Транквило Барнета

Транквило Барнета (роден на 22 мај 1985 година во Санкт Гален) — швајцарски фудбалер со италијанско потекло (од Прато)[2], играч од средниот ред на Шалке 04 во Бундеслигата и на швајцарската репрезентација.

Транквило Барнета
Лични податоци
Полно име Транквило Барнета[1]
Роден на 22 мај 1985(1985-05-22)(38 г.)
Роден во Санкт Гален, Швајцарија
Држава Швајцарија Швајцарија
Висина &100000000000001780000001,78 м
Позиција среден ред
Клупски податоци
Сегашен клуб Филаделфија Јунион Филаделфија Јунион
Број 85
Агент Германија Волфганг Веге
Младинска кариера
Ротмотен Ст. Гален
Ст. Гален Ст. Гален
Кариера*
Години Клуб Наст. (Гол.)
2002–2004 Ст. Гален Ст. Гален 60 (12)
2004-2012 Бајер Леверкузен Бајер Леверкузен 187 (23)
2004–2005Хановер 96 Хановер 96 7 (2)
2012-2015 Шалке 04 Шалке 04 44 (3)
2013-2014Ајнтрахт Франкфурт Ајнтрахт Франкфурт 22 (1)
2015- Филаделфија Јунион Филаделфија Јунион 3 (0)
Репрезентација
2002-2003 Швајцарија Швајцарија 17 8 (0)
2003-2004 Швајцарија Швајцарија 19 5 (0)
2004-2005 Швајцарија Швајцарија 21 10 (2)
2004- Швајцарија Швајцарија 74 (10)
*Настапи и голови само на првенствени натпревари, според податок од 3 јули 2012
‡ Настапи и голови за репрезентација, според податок од 3 јули 2012

Неговиот прекар е Барни (Barney) и е изведен од неговото презиме.

Технички одлики уреди

Барнета е поливалентен играч од средниот ред; најчесто игра како лево крило, но може да игра и десно, а и на позицијата внатрешен играч за врска со офанзивни задачи. Познат е по својата "екстремна брзина, подвижност и креативност".

Клупска кариера уреди

Почетоците во Санкт Гален уреди

Барнета е роден во Санкт Гален и научил да игра фудбал во еден мал клуб од оваа област, Ротмотен. Неговиот талент бил увиден рано, па тој наскоро се преселил во ФК Санкт Гален. Таму ја започнал својата професионална кариера во 2002 година и уште како 17-годишник се изборил за место во почетната постава. Во две сезони во Ст. Гален, одиграл 60 натпревари и постигнал 12 гола.

Баер Леверкузен уреди

Пред почетокот на сезоната 2004-05, Барнета се преселил во германскиот прволигаш Баер Леверкузен.[3] Меѓутоа со оглед на тоа што бил многу млад (19 години), за првата сезона тој бил испратен на заем во Хановер 96 со цел да се здобие со искуство од играње на натпревари во Бундеслигата. Своето деби во Бундеслигата го направил на 18 септември 2004, влегувајќи од клупата за резерви на местото на Леандро во поразот со 3-0 на гости против Вердер Бремен. Својот прв гол во Бундеслигата го постигнал во седмото коло од сезоната на гостувањето против Ханза во победата со 3-1; голот го постигнал со глава по нафрлената топка на Михаел Тарнат. Тоа воедно бил и неговиот прв старт во почетниот состав за сезоната. Сепак, поради повреда тој запишал само седум настапи, во кој постигнал два гола.

Пред почетокот на сезоната 2005-06 Барнета се вратил во Баер Леверкузен. Тој го добил дресот со број 7, кој бил испразнет со заминувањето на Робсон Понте, и кој ќе стане негов заштитен знак во следните години додека настапува за Баер Леверкузен. Својот деби настап во дресот на фармацевтите го направил во првото коло од сезоната против Ајнтрахт Франкфурт, појавувајќи се од клупата за резерви во завршницата од натпреварот на местото на Пол Фраер во победата со 4-1. На 15 октомври 2005, Барнета го постигнал првиот гол во црвено-црниот дрес во поразот од Мајнц со 3-1, само четири минути подоцна од како влегол во игра на местото на Симон Ролфес во 75-тата минута. Со своите шест гола и седум асистенции во оваа сезона, тој бил еден од најголемите протагонисти во својот тим, и дал голем придонес за поправување на резултатите во вториот дел од сезоната и напредок до 5. место кое го води клубот во Купот на УЕФА.

