Време
Време, во смисла на мерлива единица или често нарекувано Њутново време — поим кој ја опишува идејата дека времето е обележано како движење по една линија (со континуитет или дис-континуитет) на истиот начин и на кој е изградена вселената. Овој тип на дефиниција се користи во физиката како и во економијата. Неокласичните економисти имплицитно ја прифаќаат оваа идеја за претставување на времето. На овој начин оваа теорија одигрува есенцијална улога во динамичните економски системи.
Сепак, ние не знаеме што е времето, но знаеме колку е часот. Софистицираните мерни апарати ни овозможуваат да го дознаеме точното време во делови од секундата, но не можеме да го дефинираме соодветно.
Времето низ историјата
уредиЗа раниот човек, минувањето на времето било во тесна врска со неговиот опстанок. Движењето на Сонцето и Месечината, како и смената на годишните времиња, станале основа за пресметување на времето. Од примитивните пресметувања на времето во минатото, денес ја имаме основата за мерките на времето. Набљудувањето на небото, во текот на огромен временски период, им овозможило на раните цивилизации да изработат форма на календар што се засновал врз движењето на Месечината. Древните цивилизации на Вавилон, Египет, Индија и Кина имале високо развиен систем за запишување на времето, а нивните календари се засновале врз движењето на месечината или на сонцето. Така, Египќаните знаеле дека годината има 365,25 дена, а нивните пресметувања се засновале врз изгревот на ѕвездата Сириус, која што се појавувала како најсјајна ѕвезда на небото. По освојувањата на Александар Македонски, многу култури ја прифатиле оваа поделба на годината.[1]
Појавата на единствен календар
уредиСè до 45 година п.н.е. не бил направен сериозен обид да се координираат различните пресметувања на времето во познатиот свет. јулијанскиот календар, така наречен по Јулиј Цезар кој ја покренал реформата, денес е познат и како календар од стар стил. Останал во употреба сè до 1582 година, кога бил заменет со грегоријанскиот календар или календарот од нов стил.
Реформите на јулијанскиот календар
уредиЈулијанскиот календар инкорпорирал неколку реформи, меѓу кои спаѓаат: воведувањето на престапната година, укинување на месечевата година, фиксирање на должината на средната сончева година на 365,25 дена, прераспоредување на деновите во месецот, враќање на рамноденицата во месец март.
Реформите на грегоријанскиот календар
уредиГрегоријанскиот календар извршил исправки на јулијанскиот календар во 1577 година, а стапил во сила 5 години подоцна, со дозвола од папата Грегори, на 15 октомври 1582 година по новиот стил. Тоа е календарот што и денес се употребува.
Новиот календар се вовел затоа што станало очигледно за астрономите дека годината од 365,25 дена не е соодветна со тропската година, која е за 11 минути побавна, а ова со текот на вековите донело разлика од цели 10 дена во 16 век. Ако овој расчекор не се корегирал, тогаш Нова година, Божик и другите значајни празници ќе паднеа во други сезони.
Единица | Траење | Забелешка |
---|---|---|
атосекунда | 1/1018 с | најмалиот измерен дел од времето |
наносекунда | 1/109 с | |
микросекунда | 1/106 с | |
милисекунда | 0.001 с | |
секунда | основна единична мерка | |
минута | 60 с | |
час | 60 минути | |
ден | 24 часа | |
недела | 7 дена | наречен и седмица |
месец | 28 - 31 дена | |
квартер | 3 месеци | |
година | 12 месеци | |
обична година | 365 дена | 52 недели + 1 ден |
престапна година | 366 дена | 52 недели + 2 дена |
тропска година | 365,24219 дена | просечно |
грегоријанска година | 365,2425 дена | просечно |
Олимпијада | 4 годишен циклус | |
деценија | 10 години | |
генерација | 17 - 25 години | просечно |
јубилеј (Библиски) | 50 години | |
век | 100 години | |
илјадалетие или милениум | 1000 години |
Мерење на времето
уредиПостојат два метода за мерење на времето преку ротацијата на Земјата:
- Сончево време - што се мери со поглед на Сонцето
- Ѕвездено време - што се мери во поглед на ѕвездите.
