Историја на П’пли

Историјата на селото П’пли започнува од 8 век, односно со создавањето на самото село. П’пли е леринско село во Егејска Македонија, Грција каде што во текот на граѓанската војна во Грција (1946-1949 година), со поразот на Демократската Армија на Грција (ДАГ), се случува и егзодусот со што целото македонско население е приморано да ги напушти своите домови и да бара прибежиште во поранешните социјалистички држави.

Селото П’пли, Егејска Македонија, 1963 година.

Потекло на името

уреди

Како селото го има добиено името не е точно познато. Според полскиот истражувач Пјанка кој со неговото истражување доаѓа до основни значења на зборот за името на селото (се мисли за времето на османлиското владеење), односно тој дознава дека селото се издигнувало паралелно со другите долнопреспански села и зборот значел „папок“ или, пак, папочно врзани за споменатото село. Од постарите жители се говори дека во времето на Цар Самуил во селото П’пли постоел образовен институт во кој се вршело подготовки за свештени лица, односно попови, и од зборот „поп“ се добило името „Попли“ или „П’пли“ на месниот дијалект.

Селото П’пли од страна на турските власти припаѓало на нахијата Преспа, „хас на нишанџи“, везир Мехмед-паша во "Горичката Каза", кое уште од 16-от век било запишано како П’пли.

Со доаѓањето на Грците во тој дел на Македонија и со присилната промена на топонимите и имињата на селата и градовите, селото П’пли од тогашниот грчки режим било преименувано во „Левкон“, што по нивниот јазик значи „Тополчани“ или „Белчиште“, односно место на кое има голем број на тополи (според сеќавањето на старите П’плени, ова село во минатото било обраснато со големи тополи).

П’пли и П’плени во периодот на турското владеење, 1317 до 1912 година

уреди

Со спроведените реформи во турската империја била дадена гаранција кон поробениот народ дека ќе им се подобрат условите за живот. Меѓу првите права што биле предвидени да ги добие народот били и правото на словодна вероисповед како и поправка и градба на верски објекти (цркви и манастири). Христијанското население од преспанската околија ги искористиле овие права и во првата половина на 19 век, со помош на младата Македонска буржоазија, во скоро сите Македонски села биле подигнати православни духовни храмови. Покрај православните верски храмови, селаните имале шанса да ги обноват своите дотогашни живеалишта и да ја доведат до израз таканаречената градска архитектура. И до денешен ден се зачувани некои од градбите во Лерин, Костур, Воден и други градови.

Во втората половина на 19 век започнала на повисоко ниво да созрева националната свест на Македонците од Егејските села, па така и кај селаните од селото П’пли кое спаѓало помеѓу понапредните населби во кои животот се менувал и збогатувал. Сепак, уште од почетокот на 17-от век отоманската империја на голема мера започнало да слабее и опаѓа што им дало шанса на агите и беговите да го искористуваат народот и да ги опустошуваат селата од Егејска Македонија, меѓу кои и селото П’пли. Со укинувањето на Охридската Архиепископија во 1767 година македонските села доаѓаат под власт на грчката патријаршија. Иако вложиле големи напори тие не успеале во целост да ја извршат планираната асимилација врз македонскиот народ во селото П’пли.

Илинденско востание

уреди
 
Васил Арнаутовски од село П’пли, учесник во Илинденското востание.
 
Филип Наумов - Ангеловски од село П’пли, учесник во Илинденското востание.
 
Ѓорги Ангеловски од село П’пли, учесник во Илинденското востание.

За подготовките на Илинденското востание во Преспа, посебна заслуга имаат познатите војводи Славејко Арсов од Штип, Никола Кокарев од селото Царев Двор, Велјан Илиев од селото Смилево, Даме Маслановски од П’пли, Спиро Миовски, исто така, од П’пли кој воедно бил и селски војвода, Ангел Андреев од селото Рудари, Наум и Петре Германчето од Герман и други востанички раководители и селски војводи. Првата чета на триесетина комити што се појавила во селото П’пли била четата на Митре Панџаров - Влаот од селото Кономлади која во пролетта 1901 година, тајно за првпат го посетила селото.

Филип Ангеловски кој бил вклучен во организирањето на селаните од П’пли во една прилика изјавил:

Сите мажи и повозрасни машки глави од селото бевме собрани во старата куќа на Даме Маслановски. Од моето село имаше петнаесетина кои влечеа корени од револуционерни семејства. На состанокот во куќата на Даме, војводата Митре Влаот ни зборуваше дека дојде време македонскиот народ да се крене со пушка против вековните поробувачи, да се истераат од нашата земја за да може народот слободно да живее. На состанокот сите се заколнавме на верност и чесност пред организацијата, дека ќе ги чуваме нејзините тајни. На овој состанок беше формирана селската чета на чело со војводата Спиро Миовски и неговиот заменик Даме Маслановски. Истата вечер, веќе избраните војводи од селото П’пли, дадоа клетва дека ќе работат чесно и одговорно пред востаниците.

Таа бројка подоцна била зголемена на педесетина востаници кои своите активности ги вршеле илегално и селективно е вршеле подготовки за престојното востание. Првите лица од селото П’пли кои ги дале своите животи во текот на востанието за слободата биле Даме Маслановски, Стојан Колев, Васил Кочовски, Крстин Пошковски меѓу кои имало и голем број на ранети и малтретирани селани. Споменатите жртви и бројните учесници во славното востание говорат за тоа дека и селото П’пли било од оние села во кои учеството во востанието било со масовен карактер. Излегувајќи на страна од темата за Илинденското востание битно е да се напомене и дека учесници во Кресненското востание од П’пли биле Ангел Христов, Димитрија Стерјов, Петре Павлев и Стефо Немачко.

Борбите со аскерот во селата П’пли и Штрково

уреди

Штабот на ресенскиот револуционерен реон, веста за востанието ја примил во месноста Водици на Љубојнската планина. Таа всушност била нареба за едновремено започнување на вооружените акции на 2 август. Затоа, Андреев и Кокарев се зафатиле со итно изработување на планот за нејзиното спроведување. Според планот, акцијата требало да се избрши на 2 август вечерта. Целта на акцијата била заземање на преспанското село П’пли. Во селото П’пли, покрај стационираниот гарнизон со околу 60 војници, живееле и голем број експлоататори чиј терор го чувствувало населението од сите соседни села. Овие сознанија биле пресудни за реонскиот штаб да се определи за напад на селото П’пли. Во акцијата требало да учествуваат околу 200 востаници и вооружени луѓе од сите соседни села. Од тие причини било неопходно д асе побара помош од војводата Коте чие влијание во Преспа било особено силно. Преговорите за соработка започнале, но Коте наговорил околу шеесетмина селани од селата Бесвина, Буковик, Дреново, Л’к и Оровник (кои се наоѓаат јужно од селото П’пли) да не учествуаат во акцијата. На тој начин планираниот напад на 2 август вечерта 1903 година, не се реализирал.

Исправен пред овој вонредно тежок проблем, реонскиот штаб немал друг избор освен да направи повторен обид за Коте да се придобие. Знаејќи ја неговата наклонетост кон грабежи, штабот му ветил дека пленот што ќе го освои нема да му биде одземен. Тоа бил поттик за овој само наречен „војвода“ кој постојано и задавал проблеми на организацијата, дефинитивно да се согласи и да земе учество во нападот. Во овие преговори со Коте поминале цели осум дена.

Со околу 100 луѓе Коте пристигнал на 9 август, пред стемнување, на зборното место каде што го чекале Ангел Андреев со својата чета. Тука биле извршени последните договори за акцијата и некаде во првиот мрак селото П’пли било целото опкружено со востаниците. По налог на штабот бил направен напад за аскерите да се предадат да не би настрадало цивилното население. Меѓутоа селскиот чорбаџија Рустем, на оваа понуда одговорил негативно. Тој им порачал на востаниците дека на „Христијани теслим не се чини“ (со христијани договор не се прави). Овој одговор бил повод да биде дадена команда за изведување на јуришот од востаниците, односно се разнело громогласното „УРА“. Селото брзо паднало во рацете на востаниците, но аскерот заедно со турското население, повлекувајќи се низ борба, се забарикадирал во десетина, една до друга, куќи кои биле изградени од камен. Од таму непријателот давал жесток отпор. Тогаш, како што истакнува во своите спомени Ангел Андреев, востаниците започнале со петролеј да ги опожаруваат сите куќи по ред при што во високи пламени вивнал целиот крај.