Во следната сезона, иако имал многу послаби бројки; само еден гол и две асистенции, тој сè уште бил стандарден првотимец и одиграл 30 натпревари од кои 26 како стартер.

Сезоната 2007-08 била една од најдобрите во неговата кариера. Играчот од средниот ред постигнал 6 гола во Бундеслигата; на гостувањата против Нирнберг (победа 2-1), Волфсбург (победа 2-1), Херта (победа 3-0), Вердер (пораз 5-2) и Дујсбург (пораз 3-2) и на домашен терен против неговиот поранешен тим Хановер (победа 2-0). Покрај тоа, тој постигнал еден гол и во Купот на УЕФА во убедливата победа на гостувањето против Цирих со 5-0 на 19 декември 2007, а тој натпревар бил посебен за него поради тоа што за првпат излегол на терен со капитенската лента на клубот. Со 23 години и 6 месеци, Барнета станал еден од најмладите капитени во историјата на Баер Леверкузен. Сезоната ја завршил со вкупно 44 настапи во сите конкуренции и 7 постигнати гола.

За сезоната 2008-09 во Леверкузен, дошле двајца одлични играчи од средниот ред како Ренато Аугусто и Тони Крос, со цел да се поправи слабото 7. место од претходната сезона. Меѓутоа Барнета и во својата четврта сезона во клубот останал стандарден првотимец на позицијата лево крило; постигнал 4 гола во Бундеслигата против Хофенхајм (победа 2-1), Волфсбург (победа 2-0) и Вередер (1-1) на Бај Арена и на гостувањето против Хамбургер (пораз 3-2). Баер Леверкузен ја завршил сезоната на разочарувачкото 9. место, но биле финалисти на Купот на Германија, каде загубиле со 1-0 од Вердер. Барнета играл во секој натпревар од купот па и во самото финале, а постигнал и еден гол во четврт-финалето против Баерн Минхен за победата со 4-2. Сезоната ја завршил со 37 настапи и 5 гола.

Во неговата петта сезона во клубот (2009-10), се појавил во игра во 32 натпревари од Бундеслигата и постигнал 4 гола против екипите на Фрајбург (два гола; победа 5-0), Мајнц (победа 4-2) и Хофенхајм (победа 3-0). Почнувајќи како стартер во 31 натпревар, Барнета дал огроме придонес за освојувањето на 4. место со само 2 бода помалку од третото место кое води во Лигата на шампионите. На 17 април 2010 во натпреварот против Штутгарт, за првпат во својата професионална кариера бил исклучен, поради добивање на два жолти картони за само 3 минути; првиот во 16-тата, а вториот во 19-тата минута. Барнета играл и во двата натпрвари од Купот на Германија на Баер во оваа сезона.

Сезоната 2010-11, Барнета повторно ја започнал како првотимец, но набргу по почетокот на втората половина од сезоната, во пријателски натпревар го повредил медијалниот менискус на десното колено кое го извадило од акција за 8 недели.[4] Во 27-мото коло од Бундеслигата, тој се вратил на терен влегувајќи на местото на Ренато Аугусто за последните 2 минути од натпреварот. До крајот на сезоната тој одново бил стандарден и не пропуштил ниту еден натпревар, а сезоната ја завршил со два постигнати гола и двата пред повредата: против Борусија Дортмунд (победа 2-0) во август и против Келн (победа 3-2) во декември. Вкупно одиграл 25 натпревари во сезоната.

