепел[2].
- Четвртата фаза е втора деструктивна епизода поврзана со ерупцијата во 1883 година, која на островот Кракатау го оставила само расцепениот конус на кратерот Раката и депозити кои главно се состојат од пемза која содржи опсидијан и голема количина исфрлен пепел на Сертунг и Панјанг и на надворешната страна на Раката.
- Петтата и последна фаза одговара на формирањето на Анак Кракатау.[2]
Ерупцијата во 1883 година, која го расцепила конусот на Раката ја соголила дајката која го пополнувала стариот вулкански оџак.[2] На тој начин, Бутсмансротс станал мала карпеста платформа составена од паралелни плочи со наклон од 45° во однос на површината на морето, како остаток на дајка која претходно била дел од падините на Данан.[2] Надворешните сливови на островите Сертунг и Панјанг, и во помала мера на Кракатау (или Раката), зачувале траги од релјефот на купата која го формирала вулканот пред 535, со многу жлебови и гребени, делумно закопани под талозите на експлозија во 1883 година. Анак Кракатау е составен од два споени конуси новиот го има речиси целосно покриено стариот конус чиј североисточен раб се издига на надморска височина од 156 метри.[2] Лавата тука има особеност да тече во сите правци, и со тоа значително се зголемила површината на островот.
Основните минерали кои ја сочинуваат лавата како и вулканските бомби на младиот Анак Кракатау се составени од авгит, хиперстен, плагиоклас, а понекогаш и ситни зрнца оливин. Повеќето од овие кристали се наоѓаат претежно во форма на фенокристали, но исто така и во форма на микролити и микрогранули.
Клима
уредиКлимата на архипелагот е од тропски тип, со висока стапка на влажност, но со релативно сува сезона од мај до октомври, со ниско ниво на врнежи во август со врв во јануари со повеќе од 300 мм вода. Температурите обично се движат помеѓу 25 и 32 °C.
Месец | јануари | февруари | март | април | мај | јуни | јули | август | септември | октомври | ноември | декември | годишно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Просечни температури (°C) | 27 | 27 | 27 | 28 | 28 | 28 | 27 | 27 | 28 | 28 | 28 | 27 | 27,5 |
Просечни врнежи (мм) | 350 | 200 | 200 | 80 | 100 | 50 | 40 | 30 | 40 | 100 | 125 | 200 | 1.515 |
Флора и фауна
уредиПред ерупција во 1883 година, архипелагот имал бујна растителност типична за влажните предели, но настанот веројатно ја уништил секоја форма на живот.[12] Сепак, животот наскоро се вратил на островите, пораснале дрвја и грмушки, веројатно пренесени во форма на семе од морските струи или преку птичјиот измет, така што од 1886 година тука биле забележани веќе 30 видови на растенија а во 1920 година, на островот живееле 300 растителни видови и 600 животински видови. Но во 1953 година, нов бран на вулканска активност уништил 90 % од растителноста на Сертунг и Панјанг.[12]
Денес, вистинска тропска шума е формирана на трите главни острови, со не помалку од 400 видови на растенија, 54 вида на пеперутки, 30 вида птици, 17 вида лилјаци, 9 вида влекачи и многу инсекти.[12] Средишниот дел на Анак Кракатау е оставен на милост и немилост на ерупциите и тековите лава, така што меѓу 1972 и 1975, 1979 и 1980 година, како и во средината на 1990-тите и растителноста од видот Casuarina била сериозно погодена. Освен тоа, постојаното присуство на токсични гасови и топлината на тлото околу кратерот, како и недостатокот на вода во горниот дел на стрмните падини на кои тешко се задржува влажност, буквално спречуваат каква било колонизација на растенијата надвор од крајбрежните рабови. На брегот успеваат бадеми, кокосови палми и по некој вид цвеќе. Релативно брзата колонизација на растенијата се должи на два фактори : тропската клима и плодната почва. Видовите попрво се населиле врз пепелта отколку врз лавата и оваа разлика е јасно видлива на Анак Кракатау.[12] Овие два фактора придонеле тука колонизацијата на видовите да биде побрза отколку на Суртсеј или на планината Света Елена од една страна, и Хаваите, од друга.