Оваа акција во која загинале тројца востаници, а седуммуни биле ранети, траела цела ноќ помеѓу 9 и 10 август и во текот на целиот ден на 10 август, т.е близу 24 часа. По заземањето на селото П’пли во кое како оаза останале забарикадираните непријатели, бил запленет поголем број грла добиток. Андреев го задржал за себе коњот на чорбаџијата Рустем, а Коте коњот на папаџијата Сулејман ефенди.

На 17 август, Коте решил да се повлече со своите луѓе. Тој земал со себе над илјада овци и околу 600 грла говеда и тргнал кон селото Штрково . Два дена подоцна неговата чета, во која останале 80 луѓе, случајно се сретнала со поголема аскерска единица близу селото. По кратка, но жестока престрелка, Коте бил опкружен. Кога ја разбрале веста за тоа, на помош пристигнале и востаниците од селото П’пли и по еден силеn напад му овозможиле на Коте да се извлече од обрачот. Четата што го пробила обрачот броела околу 30 луѓе кои биле добри борци. Во оваа борба паднале тројца востаници, а четворица биле ранети. За разлика од борбата во селото П’пли, непријателот тука имал само една жртва помалку. Додека при заземањето на селото загинале 12 востаници, во борбата кај Штрково биле убиени 11 аскери. Додека се водела оваа борба во Штрково, Пенчо со својата десетчлена чета го повел населението од селото Рудари во соседната планина. Оваа постапка се должела на постоечкиот страв од евентуална одмазда бидејќи разлутениот аскер, а особено башибозуците, биле подготвени да преземат и најсурови мерки. Сите тие се упатиле кон западните високи ридови. Селаните се вратиле во своите домови дури во доцните вечерни часови по сознанието дека аскерот „не скршнал“ кон нивното село.

Откако востаниците ги закопале своите загинати другари, Коте и понатаму останал во атарот на селото Штрково, војводата Пенчо тргнал некаде на север, а Андреев со своите луѓе се вратил во селото П’пли. Тие таму зазеле позиции во очекување на аскерот и на 23 август, од север, надошла една многубројна единица од 800 аскери. Андреев видел дека неговата чета од околу 30 востаници тешко ќе може да се спротивстави на ваквата непријателска сила и без борба се повлекол кон планината. Непријателот влегол во селото П’пли и откако ги ослободил неколкуте Турски фамилии што биле забарикадирани во камените куќи, заедно со нив, се вратил во селото Наколец. Веднаш потоа востаниците повторно слегле во селото и ги доопожариле сите куќи.

Со востанието не е добиена очекуваната слобода, напротив, ропството продолжило. Оваа новонастаната ситуација по големиот не успех на востанието ја искористиле соседните држави и со големи апетити се нафрлиле врз Македонија со свои вооружени чети сè со цел да подготват терен за поделба на Македонија. Животот станал се потежок и понеиздржлив. Повторно почнуваат прогони, масовни интернирања и малтретирања на селското население. Методите по кои работеле биле многу јасни, да се задржи секаков отпор, влевање страв кај мирното население и да се откорени вербата за слобода.

Печалбарството и П’плени

уреди
 
Алексо Тутуновски (втор од десно), син на Гоче Тутуновски, со неговото семејство.

Со задушувањето на Илинденското востание, селото П’пли во целост било изгорено. Ваквата тешка положба ги принудила П’плени да побараат спас во големите држави преку океанот како би обезбедиле егзистенција за своите семејства. Овој крај до ден денес има голема традиција за одење на печалба. Печалбарството во овие преспански краишта датира уште од почетокот на 17 век.

Повеќето печалбари од селото П’пли ги искажале своите способности како општи работници во тешката индустрија, во железницата за пробивање на нови железнички пруги, исто така, работеле во каменоломи, во дрвната индустрија и по големите ниви насадени со памук и пченка како наемници.

Првите Македонци кои заминале на печалба во прекуокеанските земји биле од Леринско, Битколско и Костурско, а нивното заминување било во времето после Илинденското востание во 1903 година. Оделе во голем број, а меѓу нив и П’плени. Поради економската состојба и поради страв од стрелање од страна на турскиот аскер, првиот П’пленец кои заминал на печалба во Америка бил Спиро Миовски, селскиот војвода. Тој заминал во 1904, Крстин Гелев Филиповски, Филип Ангеловски, Ѓорги Ангеловски и Митре Ангеловски во 1905, Симо Филиповски во 1906, Танас Секуловски, Васил Арнаутовски и Спиро Поповски во 1909 и Алексо Миовски во 1910 година. Селаните од ова село кои заминале на печалба во САД се сместиле во градовите Бафало, Охајо и Чикаго. Во овој период од печалбарската треска, која е резултат на економската тешкотија и немањето средства за егзистенција, во 1907, п’пленецот Дамо Марковски заминал на печалба во Аргентина од каде што никогаш не се вратил. Во 1910 година, во Канада, заминува Гоче Доневски каде и тој, исто како и Дамо Марковски. Со доаѓањето на Грците во Преспа и спроведувањето на нивните закони, печалбарството зема уште поголеми димензии.

Поради ново настанатата состојба и зголемените давачки кон државата, многу П’плени решиле да заминат на печалба, а тоа се следните:

 
Методија Гелев од село П’пли сликан во Австралија на печалба.
 
Ахилеа, Мичо и Стерјо Тутуновски - деца на иселеници од селото П’пли..
  • Ристо Поповски заминува есента 1915 година, во Америка во градот Бафало и се враборува во тешката индустрија. Од Америка се вратил во летото 1921 година,
  • Доне Стрејовски заминал есента 1915, во АСД и се вработува во тешката индустрија во Бафало, а од печалба се вратил во 1920 година,
  • Ставре Трпчевски заминал летото 1915, во САД, поточно Калифорнија, каде што се вработува во железницата. Тој се вратил во 1920 година,
  • Тодор Марковски заминал во 1915 година, исто така, во Бафало, а се вратил летото 1920 година,
  • Доне Нелковски заминал во 1915 во Канада, каде што подоцна ја прибира и неговата фамилија од селото,
  • Фоте Миовски заминал во 1928 во САДа, а се вратил во селото во 1934,
  • Ристо Миовски заминал во 1928 во САД, а се вратил во 1929 година,
  • Фоте Доневски (Дупенски) заминал во САД во 1928 година, а се вратил во 1930,
  • Јанкула Петровски заминал во САД во 1928 година, а се вратил во 1930,
  • Петре Поповски заминал во САД во 1928, а се вратил во 1930,
  • Гоче Тутуновски заминал во Австралија во 1928, каде што подоцна од селото ја земал и својата фамилија,
  • Трајко Миовски заминал во 1929 година во САД од каде се вратил во 1934,
  • Петре Доневски (Дупенски) заминал во Франција во 1930 година, а во селото се вратил во 1935,
  • Митре Доневски (Дупенски) заминал во Франција во 1930 година, а се вратил во 1935 година,
  • Илија Доневски (Дупенски) заминал во Франција во 1930 година, а се вратил во 1956 година,
  • Ристо Кочовски заминал во Франција во 1930 година од каде што се враќа во селото во 1935,
  • Ристо Марковски заминал во 1930 година во Франција, а се вратил во 1936,
  • Методија Гелев заминал во Австралија во 1949 година каде што подоцна ја прибрал и неговата фамилија од селото.

