Глаголска придавка
Глаголската придавка претставува проста, нелична глаголска форма. Глаголските придавки имаат форми за сите три рода и во еднина и во множина и подлежат на членување. Тоа ги прави слични со придавките. Но, според значењето и службата некогаш се поблиску до глаголите. Од ова може да се заклучи дека глаголската придавка има одлики и на глаголот и на придавката.
Формите на глаголската придавка се образуваат со наставките -н, -на, -но, -ни и -т, -та, -то, -ти. Наставката -т е карактеристична за глаголските придавки образувани од глаголи чиј општ дел завршува на н (стане - станат, станата, станато, станати; викне - викнат, викната, викнато, викнати итн.).
Од некои глаголи се образуваат и по две глаголски придавки, со чијашто различна форма се искажуваат разлики во опфатеноста на дејството или признакот. Така на пример од глаголот бере имаме берен и бран; од пере - перен и пран итн.
Она што е карактеристично за глаголската придавка, а кое впрочем е една од одликите на македонскиот јазик е нејзината употреба при градењето на глаголски конструкции со помошните глаголи сум и има/нема. Примери: Дојдени сте на прослава; Бевте дојдени на прославата; Тие сигурно имаат дојдено од прослава; Ти ми имаш раскажувано за тоа итн.