Буковик (Леринско)

село во Преспанско, Егејска Македонија

Буковик (грчки: Οξυά, Оксија; до 1926 г. Μπούκοβο(ν), Буково(н) или Μπούκοβικ, Буковик[2]) — село во Преспанско, Егејска Македонија, денес во општината Преспа на Леринскиот округ во областа Западна Македонија, Грција. Населението брои 12 жители (2021). Сè до Грчката граѓанска војна било населено исклучиво со Македонци.[3]

Буковик
Οξυά
Буковик is located in Грција
Буковик
Буковик
Местоположба во областа
Буковик во рамките на Преспа (општина)
Буковик
Местоположба на Буковик во Леринскиот округ и областа Западна Македонија
Координати: 40°44.25′N 21°7.53′E / 40.73750° СГШ; 21.12550° ИГД / 40.73750; 21.12550
ЗемјаГрција
ОбластЗападна Македонија
ОкругЛерински
ОпштинаПреспа
Општ. единицаПреспа
Надм. вис.&10000000000000880000000880 м
Население (2021)[1]
 • Вкупно12
Час. појасEET (UTC+2)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Географија

уреди

Селото е сместено 35 км југозападно од градот Лерин, недалеку источно од Малото Преспанско Езеро. Лежи во поднојжето на планината Врба, која изобилува со букови шуми,[3] и со тоа му го дала името на селото. Атарот зафаќа површина од приближно 7 км2, од кои дел е рамничарско и плодно земјиште, а делумно е ридски, обраснат со листопадни дрвја. Крај атарот минува Лочка Река (Л’шка Река).[4]

Топонимија

уреди

Ова се позначајните топоними во атарот на Буковик:[4]

Блато, Буковик, Бели Мелишта, Бесвински Пат, Бисерник, Бесвински Калили, Ваковска Ливачина, Воденски Рид, Волништа, Врагои Куќи, Горна Сулијманица, Граиште, Град, Гладно Поле, Долна Сулијманица, Димоа Орница, Дупка, Дреновски Пат, Елешка, Кале, Зољо Камен, Л’чица, Лоза, Леската, Л’шка Река, Л’шки Пат, Муса, Осоо, Под Ридот, Плочите, Присоо, Стари Буковик, Слогоите, Сувата Чезма, Стрмниот Пат, Трнаа, Тесен Рид, Ќиркојца, Црквата, Широкиот Рид, Широки Орници.

Историја

уреди

Антика

уреди

Подрачјето било населено уше во антиката. За ова сведочат пронајдените питоси и парчиња од ќерамиди пронајдени при орање во месноста Бисерник.[4]

Во Отоманското Царство

уреди

Во османлиските дефтери од XV век во Буковик се заведени 59 домаќинства, чии глави се наведени по име.[5] Селото се среќава во османлискиот записник од 1568/69 г. за Горичката каза, како и во Слепчевскиот кодик од истиот век.[4]

Во минатото селото се наоѓало на друго место, денес познато како месноста Старо Буковик (или Старо Село) околу 2 км југоисточно од денешното. Жителите се прместиле при крајот на XVIII или почетокот на XIX век поради песокливоста и водоврикот на теренот, како и надоаѓањето на езерската вода во куќите.[4]

Црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Петка“ во селото се изградени во XIX век и денес се прогласени за заштитени споменици на културата.[6]

Во XIX век Буковик било село во Битолската каза со две маала — Горно и Долно. Во селото работело народно основно училиште.[4] Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Буково (Boukovo) било село во Ресенската каза со 15 домаќинства сочинети од 32 жители, погрешно заведени како муслимани.[7] Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. в селото живееле 120 Македонци христијани.[8][9] По податоци за егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Буковик (Boukovik) живееле 160 Македонци, сите под врховенството на Бугарската егзархија.[8][10] Во овој период Боривое Милоевиќ го спомнува со 17 македонски куќи.[3] Покрај бугарската, во ова време работела и грчката пропаганда, на неколку наврати воведувајќи настава на грчки место на македонски.[4]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Буковик се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 30 куќи.[11]

Припојување кон Грција

уреди

По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Истата година имало население од 151 жител кое се намалило на 131 во 1920 г.[3] Во 1926 г. името на селото е преведено на грчки како Оксија.[12] Неколку буковчани биле испратени како војници на боиштата во Мала Азија во Грчко-турската војна (1919-1922). Во 1928 г. селото броело 133 лица, а во 1940 г. се зголемило на 147.

