Граждано

село во Преспанско, Егејска Македонија
(Пренасочено од Гражден)

Граждано или Граждено (се среќаваат и Граждани и Граждени; грчки: Βροντερό, Врондеро; до 1926 г. Γκράσδενι, Граздени[2]) — село во Егејска Македонија, Грција, во општината Преспа, област Западна Македонија. Населението брои 46 жители (2021). До 1949 г. ова село имало 120 куќи со 507 жители.

Граждано
Βροντερό
Граждано is located in Грција
Граждано
Граждано
Местоположба во областа
Граждано во рамките на Преспа (општина)
Граждано
Местоположба на Граждано во Леринскиот округ и областа Западна Македонија
Координати: 40°44.30′N 21°1.3′E / 40.73833° СГШ; 21.0217° ИГД / 40.73833; 21.0217
ЗемјаГрција
ОбластЗападна Македонија
ОкругЛерински
ОпштинаПреспа
Општ. единицаПреспа
Надм. вис.&100000000000010900000001.090 м
Население (2021)[1]
 • Вкупно46
Час. појасEET (UTC+2)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Во ова село, како и во цела Егејска Македонија, поголеми етнографски промени настануваат по Граѓанската војна во Грција 1949 г. По пат на сила жителите на с. Граждано биле принудени да ги напуштат своите огништа. Имено, на 15 август 1949 г. со повлекувањето на партизанските единици на ДАГ, со нив се повлекло и цивилното население од Долна и Мала Преспа. Зад нив останале нивните имоти и куќи. Новонастанатата положба ја искористиле грчките власти, кои во 1953 г. ја колонизирале Долна и Мала Преспа со погрчено влашко население од Епир[3] кое се вселило во напуштените куќи и го приграбило целокупниот имот на прогонетите жители. Тие ги погрчиле и македонските топоними. Новодојдените селото го нарекуваат Врондеро.

За да не останат историски траги од минатото, тие го урнале старото училиште, ги исушиле селските бари, ги покриле селските бунари, го асфалтирале патот, а селските гробишта повеќе не постојат, срамнети сè до земја. На истото место грчките власти подигнаа еден мермерен споменик во чест на паднатите кралски војници. Како потсетник на минатото и понатаму се издига селската црква „Св. Никола“, изградена 1888 г. од Васил Чклаов.

Потекло на поимот

уреди

За името на селото постојат повеќе претпоставки. Записи има од 1660 година и се наоѓаат во Слепченскиот кодекс, летописи, хроники и записи. Истото, во статистичките податоци од 1888 на Васил К’нчов е споменато како Граждани. Етнографски земено, ова име е поврзано со глаголската придавка „градено“. Може да произлегува и од именката „град“ или од старословенскиот збор „граждани“. Ова име, исто така, може да означува и природно оградено, заградено место со планини и езера.[4][5][6]

Од 1928, еленизираното име на ова село гласи Врондеро.[7]

Географија и местоположба

уреди

Граждено се наоѓа во Егејска Македонија, во реонот Мала Преспа, леринската околија. Тоа е сместено до албанската граница, лежи на 1.090 метри надморска височина и е оддалечено 15 км од бреговите на Големото Преспанско Езеро и 4 км од Малото Преспанско Езеро. Атарот на селото зафаќа површина од 24 км2. Во составот на гражданската општина влегува и селото Трново.[8]

Преку Глабоки-долско поле селото се граничи со Орово. Понатаму главниот пат поминува низ Винени и ги одвојува бреговите на двете преспански езера, и продолжува кон граничниот појас. Преку западните планински прооди ова село се поврзува со Корча. Исто така, на западниот дел од селото се наоѓаат преодни ридови кои водат кон селото Церје, Албанија. На југ се наоѓа ридскиот пат преку Трновските Скали кој води кон Трново. На исток, селото е поврзано со Дробитишта.[8]

Од сите страни природно е заштитено со планини, висини и езера. Околу него, повеќе врвови се спуштаат и ги создаваат селските ридски полувисини. Од источната страна на селскиот атар допираат падините на Осој, додека од западната страна планинските врвови постепено опаѓаат и истите се претвораат во плодна рамнина. Од вакви рамнини и полувисини е создадено гражданското и оровското поле.[8]

Топонимија

уреди

Ова е список на позначајните топоними во Граждано и околината:[9]

Историја

уреди

Се смета дека оваа населба настанала во средниот век од пребеганите жители на градот Преспа. Ова село се наоѓа во непосредна близина на средновековната населба Драгуница.

