Обврзница — должничка хартија од вредност, со која се потврдува дека имателот (купувачот, доверителот) му исплатил на должникот (издавачот) определен износ пари, како противвредност на обврзницата и дека должникот ќе му ги исплати на доверителот позајмениот износ, заедно со камата, и тоа, според утврдената каматна стапка и во договорените рокови.[1] Обврзниците претставуваат дополнителен извор на средства за издавачот. Често, средствата добиени со нивно издавање служат за финансирање посебни програми или објекти чии приходи понатаму се користат за исплата на достасаните обврзници. Обврзниците се многу слични на кредитот, бидејќи и тие претставуваат форма на задолжување.

Обврзница за тихоокеанската пруга издадена од градот и округот Сан Франциско, Калифорнија, 1 мај 1865 г.

Пазари на обврзници

уреди

Врз развојот на пазарот на обврзници влијаат повеќе фактори, како:[2]

  • За нив постои голем пазар кој овозможува постојано тргување
  • Обврзниците се рангирани од страна на кредитните агенции
  • Некои обврзници имаат конвертибилна клаузула, која им дава право на сопствениците да ја заменат за акции. Оваа клаузула ја зголемува нивната привлечност за инвеститорите.

Меѓународни пазари на обврзници

уреди

Меѓународниот пазар на обврзници опфаќа два сегмента: странските обврзници и еврообврзниците. Првите ги издаваат странски издавачи на домашниот пазар и се деноминирани во домашната валута; на пример, обврзница која ја издава германско претпријатие на американскиот пазар и која е деноминирана во долари. Странските обврзници често имаат популарни имиња, како: Yankee bonds (странските обврзници што се издаваат во САД), Samurai bonds (странските обврзници во Јапонија), Bulldogs (странските обврзници во Британија) и Rembrandt bonds (странските обврзници во Холандија). Странските обврзници мора да ги исполнат условите што ги пропишуваат националните регулаторни тела; на пример, странските обврзници издадени во САД мора да ги исполнат прописите што важат за американските домашни обврзници. Вторите се обврзници кои се издаваат на пазарите чија валута се разликува од валутата во која е деноминирана обврзницата; на пример, обврзница која ја издава холандско претпријатие, која е деноминирана во германски марки и која се продава во Британија и Швајцарија. Сепак, најголемиот дел од трансакциите меѓународниот пазар на обврзници опфаќа на еврообврзниците (над 80 %). Тоа произлегува оттаму што еврообврзниците најчесто гласат на доносител, не мора да ги исполнат прописите на националните регулатори и носат пониска каматна стапка. Посебен вид обврзници се глобалните обврзници, кои се обврзници кои гласат на многу голем износ и истовремено се продаваат на повеќе пазари ширум светот. Според процесот на регистрирање, тие личат на домашните обврзници, но според провизиите личат на еврообврзниците. Инаку, меѓународните пазари на обврзници се многу побогати од домашните, зашто на нив се тргува со повеќе видови обврзници, како: обврзници со еднократно достасување и со фиксна каматна стапка, обврзници со флуктуирачки каматни стапки, конвертибилни обврзници, обврзници со варанти, обврзници без купони, обврзници со две валути, обврзници во композитни валути итн.[3]

Постојат повеќе меѓународни индекси на обврзници, како што се: Domestic Government Bond Indices и World Government Bond Index кои ги објавува Salomon Brothers. Првите се однесуваат на државните обврзници на 14 земји, и тоа за обврзниците со четири рочности на достасување: 1-3, 3-7, 7-10 и над 10 години. Притоа, државните обврзници се групирани во три категории: обврзници со фиксна и со флуктуирачка каматна стапка, хартии од вредност наменети за неинституционални инвеститори и приватни пласмани. Светскиот индекс, пак, пондериран просек од вредноста на 14 државни обврзници.[4]

Издавање

уреди
 
Обврзница издадена од Холандската источноиндиска компанија, 1623 г.