Враќањето на печалбарите во селото се одбележувало како голем настан. Сите што имале член од семејството на печалба оделе во посета на дојденецот за да дознаат за животот во странство. Тоа биле тешките времиња за П’плени, како за печалбарите така и за тие кои останале во селото и ги чекале дома.

Заминувањето на турските поробувачи и првата балканска војна

уреди

Како сè уште поробен народ, Македонците се вклучиле во првата балканска војна со надеж дека ќе ја добие очекуванта слобода, но повторно бил грубо изигиран. По заминувањето на Турците од овие простори, селаните од селото П’пли како и останатите селани од друите села од овој регион биле изненадени од доаѓањето на новите поробувачи.

Во првата балканска војна во П’пли прва стапнала српската војска која веќе на 19 октомври ја имало земено речиси целата Преспа и запрела кај ридовите Калуѓерица и на Превал, на самиот влез во Преспа над селата Оровник, Рудари и селото П’пли. По неколку дена на оваа линија пристигнала и грчката војска. Трите Балкански земји Грција, Бугарија и Србија го ослободиле Балканот од турските поробувачи и ја поделиле Македонија на три дела, а подоцна и четири, кога малопреспанскиот дел ѝ припаднал на Албанија. Во првите месеци од првата балканска војна мала Преспа останала под Српска управа и привремената граница со Грција била на ритчето Превал, подочно на самиот влез во Мала Песпа. Во 1912 година Србите се повлекуваат од Мала Преспа, поточно од осумнаесет села, а на нивно место пристигнале Грците. Повлекувањето и поставувањето на границата со тогашната Грчка управа била во месноста Маркова Нога. Грците активно го малтретизирале населението во селата, а особено во П’пли, знаејќи дека е бунтовно село кое на Турците им задавола проблеми. Во П’пли било отворено и грчко училиште и родителите кои не ги праќале своите дека во истото биле малтретирани. Исто така, грчката држава воведува и отслужување на воен рок во грчката армија за македонското население. Откако селанецот Алексо Миовски одбива да биде војник во грчката армија и бега од истата, во 1915 година скоро цела негова фамилија (Василка, Миовска, Петра Миовска, Фото Миовски и Босилка Миовска) била приведена од страна на грчката полиција, малтретирана, крвнички тепана и 20 дена задржана во затвор во Желево. И селанецот Васил Арнаутовски одбил да биде грки војник по што бил заробен и долго малтретиран. Малку подоцна, Грција и Бугарија склучуваат спогодба за размена на население. Грција да ги признае Македонците за Бугари и да ги пресели во Бугарија, а за возврат Грчкото население од Бугарија да се насели на тие простори. Во таа размена на населението и покрај сите притисоци, од селото П’пли не се преселило ниту едно семејство.

Бугарските фашистички војски во селото П’пли

уреди
 
Стоја Дупенска, борец и затвореник по грчките затвори. Жена на Петре Дупенски

Преспа станала боиште каде што противничките војски си ги одмерувале своите сили. Времето на грчката окупација било кусо и не им дало можност да ги реализираат своите асимилаторски планови затоа што во 1914 година избила првата светска војна. На просторите пристигнале нови окупатори, бугарските полицајци, во служба на централните сили. Во Преспа се отворил нов фронт. Бугарската војска стигнала до месноста Маркова Нога и зазела положба кај тумбата Горица и ридовите над селата Герман, Р’би, Медово и П’пли. Тие тука ископале ровови и направиле одбранбена линија.

Со доаѓањето на Бугарите, грчката војска се повлека, а со нив ја повлекле и целата Грчка администрација од селата во Мала Преспа. Конечно, во црквите можело да се проповеда на Македонски јазик. Сепак, режимот што го спроведувале бугарските војски бил многу суров, тие започнале да крадат сè што можеле да понесат со нив па дури ја откорнале и самоиловата плоча која се наоѓала во манастирот Св. Јован Преспански. Плочата се наоѓала на ѕидот на влезната врата и со векови била чувана од селскиот народ и претставувала вистинска легенда за жителите од Преспанскиот крај. Од страна на сојузничките војски мажите од преспанските села биле користени за извршување на разни работи како пренос на воена опрема, кршење камења за санирање и изградба на патишта итн. Нивите од П’пленското поле биле конфискувани и насадени со разни зеленчуци за потребите на сојузничката војска.

Штабот на сојузничките сили кој оперирал со овој фронт донел одлука селаните од селата П’пли, Медово, Р’би и Герман да се евакуираат и во текот на една ноќ тие биле преселени во селата Желево и Ошчима, каде што останале два месеци. За ова време сојузниците со неколку напади успеале да ги исфрлат од оваа позиција и фронтот се поместил на ридот над Крани и планината Пелистер. Откако евакуираното население се вратило во своите села начекале пустош и празнина. По оваа војна Преспа станала гробница за стотици војници од противничките сили. По завршувањето на војната настапила епидемија од т.н шпански грип која покосила голем дел од населението.

По завршувањето на војната во 1918 година, во селото П’пли повторно се воспоставила Грчка власт која започнала во масовни апсења и мачења на луѓето кои мислеле дека не се лојални на грчките власти.

Периодот помеѓу двете светски војни

уреди
 
Група П’плени сликани во Скопје, 1955 година.

По извршената поделба на Македонија, Селото П’пли заедно со останатите Македонски села потпаднале под Грчка власт. Од тој момент за П’плени, како и за останатите селани од соседните села, се создале тешки услови за живот бидејќи се прекинале сите семејни врски со роднините кој села потпаднале под Српска и Албанска власт. Сите патишта кои воделе до Ресен и Битола биле затворени. Големиот простор што го поседувало селото П’пли во големи размери се стеснил со што сè повеќе се насетуваше идната сиромаштија проследена со големи даноци.

Со објавувањето на војната против Турција, која започнала во 1919 и траела до 1922 година, грчките власти извршиле општа мобилизација на населението. Во Грчко-Турската војна учествувале голем број на Македонци од преспанските села, а меѓу нив имало и жители од селото П’пли. Помеѓу загинатите војници во грчката војска во Мала Азија, 1921 година, бил и п’пленецот Стојан Петровски, а останатите учесници во оваа војна од село П’пли биле Алексо Миовски, Стојо Стефовски и Васил Петровски. По завршувањето на војната била потпишана спогодба помеѓу Грција и Турција за размена на население во 1924 година, така што муслиманското население од селото П’пли, како и од околните села, било иселено, а на нивно место пристигнало грчко население (Просфиги како што П’плени ги нарекувале) од Мала Азија. Просфигите биле сместени во муслиманските куќи и им била дадена земјата што муслиманите ја користеле. Овие луѓе (се мисли на просфигите) биле изразито позаостанати од Македонците, зборувале на извртен Грчки јазик кој бил не разбирлив дури и за самите Грци. По завршувањето на Грчко-Турската војна приближно сите селани заминале на печалба во далечните земји. По селата останале повеќето жени и стари изнемоштени селани. Грчката власт ја преземала цела преспа и на сите служби биле поставени Грци пристигнати од Грција, а не околијата.

 
Крстин Марковски. Учесник во Грчко-Турската војна.

Во тоа време грчката влада испратила специјални емисари во тој дел на Македонија кои со помош на грчките полицајци и учители требало научно да докажат дека Македонците се Грци и дека треба веднаш да ги променат своите имиња, имињата на селата, топонимите и слично. На 7 март, 1926, специјалните емисари пристигнале и во селото П’пли. Тие со посебен закон (издаден од грчката влада) почнале со промена на македонските имиња и презимиња во грчки, како и менување на топонимите на селото, градовите, планините, реките и сè што имало македонско, односно словенско потекло. Во овој период, селото П’пли е преименувано во Лефкона како и останатите села во Егејска Македонија. Во истиот период презимињата на населението се сменети со Грчки како на пример: Доневски во Андоњадис, Петровски во Петридис, Миовски во Михалидис, Поповски во Пападопулос, Димановски во Диманидис. Покрај презимињата, како што е погоре напоменато, биле променети и имињата, т.е: Стојан во Јанис, Митре во Димитриос, Цветко во Вајо, Цвета во Антула и слично. Во училиштата, црквите и за секојдневна употреба било задолжително да се употребува грчкиот јазик. Во сите села во Преспа се отвориле посебни паралелки за мали деца каде што под посебен надзор тие го изучувале грчкиот јазик. На учениците од основните училишта, учителите им забранувале да зборат на својот мајчин јазик до тој степен што ги насочувале да зборат на грчки јазик и со своите родители. Селаните биле принудени и на домашните животни да им ставаат грчки имиња за да би докажале дека и тие имаат грчко потекло.