Историја
уредиЕрупцијата во 416 (или во 535) година
уредиЗа датумот на првата историски документирана ерупција на Кракатау широко се дебатира. Генерално, ерупцијата е датирана во 416 година, но понекогаш и 535. Параратон, или „Книгата на кралевите", јаванска хроника напишана во 16 век, пишува дека во 338 година од сачката ера или 416 од грегоријанскиот календар:
Громогласен звук се слушнал од планината Батулара... слична бучава имало и од Капи ... целата земја силно се тресела со жестоки молњи, придружени со поројни дождови и грмотевици, но не само што тој тежок дожд не го изгаснал пожарот на планината Капи, туку, напротив, го зголемил. Бучавата била застрашувачка, најпосле, планината Капи со огромно рикање испукала на парчиња и потонала во длабочините на земјата. Морската вода се искачила и го поплавила крајбрежјето, областа источно од планината Батувара, сè до планината Раџа Баша. Жителите на северниот дел од Сундите кон планината Раџа Баша се удавиле а водата го однела сиот нивен имот. Водата се повлекла, но областа каде што се наоѓала планината Капи била заменета со морето, а Јава и Суматра биле поделени на два дела.
Денес се проценува дека оваа ерупција била со моќност од околу 400 мегатони ТНТ ( 20.000 пати помоќна од бомбата во Хирошима).[13] Тоа го уништила вулканскиот конус, отворајќи 7 километри широка купа оставајќи ги зад себе трите острови Кракатау, Верлатен и Ланг (Раката, Панјанг, и Сертунг). Оваа ерупција несомнено довела до цунами. Меѓутоа штетите што можела да ги предизвика сепак не се познати.[13][14]. Ако денес ова сценарио и датум најчесто се наведени, Дејвид Кис, дописникот за археологија на британскиот дневен весник Индепендент, и Кен Волец, геолог во Националната Лабораторија Лос Аламос, предложиле друг датум и различно сценарио кое вклучува многу помоќна ерупција со страшни историски последици.[15][16].
Теоријата на Кис и Волец
уредиСпоред Кис и Волец приказната на Параратон, чии првични ракописи биле напишани на крајот на 15 век, содржи грешка во датумот и истата се однесува на ерупција која се случила во февруари 535 година од христијанската ера. Според Волец, на местото на денешниот Сундски теснец тогаш се наоѓал вулкан, некаков протокракатау. Ерупција која исфрлила 200 км3 магма, оставила купа со пречник од 50 километри, создала теснец разделувајќи ги островите Јава и Суматра мора да била со огромни размери. Документираните климатски аномалии на неколку места на планетата околу 535 година според нив се должеле на атмосферските пореметувања предизвикани од оваа ерупција. Според Кис, исфрлениот вулкански материјал од ерупцијата би создал мрак на Земјата најмалку две години, од овој датум.[16] Оваа ерупција би исфрлила таква количина на прашина, вода, сулфур и гас во стратосферата што на нашата планета неколку години би владеела вулканска зима. Факт е дека старите извори, како и дендрохронолошките мерења[17] потврдуваат пореметувања на времето и климата, кои можат да одговараат на ефектите на некоја силна вулканска ерупција.[16] Овој вулкански облак би ги блокирал сончевите зраци, би ги уништил културите и би предизвикал глад. Тоа, според некои теории, би довело и до масовен егзодус и инвазии во Евроазија, особено оние на Аварите од Монголија до ослабениот Цариград, епидемии[18] а воедно и политички, религиозни и социјални промени[13].
