Акција (финансии)

харија од вредност

Акцијата или делница (англиски: share, stock) претставува хартија од вредност со која се стекнува сопственичко право врз идеален дел од компанијата, пропорционално на големината на учеството на таа акција во вкупниот акционерски капитал. Претпријатието што се создава врз основа на издадените акции се нарекува акционерско друштво. Карактеристично за капиталот обезбеден преку продажба на акции е тоа што тој е траен, т.е. без обврска за враќање.

Права на сопствениците

уреди

Сопствениците на акциите имаат неколку основни права:

  • право на глас во акционерското собрание;
  • право на дивиденда, како дел од добивката на друштвото и
  • право на дел од стечајната маса, во случај на ликвидација на друштвото. Во поглед на ова право, сопствениците на акции се субординирани во однос на сите други доверители, така што тие ќе добијат дел од стечајната маса, само откако сите други доверители ќе бидат обесштетени.

Покрај овие, сопствениците на акции, понекогаш (но, не задолжително) имаат и некои други поволности од поседувањето акции, како што се: правото на првенствено купување акции од новите емисии на акционерското друштво, можност да добијат права за купување акции по повластени услови и сл.

Како формален документ, акцијата мора да содржи одредени елементи. Овие елементи различно се утврдени во различни законодавства, но тука генерално спаѓаат:

  • ознаката дека се работи за акција,
  • името на компанијата што ја издала акцијата,
  • номиналната вредност,
  • името на сопственикот и сл.

Во поново време, акциите се издаваат во дематеријализиран облик, така што документ на хартија воопшто и не се издава. Таков е случајот и со Република Македонија.

Облици на вредност на акцијата

уреди

Како хартија од вредност, акцијата има своја вредност и пазарна цена. Од аспект на вредноста, можеме да зборуваме за номинална и за книговодствена вредност.

Номинална вредност на акцијата. Номиналната вредност го претставува износот на кој гласи акцијата и таа се добива како пропорционален дел од вкупната вредност на емитуваните акции. Номиналната вредност нема речиси никакво практично значење, освен кај некои приоритетни акции, каде што служи како основа за пресметка на дивидендата. Извесно значење има за сметководството, како основа за разграничување меѓу акционерскиот капитал по номинална вредност и капиталната добивка/загуба, но и тука, практично значење не постои.
Книговодствена вредност. Книговодствената вредност на акцијата се добива врз основа на билансот на состојба и бројот на емитувани акции. Таа се добива кога збирот на ставките акционерски капитал, акумулирана добивка, резерви и капитална добивка / загуба ќе се подели со бројот на емитувани обични акции.
Пазарна вредност (цена). Пазарната вредност на акцијата претставува цената по која со таа акција се тргува на пазарот. Таа се формира врз основа на понудата и побарувачката.[1]

Право на глас

уреди

Преку правото на глас, акционерите имаат можност да остварат контрола врз работењето на претпријатието. Тоа го прават преку своето учество на акционерското собрание, кое се одржува најмалку еднаш годишно. Сепак, сопственоста врз акциите на друштвото е најчесто широко дисперзирана, така што т.н. “мали “ акционери немаат речиси никаква можност да влијаат врз работењето на друштвото. Ова може да биде случај дури и тогаш кога една група акционери поседува нешто повеќе од 50% од капиталот, така што правото на глас на останатите акционери станува беспредметно, освен при донесувањето на некои клучни одлуки, за кои е пропишано повисоко мнозинство.[2]

Системи на гласање - За се заштитат правата на помалите акционери, во различни земји се преземаат посебни мерки. Така, среќаваме мнозински и кумулативен систем на гласање. Мнозинскиот систем е класичниот систем, во кој една акција носи еден глас, така што мнозинските акционери ќе ги изберат сите членови на управните и на надзорните одбори.

Кај кумулативниот систем, секој акционер може да им ги додели своите гласови на едно или на повеќе лица од списокот на предложениците. На овој начин, кај одделни предложени кандидати можат да се сконцентрираат доволен број гласови, така што тие со сигурност ќе бидат избрани во одборите како претставници на малцинските акционери.

Ополномоштување - Друга можност за малцинските акционери претставува ополномоштувањето што тие им го издаваат на некои од поголемите акционери да гласаат во нивно име. Тоа се прави преку писмено ополномоштување, како документ кој акционерот му го издава на акционерот кој ќе гласа во негово име, со што дел од акционерите можат да сконцентрираат доволен број гласови за да остварат позначајна улога при донесувањето на клучните одлуки.
Класи на акции - Од аспект на правото на глас, акциите се јавуваат како акции од класа А и акции од класа Б. Обично, акциите од класа А се тие што имаат право на глас, додека акциите од класа Б немаат. Ваквата класификација се појавила во некои компании, каде што постојните акционери не сакале да ја загубат контролата врз компанијата при новите емисии на акции, така што своите акции ги прогласиле за акции од класа А, додека новоиздадените акции се наречени акции од класа Б. За да се обезбеди атрактивноста на овие акции, на нив обично им се даваат некои дополнителни бенефиции.[2]

Емисија на акции

уреди

Самата процедура за емисија (издавање) на акции, со цел прибирање дополнителен капитал е мошне комплексна и се состои од цела низа активности кои треба да обезбедат заштита на интересите на сите инволвирани страни, легалност, транспарентност и да придонесат за ефикасно функционирање на пазарот на капитал.[3]

Првична јавна понуда

уреди

Првичната јавна понуда се користи најчесто за прибирање дополнителен капитал од страна на компании што веќе постојат. Во некои случаи се работи за компании кои дотогаш биле приватни, т.е. некотирани компании, во сопственост на мал број сопственици, најчесто нивните основачи, кои со првична јавна понуда сакаат да се трансформираат во јавни, т.е. компании чијшто капитал е дисперзиран кај голем број сопственици. Во други случаи, пак, јавната понуда ја прават компании кои веќе се јавни, но сакаат да приберат дополнителен за својата дејност. Во секој случај, јавната понуда мора да биде реализирана според пропишана процедура, со цел да се заштитат потенцијалните инвеститори.[4]