Метаксасовата диктатура

уреди
 
Од лево - Флора (Донејца) Дупенска, Фотеица Дупенска и Фанија (Мијалица) Дупенска, заробенички казнувани од грчкиот режим.

Времето на Метаксасовата диктатура која била прогласена во Грција на 4 август, 1936 година, и траела сè до 1941, бил најтешкиот период за македонското население. Покрај ригорозните мерки, диктаторот Јоанис Метаксас, во 1938 издал специјален закон со кој се забранувало на Македонците да го употребуваат својот мајчин јазик. Грчките агенти и полицијата ги следела селаните насекаде, поставувајќи свои стражари, агенти во црквите, на гробиштата итн. Во текот на ноќта стоеле под прозорците на куќите и прислушкувале кои од семејствата ќе зборат на македонски јазик со што селаните биле приморани да комуницираат со мимики. Истата година, селаните Фанија Иловска (Миовска) и Васил Петровски биле пресретнати од грчки агент кој ги слушнал дека комуницираат на македонски јазик поради што биле приведени, физички малтретирани и парично казнети со по 350 драхми. Многу Македонци од овие села биле затворани по грчките затвори поради поседувае на литература или, пак, поради симпатизирање на Комунистичката Партија на Грција. Жителите од селото П’пли „ги посетиле“ затворите во Крит, Кардица и Едикули. Буквите испишани со кириличен фонт, со македонска азбука, биле отстранувани од надгробните споменици и црквите. Словенските книги биле уништувани и сите цркви и манастири биле именувани со грчки имиња.

Интересно е да се напомене дека помеѓу двете светски војни, П’плени секогаш биле демократски настроени и на изборите. По правило, своите гласови ги давале за Либералната партија на Венизелос, но имало и еден мал број на селани кои биле симпатизери и гласале за Народната партија на Чалдарис. Како и насекаде и кај П’плени постоеле политички несогласувања, но гледајќи ја состојбата и мрачниот живот од разните поробувачи, на изборите во 1926 година, масовно гласале за „Црвените“, односно за кандидатот на КПГ Никос Киракопулос кој бил и изгласан од мнозинството. Исто како и на овие избори, и на изборите во 1932, жителите од селото П’пли го дале масовно својот глас за Народниот Фронт.

Втората светска војна и граѓанската војна во Грција (1939-1949)

уреди

Партиска организација во селото П’пли пред војната немало. Во 1926 година, група симпатизери на напредното работничко движење и КПГ формирале ќелија која ширела напредни идеи помеѓу селаните, а таа група ја сочинувале селаните Васил Арнаутовски, Форе Доневски, Ристо Миовски, Ламбро Иљовски (Миовски), Сотир Марковски, Ристо Кочовски и Петре Доневски кои селаните ги ословувале со прекарот „социјалистот“. Меѓутоа, набргу оваа група на активисти била разбиена од актуелниот режим. Со развитокот и ширењето на НОП, во 1943 година во овој крај, освен одредите од Битолско и Леринско започнале да доаѓаат активисти и политички да ги организираат селаните во разни секции во организацијата. Во месец мај, 1943, од леринската организација било испратено лицето Боро, од селото Свети Петка, за да ги постави основите на партиската организација во селото П’пли во која биле вклучени следните селани: Цветко Трајковски (кој воедно бил и секретар), Ристо Арнаутовски, Фоте Доневски, Јанкула Петровски, Ристо Кочовски и Ристо Миовски. Набргу по основањето, организацијата се проширила со следните членови: Коле Кочовски и Вангел Миовски.

Во текот на летото, 1943, од партиската централа од Лерин бил испратен Фоти Неделку со задолжение партиски да го обработи напредокот на организацијата во селото, а организирано да ги вклучи селаните во движењето ЕАМ, во П’пли, бил испратен Ставро Кочопулос од селото Баница. За организациите Славјаномакедонски народноослободителен фронтСНОФ и НОФ од централата од Лерин, во селото, биле испратени Пандо Дордуловски (со прекар „Ване“) и Тане од Котори, а за активирање на младината и формирање на младинска организација бил задолжен Виктор од селото Баница. За организирање на жените и формирање на АФЖ задолжена била Анастасија од селото Клештино, Леринско. Сите гореспоменати активности се изведувале илегално во разни објекти во и надвор од селото. По извршените курсеви и подготовки од разните партиски активисти од централата од Лерин биле назначени раководни лица кои добиле свои задолженија. Како раководно лице за селото П’пли, од КПГ, бил поставен селанецот Ристо Кочовски, задолжен за ЕАМ бил селанецот Ѓорѓи Ѓатракас, организацијата СНОГ ја водел Фоте Доневски, а по формирањето на НОФ во селото бил поставен Ристо Миовски. Задолжен за безбедноста на партиската организација, нејзините активисти и селаните бил Цветко Трајковски, а за младинската организација биле поставени Сотир Ефстрадијадис и Вангел Миовски. Женската организација на воделе Мара Миовски и Апраксија Телепури. Задолжен за резервната војска, воените резерви на ЕЛАС, како и за ЕТА-ЕПА бил селанецот Ристо Арнаутовски.

На 28 октомври, 1940, фашистичка Италија ја нападнала Грција. Два месеци пред објавувањето на војната, грчката влада извршила општа мобилизација на цивилното население, поточно за сите кои го отслужиле воениот рок помеѓу 1927/40 година. По извршената мобилизација, голем број на Македонско население зело активно учество во воените операции. Од селото П’пли, во Грчко-Италијанската војна, активно учество зеле 32 жители помеѓу кои имало и доста ранети, а од нив потешко ранети и трајни инвалиди како Глигур Трпчевски, Илија Арнаудовски и Ристо Кочовски. По заминувањето на П’плени во грчката армија, останатите селани (организирани од локалнта власт) биле принудени да копаат ровови и бункери долж линијата за одбрана. Покрај таа работа, П’плени биле принудени и да го прошируваат и чистат патот поради големиот снег за да би можеле борбените возила полесно да пристигнат на борбените линии. Иако Мусолини претрпел неуспех при обидот за освојување на Грција, неговиот сојузник, Хитлер, ја окупирал земјата во април, 1941 година.

П’пли под италијанска окупација

уреди
 
Група П’плени за време на Грчко-Италијанската војна.

По капитулацијата на Грција, локалните власти од преспанските села се повлекуваат на одреден период во градот Лерин. Овој настан кај македонското население е со радост дочекан поради големата омраза кон грчката власт. Сепак, за кратко време тие повторно се вратиле, но не биле добредојдени, така што дошло до организирање на демонстрации од селаните од селата од Преспа кои набргу ја нападнале грчката касарна во селото Герман со огнено оружје, а битката оставила многу жртви и ранети селани. Нападат се окарактеризирал како успешен потфат поради повторното Грчко повлекување во Лерин.