Други наоди
уредиИако постоењето на климатското пореметување околу 535 било сигурно и постојат силни аргументи дека тоа се должело на вулканска активност, сепак, научниците не биле едногласни истото да му го припишат само на вулканот Кракатау.[19] Во однос на хипотезите на Кис и Волец имало неколку приговори : нивното сценарио не одговара на прифатениот наратив за создавањето на Сундскиот теснец ниту пак на геолошките опсервации на вулканскиот комплекс на Кракатау, кој се припишува на некој грабен.[20] Од друга страна, како што признава и самиот Кен Волец, ниту еден елемент извлечен од геолошката анализа не овозможува да се датираат ерупциите на Кракатау помеѓу 6600 п.н.е и 1215. Датумот 535 е добиен само со споредба на климатските пореметувања документирани на друго место на Земјината топка. Па така за Мајк Бајли, дендрохронолог на универзитетот во Белфаст, хипотезата на Кис не се потпира на никаков доказ.[21] Вулкански ерупции со таква моќ оставаат типичен кисел сигнал во јадрата на поларниот мраз : затоа според Бајли во јадрата собрани на Гренланд, не бил откриен никаков сигнал помеѓу 536 и 545. Најблискиот сигнал бил од 520-тите години. Според Бајли, климатските пореметувања во 530-тите години не можат да се објаснат со вулканска експлозија, туку со судир на комета[22], хипотеза која исто така останува контроверзна. Сепак, еден типичен кисел сигнал на такви ерупции бил пронајден во примероци собрани од јадрото мраз од Антарктикот за годината 542 (+/- 7 години).[21] Сигналот му се припишал на вулканот Рабол со наведување на хипотезата за Кракатау. Неодамна една публикација покажала дека вулкански сигнал за годината 535 сепак постои.[23] Од друга страна Кракатау не бил единствениот кандидат за моќна ерупција во тоа време така што и ерупцијата на Рабол исто така често се поврзува со временски настани во 535 година и следните неколку години. Големината и точното влијание на овие настани во моментов се разгледуваат. Иако книгите на Дејвид Кис[15] и Мајк Бајли[22] доживеале успех, реакцијата на заедницата на историчари била со поделени мислења. Во својата студија за климатските нарушувања во 530-тите на Средоземното Море, Анти Аржава[24], научник на универзитетот во Хелсинки, ги истакнува слабостите на преопштите или преедноставните шпекулации и го привлекува вниманието на нејаснотиите во достапните извори. Ова прашање сè уште останува отворено за научна дискусија.
Непосредни набљудувања
уредиНајмалку три холандски истражувачи навеле дека виделе ерупции на Данан и Пербоеватан во мај 1680 и февруари 1681.
Во февруари 1681, Јохан Вилхелм Вогел, холандски рударски инженер во Салида, Суматра, во близина на Паданг, поминал низ Сундскиот теснец на пат кон Батавија (денешна Џакарта). Во својот дневник напишал:
... Со изненадување видов дека островот Кракатау, кој на моето прво патување во Суматра во јуни 1679 беше целосно зелен и со дрвја, фрла големи парчиња од оган. И кога го прашав капетанот на бродот кога избувнал островот, тој ми кажа дека тоа се случило во мај 1680 година ... Ми покажа парче пемза големо како неговата тупаница.
Вогел помина неколку месеци во Батавија, враќајќи се во Суматра во ноември 1681 година. Неколку холандски патници, меѓу кои и писателот Елијас Хесе. Хесе рекол:
... на 19 ноември 1681 одново го кренавме сидрото и отпрвин продолживме кон север на островот Слипзи (Себеси), ненаселен... и потоа сè уште северно кон островот Кракатау,кој избувна пред една година и исто така е ненаселен. Чадот кој се издига од овој остров може да се види со милји подалекуч бевме со бродот блиску до брегот и можевме да видиме дрвја коиизгледаа комплетно изгорени но самиот оган не се гледаше.[25]
Во февруари 1780 екипажи на бродовите Резолушн (1771) и Дискавери (1775) на пат за дома по смртта на капетанот Џејмс Кук на Хаваи, застанале неколку дена на Кракатау. Тие откриле два прстени во близина на островот, едниот со топла, а другиот со ладна вода. Тие домородците кои живееле на островот ги опишале како "пријателски" и нацртале неколку скици. Во неговиот дневник Џон Ледјард островот го нарекува Кокотера.