Овие два метода се разликуваат по тоа што немаат еднаква должина на денот. За поточно мерење на времето воведен е терминот среден сончев ден, што е приближно за четири минути подолг од сидералниот ден, кој се мери според ѕвездите.[2]
Поради усогласување на Универзалното време, засновано врз ротацијата на Земјата, и Меѓународното атомско време, воспоставено во 1971 година, одвреме-навреме се додава по една секунда за да се усогласат двете временски скали. Имено, кога било воспоставено Универзалното координирано време, со меѓународна конвенција било договорено дека разликата меѓу двете временски скали не може да биде поголема од 0,9 секунди. Од 1972 до 2015 година биле додадени вкупно 26 секунди. Така, ноќта меѓу 30 јуни и 1 јули 2015 година, во сите земји во светот, последната минута од 30 јуни била продолжена за една секунда, т.е. траела 61 секунда. Претходно, оваа постапка била извршена во 2012 и во 2008 година. Инаку, разликата меѓу времето засновано врз Земјината ротација и атомското време се јавува како последица на тенденцијата на Земјата да го забавува своето движење околу својата оска, под влијание на гравитацијата на Месечината и на Сонцето, на атмосферските движења, на промените на ледената прекривка, на земјотресите итн., поради што еден ден не трае точно 24 часа. Од друга страна, атомските часовници се исклучително прецизни и кај нив до отстапување од една секунда може да дојде на секои 300 милиони години. Некои земји, како САД и Франција се противат на практиката на повремено додавање на една секунда, сметајќи ја за непотребно усложнување на работите, додека Британија и некои други земји ја поддржуваат оваа постапка.[3]
Ѕвездено време
уредиСидералното време ја мери ротацијата на Земјата во однос на пролетната рамноденица. Во текот на еден сидерален ден, Земјата ротира околу својата оска во период од 23 часа, 56 минути и 04 секунди од средното, граѓанско време. Според тоа, сидералното време во секој момент е аголот на пролетната рамноденица изразен во часови, минути и секунди, и секогаш е локално.
Помагала за мерење на времето
уредиНиз историјата се користеле разни видови на инструменти за мерење на одредени временски интервали. Познати се: песочниот часовник, водениот часовник или клепсидра, сончевиот часовник или гномон, а било користено и горењето на свеќите. Зборот „часовник“ е воведен многу подоцна и се однесува на голем дијапазон на уреди за мерење на времето - од рачните часовници, до атомските часовници.
За мерна единица на времето низ целиот свет е земена секундата, а најмалиот дел од времето што е измерен е атосекунда или 1/1018 дел од секундата, измерен во 2006 година.
Биг бенг
уредиСтивен Хокинг во својата книга „Кратка историја на времето“, а и на други места, го зачна проблемот со времето и Биг бенг. Хокинг вели дека дури и да не започнало времето со Биг бенг, односно можеби постоел понаков временски систем пред Биг бенг, ништо од она што се случило пред Биг бенг не може да има никаков ефект врз денешниот систем на мерење на времето. Затоа, Хокинг вели дека времето всушност започнало со Биг бенг, а прашањето за тоа што се случувало пред Биг бенг се безнајачни.[4]
Патување низ времето
уредиПатувањето низ времето е концепт на движење напред и назад во различни точки од времето. Иако патувањето низ времето е изум на научно-фантастичните дела уште од 19 век, а патувањето во иднината е претпоставка за можен феномен според теоријата за релативноста, сè уште не се знае дали законите на физиката ќе дозволат патување во минатото. Машината која би овозможила патување низ времето, хипотетичка или измислена, се нарекува „временска машина“.
Главниот проблем со патувањето во минатото е причинско-последичната врска: доколку нешто измените во минатото, може да се одрази врз ситуациите во сегашноста. Ова може да создаде ефект на временски парадокс. Најпознат во таа смисла е „Парадоксот на дедото“, кој вели дека ако патувате во минатото и го убиете својот дедо, вашите родители нема да се сретнат, па вие нема ни да се родите, но ако не се родите нема ниту да патувате низ времето, т.е. вашиот дедо ќе преживее...
Но, ако преживее тој ќе го создаде вашиот родител кој ќе се сретне со својот животен партнер и вие сепак ќе се родите и сепак ќе патувате низ времето и пак ќе ја сторите истата „свинштина”, а вашиот несреќен дедо ту ќе биде убиен, ту нема, и така во круг до бескрај.[5]
Времето како тема во уметноста и во популарната култура
уредиВремето се јавува како тема во уметноста и во популарната култура.
