Народноослободителен фронт

(Пренасочено од СНОФ)

Народноослободителен фронт (НОФ) — политичка и воена организација на Македонците од Егејска Македонија (Грција). Организацијата е активна во периодот 1945-1949, односно непосредно пред и за време на Граѓанската војна во Грција.

Народноослободителен фронт
(НОФ)
Група Македонки, учеснички во Граѓанската војна во Грција на страната на ДАГ
Активна1945–1949
ЗемјаГрција
Видвоено-политичка организација
БиткиГраѓанска војна во Грција, Егејска Македонија, Тесалија, Атика

Заднина

Окупацијата на Македонија

Откако Грција во 1941 е окупирана од Италија, Германија и Бугарија, на територијата на Северна Грција се формираат неколку организации на отпорот. Некои од нив се борат против фашистичките окупатори, како ЕДЕС (десничарска организација предводена од Наполеон Зервас), додека други се колаборационистички - но заедничко за сите нив е што сите го напаѓаат недолжното македонско население во северна Грција[1], гледајќи ги Македонците како потенцијална опасност. Овој терор е продолжение на теророт за време на режимот на Метаксас[2], но со многу поѕверски средства.

 
Погубување на етнички Македонци.

Тука е и ЕЛАС, партизанска војска водена од Комунистичката партија на Грција (КПГ). Иако ЕЛАС во неколку наврати навлегува во македонските села и врши присилна мобилизација, Македонците ја симпатизираат заради попозитивниот став на КПГ кон етничките малцинства во Грција[3].

Најзлосторната вооружена група која врши репресалии над Македонците е колаборационистичката „Тагмата Асфалиас“ (Баталјони за сигурност), која обвинувајќи ги за автономисти, буквално врши физичко истребување на македонското население во западна Егејска Македонија. Конфискации, силувања на девојки и погубувања извршени од страна на тагматистите се секојдневна појава за Македонците[4].

СНОФ

КПГ отпрвин се плаши на Македонците да им дозволи да формираат своја организација, но откако увидува дека незадоволството на Македонците расте, како и заради опасноста од појавување на македонски про-германски организации, како Охраната, КПГ најпосле се согласува.

 
Македонци партизани од Егејскиот дел на Македонија.

Првата македонска воена организација, Словено-Македонски народноослободителен фронт (СНОФ) е формирана во 1943 година од страна на етнички Македонци членови на КПГ. Пред формирањето на СНОФ, дел од Македонците од Грција војуваат во Народно-ослободителната Армија на Грција (ЕЛАС)[5]. Првата цел на СНОФ е да ја добие поддршка на целото македонско население и преку СНОФ да го мобилизира во Грчкиот Антифашистички Фронт (ЕАМ)[6]. Исто така СНОФ се бори против активноста на Охраната во западна Егејска Македонија[7]. Откако вооружениот состав нараснува, единиците на СНОФ започнуваат да водат битки против фашистичкиот окупатор во северна Грција, соработувајќи притоа со КПГ.

За тоа време, СНОФ печати свој весник, а Македонците прават обиди да организираат настава и печатење на книги на македонски јазик[8]. Но сето тоа се осуетува со доаѓањето на крајот на Народноослободителната војна во Грција и на Британската интервенција. Малку пред крајот на војната, во мај 1944 година, стравувајќи дека Македонците ќе создадат силна војска, која би била важен фактор во северна Грција, ЦК на КПГ издава наредба за расформирање и разоружување на СНОФ. Незадоволни од решението на КПГ за расформирање на македонските баталјони, некои од командантите на СНОФ, предводени од Павле Раковски и Вангел Ајановски - Оче, заедно со цели баталјони преминуваат во Вардарска Македонија. Тука тие учествуваат во завршните операции на Народноослободителната војна во Вардарска Македонија, а потоа од страна на Лазар Колишевски се пратени на Сремскиот фронт[9].

НОФ

Формирање на НОФ

 
Вооружени Македонци од Воденско, организирани во НОФ, 1946.

