Инки
Инките, односно цивилизацијата на Инките започнува да постои како мала група во регионот околу градот Куско, каде легендарниот Сапа Инка, Манко Капак го создал Кралството Куско во 1200 година. Под водство на наследниците на Манко Капак, државата на Инките се зголемила и ги приклучила околните андски заедници. Во 1442 година Инките започнале да ги прошируваат границите на својата држава под водство на Сапа Инка Пачакути. Тој ја основал Царството на Инките или Тавантинсују (Tawantinsuyu), која прераснала во најголемо царство во Америка до периодот на европската колонизација[1].
Цивилизација на Инките |
---|
- За останати значења на поимот Инка, видете ја страницата за појаснување.
Царството било поделено за време на граѓанската војна, кога веќе навлегле шпанските сили на тлото на Јужна Америка и тоа било период на политичка криза во Тавантинсују. Имено, за време на оваа војна се спротивставиле браќата Хуаскар и Атахуалпа, членови на кралското семејство кои се сметале за легални наследници за престолот. Во 1533 година, шпанскиот колонизатор Франсиско Писаро ја искористил оваа ситуација и освоил голем дел од територијата на Инките[2]. Во наредните години, колонизаторите ја освоиле скоро целата територија на Инките. Царството на Инките било сосема уништена со основањето на Поткралството Перу во 1542. Подоцна следело ослободително движење на Инките кое завршило со неуспех во 1573 година. Денес, културата и традицијата на Инките ја продолжуваат Кечуанците и Ајмарите кои живеат во Перу, Боливија и Еквадор.
Историја
уредиСпоред митот, цивилизацијата на Инките започнала со Манко Капак, кој носел златен предмет наречен тапак-јаури. Инките биле обучени да изградат храм во чест на богот на Сонцето на местото каде се закачил предметот на земјата, за да го слават нивниот небесен татко. После долг пат, вклучително и патување низ подземјето, Инките дошле до Куско каде го изградиле храмот. За време на патувањето, еден од браќата на Манко, во некои извори сестра, бил/а претворен/а во камен хуака. Според друга легенда, наместо Инките да дојдат од подземјето односно пештера, пристигнале преку вода односно езерото Титикака.
Во античкото време, синот на Виракоча, Манко Капак живеел во Пакари-Тампу денес познат како Пакаритамбо, оддалечено 25 километри јужно од Куско. Тој и неговите браќа Ајар Анка, Ајар Качи и Ајар Учу и неговите сестри Мама Окљо, Мама Хуанко, Мама Рауа и Мама Кура живееле во близина на Куско во Пакари-Тампу. Со обединување на овие луѓе тие изјавиле дека ќе ги освојат сите племиња од долината Куско. Според други преданија, младиот Манко ги убил своите браќа и станал првиот владетел на Инките.
Обединување и проширување
уредиИнките започнале како племе дел од килке културала во областа околу Куско во 12 век. Под водство на Манко Капак тие го создале градот-држава Куско или на кечуански јазик Qosqo.
Во 1438 година под водство на Сапа Инка Пачакути голем дел од јужно Перу било освоено. Куско бил повторно изграден како главен град на нововоздигнатото царство. Царството било познато како Тавантинсују била од федерален тип составена од централна власт со кралот како шеф на државата. Покрај него имало четири покраински водачи: Чинчасују на северозапад, Антисују на североисток, Контисују на југозапад и Коласују на југоисток. Исто така, се верува дека кралот го изградил Мачу Пикчу.
Еден од начините на државното функционирање било испраќање шпиони во региони кои биле планирани да бидат освоени од страна на Пачакути. Тие тогаш би дале извештаи за политичката организираност на областа, воената моќ и богатството. Сапа Инка тогаш испраќал пораки до водачите на шпионираните земји каде би ги искажал придобивките и причините за спојување со царството. Тој понудувал подароци и скапоцени предмети како текстил и ветувал дека сите жители на таа земја ќе живеат богат живот. Повеќето од ваквите случаи завршиле со позитивен одговор. Кралските семејства на веќе споените територии биле испраќани во Куско за да се образуваат за функционирањето на општеството на Инките и биле повторно враќани да управуваат со своте матични држави. Понатака врските се продлабочувале преку соработка или брак помеѓу кралските семејства.