Во 1809, Холанѓаните воспоставиле казнената колонија на место што не е наведено во архипелагот. Тоа траело околу една деценија.
Во 1880, Рогиер Вербек спровел формално проучување на островот и објавил обемен извештај во 1884-1885 година. Ова бил значаен ресурс во разбирањето на геолошкото и биолошкото влијание на ерупција од 1883 година.
Ерупцијата на Кракатау во 1883 година
уредиВовед
уредиЕрупција во 1883 година била една од најкатастрофалните во историјата. Експлозиите од ерупцијата се слушнале дури до Австралија, Јапонија и до Филипините, а големи количества пепел паднале на подрачја со површина од 800.000 km2. Исто така, како резултат на ерупцијата, настанал цунами со височина од 36 метри, кој усмртил 36.000 луѓе на Јава и на Суматра.
Одвивање на ерупцијата
уредиДо овој судбоносен ден, Кракатау бил девет километри долг и пет километри широк остров, со бујна растителност типична за влажните предели, но веќе постоела интензивна сеизмичка активност која можела да се почувствува во регионот на вулканот, сè до Австралија. "Апокалипсата" започнала на 26 август 1883 година на 13 часот по месно време (UTC+7).[26] Силна експлозија се слушнала на повеќе од педесет километри од вулканот, проследена со друга, дури посилна околу 14 часот, а потоа непрекината серија жестоки детонации околу 17 часот.[26] Експлозијата во 14 часот била проследена со исфрлање пепел чиј столб бил со височина од над дваесет и седум километри. Другиот дел кој паднал покрил сè во полупречник од 160 километри околу Кракатау, предизвикувајќи во регионот да биде тотална ноќ. Во 10 часот 02 минути, на 27 август, се случила најсилната експлозија проследена со најсилната бучава што некогаш „ја слушнале човечките уши“. Бучавата се слушнала низ цела Холандска Источна Индија, но и до Алис Спрингс во центарот на Австралија и на островот Родригес во југозападниот дел на Индискиот Океан - локации кои се наоѓаат од 3 500 до 4 800 километри оддалечени од Кракатау.[27] Звукот на експлозијата се слушнал приближно на една дванаесетина од површината на земјата, што го прави најзначаен звучен феномен во историјата на човештвото.[28] Многу луѓе целосно или делумно го изгубиле слухот на полупречник од неколку десетици километри. Плинискииот избув достигнал ниво 6 на скалата на експлозивните вулкански ерупции и развила енергија која одговара на 13 000 бомби од типот на Литл бој. Експлозијата исфрлила 10 до 20 километри кубни материјал во воздухот.
Ефекти на ерупцијата
уредиПо колапсот на кратерот, на 26 и 27 август, огромни бранови неколкупати удриле на брег на Јава и Суматра. Во нископоставените области кои се граничат со Сундскиот теснец, се било срамнето со земја. Морското одморалиште Анжер и неговиот поранешен светилник, засилен со челични плочи, целосно биле срамнети со цунами. Во Мерак, четириесет и шест метарски бран паднал врз градот а при повлекувањето, градот бил целосно опустошен.[29] Анормална осцилација на водите забележале плимомерите во Бискајскиот Залив и во Ламанш[30] на 18 000 километри од местото на катастрофата. Околу пладне, дожд од топла пепел паднал околу Кетимбанг во Суматра, и илјадници луѓе загинале без да се бројат жртвите од последователните цунами.[31] Овој уникатен настан според Вербек, и други историчари и научници, се должел на латерална дефлаграција или на пирокластичен поток на нивото на водата, сличен на оние на планината Пеле во 1902 година и планината Св. Елена во 1980 година[32].