По ослободувањето на Грција и потпишувањето на Договорот од Варкиза за разоружување на ЕЛАС, почнува да излегува на површина тензијата меѓу левите сили и владата поддржана од Велика Британија околу прашањето за власта во повоена Грција. Поради дијаметрално спротивните позиции на двете страни, нема никакви знаци за постигнување на консензус за политичка стабилизација на државата. Демократските леви сили се изолирани од процесот, а владата во Атина, поддржана од британската интервенција, ја презема целата власт за себе. Откако ЕЛАС се разоружува и демобилизира, КПГ и демократските сили ја држат линијата за политичка борба во рамките на демократските институции[10], без притоа да спомнува можноста за вооружена пресметка.

Додека КПГ се обидува да оствари дел од своите цели во рамките на политичкиот дијалог, во Северна Грција се активираат десничарски банди, потпомогнати од владини сили кои го тероризираат етничкото македонско население, обвинувајќи го за автономистичка и сепаратистичка дејност. Иако за време на окупацијата „Баталјоните за сигурност“ (Тагмата Асфалиас) се соработници со фашистите, британската интервенција и грчката влада не ги расформираат, ниту ги гонат, туку напротив ги искористуваат како орудие за борба против левичарите и етничките малцинства. Така на пример ЕДЕС на Наполеон Зервас потпомогнат од единици на Тагмата вршат геноцид и егзодус на етничкото албанско население во јужен Епир и Чамерија. Истото го прават во повеќе македонски села во Костурско и Воденско.

 
Уставот на НОФ.

Гледајќи дека КПГ се ориентира кон борба со политички средства и не можејќи да го трпи секојдневниот терор и понижување, Македонците од Воден, Костур и Лерин го формираат Народноослободителниот фронт (НОФ). НОФ е формиран на 23 април 1945 година од страна на Михајло Керамитчиев, Паскал Митревски, Георги Урдов, Атанас Коровешов, Павле Раковски и Минчо Фотев. Според првиот устав, цели на НОФ се: борба против грчките монархофашистички агресори, борба за демократија и слободна грчка република и борба за физички опстанок на Македонците во Грција.[11]

Први акции

 
Млади Македонци од Костурското село Бапчор во редовите на НОФ.

Отпрвин делувањето на НОФ се ограничува само на организирање на штрајкови, протести на улиците, фабриките, публикување на нелегални весници и памфлети, но наскоро создаваат и вооружени чети. Непосредно пред формирањето на НОФ, Вангел Ајановски - Оче со дел од соборците кои се враќаат живи од Сремскиот фронт, се префрла илегално во Воден и таму ја формира Тајната Ослободителна Македонска Организација (ТОМО) со две вооружени чети. По создавањето на НОФ, ТОМО се приклучува кон првите и вооружените сили се обединуваат. Македонските членови на КПГ и борците од Егејската ударна бригада од бившиот СНОФ кои во 1944 година се префрлаат во Вардарска Македонија, сега почнуваат да се враќаат во нивните родни места во Северна Грција и влегуваат во редовите на НОФ. Во 1945 НОФ располага со 12 вооружени чети во Костурско, 7 во Леринско и 11 во Воденско и Ениџевардарско.[12] Овие чети патролираат по селата и нивна основна цел е да го заштитуваат невиното население. Од средината до крајот на 1945 овие групи водат 30 битки со монархофашистички патроли. Најголемата од нив се случува во близина на паланката Меглен, кога конвој кој превезува политички затвореници е нападнат од сили на НОФ. 14 владини војници се убиени, 9 заробени и сите затвореници (Македонци и Понтијци) се ослободени[13].