Пред почетокот на сезоната 2011-12, Барнета повторно се повредил овојпат ги скинал мускулните лигаменти. Поради таа причина го пропуштил најголемиот дел од сезоната, до март 2012 година. На 24 март 2012 година, тој го направил своето враќање, влегувајќи од клупата за резерви во 71-вата минута од натпреварот против Шалке 04 на местото на Андре Ширле. Тој одиграл само 7 натпревари во Бундеслигата и оваа сезона била прва за него во клубот во која не успеал да постигне ниту еден гол, но имал две асистенции. Со оглед на тоа што договорот му важел до 30 јуни 2012 година и не дошло до продолжување на истиот оваа сезона се покажала последна за Барнета во Баер; тој го напуштил Леверкузен после осум години.[5]

Шалке 04 уреди

Иако постоел интерес за Барнета од некој клубови надвор од Германија, пред сè Њукасл Јунајтед[6] и Јувентус,[7] сепак тој решил да остане во Бундеслигата и во текот на летото 2012 година му се приклучил на Шалке 04.[8] Тој потпишал тригодишен договор со клубот во вредност до 30 јуни 2015.[9] Откако го комплетирал својот трансфер, Барнета го избрал дресот со број 27, претходно носен од Сиприан Деац. При неговото претставување на навивачите изјава дал генералниот менаџер на Шалке, Хорст Хелд кој рекол:

"Ние сме се среќни што Транквило одлучи да ни се приклучи." Тој има огромни квалитети и е многу флексибилен, а тоа го покажа во Баер Леверкузен, како и во швајцарската репрезентација. Исто така, имавме шанса да го доведеме со слободен трансфер."[10]

Меѓутоа и покрај тоа што дошол како големо засилување, првата сезона беше за Барнета во Шалке 04 била незадоволителна. Тој не ги прикажал перформансите од Леверкузен, иако забележал 21 настап во Бундеслигата, само двапати бил во почетните единаесет и само во еден натпреварги одиграл сите 90 минути. Во ниту едно од трите натпреварувања во кој учествувал Шалке, тој не успеал да постигне гол, забележувајќи само една асистенција во Бундеслигата. Со оглед и на силната конкуренцијата од играчи како искусниот Џеферсон Фарфан и младите Луис Холтби и Јулијан Дракслер, тој не можел да се здобие со место во почетниот тим и паднал под очекувањата.

Позајмица во Ајнтрахт Франкфурт уреди

Откако испаднал од плановите на тренерот Јенс Келер, Барнета бил испратен на заем во Ајнтрахт Франкфурт на 2 септември 2013.[11] Така, Ајнтрахт станал четвртиот различен клуб од Бундеслигата за кој Барнета настапувал. Тој направил 22 настапи во Бундеслигата од кој 20 како стартер и постигнал еден гол на 23 март 2014 во победата со 5-2 на гости против Нирнберг. Одиграл солидна сезона и со тоа му помогнал на клубот да избори опстанок во лигата.

Враќање во Шалке 04 уреди

По една успешна година за Барнета во Ајнтрахт пред почетокот на сезоната 2014-15, тој се вратил во Шалке 04. На 23 септември 2014, на гостувањето кај Вердер Бремен тој го постигнал својот прв гол во дресот на Шалке, поставувајќи ги конечните 3-0 во 85-тата минута.[12] Сепак, тој имал само периферна улога во почетокот на сезоната, но во октомври кога Келер бил отпуштен и заменет со Роберто Ди Матео добил повеќе простор за игра. На 29 ноември 2014, тој го постигнал својот втор гол во сезоната во победата над Мајнц со 4-1 на домашен терен, а веќе во следното коло во натпреварот против Штутгарт тој имал огромен придонес за победата со 4-0 со три асистенции. Третиот гол за сезоната го постигнал во победата над Борусија Менхенгладбах со 1-0 на домашен терен.

Филаделфија Јунион уреди

На 29 јули 2015, Барнета потпишал за екипата на Филаделфија Јунион. Своето деби во МЛС го направил на 2 август, во поразот на неговиот тим на домашен терен од Њујорк Ред Булс со 1-3.

Репрезентативна кариера уреди

 
Барнета во двобој со Мајкон во пријателскиот натпревар против Бразил во 2006 година.