Во почетокот на мај, 1941, Италијанците повторно ја окупирале Преспа како и делови од Леринско, Костурско и Кочанско. Така селото П’пли и останатите околни села потпаднале под италијанска окупација. Италијанската војска направила големи штети одземајќи им го населението на добитокот, житото и други прехранбени производи. Од страна на војниците е вршен голем терор низ населението, а П’плени и оваа мака ја дочекале достојно и со кренати глави. Жртви на одмаздата биле повеќе селани. Селанецот Митре Ѓеровски во 1942 е приведен од страна на Италијанската војска, одведен во затвор во селото Герман, и малтретиран под сомнение дека крие оружје и дека соработува со партизанските единици. За кратко време после ослободувањето од затворот, како последица од крвното измачување, Митре Ѓеровски умира во П’пли. Истата година, Филип Наумов Ангеловски, Петре Поповски, Никола Филиповски, Гоче Миовски, Трајко Миовски, Јане Миовски, Ванчо Тутуновски, Цветки Трајковски, Методи Гелев Филиповски и Стојо Стефовски биле приведени од страна на војската и задржани 5 дена во затвор во селото Герман каде ги пречекала истата тортура како и нивниот соселанев Митре под сомнение дека криеле оружје и учествувале во движењето за протерување на грчката полиција од овој регион.

Појава на првите партизански групи и одреди

уреди
 
Горо Каранфиловски.
 
Доне Дупенски.
 
Коте Дупенски.
 
Михаил Дупенски.
 
Фоте Дупенски.
 
Ристо Марковски.

Во пролетта, 1943, по планините во Преспа се појавиле првите партизани од Вардарска Македонија. Со нивната појава италијанските окупатори станале по сурови према населението. Партизаните агитирале за борба против окупаторот. Селаните од П’пли оружјето кое го поседувале им го дале на партизаните што означувало почеток на соработката и помагањето во народно ослободителното движење. Кон крајот на мај, 1943, одредот „Гоце Делчев“ пристигнал во селата низ Преспа и во неколку од нив одржал митинзи. Малку подоцна, во летото, во П’пли како и во останатите преспански села пристигнал одредот „Вич“. Неговите борци почнале да ги малтретираат селаните барајќи од нив да се откажат од врските со македонските партизански единици од Вардарска Македонија. Тоа ги натерало П’плени да ги гледаат грчките партизани од ЕЛАС на ист начин како на Грчки полицајци кои со години го тероризирале тоа население. Согледувајќи го отпорот и недовербата на П’плени спрема грчките партизани, командата на 9-та дивизија на ЕЛАС, во 1943 година, ги испратила низ преспанските села Македонците Ѓорго Неделковски-Македона и Борис Раковски, кои служеле во истата дивизија, за да го разубедат населението и дека нивниот став према грчките дивизии е погрешен. Набро по мисијата на пратениците во селото и промената на односот на селаните кон ЕЛАС, двајца П’плени стапуваат во редовите на војската, а тоа биле Цветко Трајковски и Вангел Фрешкаќи. Селанецот Вангел за кратко време преминува на страната на монархофашистите.

На 20 јуни, 1943, извшена била реорганизација на леринските ордреди и одредот „Вич“ го добова новото име „Бигла“ според местото на дејствување, односно планината Бигла и Мала Преспа. По завршувањето на реорганизацијата, одредите тргнале на местата кои им биле одредени за дејствување така што одредот „Бигла“ се поделил на две групи вклучувајќи повеќе активисти од овој крај, сè со цел да ги нападнат италијанските окупатори во селата П’пли, Р’би, Герман и селото Л’к. Во август, истата година, одредот „Бигла“ со кој командувал Димитар Тупурковски, а политички комесар бил Ѓорги Неделковски - Македона, ноќта ја нападнал касарната во П’пли во која имало и војска. Од страна на италијанската војска имало четири жртви. По оваа успешна акција на партизаните од овој одред, германската војска која била стационирана во Лерин издала наредба за испраќање на моторизирана единица наменета за чистење на теренот од партизаните која партизаните ја поразиле и ги заплениле возилата. После неколку успешни акции на партизаните од одредот, на 10 септември, 1943, италијанците ја напуштиле Преспа за конечно, есента во истата година, Преспа да биде прогласена за слободна територија,

Населението веќе било организирано и зачленето во антифашистичките организации како КПГ, ЕАМ и резервната војска на ЕЛАС. Во месец октомври, 1943, одредот „Гоце Делчев“ престојувал во селата П’пли, Р’би, Рудари и Герман. Од страна на населението одредот бил пречекан со големо воодушевување. До декември, 1943 година, веќе целото население било вклучено во СНОФ и АФЖ поради што и Мала Преспа одиграла голема улога за развојот на отпорот против окупаторот. Во сите овие случувања од селото П’пли активно зеле учество 8 борци како и голем број на селани кои изведувале интендантски активности. Во движењето на отпорот, Македонците дале голем придонес заедно со напредното грчко население во борбата против фашизмот. За жал, поради погрешната политика на КГП и ЕЛАС, населението било изиграно со спогодбата во Варкиза со што по ослободувањето од фашизмот, во Грција, бил вратен реакционерниот режим и сите придобивки од борбата биле уништени. Голем е бројот на Македонци кои во знак на револт ги напуштиле редовите на ЕЛАС и преминале во Вардарска Македонија борејќи се под знамето на КПЈ.

 
Ламбро Иљовски Миовски.

На 18 ноември, 1944, во слободна Битола била формирана првата ударна бригада на Македонците од Грција. Во нејзините редови се бореле и следниве П’плени: Михаил Доневски - Дупенски, Атанас Доневски - Дупенски, Илија Доневски - Дупенски, Цветко Трајковски, Вангел Миовски, Трајко Димановски, Јане Миовски, Ристо Арнаутовски, Гоче Миовски и Гоче Геровски Божаровски. Во текот на 1945 година во составот на правата ударна бригада се приклучиле и други П’плени и тоа: Коста Доневски - Дупенски, Трајко Доневски - Дупенски, Доне Доневски - Дупенски, Ристо Марковски, Алексо Петровски, Ристо Каранфиловски, Крсте Кичи Стерјовски и Јанкула Петровски. Во првата половина на 1945 година дошло до расформирање на оваа бригада на Македонците од Грција. Летото, истата година, во селото П’пли се враќаат реакцинерните власти кои повторно им нанеле големи неправди на селаните. Властите тоа го правеле заедно со просфигите. Грчките монархофашистички власти во селото поставиле и своја полициска станица, а како шеф на станицата бил назначен озогласениот Сарандопулос. Тогаш тој го забранил одењето од село во село и за посебни случаи восјката издавала пропусници. Истиот ден, тој наредил полските работи да се извршуваат од изгрејсонце до зајдисонце, а во спротивно кој ќе се најдел после ова време на нива, ќе го стрелале. Накратко кажано - во селото П’пли и во останатие села во Преспа завладеал полициски час. на 18 јуни, на пладне, жителите од селото биле собрани на сре село и биле заобиколени од вооружени војници кои ги командувал Сарандопулос. Ги претресувале сите куќи и плевни, зеле 10 мажи и жени (со врзани раце), ги натовариле во камиони и ги однеле во затворот во Лерин. Помеѓу затворениците биле: Фоте Доневски - Дупенски, Ристо Кочовски, Ламро Иљовски (Миовски) кои биле осудени на 6 години затвот по логорите во Крит, Солун, Касандра, Лерин и Ѓура со образложение дека соработувале со движењето на отпорот (последниот останува сè до 1952 година кога пребегнува во ФНРЈ, односно Македонија). Помеѓу притворените биле и Коле Кочовски (осуден на 2 години во споменатите логори), Алексо Миовски (на 1 година затвор во Солун и во Лерин). Во истиот настан биле приведени и Васил Ангеловски, Ристо Миовски, Методи Филиповски, Стојо Стефовски и Стојан Дамјановски кои останале еден месец во затворот во Лерин. Гореспоменатите п’плени (Ристо Миовски и Стојан Димановски) во мај, 1947 година, биле убиени во Лерин што предизвикало многу селани да излезат од своите села и во планините да формираат вооружени групи.