Традиционално за Инките било синот на Императорот да ја предводи армијата. Синот на Пачакути, Тупак Инка го освоил северниот дел од Империјата во 1463 година и станал Сапа Инка после смртта на неговиот татко во 1471 година. Неговиот најголем успех од областа на освојувањето нови територии било Кралството Чимор, единствениот соперник на Инките на брегот на Тихиот Океан во Јужна Америка. Империјата се проширила на север на територијата на денешен Еквадор и Колумбија и синот на Тупак Инка, Хуајна Капак ја проширил територијата на југ. Во врвот на својот успех, Империјата се протегала од на териториите на денешни Еквадор, Перу, Боливија, Чиле и мали делови на Аргентина и Колумбија.
Империјата била дом на различни култури и јазици. Компонентите на Империјата не биле сите подеднакво лојални на Сапа Инка и сите култури не биле целосно интегрирани. Така на пример, народот Чиму користеле пари за трговија, додека Инките на целата територија економијата и трговијата ја вршеле преку размена на стока. Дел од Чачапоја народот не ги прифаќале Инките на пријатен начин, што резултирало со одбивање азил на тој народ за време на нападите од Шпанија. Подоцна биле освоени од шпанските окупатори.
Шпанска колонизација
уредиШпанските освојувачи предводени од Франциско Писаро започнале истражување од југот на Панама и стигнале до портите на Империјата во 1526 година. За нив било јасно дека пристигнале до богата земја и со голем потенцијал. После уште една екпедиција во 1529 година, Писаро се вратил во Шпанија и добил кралско одобрување за освојување на Империјата, каде подоцна станал поткрал.
За времето кога Шпанците се вратиле во Перу во 1532 година, веќе имало војна во полн ек помеѓу Хуаскар и неговиот полубрат Атахуалпа. Ова и уште неколку помали бунтови значително ја ослабеле Империјата.
Франциско Писаро немал голема воена моќ. Со само 180 луѓе и 27 коњ, тој често употребувал дипломатија за да избегне напад од Инките кој би завршил со пораз на Писаро. Првата битка била Битката на Пуна, денес во Еквадор кога шпанските војсководци ги победиле војниците од Пуна. Тогаш, Писаро го основал градот Пиура во јули 1532 година. Ернандо де Сото бил испратен да ја проучи внатрешноста на копното и се вратил со покана за средба со Атахуалпа, кој пак го поразил својот полубрат и се стационирал во Кахамарка со армија од 80.000 војници.
Писаро се сретнал со Сапа Инка. За време на преговорите, Писаро побарал од него да се преобрати во христијанството. Тогаш Атахуалпа ја фрлил Библијата на земја што за Шпанците значело војна. Набргу. Шпанците ја нападнале Империјата и го заробиле Атахуалпа. За да го ослободат, тој понудил злато колку што берела собата во која бил заробен и уште толку сребро. Иако Инките го исполниле ова, Писаро одбил да го ослободи. За време на заробувањето на Атахуалпа, Хуаскар бил убиен. Шпанците ја искористиле таа ситуација и го оптужиле Атахуалпа дека тој го убил својот полубрат и го усмртиле во август 1533. По таквите настани, Шпанците го назначиле Манко Инка Јупанки за крал, Тој соработувал со Шпанците, додека шпанските освојувачи се бореле против отпорот во северниот дел од Империјата. Меѓувреме, пријател на Писаро по име Диего де Алмагро се обидел да го назначи Куско за свој град, но Јупанки ја искористил оваа ситуација и тој го заобиколил градот. Набрзо Куско повторно бил под шпанска контрола. Тогаш Манка Инка се повлекол во планините во Вилкабамба каде владеел уште 36 години. Во 1572 година, последниот крал на Инките, Тупак Амару, бил заробен и убиен и со тоа шпанските окупатори завладееле со Империјата.
