Славјаномакедонски народноослободителен фронт
Славјаномакедонскиот народноослободителен фронт (СНОФ) — македонско националноослободително движење во Егејскиот дел на Македонија. СНОФ во Костурско бил формиран на 20 октомври 1943 година во селото Д’мбени, во куќата на Кирјако Цалев, а во Леринско — во ноември истата година во селото Белкамен.[1] Основачката конференција на СНОФ за Костурско била одржана на 25 декември 1943 година во селото Крчишта, а за Леринско — на 26 и 27 декември истата година повторно во селото Белкамен. За секретар на СНОФ за Костурско бил избран Паскал Митревски, а за Леринско Петре Пилаев.[2]
СНОФ печати свој весник, а Македонците прават обиди да организираат настава и печатење на книги на македонски јазик[1]. Но сето тоа е поништено со доаѓањето на крајот на Народноослободителната војна во Грција, и на Британската интервенција. Малку пред крајот на војната, во мај 1944 година, стравувајќи дека Македонците ќе создадат силна војска, која би била важен фактор во северна Грција, ЦК на КПГ издава наредба за расформирање и разоружување на СНОФ. Незадоволни од решението на КПГ за расформирање на македонските баталјони, некои од командантите на СНОФ, предводени од Павле Раковски и Вангел Ајановски - Оче, заедно со цели баталјони преминуваат во Вардарска Македонија. Тука тие учествуваат во завршните операции на Народноослободителната војна во Вардарска Македонија, а потоа од страна на политичкото раководство на чело со Лазар Колишевски се пратени на Сремскиот фронт.
Наводи
уреди- ↑ Ташко Мамуровски, „Славјано-Македонски Народноослободителен Фронт (СНОФ)“, стр. 60
- ↑ Христо Андоновски, „Македонците во Грција во борбата против фашизмот (1940–1944)“, Скопје, 1968.