Индонезиски јазик

службен јазик на Индонезија

Индонезискиот (Bahasa Indonesia) е државен јазик на Индонезија. Претставува стандардизирано наречје (регистар) на малајскиот јазик, кој припаѓа на австронезиското јазично семејство и со векови играл улога на лингва франка на индонезискиот аархипелаг.

Индонезиски
Bahasa Indonesia
Застапен воИндонезија
Источен Тимор (како „работен јазик“)
Говорници23 милиони  (2000)
140 милиони како втор јазик
Јазично семејство
Писмолатиница
Статус
Службен воИндонезија
Регулативен органАгенција за развој на јазикот
Јазични кодови
ISO 639-1id
ISO 639-2ind
ISO 639-3ind

Индонезија е четврта земја по населеност во светот, што значи дека индонезискиот (а со тоа и малајскиот) е еден од најговорените јазици во светот.[1]

Покрај индонезискиот, највеќето Индонезијци говорат и друг регионален јазик (како јаванскиот, сундскиот и мадурскиот) што се користи во домот и на месно ниво. Во земјата, индонезискиот е јазик на образованието и медиумите. Во Источен Тимор (индонезиска покраина помеѓу 1975 и 1999 г), индонезискиот има уставен статус на работен јазик (заедно со англискиот) покрај државните јазици, тетум и португалскиот.

Географска застапеност

уреди
 
Карта на распространетоста на јазикот. Темносино: како мнозински. Светлосино: како малцински.

Јазикот се говори низ целата Индонезија и во Источен Тимор. Како мајчин се говори по градските подрачја, а во руралните подрачја е застапен како втор или трет јазик. Покрај тоа, има уште 1-2 милиони говорници во други земји во светот, особено во Холандија, на Филипините во Саудиска Арабија и во САД.[2]

Историја и употреба

уреди

Индонезискиот е стандардизирано наречје што води потекло од класичниот малајски јазик Малачката држава.[3] кој прво се говорел во североисточна Суматра. Со развојот на пошироката трговија, старомалајскиот станал лингва франка на индонезискиот архипелаг и како таков се задржал 500 години.[4]

Со прогласувањето на независност на Индонезија во 1945, индонезискиот станал државен јазик.[5] Во стандардниот облик, индонезискиот е ист со литературниот малајски во Малезија и Брунеј, но се разликува од него по изговор и лексикон (налик на српскохрватската јазична ситација). Разликите се должат претежно на влијанијата од холандскиот и јаванскиот јазик во индонезиската варијанта.

Иако е мајчин јазик на мал дел од бројното население на Индонезија (главно Џакарта и други поголеми градови како Медан и Баликпапан и нивната околина), индонезискиот редовно го користат над 200 милиони луѓе како државен. Игра важна улога во земја составена од разни острови, 300 јазици и говори и голем број на најразлични народности.

Стандардниот индонезиски се користи во книги, весници, телевизија и радио, но во секојдневниот живот се користи разговорна варијанта на јазикот, која е прилично различна по граматика и лексикон од пишаниот јазик. Ова се должи претежно на фактот што луѓето го говорат индонезискиот со примеси од сопствените мајчини јазици (како што е јаванскиот, сундскиот, балискиот и сл.). Така се добиваат разни регионални примесни дијалекти на индонезискиот, кои се мошне застапени по разните градови во земјата. Покрај оваа појава, разговорниот јазик дополнително се разликува поради застапеноста на нелитаратурниот сленг.

Писмо и правопис

уреди
Поврзано: Македонска транскрипција на индонезискиот јазик

Јазикот ја користи латиницата. Согласките се претставени слично на италијанскиот, со тоа што ⟨c⟩ секогаш е /tʃ/ („ч“), а ⟨g⟩ секогаш е /ɡ/ („г“), а ⟨j⟩ го има гласот /dʒ/ („џ“), како во англискиот. Покрај ова, ⟨ny⟩ ја претставува преднонепчената носна согласка /ɲ/ („њ“), ⟨ng⟩ се користи за заднонепчената носна согласка /ŋ/ (што се јавува на почетокот на зборот), ⟨sy⟩ претставува /ʃ/ („ш“), а ⟨kh⟩ ја означува безвучната заднонепчена струјна согласка /x/. Гласовите /e/ и /ə/ се означуваат со буквата ⟨e⟩.

Сè до 1947, индонезискиот се пишувал со ван Опхејсеновиот систем, што го носи името на советникот што го осмислил правописот - Ш.А. ван Опхејсен и се засновал претежно на холандскиот правопис. Во 1947 е извршена правописна реформа, воведувајќи го т.н. „републикански“ или „Сувандиев“ правопис (наречен по тогашниот министер за образование).

Лексикон

уреди
 
Индонезискиот е јазикот на сите масовни медиуми. Кај нив важи правилото за литературно изразување, иако напати се користи поразговорна варијанта.

Како современ малајски дијалект, индонезискиот јазик има голем број на појазмени зборови од разни јазици: санскрит, арапски, персиски, португалски, холандски, кинески и многу други, вклучувајќи други австронезиски јазици. Се проценува дека има 750 санскритски заемки, 1.000 арапски, некои со персиско и хебрејско потекло, околу 125 зборови од португалско (како и шпанско и италијанско) потекло и неверојатни 10.000 заемки од холандскиот.[6] Преку холандскиот навлегле и многу зборови со потекло од другите европски јазици.

Индонезискиот не користи граматички родови, и има само мал број зборови со природен род. На пример, „тој“ и „таа“ се еден ист збор (dia/ia). Наспроти ова, јазикот разликува постари и помлади лица: adik е помал брат или помала сестра, а kakak е постар брат или постара сестра (макед. „дада“ и „бато“). Природниот род на именката може да се означи само со придавка: adik laki-laki би значело „помал брат“, но без вистинскиот збор „брат“ туку со поим што придавка за машкост.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. James Neil Sneddon. The Indonesian Language: Its History and Role in Modern Society. UNSW Press, 2004, стр. 14"
  2. Ethnologue (англиски)
  3. Sneddon 2003, The Indonesian Language: Its History and Role in Modern Society, стр. 70
  4. rmz (5 јуни 2007). „Sriwijaya dalam Tela'ah“. Melayu Online. Архивирано од изворникот на 2012-10-22. Посетено на 1 април 2012.
  5. "Bahasa Indonesia: The Indonesian Language," George Quinn, Australian National University“. Архивирано од изворникот на 2011-08-24. Посетено на 2012-07-02.
  6. Истражување под водство на проф. Ј.В. де Врис од Лајденскиот универзитет

Надворешни врски

уреди