Помали ерупции се одвивале до средината на октомври. Потоа немало никаква нова ерупција до 1913 година. Островот Кракатау речиси целосно исчезнал, оставајќи го само расцепениот конус на Раката на југ. Други ерупции на вулканот имало во 1927 и во 2009 година и тој сѐ уште се смета за активен вулкан.
Последици од ерупцијата во 1883
уредиОд ерупцијата загинале голем број луѓе. оландските власти вкупниот број на жртвите го процениле на 36 417. Тоа е најсмртоносната вулканска ерупција во историјата по Тамбора, исто така во Индонезија, во 1815 година. Многу колонии биле уништени, вклучувајќи Телук Бетунг и голем дел од Кетимбанг во Суматра и Сирик и Семаранг во Јава. Областите Бантен и Лампунг биле опустошени. Некои региони на Јава никогаш не биле одново населени и местото станало џунгла каде подоцна бил основан денешниот Националниот Парк Ујунг Кулон во рамките на делокругот (вклучително Кракатау и неговите води).
Вулканската пепел се дигнала на 80 километри во атмосферата и се прошириле доволно честички за следната година да се намали просечната глобална температура за 0,25 °C, со амплитуда која се движи од околу 0.18 до 1,3 °C.[33] Климатските модели неколку години продолжиле да бидат хаотични а температурите се вратиле во нормала дури по 1888 година. Ерупцијата испуштила огромна количина на сулфур диоксид високо во стратосферата.[33]
Меѓутоа оваа ерупција освен катастрофалните фатални последици имала и корисни ефекти на локалната средина. Само една година по катаклизмата на поштедените островчиња никнала трева. Две години подоцна, таму веќе имало дваесет и шест видови на растенија а во 1924 година, овие фрагменти од земјата биле покриени со густа шума. Околните региони како што се Лампунг, речиси јалови пред ерупцијата, станале мошне плодни. Ова привлекло големо население. Се проценува и дека благодарение на оваа ерупција опстанал јаванскиот носорог.
Детето на Кракатау
уредиВо 1927 година, знаци на подводна суртсејска ерупција тука биле набљудувани од страна на научници. Ерупцијата избила 1,200 метри над морското ниво. Неколку дена подоцна, нов вулкански остров, Анак Кракатау ("дете на Кракатау") се појавил 9 метри над површината на водата. Првичните ерупции биле од пемза и пепел но островот брзо еродирал. Најпосле Анак Кракатау сепак се формирал поради количината и брзината на исфрлениот материјал за конечно да се стабилизира во август 1930 година. Оттогаш, следеле речиси четириесет ерупции а последната се случила на 25 октомври 2010. Овие последователни ерупции го пораснале островот со просечна стапка од педесет инчи месечно. Првиот конус во 1933 година достигнал надморска височина од 67 метри а во 1950 година достигнал 138 метри. Потоа, вториот конус почнал да се појавува, на дното на езерото формирано во внатрешноста на кратерот. Во 1960 година, новиот конус достигнал 30 метри, во 1968 година 160 метри а во 1977 година, 181 метри.[33] Денес, врвот достига повеќе од 300 метри со пречник од три до четири километри. Анак Кракатау нуди исклучителни предмет на проучување во вулканолозите и ботаничарите. На 3 октомври 2011 година, Анак Кракатау испуштил облак од пепел повеќе од два километри нагоре. Бројот на земјотреси до крајот на неделата се зголемил на речиси 6 000 дневно[34]
Идните ризици