Времето како тема во книжевноста
уреди- „Ајде да му избегаме на времето“ — песна на македонската поетеса Николина Андова.[6]
- „Времето“ — песна на македонската поетеса Христина Аслимоска од 2005 година.[7]
- „ВРЕМЕНСКИ ШОВИНИЗАМ (еден момент во некоја туѓа бесконечност)“ - кус расказ на македонскиот писател Климент Булоски (под псевдонимот Дозгулпмус) од 2008 година.[8]
- „Нема време“ — расказ на македонскиот писател Зоран Василевски.[9]
- „Запис за времето“ — песна на југословенскиот поет Мак Диздар.[10]
- „Школките и времето“ - расказ на италијанскиот писател Итало Калвино.[11]
- „Т со нула“ — расказ на Итало Калвино.[12]
- „Време“ - песна на српската поетеса Десанка Максимовиќ.[13]
- „Немам повеќе време“ (српски: Nemam više vremena) - песна од истоимената поетска збирка на српската поетеса Десанка Максимовиќ од 1973 година.[14]
- „Времето минато“ (српски: Vreme prošlo) - песна на српската поетеса Десанка Максимовиќ.[15]
- „Затворен во времето“ - кус расказ на македонскиот писател Дејан Мирчески од 2012 година.[16]
- „Изневерено време“ - книга на Милчо Мисоски.[17]
- „Времето“ — песна на македонскиот поет Живко Николовски.[18]
- „Победникот на времето - Серзедаш“ - расказ на португалскиот писател Фернандо Песоа.[19]
- „Време“ - песна на македонскиот поет Анте Поповски.[20]
- „Времето што тече“ - поетска збирка на полскиот поет Тадеуш Ружевич.[21]
- „Голо време“ - книга на бразилската писателка Лижија Фагундес Телес од 1989 година.[22]
- „Сказалки в џеб“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[23]
- „Везено време“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[24]
- „Гоблен“ — краток расказ на Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[25]
- „Време сегашно“ — краток расказ на македонската писателка Лилјана Чаловска.[26]
- „Златен круг на времето“ - поетска збирка на македонскиот поет Ацо Шопов од 1969 година.[27]
- „Време“ - кус расказ на македонскиот писател Иван Шопов од 2010 година.[28]
Времето како тема во популарната музика
уреди- „Времето никогаш не умира“ (англиски: Time never dies) - песна на македонската група Анастасија.[29]
- „Нема време по времето“ (англиски: No Time After Time) - композиција на англискиот гудачки квартет Баланеску (Balanescu Quartet) од 1992 година.[30]
- „Време“ (англиски: Time) - песна на англискиот поп-рок музичар Дејвид Боуви од 1973 година.[31]
- „Време“ (англиски: Time) - песна на американскиот музичар Том Вејтс (Tom Waits) од 1985 година.[32]
- „Големо време“ (англиски: Big time) - песна на британскиот рок-музичар Питер Гебриел од 1986 година.[33]
- „Премин во времето“ (англиски: A Passage In Time) - песна на британската група Дед кен денс (Dead Can Dance) од 1984 година.[34]
- „Времиња“ - песна на македонската етно-група DD Synthesis.[35]
- „Времињата - тие се променливи“ (англиски: The Times They Are A Changin) - песна од истоимениот албум на Боб Дилан од 1964 година.[36]
- „Го заложувам моето време“ (англиски: Pledging My Time) - песна на американскиот рок-музичар Боб Дилан од 1966 година.[37]
- „Времето ми кажа“ (англиски: Time Has Told Me) - песна на британскиот поп-рок пејач Ник Дрејк (Nick Drake).[38]
- „Премногу време“ (англиски: Too much time) - песна на американската рок-група Captain Beefheart And The Magic Band од 1972 година.[39]
- „Време“ (англиски: Time) — песна на британската рок-група Меднес (Madness) од 1985 година.[40]
- „Времето постанува“ (англиски: Time Becomes) — песна на британското техно-дуо Орбитал (Orbital) од 1993 година.[41]
- „Време“ (англиски: Time) - песна на британската рок-група Пинк флојд (Pink Floyd) од 1973 година.[42]
- „Време“ (англиски: Time) — песна на американската соул-фанк група Sly & The Family Stone од 1971 година.[43]
- „Време“ (англиски: Time) — музички албум на истоимената југословенска рок-група од 1972 година.[44]
Наводи
уреди- ↑ Џон Филби, Време: Календар. Лондон: Кромвел Прес, 1981, стр. 45-46.