По пат на откуп, во 1860, бил откупен гражданскиот чифлик од Илиет-паша. Во откупот учествувале следните жители од Граждено: Ристо Прогун кој го откупил долниот дел од селото со неколку полски и ридски ниви и со две куќи, а горниот дел бил откупен од Најдо Костовски, со голем дел на ниви за орање и една куќа. Уште два поголеми дела од имотот купиле Никола Кочовски и Рале Ралевски. Исто така, со помали делови од имотот се здобиле Стерјо Марковски и Никола Несторовски. Во наредните години уште неколку луѓе се решиле да откупат земјиште околу граждено и во околните села, па така, во 1880 година, во Граждено останало уште само едно турско семејство.[10]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Граждино се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 51 куќа.[11]

Илинденско востание

уреди

Пред илинденското востание, жителите на Граждено располагале со 55 пушки.[12] Со почетокот на востанието, револуционерните чети на Преспа го нападнале турскиот аскер во Наколец. По неколку неуспешни борби, Горското начелство наредило месното население, заедно со револуционерните чети, од селата Граждено, Орово, Церје и Дробитишта да се повлечат во скривниците на Осо Планина. По оваа наредба во Граждено останала само селската востаничка полиција, која броела повеќе од 50 востаници, а со нејзе раководеле Тасе Јанковски и Најдо Костовски.[13][14]

На 25 септември, 1903, здружените востанички сили на Мала Преспа, предводени од Ангел Доневски, го нападнале арнаутското село Церје. Откако биле одбиени од турскиот аскер, турските воени формации започнале да напредуваат преку Ракицко кон Граждено. По претходната наредба, цивилното население веќе било повлечено на Осо планина. За одбрана на селото, од востаничкиот комитет, бил задолжен попот Петре Василовски. И покрај добрата организација на востаниците, многубројната турска војска успеала да ги порази и да го опустоши селото.[13]

Во текот на илинденскотот востание од Граждено учествувале вкупно 95 лица. Исто така, имало 8 граждански жртви во востанието и повеќе жители биле прогонети.[15]

Прва светска војна

уреди

Во текот на Првата светска војна, повеќе жители од Граждено се вратиле од САД за да се приклучат во комитското движење. Во овој период, меѓу најпознатите војводи во Преспа бил Петре Доневски кој имал своја мрежа на дејствување во Нивици и Стење.[16][17] Поради неговиот прогон, српскиот платеник Јован Бабунски ги ограбувал и пустошел селата, меѓу кои и Граждено. За да му се стави крај на комитското движење во Долна и Мала Преспа, француските власти наредиле да се исели пограничното население. За овој настан Танас Костовски во својот бележник напишал:

Ни наредија на 27 јуни 1916 година, да го напуштиме селото и да заминеме во Винени. Со нас беа и жителите на Орово, Трно, Дробишта и Церје, додека жителите од Герман, Р’би, П’пли и Рудари беа сместени во Желево. Иселувањето беше присилно и бегавме заедно со добитокот. Под ведро небо останавме цели шест месеци.

Во овој временски период од Граждено починале повеќе од 70 деца.[18]

Втора светска војна

уреди

При мобилизацијата од страна на Грција, од Граждено биле испратени 38 лица[19] на италијанскиот фронт. Цивилното население од ова село изведувало повеќе работи кои биле поврзани со одбраната на Грција: копале ровови, окопи, правеле бункери и засолништа. Бидејќи се наоѓало помеѓу двете завојувани страни, на 29 август, 1940, им било наредено да се евакуираат за да се спасат од инвазијата на Италија. Населението најпрво престојувало две недели во селото Р’би, а потоа било преместено во Герман каде што останале подолг период. По протерувањето на италијанците од овој регион, во ноември 1940, гражденци се вратиле во родното село кое го начекале опустошено.[20]