Приватен пласман на акциите

уреди

Приватниот пласман на акциите се јавува како алтернатива на јавната продажба. Јавната продажба предизвикува низа напори и трошоци за емитентот на акциите. Тука спаѓа подготовката на обемната документација што се поднесува кај Комисијата за хартии од вредност, трошоците за подготовката на емисијата и провизиите за консултантите и сл. Наместо тоа, постои можност емисијата да се изврши и преку приватен пласман. Тоа претставува продажба на акциите на познати купувачи, што значи дека тие не доаѓаат до широката инвеститорска јавност, како кај јавната понуда. Од друга страна, за понудата да се смета за приватен пласман, бројот на купувачи на акциите е лимитиран на одреден број. Тоа се најчесто големи инвеститори како: инвестициски фондови, осигурителни друштва и др. Сепак, како значаен проблем поврзан со приватните пласмани се јавува ограничената можност за секундарна продажба на вака стекнатите акции, доколку станува збор за приватна компанија, што не котира на берзите.[5]

Приоритетни акции

уреди

Како што самото име кажува, приоритетните акции имаат одредени привилегии во однос на обичните. Овие привилегии, односно приоритети, се однесуваат на приоритетот во исплатата на дивиденда за нивните сопственици, како и приоритетот во однос на обичните акции при наплатата на дел од стечајната маса во случај на ликвидација на друштвото. Овие привилегии најчесто (но, не задолжително) се компензирани со губењето на управувачкото право.[6] Приоритетните акции можат да се најдат во различни модалитети. На пример, тие носат фиксен дивиденден принос, т.е. дефинираната големина на дивидендата што им следува на сопствениците на овие акции. Обично, таа се утврдува како процент од нивната номинална вредност и така утврдената дивиденда е максималниот износ што тие можат да го добијат. Поради тоа, доколку добивката е поголема од износот потребен за да се исплатат дивидендите на приоритетните акции, целокупниот остаток им припаѓа на сопствениците на обични акции. Исплатата на дивидендата зависи од остварената нето-добивка на компанијата, но и од одлуката на управниот одбор. Доколку компанијата не оствари нето-добивка, нема да се врши ниту исплата на приоритетните дивиденди. Од друга страна, во одредени ситуации, управниот одбор, односно одборот на директори може да донесе одлука за неисплаќање на дивидендата доколку тоа е во најдобар интерес на компанијата.

Својства на приоритетните акции

уреди

Приоритетните акции претставуваат хибридни хартии од вредност, бидејќи тие претставуваат мешавина на својствата на обврзниците и обичните акции. Од една страна, носат дивиденда која зависи од остварената добивка, а од друга страна, нивниот принос е фиксен и не носат управувачко право.[6] Една одлика која ги прави приоритетните акции помалку погодни како инструмент за финансирање од обврзниците е тоа што каматата на обврзниците претставува ставка која се одбива од даночната основица, додека тоа не е случај со дивидендата на приоритетните акции. Поради тоа, трошокот на капиталот прибран со емисија на приоритетни акции е поголем во однос на оној прибран преку задолжување.

Кумулативност. Во некои случаи, компаниите издаваат кумулативни приоритетни акции. Кај овие акции, дивидендите што не се исплатени на време се кумулираат сè додека компанијата не биде во можност да ги исплати. Додека не се исплатат кумулираните дивиденди, фирмата не може да им исплаќа дивиденди на обичните акционери.
Партиципативност. Партиципативните приоритетни акции, покрај фиксниот износ на дивиденда, даваат можност и за партиципација во остатокот од нето-добивката, кој вообичаено им се распределува на обичните акционери. Клаузулата врзана за ваквите акции би гласела на пример : ”… дивидендата изнесува 2% од номиналната вредност, а доколку обичните акции добијат дивиденда повисока од овој износ, на приоритетните акции им следува и разликата до тоа ниво. “
Отповикливост. Компаниите-емитенти на приоритетни акции често го задржуваат правото на отповикување на акциите. Тоа значи дека уште при нивната емисија се дефинира цена по која овие акции би можеле да бидат откупени од страна на емитентот во некој момент од нивното постоење. Оваа цена е обично повисока од номиналната вредност, а правото на отповикување емитентот го користи во оној момент кога ќе смета дека фиксната обврска за дивидендата на приоритетните акции е голем товар, кој може да биде избегнат со користење на други извори на финансирање.
Конвертибилност. Конвертибилните приоритетни акции се такви акции што даваат можност за нивно претворање во обични акции.
Право на глас. Малку невообичаено, но и приоритетните акции можат да добијат право на глас во одредени ситуации. Тоа е случај кога компанијата не е во можност да врши исплата на дивиденди на приоритетните акции. Во таа ситуација, имателите на приоритетни акции добиваат право да изберат неколку свои претставници во органите на управување, доколку е така предвидено со статутот на компанијата. Со исплатата на дивидендите, ваквото право се губи.[7]

Наводи

уреди
  1. Сашо Арсов,Финансиски менаџмент, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 159.
  2. 2,0 2,1 Сашо Арсов,Финансиски менаџмент, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 160.
  3. Сашо Арсов,Финансиски менаџмент, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 162-166.
  4. Сашо Арсов,Финансиски менаџмент, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 162.
  5. Сашо Арсов,Финансиски менаџмент, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 165.
  6. 6,0 6,1 Сашо Арсов,Финансиски менаџмент, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 167.
  7. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 168.