Политички систем
уредиИмперијата на Инките била поделена на четири секции познати како тахуантин-сују или „земјата на четирите секции“, каде секоја била управувана од гувернер или управител наречен апукуна, кој пак бил под директен наѕор на Сапа Инка. Куско бил центар на Империјата од каде Сапа Инка владеел. Според усмената традиција на Инките, Империјата била раководена од 14 Сапа Инки или кралеви. Најраните кралеви се локалните владетели на Куско или најверојатно митски личности.
Терминот ајлу се однесува на група староседелски народ на Јужна Америка и често се преведува како клан.[3] Терминот означува крвно поврзана група луѓе кои функционираат како единствена економска и социјална единица. Всушност, империјата функционирала како голема група на неколку кланови, кои поседуваат поседи и ресури како лами и вода. Успехот на ваквиот систем на функционирање го обезбедил земјоделството. Но, сепак групите можеле да се поделат на неколку или да се споат различни групи поради економски и социјални интереси.
Покрај регуларните освојувања и групирања на неколку кланови, поединечен ајлу може да остане недопрен дури и после распад на голема група кланови или империја во која бил дел. Ова било како резултат на добрата финансиска положба на кланот. Со здружувањето на моќта на клановите се формирала управувачка класа со голема политичка и социјална моќ.
Ајлуите биле засновани во Куско, главниот град на империјата кој бил поделен на Ханан-Куско или Горно Куско и Хурин-Куско или Долно Куско. Оваа поделба која била честа појава за андските народи често наречена како двојна поделба. Двата дела формирале посебни традиции и обичаи, но и посебни воени единици кои сепак работале заедно кога се работи за прослави и свечености. Двојната поделба била често на религиска и симболичка база, без значајни економски последици.[4] Кога умирал водачот, неговиот наследник ја имал политичката моќ, додека другите машки роднини на владетелот ги имале во посед економските ресурси.
Религија
уредиИнките важеле за народ кој при освојувањето на нови територии и држави прифаќале делови од новите култури, претопени и адаптирани кон своите верувања и традиции. Исто така, Инките тежнееле да ја направат својата религија надмоќна над другите и својата религија ја подигнале на државно ниво. Во рамките на инкиското општество, кралот, Сапа Инка, се сметал за син на Инти, богот на сонцето. Пред и после значајна битка или значаен настан, Инките принесувале дарови кон боговите, неретко и човечки жртви. Често се одржувале фестивали и прослави за одреден бог и негово чествување. Инти Рајми, фестивал за сонцето, се одржувал девет ноќи кога Сапа Инка обезбедувал Акхачича, односно пиво од пченка.
Образование
уредиИнките развиле систем на броење и сметање со помош на алатка наречена квипу. Сите информации прикажани на квипуто имале бројчени податоци, но сепак денес не е познато како ги пренесувале забележаните симболи во броеви. Сепак, некои научници денес веруваат дека овој систем на бележење податоци функционира исто како писмото за запишувањето на зборуваниот јазик.
Покрај квипу, Инките во голем дел се наслонувале на пренос на податоци по орален пат и така ја зачувале својата култура. Образованието на Инките е поделено на две категории, образование за професија и образование за благородниците.
Уметност и архитектура
уредиАрхитектура
уредиАрхитектурата на Инките била најзначаен сегмент од уметноста на Инките каде на грнчаријата и текстилот се прикажувале мотиви кои биле врвот на нивната архитектура и уметност. Главен пример за уметноста на Инките е главниот град Куско. Познатото наоѓалиште Мачу Пикчу бил изграден од инженерите на Инките. Инките создавале камени храмови без користење на малтер и сепак камењата се сложувале одлично без простор да се вметни ни нож меѓу нив. Камењата биле делкани за да се сложат еден со друг.