уредиПоследната жртва од ерупција на Кракатау е во 1992-1993 година. Денес, Кракатау се следи од страна на Вулканската Опсерваторија Кракатау, во Карита, на западниот брег на островот Јава. Мрежа на станици континуирано го следи вулканот. Четири постојани станици се присутни на архипелагот, вклучувајќи и три за Анак Кракатау за регистрирање на податоците за земјотресите, деформацијата на теренот со ГПС, промените на нивото на морето, емисијата на гасови, електромагнетните бранови и климатските промени.[35] Три привремени сеизмолошки станици се дополнување на диспозитивот на Кракатау, Панјанг и Сертинг. Овој комплекс телеметриски комуницира со опсерваторија во Карита.[35] Собраните податоци овозможуваат да се процени веројатноста од претстојна катастрофа. Еден од утврдувачките фактори е износот на силициум присутен во магмата која вулканолозите ја мерат во примероци тефра. Колку поголема е содржината на силициум, толку магмата станува повискозна, па гасовите не можејќи да излезат го зголемуваат притисокот при што вулканот силно експлодира, со ослободување на голема количина на материјал, посебно силициум, иницирајќи нов циклус. Кракатау природно го следи овој модел и не постои индикација денес дека се подготвува нова катастрофа, макар што претпазливоста е неопходна. Со својата местоположба Кракатау претставува вистински ризик за крајбрежните населенија на Јава и Суматра и за сообраќајот кој транзитира преку теснецот.[35] Густината на населението во Индонезија е релативно висока, посебно во овој регион, со просечно над 100 жители на квадратен километар, во населените места. Во полупречник од педесет километри околу вулканот на населението изнесува речиси 275 000 жители а во полупречник од сто километри, 5.8 милиони. Како што се потврдува со ерупцијата во 1883 година, главниот ризик е поврзан со цунами, кој се заканува на пристанишните објекти на исток и туристички места на југ. Всушност, Јава и Суматра би можеле да бидат погодени за помалку од еден час. Во заштитените области, коралните гребени се природна заштита на брегот, додека во урбаните средини, се размислува за проекти за разбивање на брановите.[36]
Туризам
уредиЗападниот брег на Јава станало многу популарно одморалиште за жителите на Џакарта кои најчесто одат таму за викенд. Кракатау е екскурзија како дел од активностите понудени од туристичките агенции. Точка на поаѓање е пристаништето на Лабуан, но дотаму може да се стигне таму и од летувалиштата на Анжер и Карита.
Заштитена околина
уредиЗападниот дел на островот Кракатау и Верлатен се класифицирани како национален споменик во јули 1919 година.[37] Источниот дел бил додаден во 1925 година. Островите се дел од резерватот Ујунг Кулон, основан во 1921 година. Во 1980 година, резерватот добил статус на национален парк, и се протега на површина од 1 206 км2 од кои 443 км2 се морско подрачје[37]. Во 1992 година, паркот е класифициран како светско наследство на УНЕСКО.[38] Последните јавански носорози, чија популација се проценува на помалку од шеесет единки, нашла засолниште во овој парк.
Поврзано
уредиБиблиографија
уреди- (француски) Симон Винчестер, Кракатау : 27 август 1883 година, денот кога земјата експлодира, Жан-Клод Латес, 2005[27]
- (француски) Камила Фламарион, Ерупцијата на Кракатау и земјотресите, Марпон и Фламарион, Париз.
- (англиски) Руперт Фурно, Кракатау, Secker & Warburg, 1964 година[2]
- (англиски) Давид Кис, Катастрофа: Истрага за потеклото на модерниот свет, Century Books, 1999[39]
- (англиски) Ијан Торнтон, Кракатау: Уништување и составување на островскиот екосистем, Харвард Универзити Прес, 1997[12]
Филмографија
уреди- Кракатау, краткометражен американски филм од 1933 за кој продуцентот Џо Рок добил Оскар за најдобар краткометражен филм)[40]
- Неверојатна катастрофа, британски документарен филм од 1999,во режија на Гери Џонсон,Дејвид Рајт и Џереми Фристон
- Кракатау : Ерупција на векот, британски документарен филм од 2005, во режија на Џереми Хол
- Кракатау: последните денови, документарен филм на ББС од 2006 во режија на Сем Милер и др.
Надворешни врски
уреди- Вулканот Кракатау (на activolcans.info) - франкофонска база на податоци за вулканите во светот.