Во некои воденски села, дури и Понтијци стануваат членови на комитетите на НОФ. Во Костурско пак многу Власи се вклучуваат во НОФ, паралелно со Македонците[14]. Отпрвин постои отворен конфликт меѓу КПГ и НОФ. КПГ верува во позитивниот исходот од една политичка дискусија и сака НОФ да се разоружи и КПГ да продолжи со преговори. НОФ пак инсистира на вооружена пресметка со монархофашистите. Раководителите на НОФ знаат дека владата во Атина нема да го исполни нејзиниот дел од Договорот во Варкиза, додека пак Никос Захаријадис сѐ уште верува дека има шанса за некаков договор со реакцијата[15]. Додека КПГ се реши за промена на стратегијата, т.е. за објавување на вооружено востание во 1946 година, НОФ веќе дејствува самостојно од КПГ, водејќи неколку битки против владините сили потпомогнати од Велика Британија. Де факто, НОФ е еден од факторите кои го стимулираат започнувањето на востанието на демократските леви сили против монархофашистичката влада. НОФ создава регионални и месни комитети во сите области населени со компактно македонско население (Леринско, Воденско, Мегленско, Ениџевардарско и Костурско).

Обединување на НОФ со Демократската Армија

 
Борци на НОФ од Леринско.

Кога НОФ се претвора во моќен фактор во Северна Грција, КПГ решава да започне преговори со нив. Преговорите се водат од страна на Михајло Керамитчиев и Паскал Митровски како претставници од НОФ, и Маркос Вафијадис како претставник на КПГ. Во меѓувреме додека траат преговорите по наредба на ЦК на КПГ, партизанските единици на територијата на Егејска Македонија, Тесалија и Пелопонез се обединуваат во единствена Демократска Армија на Грција (ДАГ), на чело со генерал Маркос.

Треба да се одбележи дека во Костурско и Воденско, бројот на вооружени лица на НОФ е 3 пати поголем од оној на партизаните од ДАГ. По близу 7 месеца непрекинати преговори, КПГ и НОФ, најпосле доаѓаат до договор за обединување. И на 21 ноември 1946 година, НОФ се обединува со ДАГ, предавајќи ја врховната команда на своите вооружени членови на Маркос Вафијадис. ДАГ на НОФ и го признава правото на социјална и политичка организација на сите Македонци во Грција. НОФ ќе го организира, обучува и просветува македонското население, и ќе се претвори во неисцрпен извор на војници Македонци за ДАГ.

За време на целиот конфликт, 60% од војниците во Демократската Армија се етнички Македонци. За сето тоа време НОФ и КПГ ја држат таканаречената „минималистичка позиција“ за решавање на прашањето на Македонците во Грција (рамноправност на македонскиот со грчкиот народ во рамките на една демократска Грција) и НОФ го осудуваат и се борат против секоја пројава на автономизам.

Граѓанска војна во Грција

Македонците и Граѓанската војна во Грција

 
Македонски коњаници - борци во Граѓанската војна во Грција.
 
Натпис на НОФ во село на Вич планина на два јазика.

Веднаш по обединувањето на НОФ со ДАГ, партизанските единици сместени во Костурско, ги напаѓаат владините сили во падините на Вич планина. По едномесечни борби, Вич планина е исчистена, а по еден месец е ослободена и Грамошта (Грамос) заедно со сите села таму. На овој начин во западна Егејска Македонија се формира првата слободна територија. Во понатамошните етапи од војната слободната територија се проширува во правец Лерин - Воден - Меглена. Голем број Македонци се испратени и да војуваат во Тесалија и дури во предградијата на Атина. Веднаш по средбата меѓу Керамитчиев и претставници од ДАГ, решено е во слободните територии да се отворат училишта на македонски јазик[16]. Почнуваат да се печатат книги и весници на македонски јазик, се организираат македонски театри, културни организации и др. Исто така, во рамките на НОФ, се организира организација на жените Македонки - АФЖ (Антифашистички фронт на жените) и младинска организација - ОНОМ (Организација на народноослободителната младина)[17].

Македонците се борат многу храбро во Граѓанската војна и даваат огромен придонес за победите на Демократската Армија[18]. Но наскоро се разгорува конфликтот меѓу Коминтерната и Југославија и врските меѓу ДАГ и СФРЈ се прекинати. Генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис ја прави најголемата грешка во конфликтот кога во 1948 година го разрешува генерал Маркос Вафијадис од должноста командант на ДАГ и на негово место се назначува себеси. Исто така ги распушта поважните воени команданти и на нивно место назначува партиски функционери без никаква воена обука[19]. Тактиката на Вафијадис во првите три години на конфликтот е многу успешна - герилски напади над монархофашистичките сили, со цел истоштување на владината армија.