Поради поволната географска положба и создадената револуционерна клима, во селото Граждено биле присутни повеќе прогресивни политички организации. Во 1941 од Лерин доаѓале партиски активисти во Преспа кои агитирале за КПГ. Од селските активисти со нив сораборувале: Митре Пројковски, Никола Василовски и Атанас Костовски. Кон крајот на 1943 во селото била прифатена и работата на АФЖ чие раководство го сочинувале Митра Несторовска, Вида Ристовска и Ристосија Ристовска. Истата година во Долна и Мала Преспа се појавиле и редовни партизански одреди од Вардарска Македонија кон чии редови се приклучиле 8 гражденци.[21]

Заминување на децата во Чехословачка

уреди

Организираното заминување на децата од Долна и Мала Преспа се одвивало преку граничниот појас Маркова Нога и за нивното иселување се грижел селскиот народен одбор. Децата од Граждено биле поделени во 8 групи и за секоја група била назначена повозрасна девојка т.н. „мајка“. Групирањето на децата се вршело според крвно сродство и секоја група се состоела од 18 до 25 деца, а децата биле од 2 до 14 годишна возраст. Првата група од ова село заминала на 7 март, 1948, додека втората група во која влегувале повозрасните деца тргнала на 8 март, 1948.[22] Двете групи се споиле во селото Нивици. За нив се грижеле „мајките“: Вера Ангеловска, Софија Василовска, Олга Јаневска, Менка Костовска, Доста Кочовска, Стефанка Маркојчина, Лефтерија Пројковска и Менка Ралевска. При преминувањето на граничниот премин кај месноста Маркова Нога, на југословенската граница, децата биле прифатени од учителот Лазо Ангеловски. При збогувањето, Лазо кон децата ги упатил зборовите:

Сега сте слободни, одовде па понатаму нов детски живот ќе живеете, живот далеку од нас, таму вие ќе бидете среќни и задоволни...

[23]

На 20 март 1948, преку Скопје, Белград, Будимпешта продолжиле кон Чехословачка каде истиот ден пристигнале во градот Микулов каде грижата за нив ја презеле чешките власти. Оттаму биле префрлени во детски дом во градот Уничов каде се школувале на мајчин јазик, а нивен учител бил Никола Стојановски од селото Герман.[24]

Бр. Одговорна „мајка“ Број на деца[25]
1 Ангеловска Вера 20
2 Василовска Софија 22
3 Маркојчина Стефанка 24
4 Јанетому Олга 22
5 Ралевска Менка 22
6 Кочовска Доста 25
7 Пројковска Лефтерија 23
8 Костовска Менка 22

Занимања на селаните

уреди

Земјоделството за гражденци била основна гранка бидејќи тоа претставувало главен извор на храна за селаните и за нивниот добиток. Покрај пченицата и јачменот се сеело и р’ж и овес. Земјата се обработувала со дрвено рало, влечено од волови. Ралото било составено од плаз, рачка, носач и железен плуг.[26] Жетвените култури биле вршени на селските гумна со помош на мазги и коњи. Пречистеното жито било складирано во амбари и претежно служело за исхрана на домашниот добиток и на семејствата.[27]

Без исклучок, сите гражденци се занимавале и со сточарство. Тие одгледувале крупен и ситен добиток. Бачилата биле сместени надвор од селото, а најмногу чувале кози и овци, особено поради тоа што атарот на селото изобилувал со храна. Преку зимата добитокот се чувал во трла направени во околијата на селото.[8]

Лозарството во селото била споредна гранка, односно култура. Таа немало некоја поголема традиција, па затоа и се одгледувале само некои избрани вински сорти кои успевале во тој регион. Лозови насади имало од јужната страна помеѓу Глабарците и Присо, а во помали количини имало и од источната страна на месноста Долга Јанча кои потоа преминувале на југ до самото селско светилиште „Св. Недела“. Од разните сорти на грозје, во Граждено се одгледувале само Релушино (црвено грозје) и Долга маска (бело грозје). Како и во повеќето села во Егејска Македонија, и во Граждено грозјето се користело за производство на вино и ракија за домашните потреби на селаните.[8]

Демографија

уреди

До 1860 г. селото постоело како турски чифлик во сопственост на Илиет-паша. По оваа година, чифликот бил постепено откупуван од повеќе семејства, така што веќе во 1880 г. селото било населено само со македонско население.