- 1883 Ерупција на Кракатау
- Кракатау во Индонезија (1883) Архивирано на 16 декември 2014 г. – информација од Универзитетот во Сан Диего
- Кракатау- Огромна вулканска ерупција на YouTube – "Naked Science"
Наводи
уреди- ↑ Dunk, Marcus (2009-07-31). „Will Krakatoa rock the world again?“. London: Associated Newspapers Ltd. Посетено на 2010-01-23.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Rupert., Furneaux (1969). Krakatoa. London: Sphere Books. ISBN 0722137176. OCLC 30279277.
- ↑ 3,0 3,1 Simon., Winchester (2003). Krakatoa : the day the world exploded, August 27, 1883 (1 U.S.. изд.). New York: Harper-Collins. ISBN 0066212855. OCLC 51946267.
- ↑ (англиски) Simon Winchester, op. cit., page 28.
- ↑ (холандски) Rogier Diederik Marius Verbeek, Krakatau, 1886, page 87.
- ↑ (англиски) Lee Khoon Choy, A Fragile Nation: The Indonesian Crisis, World Scientific Publishing Company, juillet 1999, page 149 ISBN 9810240031.
- ↑ (англиски) Arysio Nunes dos Santos, Atlantis: The Lost Continent Finally Found, Atlantis Publications, 2005, page 311 ISBN 0976955008.
- ↑ (француски) Encyclopædia Universalis.
- ↑ (англиски) Peter Bird, An updated digital model of plate boundaries, Geochemistry Geophysics Geosystems, An Electronic Journal Of The Earth Science, vol. 4, n°3, 14 mars 2003 ISSN 1525-2027 .
- ↑ (англиски) Krakatoa Online Monitoring - Weather annual data Архивирано на 14 октомври 2008 г..
- ↑ (француски) Climatologie - Jakarta, Indonésie.
- ↑ 12,0 12,1 12,2 12,3 12,4 B.), Thornton, I. W. B. (Ian W. (1997). Krakatau : the destruction and reassembly of an island ecosystem (1 Harvard University Press pbk.. изд.). Cambridge, Mass.: Harvard University Press. ISBN 0674505727. OCLC 39902055.
- ↑ 13,0 13,1 13,2 (en) Ken Wohletz, Were the dark ages triggered by volcano - Related climate changes in the 6th century? (If so, was Krakatau volcano the culprit?) Архивирано на 18 јуни 2003 г. [archive], Los Alamos National Laboratory.
- ↑ (англиски) Предлошка:Pdf G. Pararas-Carayannis, Near and far-field effects of Tsunamis generated by the paroxysmal eruptions, explosions, caldera collapses and massive slope failures of the Krakatau volcano Indonesia on August 26-27, 1883, Science of Tsunami Hazards. The International Journal of the Tsunami Society, 21, 4, 2003, p. 194. Voir aussi CNRS - Les zones de subduction actuelles.
- ↑ 15,0 15,1 (англиски) David Keys, Catastrophe: An Investigation into the Origins of the Modern World, Century Books, 1999, pages 239-272 ISBN 0-345-40876-4.
- ↑ 16,0 16,1 16,2 (англиски) Ken Wohletz, Were the dark ages triggered by volcano - Related climate changes in the 6th century? (If so, was Krakatau volcano the culprit?) Архивирано на 18 јуни 2003 г., Los Alamos National Laboratory.
- ↑ (en) M.W. Salzer, M.K. Hughes, « Bristlecone pine tree rings and volcanic eruptions over the last 5000 yr », Quaternary Research, vol. 67, 2007, pages 57-68.
- ↑ (en) R.B. Stothers, « Volcanic Dry Fogs, Climate Cooling, and Plague Pandemics in Europe and the Middle East », Climatic Change, vol. 42, 1999, pages 713-723.
- ↑ (en) J.Grattan, « Aspects of Armageddon: An exploration of the role of volcanic eruption in human history and civilization », Quaternary international, vol. 151, 2006, pages 10-18.
