Вулканска бомба

(Пренасочено од Вулкански бомби)

Вулканска бомба — маса од стопена материјал (тефра) поголем од 64 мм во пречник, кој се образува кога еден вулкан исфрла вискозни парчиња лава при избув. Се стврднува во цврсти парчиња пред да падне на земја. Бидејќи се ладат откако ќе излезат од вулканот, се сметаат за истиснати магматски карпи. Напати вулканот ги исфрла на далечина од повеќе километри, па во летот добиваат аеродинамичен облик. Бомбите можат да бидат многу големи. Во 1935 г. избувот на Асама во Јапонија исфрлил бомби со пречник од 5–6 м на далечина до 600 м од отворот. Вулканските бомби се значајна опасност, и предизвикуваат сериозни повреди и смрт за оние во засегнатото подрачје. Еден таков настан е избувнувањето на вулканот Галерас во Колумбија во 1993 г. кој, при ненадејниот избув, усмртил шестмина и сериозно повредил неколкумина други. На 16 јули 2018 г. се повредени 23 лица на туристичко бротче кај вулканот Килауеја поради бомба со големина на кошаркарска топка.[1][2]

Вулканска бомба „бадем“ во пустината Мохаве, САД.
Вулканска боба „корка“ во Вулканија, Пиј де Дом, Франција.
Лавина бомба кај Штрон, Рајнската област-Пфалц, Германија, со пречник од 5 метри и тежина од 120 тони. Настанала со вулкански избув во 8300 п.н.е.

Понекогаш вулканските бомби знаат да експлодираат под притисок на внатрешните гасови при нивното ладење, но најчесто прават штети поради удари, или предизвикуваат пожари откако ќе паднат. Експлозиите се најчести кај бомбите од видот „корка“.

Видови бомби

уреди

Бомбите се разликуваат по нивниот облик, кој зависи од течноста на магмата од која излегле.

  • гајтанести или валчести — се образуваат од мошне или умерено течна магма, исфрлена како неправилни гајтани или грумци. Гајтаните се раскинуваат на поситни делови кои паѓаат на тлото и личат на ленти. Во пресек се кружни или сплеснати, со жлеб по должината, со плики, зарамнети меури.
  • топчести бомби — исто така се образуваат од мошне до умерено течна магма. За да го добијат овој облик, треба да имаат соодветен површински напон.
  • вретенести или „бадеми“/вртежни — настануваат по иста постапка како топчестите, но само делумно се заоблуваат. Кога се вртат при летот стануваат издолжени или налик на бадем. Имаат надолжни жлебови, една страна малку помазна и поширока од другата. Мазната страна е долниот дел на бомбата, кој станал таков паѓајќи низ воздухот.
  • „лепешки“ — се образуваат кога мошне течна магма паѓа од умерена висина, при што немаат време да се стврднат пред да паднат, туку доаѓаат на тлото сè уште во течен облик. При падот се сплескуваат и личат на кравји измет.
  • корки — се образуваат кога надворешноста се стврднува во лет, а потоа пука поради ширењето на внарешноста.
  • јадрени — имаат течни обвивки околу јадро од претходно стврдната лава. Јадрото се состои од придружни парчиња од претходен избув, случајни парчиња од камења, а во ретки случаи, делчиња до лава образувани при истиот избув.

Наводи

уреди
  1. „Hawaii volcano: At least 23 injured as 'lava bomb' hits tourist boat“. USA Today. Посетено на 17 јули 2018.
  2. „23 injured after basketball-sized 'lava bomb' crashes through roof of Hawaiian tour boat“. The Washington Post.

Надворешни врски

уреди