Македонска берза

(Пренасочено од Македонската берза)

Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје — посредничка финансиска установа во Македонија. Таа е организирана како акционерско друштво со седиште во Скопје и се занимава со организација, извршување и регулирање на трговијата со хартии од вредност. Таа е прва и единствена финансиска установа од ваков тип во историјата на Македонија, а нејзиното работење се заснова врз Законот за хартии од вредност.

Македонска берза
Тип берза
Место Скопје, Македонија
Координати42°0′0,55″ СГШ 21°25′30,67″ ИГД
Основана1995
СопственикМакедонска берза за хартии од вредност АД Скопје
Валутаденар, евро
Вред. хартии116 (2013)
ПазКап102,7 милијарди ден.[1] (декември 2013)
Промет3,2 милијарди ден.[1] (2013)
ИндексиМБИ10, ОМБ
Мреж. местоwww.mse.com.mk

Историја

уреди

Македонската берза за хартии од вредност е основана на 13 септември 1995 година, кога во домот на пратениците во Скопје се одржа основачкото собрание. Берзата била основана како акционерско друштво што работи на непрофитна основа, со основачки капитал од 1 милион германски марки. Македонската берза АД Скопје ја основале 19 правни лица, од кои: 13 банки, 3 осигурителни друштва и 3 штедилници. Овие 19 основачи станале нејзини први членки со право на тргување на берзата. Целиот проект на основање на Македонската берза бил реализиран со техничка помош на British Know-How Fund. Во рамките на овој проект била реализирана и обуката на првата генерација брокери.

И покрај тоа што била основана во септември 1995 година, роденденот на Македонската берза се поврзува со 28 март 1996 година, кога официјално започнало тргувањето. Во нејзината почетна развојна фаза, на берзата се тргувало двапати во неделата, во вторник и четврток. Склучувањето на трансакциите се извршувало на „берзанскиот паркет“ во салата за тргување преку методот на континуирано наддавање и моделот на „пазар придвижуван од налози“. На 16 октомври 1996 година, Македонската берза била примена за полноправна членка на Федерацијата на евроазиски берзи (FEAS).

1997 година била прва година на активно функционирање на Македонска берза. Во февруари 1997 година бил донесен новиот Закон за издавање и тргување со хартии од вредност, со кој била наметната обврската сите трансакции со хартии од вредност во Македонија да се реализираат на берзата. Исто така, берзата ја лансирала и својата интернет-страница, со цел да обезбеди основни информации за берзата, како и дневните листи од тргувањето.

Во 1998 година започнало тргувањето преку блок трансакции, со кое се обезбедило јавно и транспарентно окрупнување на сопственоста во компаниите. Истата година, по повод двегодишнината од почетокот на тргувањето на берзата, била промовирана книгата „Берзански прирачник“. На 9 ноември 1998 година, Македонската берза ја посетил Неговото Височество, Принцот од Велс.

Во текот на 1999 година, најголемиот дел од остварениот промет се реализирал на неофицијалниот пазар, на кој доминирале блок трансакциите поврзани со приватизацијата на претпријатијата. На берзата биле котирани акции само на две банки. Сите нови емисии на акции во 1999 година биле реализирани во форма на приватен пласман, наменети за познати купувачи. Во декември 1999 година бил изменет Законот за хартиите од вредност со што била извршена дематеријализација на хартиите од вредност и било воведено централизираното водење на евиденцијата за сопственоста на акциите во Македонија. Истиот месец, согласно договорот помеѓу Македонија и Светската Банка, под раководство на експертски тим од Кралството Норвешка, започнала реализацијата на проектот за изработка на физибилити студија за развој и имплементација на Централниот депозитар за хартиии од вредност.

Во јануари 2000 година, Одборот на директори на Македонска берза формално ја усвоил иницијативата за воведување на систем за електронско тргување. Во септември 2000 година, во Скопје, Македонската берза била домаќин на Годишното собрание на FEAS, а во декември истата година бил потпишан договор со Љубљанска берза и Министерството за економска соработка и развој на Словенија за користење техничка помош за имплементација на електронскиот систем на тргување.

Почнувајќи од месец мај 2001 година се зголемил бројот на тргување во текот на неделата од два на три дена на тргување. Во април престанало тргувањето на берзанскиот паркет и започнало електронското тргување со хартии од вредност со помош на Берзанскиот електронски систем на тргување (БЕСТ). Истиот месец бил потпишан и Меморандумот за соработка со Љубљанската берза. Летото 2001 година биле усвоени измените во Законот за хартии од вредност, со кои берзата се трансформирала во профитно акционерско друштво. Неколку месеци по воведувањето на БЕСТ, бил промовиран и првиот официјален берзански индекс- Македонски берзански индекс (МБИ), чиј состав влегле петте најликвидни акции. Во декември 2001 година започнал процесот на целосна дематеријализација на акциите на повеќе од 670 друштва во државата и работата на Централниот депозитар за хартии од вредност. Со тоа, водењето на акционерските книги било пренесено на Депозитарот, со што била оневозможена манипулацијата со правата на акционерите.

Во јануари 2002 година, берзата го зголемила бројот на денови на тргување на четири дена во неделата, од понеделник до четврток. Во февруари бил усвоен Законот за преземање на акционерските друштва, како последна нормативна алка во регулативата од областа на пазарот на хартии од вредност во Македонија. Во март бил потпишан Меморандумот за соработка со Атинската берза. За котираните хартии на Официјалниот пазар на берзата биле воведени ценовни ограничувања од +/-10% од нивната последна официјална просечна цена. Во 2002 година била котирана и првата емисија на обврзници за денационализација издадени од Република Македонија.

Во јануари 2003 година Македонската и Белградската берза потпишaле меморандум за соработка, а слични меморандуми биле потпишани во мај со берзата од Загреб и во октомври со Бугарската берза. Во октомври бил промовиран новиот портал на берзите од Југоисточна Европа, за кој Македонската берза била еден од главните иницијатори. Порталот бил развиен од страна на Љубљанската берза и претставувал прва фаза на процесот на информатичко поврзување на берзите од регионот (Љубљана, Вараждин, Бања Лука, Сараево, Белград, Подгорица и Скопје).

Во февруари 2004 година била котирана третата емисија на обврзниците за денационализација издадени од Република Македонија. Во мај стапил во сила новиот Правилник за котација на хартии од вредност. Истата година, берзата ја издала електронската публикација „Факти за котираните компании“ во која се анализираат финансиските извештаи доставени до Берзата од страна на котираните компании.

Во 2005 година Македонската берза била примена за дописна членка на Федерацијата на европските берзи (FESE), а била воведена и софтверската апликација СЕИ-НЕТ како официјален и единствен начин на доставување на податоци од котираните друштва до берзата. Кон крајот на годината бил донесен и новиот Закон за хартии од вредност, со кој се извршило натамошно прилагодување на регулативата од областа на хартии од вредност со директивите на ЕУ и принципите на IOSCO.

Во текот на 2006 година прометот на берзата пораснал значително како резултат на повеќе фактори: нагласениот прилив на странски портфолио инвестиции, појавата на двата приватни пензиски фондови, приватизацијата на ЕСМ и продавањето на државниот капитал во повеќе акционерски друштва, меѓу кои и Македонски Телеком АД Скопје. Во јуни 2006 година бил усвоен Кодексот на корпоративно управување наменет за котираните акционерски друштва. Во септември 2006 година бил потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонската берза и Виенската берза.

2007 година била најуспешната година во историјата на Македонската берза: бил остварен промет од 41,7 милијарди денари, а македонскиот берзанси индекс МБИ-10 ја достигнал својата највисока вредност, пробивајќи ја границата од 10 000 индексни бодови. Во текот на годината започна примената на новите правила за работење, а берзата се преселила на нова локација. Во последниот квартал од годината биле промовирани берзанскиот веб магазин МБМонитор и Прирачникот за корпоративно управување во македонските акционерски друштва. Исто така, бил потпишан Меморандумот за партнерство помеѓу берзите од Белград, Скопје, Загреб и Љубљана.[2]

Во 2015 година, со финансиска помош од Европската банка за обнова и развој во износ од 540.000 евра, Македонската берза го реализирала проектот за поврзување на македонските брокери со брокерите на берзите во Загреб и Софија. За таа цел била формирана заедничката компанија „СЕЕ линк“ ДОО - Скопје (Southeast Europe Link).[3]

Организација и дејност

уреди

Македонската берза е акционерско профитно друштво а како нејзини акционерите се јавуваат 6 банки, 9 брокерски куќи, едно осигурително друштво и две физички лица.[2] Со Македонската берза раководи главниот извршен директор, кому непосредно му помагаат Советникот на управата (кој раководи со Дирекцијата за општи и административни работи) и правните советници од Дирекцијата за правни работи и членство. Едно ниво подолу во организациската хиерархија се наоѓа извршниот директор, во чија надлежност е Дирекцијата за информатичка и техничка поддршка, а исто така, нему му одговараат и директорот на Секторот за деловни операции.[4]

Основачкиот капитал на Македонската берза изнесува 500 000 евра. Тргувањето со хартиите од вредност кои котираат на берзата се врши преку официјалниот и неофицијалниот пазар. Цел на Берзата, во рамките на своето работење е да обезбедува:

  • Законитост во тргувањето со хартии од вредност;
  • Почитување на правилата на Берзата од страна на сите учесниците во работењето
  • Заштита на интересите на учесниците на Берзата и
  • Информирање на јавноста за прашањата значајни за работата на Берзата.

Во ноември 2016 година, „Шпаркасе банка“ преку нејзиното Одделение за работи со хартии од вредност, станала 11. овластен учесник на Македонската берза.[5]

Мисија и визија на Берзата

уреди

Мисија на Македонската берза АД Скопје е да обезбеди ефикасно, транспарентно и сигурно функционирање на организираниот секундарен пазар на хартии од вредност во Македонија, преку перманентно настојување на сите инвеститори да им обезбеди влез, односно излез од сите финансиски инструменти со кои се тргува на различните берзански пазари по фер пазарна цена, сè со цел да помогне во градењето доверба во македонскиот пазар на хартии од вредност.

Од аспект на пазарот на хартии од вредност, овие активности подразбираат промени и усогласувања на нормативните акти и практиката во сферата на деловното однесување со принципите и легислативата на ЕУ. Истовремено, ќе биде потребно прилагодување на работењето на пазарните учесници кон ова ново опкружување и постапна подготовка за соочување на македонскиот пазар на хартии од вредност со конкуренција на повеќе нивоа. Затоа, во наредните години приоритет ќе биде развојот на Македонската берза во добро организиран и модерен секундарен пазар на хартии од вредност кон кој и натаму ќе гравитираат мнозинството домашни инвеститори, како и странските инвеститори кои одлучиле да вложуваат на „пазарите во појавување“. Тоа значи дека Берзата мора да создаде механизми, процедури и проекти со чија реализација ќе биде во состојба да го поднесе притисокот на конкуренцијата што ќе се создаде поради процесите на интеграција на земјата во ЕУ. Тоа подразбира дизајнирање на стратегијата за подобрување на нивото на понудата на пазарот преку задржување на котираните компании кои својот деловен интерес ќе го идентификуваат во котација на Берзата и развивање на нови финансиски инструменти, што ќе можат да ја апсорбираат веќе нараснатата побарувачка.[6]

Постапка за прием на редовен пазар

уреди

Пазарот на јавно поседувани акционерски друштва е пазарниот сегмент на Берзата на кој се внесени некотираните хартии од вредност издадени од акционерски друштва со посебни обврски за известување, согласно Законот за хартии од вредност. Берзата врши регистрација на хартиите од вредност од Регистарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување на Комисијата за хартии од вредност и им доделува соодветна шифра за тргување. По извршената регистрација, Берзата ја известува јавноста за акционерските друштва со кои ќе се тргува на Пазарот на јавно поседувани друштва.

Слободен пазар е пазарниот сегмент на кој се тргува со сите други хартии од вредност, освен оние што се тргуваат на Официјалниот пазар и на Пазарот на јавно поседувани акционерски друштва. Барањето за прием за тргување на Слободниот пазар, во писмена форма го поднесува членката на Берзата, по налог на инвеститорот, кој треба да ги содржи најмалку следниве податоци:

  • назив на издавачот на хартиите од вредност;
  • матичен број на издавачот на хартиите од вредност;
  • ИСИН на хартијата од вредност;
  • видот и родот на хартијата од вредност;
  • номиналната вредност на хартијата од вредност.

Берзата, во исклучителни случаи, по свое дискреционо право може да одбие прием и регистрација на одредена хартија од вредност, доколку оцени дека со прифаќањето би се нарушил интегритетот на пазарот или би се довеле во заблуда потенцијалните инвеститори.[7]

Тргување

уреди

На берзата се тргува со инструменти кои согласно Законот за хартии од вредност се дефинирани како хартии од вредност, кои се котирани односно регистрирани на некој од пазарите на Берзата во согласност со законските одредби и актите на Берзата и за чие тргување Берзата обезбедува соодветна системска и организациона поддршка. Берзата може во договор со пооделни субјекти, да организира и тргување со друг берзански материјал, со претходна согласност од Комисијата за хартии од вредност. На Берзата не се тргува со хартии од вредност во случаи кога: не доаѓа до законска промена на сопственоста на хартиите од вредност; и кога преносот на сопственоста на хартиите од вредност е резултат на нова емисија на хартии од вредност која е во тек.

Тргувањето со хартии од вредност на Берзата е комплетно автоматизирано, односно истото се одвива преку Берзанскиот Електронски Систем за Тргување наречен БЕСТ. Тргувањето се одвива „далечински” т.е. сите брокери се електронски поврзани од своите деловни простории со централниот компјутерски опслужувач сместен на Берзата. БЕСТ системот е отворен за членките на берзата за работа со налозите за тргување секој ден на тргување (понеделник, вторник, среда, четврток и петок) во времетраењето на фазите на тргување. БЕСТ системот се заснова на системот на налози, согласно моделот на континуирано наддавање и употреба на методот на компјутерско усогласување на цените на хартиите од вредност. Цените по кои се тргува на Берзата се објавуваат за 1 (еден) лот и можат да се изразуваат:

  • за акции: во денари, без децимални места;
  • за обврзници: како процент од номиналната вредност или како процент од сè уште неисплатената главнина (ануитетски обврзници), без акумулираната камата. Процентот се изразува со две децимални места.

При тргувањето со обврзници, освен цената, купувачот на обврзниците е должен на продавачот на обврзниците да му ја плати акумулираната, но сè уште ненаплатената камата. Пресметката на акумулираната камата ја врши овластен депозитар. Официјална дневна просечна цена на определена хартија од вредност се пресметува како пондерирана аритметичка средина на сите цени од сите трансакции со таа хартија од вредност во еден ден на тргување. Како пондер се зема количината на хартии од вредност кај секоја трансакција. Официјалната дневна просечна цена се формира на крајот на денот на тргување. Официјалната дневна просечна цена за определена хартија од вредност се објавува во официјалната дневна список на Берзата.

За сите хартии од вредност (и котирани и некотирани) на сите пазарни сегменти на Македонската берза воведен e ист режим на тргување, со што, независно од пазарниот сегмент, ликвидните хартии се тргуваат во режим на “континуирано тргување” со ценовни ограничувања од +/-10 од базната цена за таа хартија од вредност на денот на тргување, додека неликвидните хартии од вредност се тргуваат во режим на “фиксинг” без ценовни ограничувања. Налозите за тргување со хартии од вредност кои гласат на цени поголеми или помали од дозволените ценовни ограничувања во текот на денот, БЕСТ автоматски ги става во неактивна состојба.[8]

Берзата може времено да го прекине тргувањето со определена хартија од вредност во следниве случаи:

  • значајни пореметувања во работењето на издавачот на хартиите од вредност;
  • неточно наведени податоци во барањето за котација;
  • објавување на ценовно чувствителни информации;
  • манипулации со информaциите или цените;
  • големи ценовни флуктуации или други невообичаени околности при тргувањето (голема количина на истргувани хартии од вредност, голема пазарна нерамнотежа итн.);
  • оневозможување на трансферот на сопственоста на хартиите од вредност;
  • нарушување на довербата во тргувањето со хартии од вредност;
  • настанување на околности кои можат да доведат до нарушување на фер тргувањето со хартиите од вредност;
  • можно настанување штети за членките, инвеститорите и Берзата;
  • во други околности, ако тоа го налага општиот принцип на заштитата на инвеститорите.

Утврдување и порамнување

уреди

Утврдувањето претставува процес на пресметување на меѓусебните обврски на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност коишто произлегуваат од склучените трансакции со хартии од вредност на Берзата. Утврдувањето и порамнувањето ги врши овластен депозитар. Обврските што се однесуваат на преносот на хартиите од вредност од склучените берзански трансакции со хартии од вредност се извршуваат по пат на истовремено плаќање на реализираната цена за тие хартии од вредност на Берзата (принцип “испорака наспроти плаќање”). Порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност на сите пазари на Берзата се врши на третиот работен ден од денот на склучувањето на трансакцијата. Доколку и од двете членки учеснички во трансакцијата постои согласност, порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност на сите пазари на Берзата може да се врши и во пократок период од третиот работен ден од денот на склучувањето на трансакцијата, во специјален ден на порамнување, на начин пропишан од страна на Берзата. Податоците за склучените берзански трансакции Берзата ги доставува до овластениот депозитар во електронска форма на денот кога истите се склучени. Порамнувањето на блок трансакциите склучени на сите пазари на Берзата се врши согласно договорот помеѓу купувачот/купувачите и продавачот/продавачите на хартиите од вредност, согласно принципот "испорака наспроти плаќање", но не подолго од три работни дена од денот на објавување на блок трансакцијата од страна на Берзата. Порамнувањето не може да се изврши со одложено плаќање.[9]

Контрола на работењето на Македонската берза

уреди

Согласно Законот за хартии од вредност, Берзата е должна до Комисијата за хартии од вредност да доставува дневни, неделни и месечни извештаи за своето работење, преку кои Комисијата ја следи состојбата на пазарот. Исто така Берзата е должна да ја информира јавноста и навреме да ја известува за движењето на Берзата. Комисијата за хартии од вредност врши контрола на работењето на Берзата во доменот на законитоста во работењето и правилноста на материјално финансиско работење.

Берзански показатели

уреди

Обемот и промените во работењето на берзата се мери и се искажува преку повеќе статистички показатели, како што се: берзанскиот промет, пазарната капитализација, бројот на котирани друштва, бројот на деновите на тргување, бројот на трансакции и преку берзанките индекси.

Табела бр. 1 - Основни показатели за работењето на Македонската берза[1][10]

Показатели 2012 2013 2015 2016
Промет - класично тргување 2 755 471 034 ден. 2 122 770 731 ден. 2 081 950 989 ден. 2 332 462 394 ден.
Акции 1 553 185 005 ден. 1 394 585 615 ден. 1 436 513 948 ден. 1 823 563 761 ден.
Обврзници 1 202 286 029 ден. 728 185 116 ден. 645 437 041 ден. 508 898 633 ден.
Просечен дневен промет 11 201 102 ден. 8 664 370 ден.
Просечен дневен број на трансакции 60 55
Блок трансакции 2 399 890 440 ден. 819 559 599 ден. 548 522 150 645 400 593
Јавни берзански аукции 347 082 916 ден. 274 712 773 ден. 15 847 214 45 531 185
Јавни понуди на хартии од вредност 97 860 558 ден. 17 514 884 ден. 14 174 160 0
Вкупен промет на берзата 5 600 304 948 ден. 3 234 557 987 ден. 2 660 494 514 3 023 394 172
Број на трансакции - класично тргување 14 806 13 396
Блок трансакции 75 82
Јавни берзански аукции 53 101
Јавни понуди на хартии од вредност 17 6
Вкупно трансакции 14 951 13 585 11 873 12 933
Пазарна капитализација - акции 113 016 985 122 ден. 102 718 163 286 ден.
Берзанска котација - акции 25 917 759 876 ден. 97 755 772 716 ден. 99 359 059 424 112 313 643 687
Пазар на АДПОИ 87 099 225 245 ден. 4 962 390 570 ден.
Пазарна капитализација - обврзници 7 353 521 057 ден. 6 616 404 276 ден. 4881 457 420 4 438 483 765
Вкупно пазарна капитализација 120 370 521 057 ден. 109 334 567 562 ден.
МБИ10 1 731,18 1 738,86 1 883,26 2 134,91
ОМБ 118,61 124,13 128,38 127,83
Број на котирани друштва 32 116

Табела бр. 2 - Структура на прометот на Македонската берза (2013)[1]

Пазарен сегмент Промет (денари) Промет (евра) Учество (%) Број на трансакции
Официјален пазар 1 849 337 846 30 018 049 57,17 11 164
Редовен пазар 273 432 885 4 437 734 8,45 2 232
Блок трансакции 819 559 599 13 298 129 25,34 82
Јавни берзански аукции 225 952 773 3 671 191 6,99 100
Јавни берзански аукции за големи пакети 48 760 000 792 902 1,51 1
Јавни понуди на хартии од вредност 17 514 884 284 788 0,54 6
Вкупно 3 234 557 987 52 502 794 100 13 585

Во текот на 2013 година, најтргувани акции, мерено според вкупниот остварен бромет, биле акциите на "Комерцијална банка" (со промет од 267 023 366 денари), "Алкалоид" (со промет од 213 725 203 денари) и "Фершпед" (со промет од 126 436 007 денари). Мерено според бројот на извршените трансакции, најтргувани биле акциите на "Алкалоид" (со 1 686 трансакции), "Комерцијална банка" (со 1 582 трансакции) и "Макпетрол" (со 1 158 трансакции). Мерено според бројот на истргувани акции, најмногу се тргувало со акциите на "Македонски телеком" (179 768 акции), "Комерцијална банка" (124 267 акции) и "Гранит" (116 264 акции).[11]

На крајот од 2015 година, вкупната пазарна капитализација на берзата изнесувала 102.850.635.856 денари за сегментот берзанска котација-акции и 4.881.457.420 денари за берзанската котација-обврзници. Истовремено, вредноста на МБИ10 изнесувала 1.833,26, додека вредноста на индексот била 128,38.[12]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Економија и бизнис, год. 17, бр. 187, јануари 2014, стр. 96.
  2. 2,0 2,1 „Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје“. Архивирано од изворникот на 2012-01-19. Посетено на 2012-01-11.
  3. „Се поврзуваат берзите во Скопје, Загреб и Софија“, Утрински весник, година XVI, број 4716, сабота-недела, 21-22 февруари 2015, стр. 9.
  4. Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје[мртва врска]
  5. „Шпаркасе банка нов учесник на берзата“, Утрински весник, година XVII, број 5239, вторник, 22 ноември 2016, стр. 9.
  6. „Македонската берза АД Скопје“. Архивирано од изворникот на 2012-01-19. Посетено на 2012-01-11.
  7. „Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје“. Архивирано од изворникот на 2012-01-19. Посетено на 2012-01-11.
  8. „Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје“. Архивирано од изворникот на 2012-01-19. Посетено на 2012-01-11.
  9. Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје[мртва врска]
  10. „Преглед на берзанските движења“, Економија и бизнис, година 18, број 224, февруари 2017, стр. 103.
  11. Економија и бизнис, год. 17, бр. 187, јануари 2014, стр. 97.
  12. „Преглед на берзанските движења“, Економија и бизнис, година 18, број 213, март 2016, стр. 84.

Надворешни врски

уреди