 
Мало Македонче, борец во редовите на НОФ-ДАГ.

Македонците борци, кои го сочинуваат ’рбетот на ДАГ успешно ја извршуваат оваа задача и успеваат да ја бранат слободната територија во Северна Грција. Слободната територија во првите 3 години од конфликтот се проширува и започнува од Лерин, преку Тесалија сè до Атика, а има и ослободени територии во Пелопонез (кои не траат многу).

Вафијадис и ДАГ нанесувајќи им огромни жртви на монархофашистите, успева да создаде слободната територија која се протега по селата и планините, додека владините сили се изолирани само во градовите. Но Захаријадис започнува нова стратегија, која се покажува смртоносна за Демократското движење. Захаријадис наредува преминување од герилска во фронтална војна. ДАГ е неподготвена за таков обрт во таа фаза на војната. Згора на тоа, британската интервенција се заменува од американска, и Американците праќаат тенкови, авиони, артилерија и муниција. Имено заради отворената англо-американска помош во логистика, парични средства и тешка воена машинерија (тенкови, авиони и др.) за владините сили, како и заради раскинувањето на врските со Југославија од страна на ДАГ, доаѓа до пресврт во текот на војната[20].

Поразот на Демократската армија

 
Натпис на НОФ во Преспанско село.

Благодарение на лошата тактика на Захаријадис и на новопоставените команданти кои немаат никаква воена обука, како и под ударот на супериорно вооружената монархофашистичка армија, ДАГ почнува да ги губи ослободените територии и да се повлекува на север. Но иако лесно вооружени и имајќи само неколку полски топа, ДАГ (составена претежно од Македонци), се бори храбро за секоја педа земја.

Од обединувањето со ДАГ, во 1946, до крајот на војната НОФ ја држи минималистичката линија, т.е. борба за рамноправност на македонскиот народ со грчкиот во една демократска грчка република. Но, на 5-от Пленум на Комунистичката Партија на Грција, со цел да се мобилизираат повеќе Македонци во ДАГ, а и за да се даде признание за натчовечката храброст на Македонецот борец, на 31 јануари 1949 ЦК на КПГ се објавува за „максималистична линија“, т.е. кога ДАГ ќе ја преземе власта во Грција, на Македонците ќе им се признае правото на самоопределување (правото да формираат независна македонска држава обединета во нејзините географски граници).[21] Оваа нова линија на КПГ има одраз врз темпото на мобилизација (кое и онака е над просекот), но не успева да го смени текот на војната.

Во битките на Вич и Грамошта, под деноноќните бомбардирања со напалм бомби и артилериски баражи, ДАГ со целиот свој состав и местното население е избркана од Грција. Заради влошените односи со Југославија, која ги затвора своите граници, евакуацијата се спроведува преку Албанија.

 
Деца бегалци ја преминуваат границата меѓу Грција и СР Македонија непосредно пред нападот на грчките монархофашисти.

Последици

Егзодус на етничките Македонци од Грција

Грчките монархофашисти, гонејќи ја ДАГ, на ѕверски начин го уништуваат секое село што ќе се најде на нивниот пат, физички ликвидирајќи или прогонувајќи го цивилното население. Некои од нив насилно, други по своја волја (за да се спасат од репресии или ликвидирање) околу 50.000 луѓе Македонци и Грци пребегнуваат од Грција заедно со силите на ДАГ. На оваа бројка треба да се додаде бројката од 18.000 деца испратени во 1948 по барање на ДАГ од северна Грција во земјите од Источна Европа, со цел да ги спасат од ужасите на војната. Сите овие бегалци се транспортирани во социјалистичките земји од источна Европа и во СССР.[22]

Затоа што линијата на НОФ е против Тито и Лазар Колишевски, на борците од НОФ дури после 1970 им е дозволено да дојдат во СР Македонија, каде тие активно се вклучуваат во стопанскиот живот и придонесуваат за изградба на нивната нова татковина.

