Ликвидност (англиски: liquidity) претставува способност на средствата да се продадат без да предизвикаат значајни промени на цената и со минимална загуба на вредност.

Дефиниција на ликвидноста уреди

Базелскиот комитет ја дефинира ликвидноста како способност да се финасира зголемувањето на активата и навременото исплаќање на обврските што треба да достасат.[1] Поимот „ликвидност“ се разликува од сродниот поим „солвентност“: ликвидноста е способност за навремено плаќање на достасаните обрвски, додека солвентноста означува состојба во која фирмата има доволен износ на капитал за покривање на загубите. Оттука, во потесна смисла на зборот, солвентноста претставува израз на адекватноста на капиталот, но во поширока смисла, солвентноста претпоставува фирмата да има доволно пари за исплата на обврските. Тоа значи дека доволниот износ на капитал е потребен, но не и доволен услов за обезбедување на ликвидноста. Постои и обратна врска меѓу ликвидноста и солвентноста: за да биде ликвидна, фирмата мора во прв ред да биде солвентна, т.е. ако фирмата нема доволно капитал, таа нема да има ниту доволно пари за исплата на достасаните обврски. Меѓутоа, бидејќи ликвидноста е поврзана со парите а не со капиталот, во принцип е можно фирмата да биде истовремено солвентна но неликвидна.[2] Во секој случај, ликвидноста не претставува ниту определен износ пари ниту пак некој коефициент или процент, туку само ја претставува способноста на фирмата да ги исплати своите обврски. Оттука, спротивниот поим „неликвидност“ го претставувал отсуството на таа способност, т.е. поимот „ликвидност“ претставува квалитативен показател на финансиската сила на фирмата.[3]

Ликвидноста на фирмата може да се мери со помош на неколку показатели, како:[4]

  • првостепена ликвидност = пари / кусорочни обврски
  • второстепена ликвиндост = (пари + кусорочни побарувања) / кусорочни обврски
  • третостепена ликвидност = тековни средства / кусорочни обврски (овој показател треба да биде еднаков на еден или поголем од еден)
  • златно правило на билансот на состојбата = постојани средства / (капитал + долгорочни обврски) (овој показател треба да биде помал од еден)

Ликвидноста може да се набљудува и од поширок аспект, т.е. како ликвидност на пазарот. Притоа, ликвидноста на пазарот може да се мери на неколку начини: Една вообичаена мерка е распонот (spread) меѓу куповните и продажните цени на финансиските инструменти при што распонот може да се изрази или во пари, т.е. продажна цена - куповна цена, или како процент од средната пазарна цена, т.е. (продажна цена - куповна цена) / средна пазарна цена, каде што средната пазарна цена претставува просек меѓу продажната и куповната цена. Слично на тоа, како мерка на ликвидноста на некој пазарен инструмент може да послужи трошокот за ликвидирање (продажба) во нормални пазарни услови, а тој се пресметува така што вредноста на пазарниот инструмент (изразена во пари и пресметана според средната пазарна цена) ќе се помножи со распонот меѓу продажната и куповната цена и сето тоа ќе се подели со 2. Врз таа основа, трошокот на ликвидирање на некое портфолио претставува збир на трошоците за ликвидирање на одделните пазарни иснтрументи кои го сочинуваат портфолиото. Во продолжение, важна мерка на пазарната ликвидност е обемот на тргување, т.е. бројот на трансакции во текот на еден ден. Друга мерка е влијанието на трансакцијата од определена големина врз пазарната цена на финансискиот инструмент или количникот меѓу дневниот принос на пазарниот инструмент (во апсолутна врендност) и врендоста на дневниот обем на тргување.[5] Банката на Англија има развиено индекс на пазарната ликвидност кој се заснова врз три фактори:[6]

Ликвидноста во банкарството уреди

Според Базелскиот комитет за банкарска супервизија, „ликвидноста е способност да се финансираат зголемувањата на средствата и да се исполнат обврските како што достасуваат без да се направат недозволиви загуби.“[7]