Под примарен пазар на обврзниците се подразбира времето и просторот на кој правните и другите субјекти, во согласност, со прописите и своите потреби, издаваат обврзници заради прибирање парични средства. Кај државните обврзници, првата продажба ја врши централната банка, која работи како агент за сметка на државата и која, за таа цел, може да организира аукција. Како купувачи на обврзниците може да се јават банки, други финансиски организации, претпријатија, па и физички лица, кои најчесто се претставени преку посредници - (брокери и дилери). Натамошниот промет со државните обврзници може да се одвива во непосреден контакт на купувачите и продавачите (неорганизиран пазар) или на институционален пазар на пари.

За да може да се пристапи кон издавање корпоративни обврзници, претпријатието мора да добие одобрение од надлежниот орган во земјата (Комисија за хартии од вредност). Издавањето обврзници има сложена постапка. Прво, се утврдува обемот на капиталот што се сака да се прибере со издавањето обврзници, видот на обврзниците, каматната стапка, номиналната вредност на кој ќе гласат обврзниците и др. По добивањето согласност од надлежниот орган, фирмата донесува одлука за издавање обврзници. Потоа, се заклучува договор со кој се регулираат правата на доверителите и обврските на корисникот. Овој договор обично се склучува со некоја финансиска организација која ја избира издавачот на обврзниците и која има законско овластување да ги претставува сите тогашни и идни купувачи на обврзниците од фирмата. Оваа организација всушност е старател (trustee). Првата продажба на обврзниците, фирмата може да ја изврши така што нив ќе ги продаде на некоја финансиска организација или ќе ги продаде на јавноста, со посредство на специјализирана организација (инвестициска банка). Притоа, посредникот може да се јави како гарант дека обврзниците ќе ги продаде, при што врз себе го презема ризикот на продажбата.[5]

Основни елементи

уреди

Секоја обврзница задолжително ги има следниве основни елементи:[1]

  • Ознака дека станува збор за обврзница
  • Називот и седиштето на издавачот
  • Ознака дали гласи на име или на доносител
  • Номинална вредност на обврзницата
  • Висина на каматната стапка
  • Рокови за отплата на камата и главнината
  • Место и датум на издавањето
  • Сериски број на обврзницата
  • Факсимил на потписите на овластените лица на издавачот
  • Правата од обврзницата

Видови обврзници

уреди

Обврзниците може да се јават во повеќе видови. Притоа, поделбата на обврзниците може да се изврши од различни аспекти.

Обврзници според рокот на достасувањето

уреди

Вообичаено, според преостанатата рочност, обврзниците се делат на следниве видови:

  • кусорочни (рочност до 5 години),
  • среднорчни (рочност од 5 до 15 години), и
  • долгорочни обврзници (рочност од 15 години или повеќе)

Сепак, рочноста понекогаш се разликува на различните национални пазари. Во САД, на пример, должничките хартии од вредност со рок од 2, 5 и 10 години кои ги издава државата се нарекуваат државни записи (treasury notes), а 30-годишните државни хартии од вредност се нарекуваат обврзници (treasury bonds). Во Велика Британија, истиот инструмент со рок од 5 години и повеќе се нарекува обврзница (bond).[6]

Обврзници според издавачот

уреди

Во зависност од тоа кој се јавува како издавач на обврзниците, тие се делат на два вида:

  • државни и
  • корпоративни.

Државни обврзници издава државата со цел да прибере средства за финансирање на тековниот дефицит во нејзиниот буџет. Најголемата светска економска сила, САД и нејзината влада земаат на заем голем дел од средствата со подажба на државни меници и државни обврзници. Достасувањето на државните меници може да биде до 10 години, а на обврзниците од 10 до 30 години. И државните меници и државните обврзници, се издаваат со износи од 1.000 долари или повеќе, со полугодишни камати наречени купонски плаќања. Покрај нивните различни достасувања при издавањето, единствена поголема разлика меѓу нив е тоа што државните обврзници можат да бидат отповикливи во текот на даден период, обично во последните пет години од векот на обврзницата. Според оваа одредба, државата има право да ја откупи обврзницата по номиналната вредност.