- ↑ Џон Филби, „Време: Календар“, Кромвел Прес, Лондон, 1981, стр. 48-49.
- ↑ „Последната минута од јуни ќе трае 61 секунда“, Дневник, година XIX, број 5794, петок, 19 јуни 2015, стр. 25.
- ↑ Хокинг, Стивен. „Почетокот на времето“. Универзитет Кембриџ. Архивирано од изворникот на 2007-12-28. Посетено на 2008-01-10.
Заклучокот е дека универзумот нема да постои вечно, односно дека универзумот и времето имаат свој почеток - Биг бенг, пред околу 15 билиони години.
- ↑ Barjavel, René (1943). Le voyageur imprudent („Невнимателниот патник“).
- ↑ Николина Андова Шопова, Поврзи ги точките. Скопје: Темплум, 2014, стр. 27.
- ↑ Христина Аслимоска, Разделба со детството. Скопје: Детска радост, 2005, стр. 12.
- ↑ Дозгулпмус, Тритонус, Темплум, Скопје, 2008.
- ↑ Очудувања #1 #2 (кратки раскази). Скопје: Бегемот, 2018, стр. 36-37.
- ↑ Мак Диздар, Горчин. Скопје, Македонска книга, стр. 115.
- ↑ Italo Kalvino, Nove kosmikomike. Beograd: Rad, 1999, стр. 61-64.
- ↑ Italo Kalvino, Kosmikomike: stare i nove. Beograd: Paidea, 2008, стр. 261-272.
- ↑ D. Maksimović, Pesme. Beograd: Rad, 1964, str. 69-70.
- ↑ Desanka Maksimović, Izabrane pesme (peto dopunjeno izdanje). Beograd: BIGZ, 1985.
- ↑ Desanka Maksimović, Izabrane pesme (peto dopunjeno izdanje). Beograd: BIGZ, 1985, стр. 71.
- ↑ Дејан Мирчески, Кристалните јами на пропаста, Темплум, Скопје, 2012.
- ↑ „Читај, патувај, уживај – Саем на книга 2016 – програма на активности“, Антолог, 2016.
- ↑ Живко Николовски, Низа ситно нанижана. Скопје: Детска радост, 1985, стр. 53.
- ↑ Фернандо Песоа, Филозофски раскази. Скопје: Бегемот, 2016, стр. 95-126.
- ↑ Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 136.
- ↑ „Napomena priređivača“, во: Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 328.
- ↑ Антологија на бразилскиот расказ. Скопје: Три, 2012, стр. 281.
- ↑ Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 176-177.
- ↑ Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 178.
- ↑ Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 597.
- ↑ Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 20.
- ↑ „Хронологија“, во: Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 159.
- ↑ Иван Шопов, Азбука и залутани записи, Темплум, Скопје, 2010.
- ↑ Anastasia, Before the Rain, Polygram Music.
- ↑ DISCOGS, Balanescu Quartet* – Possessed (пристапено на 17.6.2020)
- ↑ DISCOGS, David Bowie – Aladdin Sane (пристапено на 18.4.2020)
- ↑ DISCOGS, Tom Waits – Rain Dogs (пристапено на 20.7.2019)
- ↑ DISCOGS, CPeter Gabriel – So (пристапено на 28.10.2022)
- ↑ Discogs, Dead Can Dance – Dead Can Dance (пристапено на 3.6.2020)
- ↑ DD Synthesis, SJF Records, 1996.
- ↑ YouTube, Bob Dylan - The Times They Are A Changin' 1964 (пристапено на 26.1.2016)
- ↑ YouTube, Bob Dylan - Pledging My Time (Audio) (пристапено на 23.12.2019)
- ↑ YouTube, Time Has Told Me (пристапено на 25.3.2019)
- ↑ Discogs, Captain Beefheart And The Magic Band – Clear Spot (пристапено на 26.6.2020)
- ↑ Madness – Mad Not Mad (пристапено на 5.4.2023)
- ↑ Discogs, Orbital – Orbital (пристапено на 1.2.2021)
- ↑ Discogs, Pink Floyd – The Dark Side Of The Moon (пристапено на 18.2.2021)
- ↑ Sly & The Family Stone – There's A Riot Goin' On (пристапено на 22.2.2024)
- ↑ Popboks, Prvi album grupe Time u Jugotonu (пристапено на 10.1.2016)[мртва врска]