Година Население [28]
1880 480[29]
1900 276
1913 437
1920 418
1936 420
1949 507

Родови

уреди

Каде и да се иселени Македонците од селото Граждано се потомци на следните граждански родови:

  • Василовци или Петрејчинци се доселени од селото Рмби;
  • Гесковци се доселени од Л’нки;
  • Дробитци се доселени од селото Дробитишча;
  • Доневци или Ангеловци или Калиновци се доселени од Дреново;
  • Јанковци доселени од Орово;
  • Јанетому доселени од селото Трново;
  • Кочовци, Костадиновци, Костовци доселени од Штрково;
  • Несторовци и Огненовци доселени од Л’нки;
  • Петревци доселени од селото Дробитишча;
  • Ралевци, Секуловци, Маркојчинци или Мушкинци доселени од селото Рмби;
  • Трпчевци доселени од селото Штрково;
  • Пројковци се доселени од селото Орово;
  • Ристовци се доселени од Прогун во Албанија.

Културни и природни знаменитости

уреди

Топоними

уреди

Гражденци, низ вековите, на секое поголемо и помало место му давале име. Тие места биле нарекувани по географската конфигурација на теренот, по нивниот изглед, растенија, животински свет, од историски настани и друго. Сите овие имиња имаа старословенска, односно македонска јазична основа. Подолу се наведени неколку примери кои го отскилуваат начинот на именување.[30]

  • Алтењето: место кое се наоѓа на западниот планински венец на селото. Името потекнува од турскиот збор „алтан“ што значи жолто, златно;
  • Асанско Ридче: го носи името на сопственикот;
  • Белиот Камен: името произлегува од изгледот на каменот кој се наоѓа на местото;
  • Бумбината: во 1945 на ова место биле пронајдено повеќе бомби, па од тогаш селаните му го дале ова име;
  • Д’лгата нива: наречена по нејзиниот долг изглед;
  • Главчината: наречено по околните планини и нивните височини кои наликуваат на повеќе помали глави;
  • Гољо Рид: поради неговата покриеност само со трева, без други растенија;
  • Гумништата: на ова место во турксиот период на владеење се наоѓале селските гумна;
  • Дерла: името потекнува од занимањето на селаните во овој дел. Тие се занимавале со дерење на добиток;
  • Кривиот пат: пат со многу свиоци.

Куќи и покуќнина

уреди

Куќите во селото претежно биле градени на кат. Катот бил наменет за луѓето, додека во долниот дел на куќата се наоѓал подрумот каде биле сместени сандаците со храна. До подрумот се наоѓал простор наменет за сместување на голмиот добиток. Неколку куќи имале и тераси кои биле потпрени до греди. За белење на куќите се користело вар со оглед на тоа што надвор од селото постоеле повеќе варници.

Покуќнината на жителите на Граждено се состоела од разни домашни садови изработени од метал, земја, дрво и порцелан. Тие се разликувале по нивната големина, боја и надворешен изглед. За готвење се користеле посебни тенџериња. Земјените грна биле употребувани за варење на грав и леќа. Тепсијата била наменета за печење на благи и солени јадења, а по потреба одозгора се покривала со метален сач. Подготвеното јадење се служело во посебни тави од порцелан. Како помошен предмет при исхрана се користеле метални лажици и виљушки.

Секое домаќинство имало и долап кој служел за печење на кафе и за приготвување на пуканки. Во средниот дел на долапот бил вграден ражен кој служел за печење на месо.