Корпоративни обврзници се средства со кои приватните фирми позајмуваат пари директно од јавноста. Овие обврзници, според структурата, се слични на државните обврзници, т.е. плаќаат полугодишни купони во текот на нивниот век и му ја враќаат номиналната вредност на имателот на обврзницата на денот на достасувањето. При купување на корпоративните обврзници, инвеститорите особено внимание посветуваат на ризикот за неуспех.

Во тој поглед, практиката познава:[7]

  • обезбедени обврзници, кои имаат посебна гаранција во случај на банкротирање на фирмата,
  • необезбедени обврзници, наречени заложници, кои немаат гаранција, и
  • зависни заложници, кои имаат побарување од активата на фирмата со помал приоритет во случај на нејзино банкротирање.

Други поделби на обврзниците

уреди

Според начинот на кој се остваруваат правата, постојат:

  • обврзници што гласат на име и
  • обврзници што гласат на доносител.

Според степенот на осигурување на побарувањата, постојат:[8]

  • осигурени обврзници — Ако обврзницата е осигурена, должникот заложува некој вид имот како обезбедување. Во случај на неплаќање, кредиторот може да го земе обезбедувањето во своја сопственост.
  • неосигурени обврзници — Обврзниците што не се обезбедени со конкретен имот се неосигурени. Ако должникот банкротира, нема конкретен имот со кој кредиторите би ги задоволиле своите побарувања спрема должникот.

Според доходот што го носат, постојат:

  • обврзници со фиксна камата,
  • обврзници со променлива каматна стапка и
  • обврзници што овозможуваат учество во добивката.

До средината на 1970-тите години, каматните стапки на обврзниците биле фиксирани на денот на издавањето. Со појава на растечката инфлација, корпорациите започнале да издаваат обврзници со променлива каматна стапка (variable interest rate bonds). Ctiicorp била првата американска фирма која понудила обврзници со варијабилни каматни стапки.[9]

Според валутата на која се издадени, постојат:

  • обврзници кои гласат на домашна валута и
  • обврзници што гласат на странска валута.

Според начинот на отплатата на главнината, обврзниците се јавуваат како:

  • еднократна обврзница и
  • ануитетна обврзница чија главнина се отплатува периодично.

Според посебните права, постојат:

  • партиципативни обврзници и
  • заменливи обврзници.

Според правото на откуп пред рокот на достасувањето, постојат:

  • отповикливи и
  • неотповикливи обврзници.

Повеќето обврзници имаат клаузула на отповикливост, каја нагласува дека издавачот има право да го принуди сопственикот на обврзницата да му ја продаде обврзницата пред рокот на достасувањето. Клаузулата за отповикливост вообичаено предвидува извесно време за чекање помеѓу времето кога обврзницата е издадена и времето кога таа може да биде отповикана. Цената која е предвидена да им биде исплатена на сопствениците на обврзниците се определува на нивото на номиналната вредност или нешто повисоко (вообичаено, таа е повисока од износот на едногодишната камата).

Според сигурноста на нивната наплата, постојат:

  • гарaнтирани и
  • негарантирани обврзници.

Други видови обврзници

уреди

Во практиката се среќаваат и други видови обврзници, како што се:[10][11]