На 22 јуни, 1945 година, поранешните борци од селото го убиваат Ѓоргиос Ѓатракас, поранешен полицаец во селото, кој од редовите на ЕЛАС преминал на страната на монархофашистите. Тој е ликвидиран во рание утрински часови, а веста за убиството веднаш се проширила низ целото село. Сите мажи Македонци, во истиот момент кога ја чуле веста, го напуштиле селото и се сокриле во трските на езерото. Жените, исто така, го напуштиле селото и заминале на работа по ниците. По 12 часот, во селото П’пли пристигнала една чета војници од селото Желево. Наоружаните војници со камиони влегле на сред село, а целото село било обиколено од монархофашистичката војска. Војниците ги пребарувале куќите, ги кршеле портите и ја расфрлале целата покиќнина. Неколку постари жени и по некоја мала што останале во селото биле собрани и со клоци и ќотек одведени на сред село каде што биле натоварени во камион, одведени во селото Желево и затворени во селското училиште. Во тој не мил настан, грчките монархофашисти се обиделе да го запалат селото, но набргу се откажале од палењето поради тоа што би изгореле и куќина на симпатизерите на режимот.

Жените што биле однесени во селото Желево биле задржани 20 дена. За целиот престој тие биле физички малтретирани. Заробеничките биле: Стоја Доневска - Дупенска, Ристана Доневска - Дупенска, Петра Доневкса - Дупенска, Цвета Ангелова, Елена Петровкса, Трајковица Диманова, Фанија (Миовска) Иљовска, Петре Поповски и Петре Доневски - Дупенски. Поради измачувањата животот го загубила селанката Трајковица Диманова. Од горе споменатата група селани, во селото Желево каде што биле приведени во селското училиште, селаните Фанија Иљовска (Миовска), Стоја Доневкса - Дупенска, Ристана Доневкса - Дупенска, Петра Доневска - Дупенска и Петре Доневски - Дупенски биле префрлени во затврот во градот Лерин каде што биле осуденина 3 месеци.

Засилување на теророт како последица од појавата на партизаните

уреди

Во почетокот на 1946 година, поради силниот терор од страна на грците, илегалните вооружени групи започнале да се здружуваат и да заминуваат во планините во Преспа. Овие вооружени групи тесно соработувале со месното население од своите села и биле оспособени да вршат разни диверзантски акции со кои би им се спротивставувале на полициските станици и на војската во Преспа. Грчките власти со своите војници немилосрдно го тероризирале македонското население обидувајќи се да го оттргнат мотивот за ослободување. Во селото П’пли се наоѓала куќата на селанецот Стериос Бинопулос, инаку Арнаутин од селото Лехово, Леринско, а чија куќа служела како затвор. Во неа деноноќно се измачувале голем број на П’плени како и селани од околните преспански села. Во септември, 1946 година, селото П’пли го посетил озогласениот полициски началник за Преспа Коста Гизас. Тој на сред село бил пречекан од началникот на полицијата во селото Палијанис Сарандопулос. Со веќе направениот план за апсење и докажување пре преспанскиот началник биле приведени неколку селани со изговор дека соработувале и им давале помош на партизаните. Меѓу приведените биле и Велика Миовска, седумнаесет годишна девојка која била осудена на 5 години затвор (казната ја отслужила во градот Атина), Сотир Томовски и Сотир Нановски осудени на 2 месеци затвор во градот Лерин, Фанија Иловска (Миовска) осудена на 5 години затвор која ја отслужила во градовите Атина и Патра и во затвор останала сè до завршувањето на граѓанската војна во Грција, Алексо Миовски кој бил осуден на казна со времетраење од 9 години а ја одлежал во затворите во Лерин, Солун и логорот Ѓура. Покрај оваа група и селанецот Филип Тутуновски, инаку војник во грчката армија, е осуен на 2 години затвор и интерниран во логорот Макронисос поради ширење и вршење агитација за македонските партизански групи.

Граѓанската војна во Грција

уреди
 
Павле Беговски.

На 28 март, 1946 година, на повик од КПГ започнува граѓанската војна во Грција која се водела сè до 1949 кога ДАГ ќе биде принудена да се предаде и да се расформира. Оваа војна била започната во неповолни услови поради прилината што втората светска војна завршила пред само една година, односно 1945. Како и претходно, и овој пат Македонците од егејскиот дел на Македонија, на апелот на КПГ, земале масовно учество надевајќи се дека ќе ја дочекаат очекуваната слобода.

Во оваа војна активно учество земале и жителите од селото П’пли. Во 1946 од селото П’пли заминале 7 борци кои активно учествувале во редивите на ДАГ, а тоа биле Трајко Доневски - Дупенски, Илија Доневски - Дупенски, Михаил Доневски - Дупенски, Доне Доневски - Дупенски, Ристо Арнаутовски, Цветко Трајковски и Јанкула Петровски. Овие лица во составот на ДАГ остануваат сè до поразот и расформирањето на единицата на ДАГ. Согледувајќи ја поставеноста на демократската армија и противничката воена сила, потпомогната од западните светски воени сили, главната команда на ДАГ упатува апел до населението во Егејска Македонија за масовно вклучување во редовите на аримијата по што од селото П’пли во редовите на ДАГ, во 1947 година, заминуваат уште 12 селани жртвувајќи ги своите животи за Македонија. Втората група П’плени ја сочинувале Алексо Петровски, Васил Ангелов, Михаил Наумов - Ангелов, Василка Геровска, Гоче Геровски, Стоја Кочовска, Танас Беговски, Глигур Каранфиловски, Олга Тутуновска, Ристо Стефовски, Ристо Петровски и Стојан Поповски. При крајот на 1948 во редовите на демократската армија се приклучуваат и последната, трета, група на жители од ова село во која се наоѓале Вангел Миовски, Ристо Марковски, Филип Тутуновски, Стојанка Доневска - Дупенска, Фанија Доневска - Дупенска, Германија Томовска, Павлевица Бегутому, Фотејца Каранфиловска, Доста Марковска и Стоја Димова. П’пли и П’плени дале сè за војанта. Освен оние кои биле воено ангажирани, голем придонес давало и останатот население со тоа што пренесувало оружје, храна, копале ровови и сè друго со што можело да се помогне во движењето.

На 23 ноември, 1948, по наредба на главниот штаб на ДАГ била извршена општа мобилизација на жените кои требало да земат активно учество во воените редови на армијата. Центарот за мобилизација, кој бил во П’пли, оваа наредба ја објавил во весникот на ДАГ „Демократис“ и истата гласела:

За редовите на ДАГ се мобилизираат сите способни жени на возраст од 18 до 35 годиншна старост. Наредбата стапува во сила веднаш по објавувањето на весникот.
 
Атинка Стергиовска сликана во селото во 1940 година. Борец во редовите на ДАГ каде што и загинува.

Сите жени на таа возраст, од селата од Преспа, пристигнале во селото П’пли. Комисијата за мобилизација на жените била составена од тројца членови и тоа луѓе кои биле на раководни функции во ДАГ и во привремената влада. Групата ја сочинувале Барџитас Василис, Петрос Кокалис и Кочев Ставро. Мобилизираните жени биле подолени во групи, одведени во центарот за обука во Р’би каде што биле обучувани за ракување со пешадиско и тешко оружје. Некои од мобилизираните жени биле последните останати членови во нивните семејства, а повеќето веќе имале изгубено барем по еден член во дотогашните војни. Овие групи жени биле ангажирани за изградба на одбранбена линија и биле вклучени во позадинските единици на ДАГ. Во почетокот на 1949 година по селата од Мала Преспа останале само старите и изнемоштени селани. Останатото население било заминато во партизанските единици стационирани во Бела Вода каде продолжило градењето на одбранбената линија на фронтот. Селото П’пли и останатите села останале пусти слушајќи се само виењето на кучињата. Над селото секојдневно прелетувале авиони кои рафално стрелале, фрлале ракети и напалм бомби кои за првпат биле употребувани.