Инките имале одличен патен систем кој се состоел од два главни патишта како што е опишано од страна на Сиеза де Леон: „Инките изградиле два пата со должина од државата Кралскиот пат бил долг 3.250 милји и се протегал по планините, додека крајбрежниот пат бил долг 2.520 милји.“[5]
Керамика, накит и текстил
уредиСкоро сите златни и сребрени предмети од Инките биле стопени од европските окупатори. Керамиката била насликана со различни мотиви, вклучувајќи птици, бранови и геометриски фигури. Најпознати керамички предмети на Инките се шишињата од Куско или наречени и како арибалос.[6] Голем број од овие парчиња се изложени во Археолошкиот музеј Ларко во Лима, Перу и во националниот музеј за археологија. Облеката на Инките исто така била доста важна бидејќи таа го означувала социјалниот статус на поединецот. Исто така, облеката се користела и за изработка на мостови.[7]
Земјоделство
уредиИнките живееле во планински предели, места кои не биле одлични за градинарство. за да го решат тој проблем, Инките стрмните предели ги претворале во тераси во вид на скалила за да овозможат рамни места за сеење. Исто така, Инките имале развиен систем на наводнување. Тие одгледувале пченка, квиноа, тикви, домати, кикирики, пиперки, лубеници, памук и компири. Иако сите земјоделски култури се важни, главниот извор на храна бил компирот, за раљзлика од Маите и Ацтеките каде пченката била главен извор на храна.
Инките се првите луѓе кои користеле суво замрзнување на храната за складирање. Тие ги оставале компирите надвор, потоа наутро ги цеделе за да ја извадат водата од нив и ги оставале на сонце да се сушат. Овој процес би се повторувал три до четири пати сè додека сувите компири биле подготвени за складирање. Тогаш компирите се нарекувале чуњо.[8]
Војска
уредиСтруктура
уредиСекој маж кој бил спсобен за воена служба и кој бил под управа на Инките бил моболизиран за привремен воен поход или за долготрајна воена служба. Војската на Инките имала строга дисциплина и извршувала казнувања и погубувања за тие војници кои злоставувале цивили. Офицерите на војската биле составени од две класи: високиот ранг на офицери биле членови на владеачката каста, додека долната класа на офицери биле лица кои командувале со најмалку 50 војници и кои биле Инки, а чинот офицер им бил даван од офицерите од повисока класа.[9]
Воена опрема и војување
уредиИнките користеле оружје за борби со останатите околни цивилизации. Инките биле најсилна нација во тој регион во тоа време, бидејќи тие може да променат обичен селанец или фармер во војник спремен за војна. Ова се должело најмногу поради фактот што секој Инка маж морал да земе учество во најмалку една војна и така се подготвувало населението за идните битки.
Како дел од воедната опрема на Иките биле и тапаните и трубите кои се свиреле на почетокот на секоја битна. Еден војник на Инките имал:
- шлемови направени од дрво или кожа,
- округли штитови направени од палма и памук,
- памучни наметки и метални плочки на градите и рамениците,
- опрема за заштита од стрели.
Покрај горенапоменатата опрема, војниците оперирале со следните оружја:
- бронзени или коскени копја,
- боздогани,
- дрвени мечеви со две рачки и со остри рабови,
- камења
- камени или бакарни секири
- бола
Патниот систем кој бил развиен во државата им овозможувал брзо движење низ Империјата. Покрај патиштата биле градени засолништа наречени тамбо, кои биле одделени едно од друго околу еден ден пешачење. Во овие засолништа војниците се одмарале, прехранувале и потоа продолжувале со задачите. Така на пример, еден курир носел порака од едно тамбо до друго, каде во второто тамбо има друг курир и тој ја зема пораката и ја носи до следното тамбо.
Научно истражување на универзитетот Јејл
уредиСпоред информациите од универзитетот Јејл, колекцијата артефакти од Мачу Пикчу во универзитетот биле пронајдени од страна на Хирман Бингам за време на историската перуанска експедиција во 1912 година. Тогаш, Мачу Пикчу не било доволно познато археолошко место, и Перуанскиот цивилен код од 1852 година дозволил ако се пронјадат артефакти, ископувачите да ги зачуваат за себе. Претседателскиот декрет ја задолжил експедицијата на Биргам и ѝ дозволил да ги однесе артефактите во споменатиот универзитет, а при тоа Перу го задржало правото да ги поврати артфекатите кои се уникатни или дупликати.[10]
Наводи
уреди- ↑ „Civilizations in America“. Архивирано од изворникот на 2010-02-09. Посетено на 2009-06-30.