  • Оврзници на локални органи на управата (municipal bonds, local authority stocks) кои ги издава државата и локалните власти на единиците на локалната самоуправа.
  • Доходни обврзници (income bonds) кои претставуваат најризични обврзници, издадени од корпорациите. Нивната клучна одлика е дека каматата се плаќа само доколку фирмата има средства за тоа.
  • Конвертибилни обврзници (convertible bonds) кои претставуваат хибриден вид на хартии од вредност. Технички, тие претставуваат долг, бидејќи плаќаат камата, која претставува фиксна обврска на фирмата и имаат датум на доспевање. Но, овие обврзници имаат една специјална одлика - инвеститорот има опција да ја замени обврзницата во точно определен број обични акции.
  • Бескупонски обврзници (zero-coupon bonds) се оние кои не плаќаат камата, но се продаваат со голем дисконт во однос на номиналната вредност.
  • Високо ризични обврзници (junk bonds) кои не претставуваат посебен вид обврзница, туку тоа е име за долг со многу низок квалитет. Овие обврзници се неосигурени и можат да бидат подредени на другите должнички обврски на фирмата. Оттука, ваквите обврзници се многу ризични и мора да понудат повисоки камати.
  • Меѓународни обврзници се странските обврзници и еврообврзниците. Странските обврзници се издаваат од позајмувачи што потекнуваат од земја што е различна од земјата каде што се продаваат, додека обврзниците се деноминирани во валутата на земјата во која се продаваат. Наспроти нив, еврообврзниците се издадени во валутата на една земја, но се продадени на пазар во друга земја.

Цена на обврзницата

уреди

По правило, обврзниците носат фикснa каматa. Но, со оглед на тоа што повеќето земји во светот се соочуваат со пониски или повисоки стапки на инфлација, во такви услови, обврзниците честопати имаат флуктуирачки камати. Каматните стапки најчесто се определуваат некој процент повисоко од ЛИБОР (каматите што меѓусебно си ги пресметуваат лондонските банки).

Обврзниците може да се продаваат по:

  • номиналната цена, т.е. по вредноста на којашто гласат,
  • под номиналната цена и
  • над номиналната цена.

При работа со обврзниците, купувачите може да остварат неколку добивки:[12]

  • Номинална добивка или купонска добивка (coupon yield). Оваа добивка е однапред позната и непроменлива.
  • Тековна добивка (current yield), која е детерминирана со пазaрната цена на обврзницата.
  • Добивка до достасувањето (yield to maturity), т.е. добивка која се остварува во моментот на купувањето на обврзниците до времето на нивно доспевање, односно претставува разлика меѓу куповната цена на обврзниците и номиналната вредност, којашто се исплатува до достасувањето.
  • Вкупна добивка (total return), која се пресметува врз основа на главнината, номиналната каматна стапка и камата на каматата (сложена камата). Претпоставка за оваа добивка е реинвестирање на каматата со што инвеститорите ќе заработат камата на каматата, која значително ќе ја зголеми нивната добивка.

Во одредени случаи, кога инфлацијата е близу до нула или негативна, обврзниците може да носат дури и негативна каматна стапка. На пример, во јуни 2016 година, Германија за првпат во својата историја издала десетгодишна државна обврзница со негативна каматна стапка, а претходно таков преседан се случил уште со државните обврзници на Јапонија и на Швајцарија.[13]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Прирачник за подготвување и полагање на стручен испит за вршење работи со хартии од вредност, Комисија за хартии од вредност, Скопје, 2008, стр. 377.
  2. www.investopedia.com (пристапено на 12.1.2019)
  3. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 170-177.
  4. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 186-188.
  5. Синиша Спасов и Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Економски факултет, Скопје, 2004, стр. 225.
  6. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции, Економски факултет, Скопје, 2004, стр. 213.
  7. Прирачник за подготвување и полагање на стручен испит за вршење работи со хартии од вредност, Комисија за хартии од вредност, Скопје, 2008, стр. 383.
  8. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции, Економски факултет, Скопје, 2004, стр. 215.
  9. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции, Економски факултет, Скопје, 2004, стр. 218.
  10. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции, Економски факултет, Скопје, 2004, стр. 217-219.
  11. Прирачник за подготвување и полагање на стручен испит за вршење работи со хартии од вредност, Комисија за хартии од вредност, Скопје, 2008, стр. 385.
  12. Прирачник за подготвување и полагање на стручен испит за вршење работи со хартии од вредност, Комисија за хартии од вредност, Скопје, 2008, стр. 389.
  13. „Германија почна да наплаќа кога позајмува пари“, Економија и бизнис, година 18, број 217/218, јули/август 2016, стр. 72.