По повлекувањето на грчката војска и полиција од преспанската околина, Преспа станала слободна територија на ДАГ, а малку подоцна и седиште на главниот штаб на демократската армија и на привремената влада на Грција. Преспа претставувала не пресушлив извор за мобилизација на нови борци во редовите на армијата. Исто така, Преспа претставувала и главна база за складирање на оружја, храна, облека и други воени материјали. Таму се издавале разни весници, списанија и друг пропаганден материјам, а тоа што е најважно да се истакне е дека таму била сместена партизанската болница за подрачјето на Вич. Командите на штабот на ДАГ биле сместени во неколку села и тоа: во селото Р’би бил сместен центарот за офицерски кадар на ДАГ, во селото П’пли бил сместен народниот одбор за Леринската околија и одборот за земјоделски задруги, во селата Граждено и Нивици се направиле партизански болници. Во пролетта, 1948, во селото Винени биле сместени централниот комитет на КПГ, а подоцна и главниот штаб на ДАГ. Во ДАГ многу борци од селото П’пли се истакнале и заземале и воени функции. Придонесот на П’пли и П’плени во граѓанската војна бил голем, ретки се оние кои не изгубиле по барем еден член од семејството или, пак, некој друг близок член на истото.

Единиците на ДАГ жестоко се спротивставувале на владините воени сили кои биле воено потпомогнати од западните земји. Сместувањето на главниот штаб на ДАГ и централниот комитет на КПГ во реонот на Преспа, како и партизанската болница и владината авијација, предизвикало немилосрдно вршење на секојдневни напади на селата во овој реон, сè со цел да се нанесат загуби како кај единиците на ДАГ така и кај месното население. Во поглед на тоа битно е да се напомене дека непријателската авијација на 28 февруари, 1948, во 07:00 часот го бомбардирала селското училиште во селото Герман.

Во тешките борби кои се воделе на разни локации низ Песпа, како на планините Грамошта (Грамос), Вич, Орлово, од селото П’пли, животот го загубиле следниве селани:

 
Јанкула Петровски.
  • Јанкула Петровски. Во редовите на ДАГ влегов во 1946 година. По спроведените акции од страна на ДАГ против владините сили на планината Грамошта, во 1948 година, Јанкула бил тешко ранет и од последиците на здобиените рани умрел.
  • Ристо Петровски, син на Јанкула Петковски. Во редовите на ДАГ стапува во 1947 година и загинува во борбите на планината Грамошта, во 1948.
  • Стојан Поповски во ДАГ пристапил во 1947 каде во борбите за расчистување на градот Негуш, во 1948, бил убиен.
  • Дора Гелевска. Во редобите на ДАГ била од 1947, а умира во 1948 при борбите за расчистување на Негуш.
  • Павле Беговски. Во ДАГ влегол во 1947 година каде што се здобива со подофицерски чин и е поставен на дожност командир на вод војници од редовите на ДАГ. Загинува во борбите на планината Грамошта во 1948 година.
  • Трајко Тутуновски во ДАГ влегол во 1947, а загинал во 1948 при борбите на планината Грамошта.
  • Фоте Каранфиловски во ДАГ пристапил во 1947, а загинал во 1948 при борбите на планината Грамошта,
  • Васил Стерјовски во ДАГ пристапил во 1947, а загинал во 1948 при борбите на планината Грамошта,
  • Стоја Димова (Сотирица) во редовите на ДАГ била вклучена во 1948 година. Истата година во борбите кои се воделе во реонот на Преспа била тешко повредена и умрела во импровизираната болница во селото Л’к.

Во оваа група селани од П’пли кои ги положиле своите животи за надежта за слобода ќе бидат споменати и останатите кои загинале по други основи, односно од брутално мачење на монархофашистичките владини сили во периодот на Отоманското владеење, Грчко - Италијанската војна, Граѓанската војна, па сè до распадот на ДАГ:

  • Стојан Петровски загинал во војанта помеѓу Грција и Турција како грчки војник.
  • Митре Геровски бил приведен во затворот во селото Герман од страна на италијанските вооружени сили и бил физички малтретиран поради што, во 1942, умрел.
  • Трајковица Димановска во 1945 година била притворена во затворот во селото Желево. Била брутално тепана и истата година умрела како последица на нанесените повреди.
  • Ристи Миовски и Стојан Димановски поради соработка со македонските партизански единици во 1946, биле осудени од воениот суд во Лерин на смрт со стрелање. Казната е извршена во мај, 1947 година, Лерин, во црквата Св. Никола
  • Сотира Трајковска била затворена во затворот во Лерин во 1946 година поради нејзиниот сопруг кој бил во редовите на партизанските единици. Поради физичките малтретирања таа умира.
  • Коле Кочовски бил во редовите на ДАГ уште од печетокот, па до 1947 година кога е приведен од страна на владините воени сили и интерниран во логорот Макронисос каде што останува во наредните две години. По ослободувањето заминува во Република Полска, но поради повредите здобиени во логорот умира.

Од 25-26 март, 1949, во селото П’пли се одржал вториот конгрес на НОФ, а веќе наредниот ден (на 27 март по вториот конгрес) 163 македонски комунисти и делегати од конгресот решиле да формираат Комунистичка Организација на Егејска Македонија, КОЕМ. Веднаш по оваа одлука по селата од Мала Преспа се формирале и ќелии на КОЕМ. После формирањето на организацијата, пролетта и летото во 1949 година, од страна на КПГ и лично од Захарјадис (кој функцијата на раководење на имал земено во свои раце) била спроведена голема клеветничка акција против титовата Југославија и нејзиното комунистичко раководство. На 20 јуни, 1949, од страна на Захарјадис бил свикан вонреден состанок кој се одржал во неговите тајни скривалишта во пештерите над селото Винени. Состанокот траел цела ноќ и било решено да се променат некои кадри во раководството на НОФ и КОЕМ. Отстранетите личности, Македонци, биле испратени на борбените позиции на Грамошта. Истовремено, Захарјадис преку своите симпатизери и истомисленици испратил емисари по селата за да изведат засилена агитација и пропаганда против Тито и Југославија како и раководството на Народна Република Македонија. Веќе од овој момент било очигледно дека и во раководните структури на ДАГ и КПГ се поставувале луѓе кои не гледале сојузнички на Македонците иако заедно се бореле против фашизмот.

Епилогот на граѓанската војна е познат. И покрај скапите жртви, слободата не е добиена. Таа војна донела само нови маки и страдања затоа што македонското население не можело да остане во своите домови после поразот. По расформирањето на ДАГ Македонците биле припорани да ги напуштат родните краишта засекогаш и никогаш повеќе да не се вратат.

Заминување на децата од селото

уреди
 
„Мајка“ Фотија Стефовска Жагровкса со сопругот Алеко од село Косинец, Костур, сликани во Романија.
 
„Мајка“ Фанија Дупенска сликана во Романија.

Евакуацијата на П’пленските деца официјално започнала на 15 март, 1948 година, заедно со останатите деца од околните села. Поделбата на децата во групи била направена уште во селото. Секоја група имала и одговорно лице кое било од нивната средина. Така децата од селото П’пли кои биле вкупно 91, биле поделени на 4 групи. Одговорните личности за овие групи биле:

  1. Фанија Доневска - Дупенска
  2. Фотија Стефовска
  3. Стефана Димановска
  4. Јана Секуловкса

Во овој состав децaта од селото П’пли биле однесени до селото Р’би во близина на границата со тогашна ФНРЈ, односно со НРМакедонија. Во ова село биле донесени и останатите деца од другите Преспански села од тогашната слободна територија и се чекало погоден монент, односно одобрување од тогашната КПЈ за префрлање на децата преку границата. На 17 април 1948 година, колони на деца предводени од одговорните „мајки“ преку Р’пското Поле во доцните часови биле префрлени во месноста наречена Маркова Нога на самата грчкојугословенска граница, а таму оваа група на деца се сретнала и со останатите деца од селата Дробитишта, Винени, како и со неколку стотици деца од леринските и костурските села. Пред полноќ, групите од деца со товарни камиони пристигнале во Битола, Македонија. Децата од селото П’пли на 25 мај 1948 година, со воз преку Скопје и Белград биле префрлени во тогашна Социјалистичка Република Романија, односно во градот Синаја. Со самото пристигнување на децата во градот Синаја тие биле најсрдечно пречекани од градските власти и од организацијата на црвениот крст на Романија. Целосната грижа била преземена од стручни лекарски тимови, негователи и друг персонал. Комунистичката Партија на Романија на користење ја отстапила царската зимска палата во која биле сместени неколку стотици на деца. Тука децата биле избањати и им била дадена чиста облека, а исто така биле и нахранети, па за првпат легнати во топла бела и чиста постела.