Меѓу двете светски војни од селото заминале 28 лица како печалбари во прекуокеанските земји; некои од нив останале таму и ги повлекле семејствата.[3] Грчките власти воделе жестока политика на денационализација и асимилација на населението, придружена со забрани и казни.[4]

Во Втората светска и Грчката граѓанска војна

уреди

За време на Втората светска војна Буковик влегол во окупациската зона на Италија по капитулацијата на Грција во Грчко-италијанската војна. Во таа војна, на фронтот во Албанија биле мобилизирани 15 буковчани, од кои тројца загинале. По капиулацијата на Италија во 1943 г. Буковик станал слободна територија на НОАВМ и ЕЛАС. Во селото на неколку наврати престојувале битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ и леринскиот партизански одред „Бигла“, кон кој се приклучиле 4 жители на Буковик. Во 1947 г. е отворено училиште на македонски јазик.[4]

Буковчаните дале значаен отпор во Грчката граѓанска војна, поради што селото силно пострадало; 100 жители се иселиле во источноевропските земји, а останатите се раселиле во околните села. Така, во 1951 г. Буковик се води како напуштена населба.[3] Подоцна, дел од жителите се повратиле, така што во Буковик останале дваесетина Македонци, а властите во 1952 г. довеле 18 семејства погрчени Власи од Епир.[3]

Повоен период

уреди

По доселувањето на епирските Власи, селото станало етнички мешано, со значајно дојденско мнозинство. Во 1961 г. имало 75 жители кои во 1971 опаднале на 39, а во 1981 г. на 25 жители. На пописот од 1991 г. Буковик имал 26 жители[3] кои во 2001 г. се накачиле на 30, но опаднале на само 12 во 2001 г.

Родови

уреди

Буковчани се потомци на следните стари буковски семејства: Андаровци, Босите, Василевци, Деловци, Јанковци, Костовци, Мечкаровци, Мијо Дупенски, Николовци, Петревци (Дамовци), Поповци (доселени од Трнаа), Секуловци (доселени од Прилеп) и Ташовци.[4]

Традиционална селска слава е Свети Архангел, на 19 септември.

Население

уреди

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011 2021
Население 147 0 75 39 25 26 30 12 12
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Стопанство

уреди

Главно занимање на населението по заминувањето на Македонците е сточарството, но се обраќа внимание и на земјоделството и шумарството.

Традиционално, селото се занимавало со полјоделство, сточарство, риболов и печалбарство. Најзастапени култури биле житото (’рж, јачмен, уров, пченка), разновиден зеленчук и бостан. Сточарството во тоа време не било доволно развиено, но било застапено со разновиден добиток. Во селото работеле и две мали ќерамидници, од кои едната била ваковска, а другата во сопственост на семејството Секуловци.[4]

Личности

уреди
  • Антон Георгиевски (1921 – 1949) — комунистички деец[13]
  • Петар Србинов — гркомански андартски капетан
  • Христо Мечкаровски (? – 1948) — комунистички деец[14]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Попис на населението од 2021 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Μπούκοβο - Οξυά
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 143.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа: местоположба, историски развој и минато (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 349–353. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  5. Гандев, Христо. „Българската народност през XV век. Демографско и етнографско изследване“, Наука и изкуство, II изд., София, 1989.
  6. „ΥΑ ΥΠΠΟ/ΑΡΧ/Β1/Φ36/3739/76/20-2-1987 - ΦΕΚ 281/Β/9-6-1987“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2020-08-06. Посетено на 28 февруари 2015.
  7. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 86-87.
  8. 8,0 8,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  9. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 242.
  10. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 170-171.
  11. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 16.
  12. „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  13. „Elizabeth Kolupacev Stewart, For Sacred National Freedom: Portraits Of Fallen Freedom Fighters, Politecon Publications, 2009“. Архивирано од изворникот на 2019-11-23. Посетено на 2019-11-23.
  14. „Elizabeth Kolupacev Stewart, For Sacred National Freedom: Portraits Of Fallen Freedom Fighters, Politecon Publications, 2009“. Архивирано од изворникот на 2019-11-23. Посетено на 2019-11-23.

Надворешни врски

уреди