Имајќи ја предвид повеќедимензионалноста на ликвидноста, во принцип, може да се зборува за различни типови ликвидност, како:[8]

  • кусорочна ликвидност, т.е. способноста на банката да ги исплаќа обврските онака како што достасуваат
  • долгорочна ликвидност или структурна ливкидност, т.е. капацитетот на банката да обезбеди доволно долгорочни извори на средства за да го поддржи растежот на нејзините средства
  • разменливост (Tradability), т.е. постојана способност за продавање на производите на пазарот на капитал без претерано намалување на пазарната цена
  • пазарна ликвидност, т.е. капацитетот на пазарот да обезбеди услови за позајмување на пазарот на пари и на пазарот на капитал

Сепак, во основа, ликвидноста на банката може да се подели на две групи:[9]

  • Примарна ликвидност: таа ги опфаќа резревите на банката во пари, т.е. готовите пари и депозитите на нејзините сметки кај централната банка и кај другите банки. Притоа, бидејќи чувањето пари претставува најмалку профитабилната инвестиција, банката настојува резервите на пари да ги држи на минимум, т.е. на нивото кое е определено од прописите на централната банка и од потребите за клиринг на трансакциите во платниот промет.
  • Секундарна ликвидност: таа се состои од хартиите од вредност кои ги поседува банката, а кои можат веднаш да се продадат во случај на потреба (marketable assets). Оваа резерва на ликвидност се нарекува „секундарна“, зашто хартиите од вредност се втората ставка во средствата на банката, мерено според степенот на ликвидност. Во оваа група спаѓаат различни видови финансиски инструменти, како: акции, обврзници, потврди за депозит, потрошувачки кредити и други средства кои можат да се продадат, да се дадат како колатерал или да се употребат во репо-трансакции. Од аспект на сметководствениот третман, овие средства може да се прикажат во билансот на состојбата или како вонбилансни средства. Сепак, основниот услов за финансиските средства да се сметаат како дел до секундарната резерва е нивната способност за брзо време да се претворат во пари, а тоа значи дека з анив треба да има ликвиден пазар.

Поради големата важност на ликвидноста во работењето на банките, по Глобалната финансиска криза, Базелскиот комитет воспоставил два нови показатели за одредување на потребното ниво на ликвидност на банките:

  • Показателот на ликвидносна покриеност (Liquidity Coverage Ratio, LCR), кој обезбедува банките да држат доволно висококвалитетни ликвидни средства за да го издржат акутното стрес-сценарио во траење од еден месец; и
  • Показателот на нето-стабилно финансирање (Net Stable Funding Ratio, NSFR), кој обезбедува на долгорочно стабилно финансирање на активностите на банката, преку користење постабилни извори на средства.[10]

Раководење со ликвидноста уреди

Основни мерки за управување ризикот на ликвидност се:[11]

  • дефинирање на политика за ликвидност,
  • перманентна контрола на ликвидност и воспоставување на лимити преку кои се овозможува добра диверзификација на изворите на финансирање на банката, и
  • одржување на доволна ликвидност што ќе ги задоволува сите обврски кои ќе достасаат.

Политика на ликвидност уреди

Основните елементи на политиката на ликвидност се:[12]