П’пли и П’плени по поразот на ДАГ

уреди

Спред пресметките на раководството на КПГ и ДАГ, 1949 година требало да биде година на победата, но таа за жал се претвори во година на катастрофален пораз. Виновникот за настанатата ситуација главно се барал во самото раководство на КПГ и ДАГ како и во генерален секретар на КПГ Никос Захарјадис.

По поразот на единиците на ДАГ на Пелопонез кон крајот на 1948 година и во почетокот на 1949 година како и по поразот на ДАГ на Кајмакчалан и Пајак Планина, на почетокот на месец јули 1949 година, врховниот воен совет на КПГ одлучил да даде зелено светло за главната команда на ДАГ да ја спроведе тактиката на редовна војска и на борба на фронтот затоа што не можело да се постигне никаков успех против моќната сила и воените средства со кои располагала владината војска. На почетокот на месец август 1949, грчките владини сили ги започнале своите воени активности против единиците на ДАГ на Планината Грамошта (Грамос), но главните воени дејствија ги насочиле на Планините Вичо, Мали Мади, Бела Вода и во реонот на Преспа. Најтешките и најголеми борби единиците ДАГ ги воделе во реонот на Бела Вода, Превал и во блиската околина на Преспа. Под силниот притисок од страна на владините воени сили, единиците на ДАГ биле принудени да се повлечат во реонот на Преспа, а потоа кон Албанија или кон тогашна Југославија. Генерал-полковникот на ДАГ, Георгиос Кикицас, кој бил задолжен за повлекувањето на единиците, во своите пишани мемоари, меѓу другото, запишал:

На 13 август 1949 година, во 20 часот бев повикан во седиштето на Главниот штаб каде што беа присутни и останатите членови на Врховната команда на ДАГ, Захарјадис, Барѕотас, Вландас и Гусијас. Генералниот секретар Захарјадис ми се обрати со зборовите „Ситуацијата се влошува, потребно е единиците да се повлечат, ти ќе раководиш со акцијата за спасување на сè што е можно, единиците безусловно ќе се повлечат”.

Наредбата веќе била дадена. Таа била наменета за повлекување на партизанските единици, но и за цивилното население од териториите што дотогаш ги контролирале единиците на ДАГ. Меѓу другото, во своите мемоари генералот Кикицас, запишал:

На 13 август во 23 часот пристигнав на местото Перово (спојот помеѓу двете Преспански езера). На споменатото место затекнав стотици семејства од селата Трнаа, Рудари, П’пли, Оровник, Геман, Р’би, како и луѓе од села кои со своите запрежни коли натоварени со својата покуќнина и со голем број на сите добиток. Од караулата на мостот дадов упатства сите семејства да се упатат кон селото Нивици, но не да сопрат во него туку пред зори да се повлечат во шумата до самата граница за полесно префрлање на слободната територија”.

Во својот пишан материјал од книгата „До пеколот и назад” Евдокија Фотева-Вера,во врска со поразот на ДАГ, запишала:

Од 10 до 15 август 1949 година, се изврши жесток пеколен напад над ДАГ од монархофашистите со невидена поддршка од Трумановата авијација. На 19 август 1949 година, авионите на Трумановата авијација извршија 130 летови, бомбардирајќи ги единиците на ДАГ и долгите колони на бегалци. И следните неколку дена воздухопловството со исто темпо вршеше напади, поддржувувајќи ја артилеријата и пешадијата на монархофашистите. Не остана ни педа земја да не е бомбардирана на планината Вичо, на нејзиниот врв Лисец, на планината Орлово (Малимади), во Преспа кон границата на Албанија и на Југославија со бомби, авиогранати, ракети, напалм-бомби, од најмала до најголема тежина и сето тоа „гарнирано” со авионско митралирање. Ова јасно зборува во каков котел се варевме припадниците на ДАГ, борејќи се, грижејќи се за ранетите и убиените, како и за огромните колони бегалци. Со ваква жестина ДАГ беше напаѓана на Грамошта. Пред ваквата, главно странска, интервенција на „слободољубивите демократи” на Грамоштанавистина од нашето рамо падна “последното знаме”.

На 30 август 1949, ДАГ на планината Грамошта била поразена од страна на монархофашистите сестрано потпомогнати од англоамериканците. Генералниот секретар на ЦК на КПГ Захарјадис, по паѓањето на Вичо, рекол: „Грамошта ќе биде гробница на монархофашистите. Меѓутоа, по бројните жртви, ако не се повлечеше ДАГ во Албанија ќе се случеше обратното на што подолго работеше лично тој со неговото Политбиро со сменувањето на докажаните воени стратези со таканаречениот „Закон за Врховниот воен совет” кога му е одземена командата на генералот Маркос над ДАГ, поставувајќи нови воени стратези без потребно сооедветно искуство. Единиците на ДАГ од Грамошта и од други правци се повлекоа на територијата на Албанија”. Со повлекувањето на партизанските единици се повлекло засекогаш и мирното население од слободната територија, оставајќи ги своите села, имоти, домови, оставајќи сè. Меѓу нив биле и П’плени. Селото останло пусто, без душата на своите вековни жители. Од некогашниот буен и живописен селски живот не останало ништо.

Народна власт во селото

уреди

Партиската организација во селото П’пли започнала да се формира пред почетокот на војната. Група на симпатизери од напредното работничко движење и на комунистичката партија од ова село биле следните селани: Васил Арнаутовски, Фоте Доневски - Дупенски, Ристо Миовски, Ламбро Иљовски - Миовски, Сотир Марковски, Ристо Кочовски и Петре Доневски - Дупенски (кого селаните го ословувале со прекарот „социјалистот“).

Кон почетокот на 1943 година биле поставени и темелите на партиската организација во чиј состав биле вклучени селаните: Цветко Трајковски - секретар, Ристо Арнаутовски, Фоте Доневски - Дупенски, Јанкула Петровски, Ристо Кочивски и Ристо Миовски како членови на организацијата. Подоцна, кон крајот на годината, во организацијата била вклучени и следните селани: Коле Кочовски, Вангел Миовски, Фанија Иљовска - Миовска и Михаил Тутуновски.

Народната власт во селото била воспоставена со првите акти за организирањето на народна власт и народните судови во слободните територии донесени од главниот штаб на ДАГ на 10 август 1947, и потврдени на 28 март 1948 година. Од привремената демократска влада со закон бр. 12, меѓу другото се вели и: „Националните малцинства имаа еднакви граѓански и политички права да ја зачуваат и развиваат својата национална култура, јазикот, вероисповедта, националната просвета итн.“

Така, кон крајот на 1947, покрај селските одбори на НОФ, АФЖ и НОМС, во селото П’пли започнал да работи и народниот одбор во чиј состав биле селаните: Ристо Кочовски (задолжен од КПГ), Фоте Доневски - Дупенски (задолжен за СНОФ), Ристо Миовски (НОФ), Цветко Трајковски (задолжен за безбедноста на селото и партиската организација), Сотир Ефстрадијадис и Вангел Миовски (задолжени за организирање на младината од селото), Мара Миовски и Апраксија Телепуру (АФЖ) и Ристо Арнаутовски (задолжен за резервната војска на ЕЛАС). Во П’пли постоел и народен суд како и народна полиција. Органите на народната власт, освен што биле организатори, тие го воделе и кооперативното извршување на земјоделските работи како што било орањето, сеењето, жнеењето и вршењето.

Интересно е да се напомене дека селото со училишна зграда се здобило во 1926 година, додека, пак, со електрична енергија селото е покриено во 1965 година. П’пли за првпат добива асвалтни улици во 1975 година. Во моментот од јавните установи во селото постојат полициска станица и амбуланта со стационар.