Во 1982 Грција изгласува закон за национално помирување со кој им се дава дозвола на борците од ДАГ „со грчко потекло“ да се вратат во државата и да им биде вратена земјата. Но на борците етнички Македонци до ден денес им се негира тоа право.[23]

Конгреси на НОФ

Наводи

 
Етничко знаме на македонците

Дел од темата
Македонци

Култура
Книжевност · Уметност
Фолклор · Музика · Носии
Кино · Кујна · Спорт
· Архитектура

Историја
Национална преродба
НОБ (1941-1944)
НОФ (1945-1949)

Државност
АСНОМ
Н.Р Македонија (1944-1991)
Р Македонија (од 1991)

Распространетост
Албанија · Бугарија
Грција · Србија
Македонска дијаспора

Тематски
Православна Црква
Македонци муслимани
Македонски јазик

  1. ^ "Σαραντα χρονια του ΚΚΕ 1918-1958", Αθηνα, 1958, 549.
  2. ^ "Ριζοσπαστης", αρ. 89 (7026), 10.06.1934, σ.3.
  3. ^ "Σαραντα χρονια του ΚΚΕ 1918-1958", Αθηνα, 1958, σ.562.
  4. ^ "Les Archives de la Macedonine" - (Leter from Fotis Papadimitriou to the CK of the KKE), 28 март 1943.
  5. ^ Ристо Кирјазовски „Народноослободителниот фронт и други организации на Македонците од Егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 1985.
  6. ^ „Славјано Македонски Глас“, 15 јануари 1944 с. 1
  7. ^ Повик на СНОФ до Македонците од Костурско 16 мај 1944, АМ, Збирка: Егејска Македонија во НОБ 1941-1945
  8. ^ Ристо Кирјазовски „Народноослободителниот фронт и други организации на Македонците од Егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 1985.
  9. ^ Вангел Ајановски Оче "Егеjски бури - Револуционерното движење во Воденско и НОФ во Егеjска Македонија", Скопје, 1975.
  10. ^ "To ΚΚΕ, Episama kimena", t.V, 1940-1945, 1973.
  11. ^ "Les Archives de la Macedonine" - (The Constitution of NOF).
  12. ^ "Les Archives de la Macedonine, Fond: Aegean Macedonia in NLW" - (Field report of Mihail Keramidzhiev to the Main Command of NOF), 8 јули 1945
  13. ^ "Les Archives de la Macedonine, Fond: Aegean Macedonia in NLW" - (Report of Elefterios Imsiridis to the CK of KKE about the activity of NOF), 6 септември 1945
  14. ^ Стојан Киселиновски „Егејскиот дел на Македонија (1913-1989)“, Скопје, 1990.
  15. ^ Ристо Кирјазовски „КПГ и Македонското национално прашање (1918-1940)“, Скопје, 1985.
  16. ^ "Prokiriksi, Praksis kai apofasis tou Genikou Arhigiou tou Dimokratikou Stratou tis Elados", 1947.
  17. ^ Ристо Кирјазовски „Македонски национални институции во Егејскиот дел на Македонија“, Скопје, 1987.
  18. ^ "Σαραντα χρονια του ΚΚΕ 1918-1958", Αθηνα, 1958, σ.575.
  19. ^ Ристо Кирјазовски „Македонците и односите на КПЈ и КПГ (1945-1949)“, Скопје, 1995.
  20. ^ "General Markos: Zašto me Staljin nije streljao. Jovan Popovski", Ljubljana, 1982.
  21. ^ "Les Archives de la Macedonine" - (Resolution of the V-th Plenary Session of the Communist Party of Greece), 31 јануари 1949.
  22. ^ Ристо Кирјазовски „Македонската политичка емиграција од Егејскиот дел на Македонија во Источна Европа“, Скопје, 1989.
  23. ^ "Greek Helsinki Monitor (GHM) - Minority rights Report on Greece to the 1998 OSCE Implementation Meeting", 28 октомври 1998.

Надворешни врски

  Статијата „Народноослободителен фронт“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).