  • Опфат и рамка на политиката: Политиката на ликвидност треба да обезбеди најмал можен товар за организацијата, со дефинирање на временската рамка и на организациската поставеност на раководењето со ликвидноста (централно тело, посебна функција, итн.)
  • Дефинирање на поимите: За да се избегнат можните недоразбирања, потребно е прецизно да се дефинираат поимите, како: ликвидност, ликвидносен ризик, ликвидносен јаз, итн.
  • Органи и надлежности: Овде, основното прашање е, дали да се примени централизиран или децентрализиран пристап во раководење со ликвидноста. Во двата случаи, потребно е јасно дефинирање на надлежностите и одговорноста на телата и на вработените, нивите меѓусебни односи и односите со врвниот менаџмент. Вообичаено, секој пристап на раководење со ликвидноста вклучува воспоставување посебно тело - Комитет за средства и обврски (Asset/Liability Committee, ALCO). Исто така, во рамките на овој елемент треба да се воспостави пишана политика на ликвидност и да се определат надлежностите на одборот на директорите, на комитетот за средства и обврски и на секторот за ликвидност (Treasury).
  • Методи и алатки: Методите и алатките за раководење со ликвидноста во голема мера зависат од сложеноста и развиеноста на информацискиот систем во организацијата. Во секој случај, секторот за ликвидност мора да го пресмета ликвидносниот јаз при нормални услови на работење, како и потребите за ликвидност во вонредни околности. Мерењето на ликвидносните потреби вообичаено ги вклучува следниве четири компоненти: очекуваната ликвидносна изложеност (expected liquidity exposure), динамичката ликвиндосна изложеност (dynamic liquidity exposure, билансната ликвидност (balance-sheet liquidity) и расположливата нето-ликвидност (available net liquidity).
  • Сценарија и концепти: Во рамките на политиката на ликвидност треба да се дефинираат две можни сценарија - нормално работење и вонредни околности и да се дефинира начинот на обезбедување на ликвидноста во двата случаја.
  • Ограничувања и нивна структура: поставувањето ограничувања во поглед на ликвидноста треба да обезбеди почитување на правилата поставени со политиката на ликвидност, како и усогласеност со регулаторните барања. Вообичаено, рамките на ниво на целата организација ги определува одоборот на директори, додека рамките на пониските организациски нивоа ги определува комитетот за раководење со ризиците.
  • Известување: Овој елемент се однесува на временскиот интервал на поднесување извештаи (дневно, неделно, месечно) и на лицата и органите до кои се поднесуваат извештаите (одборот на директори, комитетот за раководење со ликвидноста, комитетот за средства и обврски, итн.).
  • Планирање за случај на вонредни состојби: Како еден вид продолжение на политиката на ликвидност, организацијата мора да воспостави план и политика на ликвидност во случај на вонредни околности (contingency planning). Тоа, пак, бара најпрвин да се дефинира што се подразбира под вонредни околности, да се определат надлежностите во одлучувањето, посебните органичувања во такви околности, како и комуникацијата и известувањето.

Наводи уреди

  1. Basel Committee on Banking Supervision (2000), „Sound practices for managing liquidity in banking organizations“, Basel, стр. 1.
  2. Rudolf Duttweiler, Managing Liquidity in Banks: A top down approach. Chichester, UK: John Wiley & Sons, 2009, стр. 10-11.
  3. Rudolf Duttweiler, Managing Liquidity in Banks: A top down approach. Chichester, UK: John Wiley & Sons, 2009, стр. 1.
  4. Rudolf Duttweiler, Managing Liquidity in Banks: A top down approach. Chichester, UK: John Wiley & Sons, 2009, стр. 33.
  5. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 502-506.
  6. Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 91-92.
  7. M. Drehmann and K. Nikolaou, „Funding liquidity risk: definition and measurement“, BIS Working Papers No. 316, July 2010.
  8. Rudolf Duttweiler, Managing Liquidity in Banks: A top down approach. Chichester, UK: John Wiley & Sons, 2009, стр. 2.
  9. Rudolf Duttweiler, Managing Liquidity in Banks: A top down approach. Chichester, UK: John Wiley & Sons, 2009, стр. 25-27.
  10. European Central Bank, „Basel Liquidity Framework“
  11. Greuning, H., Brajović-Bratanović, Analiza i upravljanje bankovnim rizicima, Zagreb, 2006 .
  12. Rudolf Duttweiler, Managing Liquidity in Banks: A top down approach. Chichester, UK: John Wiley & Sons, 2009, стр. 89-113.