Облеката селаните ја чувале во посебни дрвени сандаци. Просториите во куќата се осветлувале со помош на огништето, кандило или ламба, а како средство за осветлување се употребувала борината.[31]

Народна носија

уреди

Народната носија на жителите од Граждено многу не се разликувала од народната носија од другите преспански села.[32] Повеќето од нив, до Првата светска војна носеле волнени или платнени алишта. Жените својата носија претежно самите ја везеле и ја изработувале, а ткаенините самите ги боеле со бои кои ги добивале преку варење на повеќе растенија. Така тие добивале црвена и сина боја, како и други бои. По првата светска војна, благодарејќи на печалбарството, постепено мажите започнале да се откажуваат од народната носија, додека, пак, жените уште одреден период продолжиле да ја носат. Конечно, по граѓанската војна во Грција, народните носии биле потполно отфрлени од употреба.[33]

Машка народна носија

уреди

Составните елементи на машката народна носија биле: долги гаќи, платнена долга кошула, напред отворена и со долги ракави. На главата, мажите носеле капа со црвена лента, на телото џелетка, шајакни, а зимно време носеле кожно палто и волнени чорапи.[33]

Претежно мажите во урбанизирани средини се облекувале на едноставен начин, така што тие помеѓу двете светски војни започнале да носат кошула со јака, шапка, вратоврска, палто и панталони од штоф и чевли.[33]

Женкса народна носија

уреди

Главните елементи на женската народна носија биле: шегун, ресачка, бела долга платнена кошула, кусаче, шајак без ракави, гушники волнени чорапи. Фустанот, т.н. шегун, бил прицврстуван за половината на телото со платнен метал, сребро и злато. Определувајќи се по возраста, жените во Граждено носеле и различен накит. Најмногу носеле белезгии, обетки, прстени, украсни џуџулиња, пафти, жапчиња, птици и китки од монистра. Своите стапала ги покривале со местиња.

Жените, со мали исклучоци, продолжиле и понатаму да ги носат селските фустани и долгите бели кошули.[34]

Иселеништво

уреди

Познати личности од селото

уреди

Наводи

уреди
  1. „Попис на населението од 2021 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Γκράσδενι - Βροντερόν
  3. Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 149.
  4. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 18-19
  5. Д-р Тодор Христов, Населените места во Егејска Македонија, Скопје, 1998, стр. 49
  6. Theophylacti opera IV, стол. 529
  7. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 19
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 15-18
  9. 9,0 9,1 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа: местоположба, историски развој и минато (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 370–372. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  10. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 62
  11. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 16.
  12. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 58
  13. 13,0 13,1 Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 69
  14. С. И. Веркович, Топографическо - етнографическии орочек Македонии, С. Петерсбург, 1889, стр. 220-232
  15. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 71-72
  16. Христо Ристовски, Револуционерната активност на Петре Ангеловски, Скопје, 1985, стр. 191-197
  17. Историја на СР Македонија, XX век бр.2
  18. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 78-82
  19. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 97
  20. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 95
  21. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 98-103
  22. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 106
  23. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 107
  24. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 108
  25. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001. Именик на децата кои биле пренесени, одделно по групи на секоја од „мајките“ стр. 114-123
  26. Никола Кичевски, Трсје и Трсјани, Скопје, 1998, стр. 43-52
  27. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 21
  28. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 19-20
  29. Христо Ристовски и Гоче Дробицки, Граждено 1949. Издал: Здружение на дела бегалци од егејскиот дел на Македонија, Скопје, 2001, стр. 62
  30. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 25-36
  31. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 54-55
  32. Томе Миовски, Орово и оровчани во минатото, Скопје, 1988, стр. 19-26
  33. 33,0 33,1 33,2 Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 48
  34. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001, стр. 59
  35. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001. Детален список на гражденци кои живеат во Чешка стр. 139-140
  36. Христо Ристовски, Гоче Дробицки: Граждено:1949. Издадено од „Здружение на деца бегалци од егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 2001. Детален список на гражденци кои живеат во Австралија стр. 141

Користена литература

уреди
  • Д-р Ристо Кирјазовски и Фани Буцков, Егејска Македонија во НОВ, 1948, том В, Скопје, 1981;
  • Христо Ристовски, Напредното учителство во Македонија, претсмртното писмо на Лазо Ангеловски, Скопје, 1995, стр. 181-284;
  • Христо Ристовски, Лазо Ангеловски, учител и револуционер, Скопје, 2000;
  • Стојан Киселиновски, Грчката колонизација во Егејска Македонија, 1913-1944, Скопје, 1984, стр. 74-94.