- ↑ „The Conquest of the Inca Empire“. Архивирано од изворникот на 2009-07-06. Посетено на 2009-06-30.
- ↑ Beuchat, Henri. as cited in: Bram, Joseph. An Analysis of Inca Militarism
- ↑ Bram, Joseph. An Analysis of Inca Militarism. University of Washington Press. Seattle and London. 1996
- ↑ Gard Carolyn; Dig.; Peterborough: Nov/Dec 2005. Vol. 7, Iss. 9; page 12, 2 pages
- ↑ Berrin, Katherine & Larco Museum. The Spirit of Ancient Peru:Treasures from the Museo Arqueológico Rafael Larco Herrera. New York:Thames and Hudson,
- ↑ Mann, Charles. 1491: New Revelations of the Americas Before Columbus. Vintage. стр. 93. ISBN 1400032059.
- ↑ Weatherford, J. McIver (1988). Indian givers: how the Indians of the Americas transformed the world. New York: Fawcett Columbine. стр. 63. ISBN 0-449-90496-2.
- ↑ Garcilaso de la Vega. The First Part of the Royal Commentaries of the Yncas. London. 1869-1871
- ↑ History of Machu Picchu Collections at Yale; http://opa.yale.edu/opa/mpi/History-of-Machu-Picchu-Collections.pdf Архивирано на 13 јули 2010 г.
Дополнителни информации
уреди- Burger, Richard L. "Machu Picchu; Unveling the Mystery of the Inca." Yale University Press, 2004.
- Cobo, F.B. "Inca Religion and Customs." 1609
- Conrad, Geoffery. "Religion and Empire; The Dynamics of Aztec and Inca Expanionism." Cambridge University Press, 1984.
- Curl, John. Ancient American Poets: The Sacred Hymns of Pachacutec. Tempe AZ: Bilingual Press, 2005. ISBN 1-931010-21-8 http://red-coral.net/Pach.html
- Dobyns, Henry F. and Paul L. Peru: A Cultural History. New York: Oxford University Press, 1976.
- Eeckhout, Peter. "Ancient Peru's Power Elite." National Geographic Research and Exploration. March 2005. Pp. 52–56.
- Frost, Peter. "Lost Outpost of the Inca." National Geographic. February 2004. Pp. 66–69.
- Hyslop, J. "Inca settlement planning." University of Texas Press, 1990.
- MacQuarrie, Kim. The Last Days of the Incas. Simon & Schuster, 2007. ISBN 978-0-7432-6049-7.
- Malpass, M.A. "Daily life in the Inca Empire." Greenwood Publishing Corp., 1996
- Mancall, Peter C. (ed.). Travel Narratives from the Age of Discovery. New York: Oxford University Press, 2006.
- Mann, Charles. C (2005). 1491: New Revelations of the Americas Before Columbus. Knopf.
- Prescott, William H. "Conquest of Peru." The Book League of America. New York: 1976.
- Prescott, William H. History of the Conquest of Mexico & History of the Conquest of Peru. New York: Cooper Square Press, 2000.
- Rostworowski de Diez Canseco, Maria. "History of the Inca Realm." cambridge University Press, 1999.
- Sullivan, L.E. "Native Religions and Cultures of Central and South America: Anthropology of the Sacred." Continuum International Publishing Group, 2002
- Steele, P.R. "Handbook of Inca mythology." Santa Barbara ABC-CLIO, 2004
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди„Инки“ на Ризницата ? |
- Културно друштво Перу
- Инка е-музеј на Државниот Универзитет Минесота Архивирано на 29 септември 2010 г.
- Национален музеј за археологија, антропологија и историја на Перу Архивирано на 29 јуни 2011 г.
Статијата „Инки“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |