Берза
Берзата претставува институција за организирано тргување со производи (пченица, кафе, нафта, метали итн.) или финансиски инструменти (акции, обврзници, девизи, опции, фјучерси итн.). Во зависност од предметот на тргување, берзите се делат на: стокови или меркантилни берзи, на кои се тргува со материјални добра (нафта, метали); берзи на хартии од вредност на кои се тргува со акции, обврзници, финансиски деривати и; берзи на валути на кои се тргува со валути.
Историски развој на берзите
уредиЗачетоците на првите берзи можат да се најдат во XII век во Франција, каде што некои луѓе почнале да се занимаваат со регулирање на долговите на земјоделските заедници во име на банките. Бидејќи овие луѓе, исто така, тргувале со долговите, тие можат да се наречат први брокери. Во средината на XIII век, венецијанските банкари почнале да тргуваат со државни хартии од вредност. Набрзо потоа им се приклучиле банкарите од Пиза, Верона, Џенова и Фиренца. Италијанските компании се, исто така, први кои издале акции. Првата берза била организирана во Антверпен во 1460 година, а следната во Лион во 1462. Денес постојат берзи во речиси секоја развиена како и во повеќето од економиите во развој.
Мерено според пазарната капитализација на компаниите кои котираат на берзите, најголемите берзи во светот во 2010 година биле:[1]
- NYSE Euronext, САД - 12 400 милијарди долари
- Tokyo Stock Exchange, Јапонија - 3 500 милијарди долари
- NASDAQ OMX, САД - 3 500 милијарди долари
- NYSE Euronext, Европа - 2 800 милијарди долари
- London Stock Exchange, Британија - 2 800 милијарди долари
- Shanghai Stock Exchange, Кина - 2 600 милијарди долари
- Hong Kong Exchanges, Кина/Хонгконг - 2 300 милијарди долари
- TSX/Toronto Stock Exchange, Канада - 1 800 милијарди долари
- Bombay Stock Exchange, Индија - 1 400 милијарди долари
- BM&F Bovespa, Бразил - 1 300 милијарди долари
- Australian Stock Exchange, Австралија - 1 300 милијарди долари
- Deutsche Borse, Германија - 1 300 милијарди долари
- BME Spanish Exchanges, Шпанија - 1 300 милијарди долари
- National Stock Exchange, Индија - 1 200 милијарди долари
- SIX Swiss Exchange, Швајцарија - 1 100 милијарди долари
Организација и функции на берзите
уредиОд организациска гледна точка, берзата претставува правно лице - акционерско друштво, кое работи на непрофитна основа. Берзите може да се набљудуваат и како објекти кои обезбедуваат платформи за брокерите да тргуваат со акции.[2] Берзите, заедно со шалтерските пазари (over the counter markets), спаѓаат во секундарни финансиски пазари. Берзите се организирани така што продавачите и купувачите на хартии од вредност (или нивните агенти) се среќаваат на некоја централна локација, каде што се извршува трговијата. Субјектите кои ги вршат работите на тргување со долгорочни хартии од вредност се брокерските куќи и банки, кои всушност претставуваат овластени учесници на берзата. Само членовите на берзата можат да ги користат нејзините услуги и само хартиите од вредност кои котираат на берзата можат да бидат предмет на тргување. Основачите на берзата се должни да водат посебен регистар за секој издавач, во кој регистар се евидентираат и чуваат податоци и документи за издавачот чии хартии од вредност котираат на берзата.
За успешно работење на берзата, нејзините учесници мора да се придржуваат на следниве принципи:
- Законитост при тргувањето со хартии од вредност;
- Почитување на правилата на берзата од страна на учесниците во нејзината работа;
- Заштита на интересите на учесниците во работата на берзата; и
- Информирање на јавноста за прашањата значителни за работата на берзата.
Берзанското тргување ги опфаќа трансакциите со хартии од вредност, склучени помеѓу членките на берзата и начини и услови утврдени со правилата и актите на берзата. Под берзанско работење се подразбира пазарно формирање на цените на хартиите од вредност со кои се тргува на берзата, тргувaње со нив, котирање, утврдување и котирање на различните реализирани транскакции со хартиите од вредност и јавно објавување на податоците од работењето на берзата.
Организираните берзи постојат за тргување со многу видови хартии од вредност. Кај организираните берзи, купувачите и продавачите се среќаваат на некоја централна локација, директно или виртуелно, преку компјутер, за да го извршат тргувањето. Две одлики ја издвојуваат една берза од другите структури на секундарниот пазар: Прво, берзата има посебна физичка локација. Второ, мнозинството берзи имаат дилери, наречени специјалисти, кои држат залихи во определени хартии од вредност. Сепак, постојат берзи, каква што е Македонската берза, кои се првенствено пазари на брокерите.
Најважната функција на една берза е да обезбеди континуиран пазар, иако некои берзи немаат континуирано тргување. Континуираниот пазар му овозможува на еден поединец, или на институција, можност да купи или продаде хартија од вредност веднаш, по цена блиска или идентична со онаа од претходната трговска цена. Поради тоа, постигнатата цена на некоја хартија од вредност, често се зема како референтна точка, кога доаѓа до емисија на нова хартија од вредност. Берзите се, исто така, полезни во поглед на тоа што ликвидноста, која тие им ја обезбедуваат на постоечките хартии од вредност, го олеснува издавањето нови хартии од вредност, бидејќи инвеститорите имаат доверба дека тие можат да ја ликвидираат нивната инвестиција кога тоа ќе го посакаат.[3]
Берзанскиот индекс е индикатор кој го покажува движењето на цените на претставителните хартии од вредност кои котираат на некоја берза. Самата берза ги избира претставителните хартии, кои најдобро го отсликуваат целокупното движење на цените. Берзата може да определи повеќе индекси за различни видови на хартии од вредност, поделени по разни критериуми (вид на индустрија, вид на хартија).
Македонската берза на хартии од вредност
уредиНа 13 септември 1995, во домот на пратениците во Скопје се одржало основачкото собрание на Македонската берза АД Скопје. Овој датум е официјалниот датум на создавањето на првата организирана берза на хартии од вредност во историјата на Македонија, со оглед на тоа што во земјава никогаш порано не постоела берза.[4] Македонската берза за хартии од вредност на почетокот од нејзиното работење се одликувала со мал промет и релативно мало учество на акциите во вкупното тргување. Во периодот од 2005 до 2007 година, дошло до силна експанзија на берзанскиот промет, која се засновала на големиот пораст на цените на акциите и на драматично зголемениот обем на тргување со нив. Но, подоцна, кон крајот на 2007 и особено во 2008 година, дошло до огромен пад на цените на акциите и на берзанскиот промет.[5]
Извори
уреди- ↑ TodayForward, 27 април 2010.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-10-24. Посетено на 2012-01-20.
- ↑ Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ дополнето и изменето издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 160.
- ↑ „Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје“. Архивирано од изворникот на 2012-01-19. Посетено на 2012-01-20.
- ↑ Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ дополнето и изменето издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 191.