Барнета бил репрезентативец на швајцарската репрезентација под 17 години која триумфирала на Европско првенство во 2002 година, заедно со идните соиграчи од сениорската репрезентација Филип Сендерос и Рето Циглер.[13]

Својот прв повик во сениорската репрезентација го заработил во 2004 година, кога бил вклучен во групата од 23 играчи за Евро 2004, како замена за повредниот Јохан Лонфат, меѓутоа не одиграл ниту еден натпревар на првенството. Набргѕ потоа во септември истата година, Барнета го направил своето деби во репрезентаривниот дрес против Ирска на Сент Јакоб Парк, во квалификациите за Светското првенство 2006.

Барнета бил повикан за Светското првенство 2006 и ги одиграл сите натпревари на својата репрезентација од почеток до крај. Во вториот натпревар од групната фаза, Барнета го постигнал својот прв гол за швајцарската репрезентација за да ја завери победата над Того со 2-0 во 88-мата минута.[14] Во осминафиналето, тој беше еден од тројцата швајцарски репрезентативци кој промашија пенал во серијата против Украина, по што Швајцарија загуби со 3-0, откако по 120 минути игра натпреварот завршил 0-0. Тој бил во потесниот избор за наградата за најдобар млад играч на турнирот, но таа сепак му припаднала на Лукас Подолски.

Тој бил повикан и за Евро 2008 каде одиграл 3 натпревари и бил постојано присутен во квалификациите за Светското првенство 2010 каде швајцарската репрезентација обезбедила место со освојувањето на врвот во нивната група.[15]

На 4 јуни 2011 година, постигна два гола од слободен удар против Англија во квалификациите за Евро 2012.[16] Барнета бил повикан да ја претставува Швајцарија и на Светското првенство 2014 во Бразил, но тој не одиграл ниту еден натпревар.[17][18]

Титули уреди

  Репрезентација уреди

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. „2014 FIFA World Cup Brazil: List of Players“ (PDF). FIFA. 11 June 2014. стр. 30. Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-08-06. Посетено на 25 June 2014.
  2. swissinfo.ch, уред. (6 март 2008). „Tranquillo Barnetta“. Посетено на 29 ноември 2014.
  3. Bayer sichert sich Barnettas Dienste
  4. Tranquillo Barnetta injured for several weeks
  5. Tranquillo Barnetta verlässt Bayer 04
  6. Newcastle eye free agent Tranquillo Barnetta
  7. Juventus, Tranquillo Barnetta ancora tra gli obiettivi di mercato[мртва врска]
  8. Schalke 04 Sign Tranquillo Barnetta
  9. „FC Schalke 04 verpflichtet Tranquillo Barnetta“. Архивирано од изворникот на 2012-07-04. Посетено на 2014-12-29.
  10. „Barnetta swaps Leverkusen for Schalke“. uefa.com. 3 July 2012. Посетено на 29 December 2014.
  11. „Eintracht Frankfurt leiht Tranquillo Barnetta aus“. Архивирано од изворникот на 2014-08-11. Посетено на 2014-12-29.
  12. „Erster Dreier! S04 besiegt Bremen 3:0“. Архивирано од изворникот на 2014-12-10. Посетено на 2014-12-29.
  13. Tschoumy, Renaud (10 November 2009). „Les «Rouge» admirent les «Rougets»“. Le Matin (француски).
  14. „Ice-cool Barnetta soothes Swiss nerves“. fifa.com. 16 June 2006. Архивирано од изворникот на 2012-11-07. Посетено на 2014-12-29.
  15. „Swiss duo riding high“. fifa.com. 21 October 2009. Архивирано од изворникот на 2012-11-07. Посетено на 2014-12-29.
  16. White, Duncan (4 June 2011). „England 2 Switzerland 2: match report“. Telegraph. Посетено на 3 July 2012.
  17. „Profile: Tranquillo BARNETTA“. Fifa.com. 2014. Архивирано од изворникот на 2014-08-17. Посетено на 6 August 2014.
  18. „World Cup 2014 squads: Switzerland name final 23“. SB Nation. 13 May 2014. Посетено на 6 August 2014.