- ↑ (en) Global Volcanism Program - Eruptive history of Krakatau [archive].
- ↑ 21,0 21,1 (en) [PDF] M. Baillie, The case for significant numbers of extraterrestrial impacts through the late Holocene [archive], Journal of Quaternary science, 2007, 22(2), pp. 101-109 : p 105 « Keys (1999) proposed that the event was due to a super-eruption of Krakatau in February 535—a suggestion for which there is no actual evidence ».
- ↑ 22,0 22,1 (en) Mike Baillie, Exodus to Arthur. Catastrophic Encounters with Comets, Londres, 1999.
- ↑ (en) L.B. Larsen, B.M.Vinther, K.R. Briffa, T.M. Melvin, H.B. Clausen, P.D. Jones, M.-L. Siggaard-Andersen, C.U. Hammer, M. Eronen, H. Grudd, B.E. Gunnarson, R.M. Hantemirov, M.M. Naurzbaev, K. Nicolussi, New ice core evidence for a volcanic cause of the A.D. 536 dust veil Архивирано на 6 јуни 2011 г. [archive], Geophysical Research Letters, 35.
- ↑ (en) Antti Arjava, « The Mystery Cloud of 536 CE in the Mediterranean Sources », Dumbarton Oaks Papers, 59, 2005, p. 74.
- ↑ Белешка: Вогел се вратил во Амстердам во 1688 и го објавил првото издание на неговиот дневник во 1690.
- ↑ 26,0 26,1 Simon., Winchester (2003). Krakatoa : the day the world exploded, August 27, 1883 (1 U.S.. изд.). New York: Harper-Collins. ISBN 0066212855. OCLC 51946267.
- ↑ 27,0 27,1 Simon., Winchester (2005). Krakatoa : 27 août 1883, le jour où la Terre explosa. Paris: Lattès. ISBN 2709624966. OCLC 420233300.
- ↑ Historical Eruption Sounds [archive], Oregon State University.
- ↑ Fiche scientifique N°6 : l'éruption du Krakatau en août 1883 [archive]
- ↑ (en) [PDF] Frank Press, « Volcanoes, ice, and destructive waves [archive] », Engineering and Science vol. 20, ноември 1956.
- ↑ (en) [PDF] Charles L. Mader, Michael L. Gittings, « Numerical model for the Krakatoa hydrovolcanic explosion and tsunami Архивирано на 11 октомври 2008 г. [archive] », Science of Tsunami Hazards vol. 24-3, 2006, pages 174-182.
- ↑ Lee, K. S.; Gartner, L. M. (September 1976). „Spectrophotometric characteristics of bilirubin“. Pediatric Research. 10 (9): 782–788. ISSN 0031-3998. PMID 8755.
- ↑ 33,0 33,1 33,2 (en) Tom Simkin, Richard S. Fiske, The volcanic eruption and its effects, Smithsonian Institution Press, 1983.
- ↑ (fr) Volcan Anak Krakatau (détroit de la sonde, Indonésie): nouvelle éruption
- ↑ 35,0 35,1 35,2 (en) Global Disaster Alert and Coordination System - Green Alert for Volcano Krakatau in INDONESIA Архивирано на 4 јуни 2012 г. [archive].
- ↑ (en) Volcanic Tsunami Hazard of Krakatau: Run up and travel time model for its mitigation in Sunda Strait Архивирано на 5 јуни 2008 г. [archive].
- ↑ 37,0 37,1 (en) Ujung Kulon National Park, Indonesia Архивирано на 12 февруари 2011 г. [archive].
- ↑ (fr) Parc national de Ujung Kulon [archive], site du Patrimoine mondial de l'UNESCO.
- ↑ David., Keys (2000). Catastrophe : an investigation into the origins of the modern world (1 American. изд.). New York: Ballantine Pub. ISBN 0345408764. OCLC 40964686.
- ↑ (англиски) Awards for Krakatoa (1933) sur imdb, consulté le 9 juin 2008.